Министерот за земјоделие Љупчо Николовски нема дилема дека со парите предвидени во буџетот за 2023 година во целост ќе се имплементира најголемата земјоделска реформа со која треба да се обезбеди зголемено и стабилно домашно производство на храна.
По јавно искажаните стравувањата на дел од земјоделците дека ќе останат без приватните земјоделски површини, Николовски во интервју за „Локално“ уверува дека со новиот модел на субвенционирање ништо нема да биде скратено и никој нема да биде оштетен.
„Ние како министерство немаме намера, ниту можеме да им ги одземеме приватните земјоделски површини на граѓаните. Единствена наша цел е како секоја педа земја да ја ставиме во функција за производство на храна.Земјоделците не губат ништо, ниту пак нешто од досегашнатата поддршка им се крати со новиот предлог модел за субвенционирање, напротив истата се реорганизира во повеќе програми за поддршка, кои треба да бидат поефикасни“ , дециден е Николовски.
Горд на фактот дека земјава е лидер по искористеност на средствата од ИПАРД програмата, тој потенцира дека преку оваа и ИПАРД 3 програмата,учеството на државата и делот од кофинансирање, во наредните седум години земјоделието на располагање ќе има 210 милиони евра.
Новиот концепт како пилот проект според него, оваа година е веќе применет за сончогледот и дал одлични резултати, двојно зголемување на приносот а целото производство завршило во домашните капацитети.
„Врзувањето со предавање во домашните капацитети значи дека и откупувачите сега ќе мора да понудат реални откупни цени и реално да ја вреднуваат земјоделската мака. Џабе се млекарите или тутунските комбинати, ако немаме мелкопроизводители или тутунопроизводители“, вели Николовски.
Со новиот буџет за 2023 година Министерството за земјоделство добива најмногу пари, близу девет милијарди денари или 145 мил.евра. Амбициознa порака е дека ќе има целосна имплементација на најголемата земјоделска реформа. Какви и кои мерки за подршка се планираат и за кои категории земјоделци?
-Главниот фокус на нас како министерство и на Владата е да обезбедиме стабилно и зголемено домашно производство на храна. Токму во таа насока како министерство, заедно со земјоделците, овој период работиме на до сега најголемата земјоделска реформа, а тоа е подготовката на новиот модел за субвенционирање, модел кој дава решение за сите утврдени досегашни слабости, модел кој треба да е побрз и поефикасен. Целата постапка за подготовка на новиот модел ја водиме крајно транспарентно, со директна вклученост за земјоделците. Најпрво целиот концепт беше презентиран пред Агро Советот, како највисоко тело формирано од Владата, потоа детално беше разгледуван од страна на секоја подсекторска група и како прва работна верзија беше презентиран пред Владата. Овој период уште еднаш на терен преку директни средби со земјоделците и земјоделските здруженија го презентираме новиот модел, со цел заеднички да креираме модел прифатлив за секој еден земјоделец. Со буџетот за 2023 година Владата обезбеди до сега рекордни средства за земјоделството, а со тоа овозможи и доволно средства за да започне примената на новиот модел за субвенционирање, но и на сите нови програми за поддршка на земјоделците кои ги креираме. Земјоделците не губат ништо, ниту пак нешто од досегашнатата поддршка им се крати со новиот предлог модел за субвенционирање, напротив истата се реорганизира во повеќе програми за поддршка, кои треба да бидат поефикасни.
Главниот фокус на новиот модел е токму виситинскиот земјоделец, оној чија главна дејност е токму земјоделството. Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов т.н. decoupling систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Како пилот проект овој концепт го применивме оваа година кај сончогледот, поттикнувајќи го договорното производство, односно исплатата на субвенциите ги поврзавме со остварен принос и предавање во домашни капацитети. Ваквиот концепт даде одлични резултати, што дополнително не мотивираа да го започнеме доснесувањето на новиот модел. Бележиме повеќе од двојно зголемување на приносот кај сончогледот за оваа година и целото производство заврши во домашните капацитети. Преку новиот модел за субвенционирање сите земјоделци добиваат основна субвенција, која авансно би се исплаќала, а би била наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба.
Дополнителна субвенција добиваат сите земјоделци кои произведуваат култури, за кои подсекторските групи ги утврдиле како значајни култури и производи, ќе остварат и докажат принос и целото свое производство ќе го предадат во регистриран домашен капацитет. Дополнителна субвенција ќе добијат и оние земјоделци кои одгледуваат значајна култура, а своето производство го користат за сопствени потреби произведувајќи финален производ. Ја продолжуваме и поддршката кон сите земјоделци за зелена нафта, која оваа година е до 50%, а преку направените законски измени овозможивме да достигне и до 100%. Интервентната програма, која оваа година за прв пат ја вовдовме и сме единствени во регионот, даде одлични резултати и како добра мерка ја продолжуваме и следната година. Успеавме оваа година целосно да го разработиме планираниот брз систем за исплата преку оваа интервентна програма, кои се одвиваше на неделно ниво. Па така преку оваа програма предвидуваме и побрза исплата кон сточарите за предаденото млеко, која би се одвивала секој месец, а би продолжила и поддршката за вештачкото ѓубриво, мерка која даде одлични резултати оваа година и во пролетната, а очекуваме и сега во есенската сеидба. Програмата за рурален развој прераснува во инвестициона програма, каде покрај досегашните успешни мерки, како поддршка за млад земјоделец, рурална жена и мерката за набавка на педигриран добиток, креираме нови мерки за поддршка на земјоделците. Па така за прв пат креираме мерка бизнис план во земјоделството, мерка која ќе им помогне многу на земјоделците во реализирање на планираните инвестиции за модернизација на производството. Повикот ќе биде отворен во текот на целата година, а земјоделецот ќе може, тогаш кога он е подготвен, да направи бизнис план и сам да одбере каква инвестиција ќе реализира. Оваа мерка е наменета за вистинските земјоделци, чија основна дејност е земјоделството.
Тука е и новата мерка за советодавни услуги во земјоделството, мерка која ќе стартува со донесување на законот, а треба да им овозможи на земјоделците советодавна помош и насочување како правилно да ги искористат сите мерки кои им се ставаат на располагање. Уште една нова програма која ја креиравме е програмата за откупот на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Преку оваа програма го поддржуваме и поттикнуваме откупот на домашни земјоделски производи и обезбедуваме здрава ужинка за нашите ученици во основните училишта. Веќе ја започнавме реализацијата на оваа програма, за која се обезбедени 20 милиони денари, набавувајќи оваа година наши домашни јаболки, кои ќе бидат дистрибуирани до 350 основни училишта, за 186.000 ученици. Со буџетот за следната година во оваа програма веќе се планирани 40 милиони денари, каде покрај јаболката, набавени ќе бидат и други производи кои ќе бидат дистрибуирани до училиштата.
Преку програмата за финасирање на мали семејни производители на вино, ја продолжуваме поддршката кон малите семјени винарии, преку грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство, со цел да овозможиме нивен натамошен развој. Како нова програма исто така ја креиравме програмата за финасирање на малите производители на храна, со цел да поттикнеме 2000 производители на месни и млечни производи, како и други преработки од овошје и зеленчук својата дејност да ја регистираат во АХВ развивајќи нови брендови на традиционални производи. За нив обезбедивме исто грант до 10.000 евра наменет за набавка на опрема за производство и директна продажба, развивајќи го концептот за продажба од праг или фарма. Криравме и програма за поддршка и развој на земјоделските задруги, со цел развој на селата и економско здружување. Поддршката за земјоделските задруги би била до 3 милиони денари за веќе постојните задруги и 1.500.000 денари за ново формираните земјоделски задруги.
Дека сме целосно фокусирани кон поддршката на земјоделецот и стабилно домашно производство на храна докажавме и со ребалансот на буџетот за 2022 година, каде обезбедивме 2,7 милијарди денари средства наменети за целосно расчистување на заостанатите обврски кон земјоделците и дополнителни 500 милиони денари, средства наменети за интервентна поддршка кај земјоделците и за есенската сеидба. Наша главна цел е поддршка до секој еден земјоделец, да има помали производствени трошоци, но и да обезбедиме стабилно домашно производство на храна, а со тоа и помала увозна зависност на државата од стратешките култури или производи.
Дополнително, во насока на развој на македонското село во следните седум години е и новата ИПАРД 3 програма, тешка 210 мил евра. Какви се очекувањата, и генерално, дали постојат проекции за посакуваниот степен на успех?
-Северна Македонија е земја лидер по искористеност на средствата од ИПАРД програмата. Вкупно 2.335 договори имаме склучено преку досегашната ИПАРД 2 програма. Тоа ме прави посебно горд, затоа што нема град или село низ државата, каде би поминале, а да не сретнете табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД програмата. Ако некогаш претходно останувале неискористени средства од оваа програма, за која државата плаќала и пенали, денес имаме скоро 99% реализираност на програмата, па дури и бараме дополнителни средства да ни бидат ставени на располагање. Токму затоа Европската Комисија одлучи да ги зголеми за 62% средствата за новата ИПАРД 3 програма. Со ИПАРД 2 програмата на располагање имавме 60 милиони евра европски средства, а сега со новата ИПАРД 3 програма тие изнесуваат 97 милиони евра, или вкупно заедно со учеството на државата и делот од кофинасирањето на располагање за инвестиции во наредните 7 години преку ИПАРД 3 програмата имаме 210 милони евра. Можност за авансна исплата разгледуваме и кај ИПАРД поддршката, односно 50% од вредноста на финасиската поддршка.
Исто така имаме направено зголемување во прагот на минимум прифатливите трошоци по
проект за мерките 1, 3 и 7 од ИПАРД 3 програмата, односно до 10.000 евра за мерката 1 инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, потоа до 20.000 евра кај мерката 3 инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и до 5.000 евра за мерката 7 диверзификација на фарми и развој на бизниси. Очекувањата се дека и наредните 7 години ќе го повториме успехот и повторно ќе бидеме земја лидер по искоритеност на овие средства кои ги имаме на располагање за инвестиции преку ИПАРД програмата. Она што исто така го правиме е разграничување на програмата за рурален развој и ИПАРД програмата, односно програмата за рурален развој ја ставаме на располагање за поддршка во инвестиции за помалите земјоделски стопанства, додека ИПАРД програмата ќе биде на располагање за инвестиции на поголемите стопанства. Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој до сега успешно ја реализираше ИПАРД 2 програмата и убеден сум дека уште поголем успех и уште поголем интерес ќе имаме со новата ИПАРД 3 програма.
Предложените измени на законот за земјоделско земјиште се поприлично ригорозни во одредени делови, па така на пример, во една од одредбите стои дека нивите што нема да се обработуваат 12 последователни месеци,иако се приватни, ќе бидат дадени под закуп за поставување на фотоволтаици.Дополнителни 6 месеци ќе добијат тие кои ќе докажат дека нивите ги оставиле за угар. Која беше причината за вакви решенија, и дали според вас ваквата ригорознист ќе ги донесе очекуваните позитивни ефекти ?
-Најпрвин би сакал веднаш да ги појасниме работите со цел правилно информирање на граѓаните. Ние како министерство немаме намера, ниту можеме да им ги одземеме приватните земјоделски површини на граѓаните. Единствена наша цел е како секоја една педа земја да ја ставиме во функција за производство на храна. Анализите покажаа дека имаме околу 90.000 хектари земјоделско земјиште кое е во приватна сопственост, а кое стои така необработено. Ова земјиште поголем дел е и со добар квалитет, а истото не се користи во производство на храна. Сопствениците и сега имаат можност самите да го обработуваат земјиштето, да го дадат под закуп на друг да го обработува, а најчесто ова земјиште сопствениците решаваат да го продадат и истото од земјоделско да стане градежно земјиште.
Да повторам уште еднаш, наша цел е и овие земјоделски површини да ги ставиме во функција за производство на храна, на тој начин што повторно сопственикот ќе може сам да го обработува земјиштето, или пак со негова согласност државата преку јавен оглас ќе го даде под закуп, а притоа на сопственикот ќе му биде исплатена 80% од закупнината. Ние само оваа година распишавме седум јавни огласи, преку кои на располагање ставивме нови 13.000 хектари државно земјоделско земјиште, од кои наголем дел со немена за обработка на житни култури. Интересот кај земјоделците беше голем и рекорден и склучени се 1.944 договори за закуп на државно земјоделско земјиште. Ова значи дека само со овие огласи имаме обезбедно нови површини за обработка на житни култури и други долгогодишни насади, што значи дека ќе имаме и поголемо домашно производство на храна. Во таа насока е и овој концепт за ставање во функција на приватното земјоделско земјиште, да обезбедиме нови обработливи површини, да го зголемиме уште повеќе домашното производство пред се од значајни култури, а со тоа пред се да имаме долгорочно стабилно производство на храна кое ги задоволува домашните потреби и ја намалува увозната зависност на државата од стратешки култури и производи.
Преку правилни политики и мерки, само за три години, успеавме јачменот од увозно зависна култура, да ја направиме култура која го задоволува домашното производство и забележува извоз. Тоа успеавме оваа година да го направиме и со сончогледот, каде повеќе од двојно го зголемивме приносот и ги задоволивме домашните потреби, а зголемување бележиме и кај пченицата. Очекувам овој концепт да биде прифатен од граѓаните, бидејќи со него никого не оштетуваме, туку напротив сакаме да го зголемиме домашното производство на храна и секоја една педа земја да ја ставиме во функција за обработка. Секако ние во наредниот период уште повеќе ќе го презентираме пред нив и ќе ги запознаме со сите детали кои ги планираме, транспарентно и преку дебата, како што правиме за секоја една мерка која ја носиме.
Голем дел од земјоделците веќе реагираа дека новиот модел за субвенционирање кој ќе почне да се применува од јануари е несоодветен и дека нема да ги мотивира да го зголемат производството на храна. Најавуваат дека ќе се откажат од субвенциите доколку државата ги условува. Има ли според Вас простор за взаемно прифатливо решение?
-Секојдневно сум на терен и го презентираме пред сите земјоделци новиот модел за субвенционирање и поддршката која за новиот модел доаѓа од земјоделците е голема. Овој нов предлог има голема поддршка од земјоделците, бидејќи токму со нив се креира и подготвува. Да потсетам најпрво овој предлог беше доставен до Агро Советот, највисоко тело во земјоделството, каде учествуваат земјоделците, земјоделските здруженија, научната фела, стопанските комори и сите дадоа едногласна согласност дека концептот кој го предлагаме е добар и дека дава одговор на сите досега утврени слабости на постоечкиот систем за субвенционирање. Потоа детално моделот беше разгледуван од страна на секоја подсекторска група во министерството и вградени се сите забелешки и предлози. Сеуште имаме неколку прашања кои со подсекторските групи ги утвруваме, но начелно за концептот и начинот како е предвидено со новиот модел да се реализира системот за субвенционирање имаме поддршка од сите земјоделци.
Исто така мора да напоменам дека ова сеуште е предлог модел, кој е отворен и се надополнува, а финалниот предлог повторно ќе биде утврден од Агро Советот, откако ќе поминат сите презентации и повторно уште еднаш ќе биде потврден во сите детали од страна на подсекторските групи. Кога разговараме на терен со земјоделците има негодување од поединци кои одредени делови погрешно ги разбрале или пак некој намерно грешно ги информирал, но откако ќе им објасниме дека ништо не се крати, туку напротив добиваат поголема поддршка, тогаш и тие истите кои имале нејаснотии се сложуваат и го прифаќаат новиот предлог модел. Неоспорлив факт дека ништо нема да биде скратено и никој нема да биде оштетен е токму до сега најголемиот буџет кој за 2023 година е предвиден во земјоделството, токму за реализација на новиот модел за субвенционирање и новите програми за поддршка. Лично очекувам голема поддршка и прифатеност од земјоделците за овој нов модел кој го предлгаме, бидејќи целосно транспарентно ја водиме целата работа, не се плашиме, ниту нешто криеме, напротив горди сме што заедно со секој земјоделец ја креираме најголемата досега земјоделска реформа. Секако тука голема важност има и поддршката од медиумите, бидејќи секоја можност за презентација на овој нов модел е добредојдена и токму затоа, уште на почетокот, предлог моделот за субвенционирање беше детално презентиран пред новинарите. Преку овој нов предлог модел сите чинители ги ставаме во еден систем, каде има поголема контрола и ја намалуваме можноста за сива економија. Само оној кој сака да ја продолжи сивата економија може да биде против тоа производството да биде предадено во домашни регистрирани капцитети и за истото исплатата да биде извршена преку сметка.
Секако повторно ќе кажам,оној кој производството го користи за сопствено производство или пак е земјоделец од мал обем, ќе ја добие во целост поддршката без да има обврска да го предава своето производство во регистрирани домашни капацитети. Што се однесува до делот на осигурувањето исто така нема простор за паника кај земјоделците. Новиот модел сега не го врзува осигурувањето како една од обврските за добивање на субвенциите, туку само остварениот принос и предавање во регистрирани домашни капацитети. Околу осигурувањето на земјоделските површини идејата е државата да креира осигурителен пул, каде првите три години земјдоелците нема да имаат никакви трошоци, а откако осигурителниот пул ќе заживее во целост, учеството на земјоделецот би било минимално. Полисите би биле поефтини, а процентот за исплата на штета поголем, односно од досегашните 10%, би бил до минимални 40%. Исто така важно за земјоделците е тоа што исплатата на штетата би била побрза од досега, односно би се вршела истата година кога е настаната штетата. Реализацијата на овој нов концепт за земјоделско осигурување е предвидена со неповратени средства од Зелен климатски фонд, во висина од 50 милиони долари за кој веќе аплициравме и очекувам истите да ги добиеме. Секако уште еднаш да нагласам дека простор за зедничко решение има секогаш и токму тоа е нашата цел и токму затоа се сите теренски презентации на новиот предлог модел. Заеднички со земјоделците да креираме финален предлог прифатлив за сите, предлог кој ќе гарантира резултат.
Според последниот извештај на Европската комисија, Македонија е умерено подговена во областа на земјоделството и руралниот развој. Како позитивен напредок е посочен фактот дека е подобрена апсорпцијата на ЕУ фондовите, но се сугерира потребата од дополнителни кадровски ресурсии и проширување на ИПАРД 3 за целосно искористување на можностите за финансирање. Во кој дел на оценувањата имаме најголем напредок, и каде имаме простор за понатамошни подобрувања?
-Токму оваа голема земјоделска реформа која ја предлагаме е во насока за доближување на македонското земјоделство со европските регулативи и искуства. Системот decoupling кој се предлага, е систем кој веќе низ европските држави дава одлични резултати. Станува збор за систем кој се води по тоа да државата поддршката ја насочи кон она што пазарот го бара. Големиот процент од 90% на реализирани средства од ИПАРД програмата исто така е добро оценет од страна на Европската Унија и токму во таа насока одобрени ни се дополнителни европски средства за новата ИПАРД 3 програма. Точно дека во извештаите на Европската Унија нотирана е потребата од дополнителен кадар во Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и потребата од соодветен административен простор за Агенцијата. За овие две нотирани состојби веќе е запознаена Владата и се работи кон целосно решавање на овие нотирани точки од извештаите. Дополнителниот стручен кадар кој би се обезбедил во Агенцијата, би овозможил акредитација и имплементација на нови мерки, насочени кон мерката од ИПАРД програмата за поддршка на рурална јавна инфраструктура, но и мерките за ЛИДЕР, агроеколошките мерки и мерките за заштита на шумите.
Децениски проблем за земјоделците е дилемата која култура да ја засадат за да ги избегнат катастрофалните последици кога поради необезбен откуп и пласман се принудени да ги продаваат своите производи по исклучително ниски цени, или пак буквално да ги остават да скапат на нивите.Како понатаму ќе се насочуваат змејоделците кои производи да ги одгледуваат?
-Преку новиот предлог модел за субвенционирање кои го предлагаме го нудиме токму тоа. Стретешки ги насочуваме земјоделците да го произведуваат она што е значајно и важно за државата, односно она што се бара на пазарот. Преку потсекторските групи утврдивме листа на околу 24 значајни кулури и производи за кои велиме дека ја зголемуваме поддршката и доколку земјоделците ги произведуваат ќе добијат дополнителни субвенции. Врзувањето со предавање во домашните капацитети значи дека и откупувачите сега ќе мора да имаат понудени реални откупни цени, да ја почитуваат и реално вреднуваат земјоделската мака. Тоа е еден поврзан систем кој мора меѓусебно да соработува и да се почитува. Џабе се млекарите или тутунските комбинати, ако немаме мелкопроизводители или тутунопроизводители. Затоа и сакаме да го развиеме концептот за договорно производство, за да имаме доволно храна за да ги задоволиме домашните потреби, предадена по добра цена во домашни капацитети, но и да можеме да извезуваме производи и да ја зајакнеме државната економија. Сигурен пласман на нашите домашни производи обезбедуваме и преку новите договори за соработка кои ги потпишуваме, како на пример договорот за соработка со Кралствотто Јордан, потоа ревидираните протоколи на договорот со Украина.
Потпишувајќи го Меморандум за разбирање, односно соработка во земјоделието, создаваме основа за интензивирање на размената на прехранбени продукти и земјоделски производи, особено во делот на зголемување на извозот на овошје, зеленчук и јагнешко месо од Северна Македонија во Јордан. Ревидираните протоколи на Договорот за слободна трговија помеѓу Северна Македонија и Украина, овозможуваат македонските земјоделски производи слободно и без царина да се извезуваат во Украина. Отворен Балкан е уште една можност со која отвораме нови пазари за нашите земјоделски производи, преку потпишаните договори сите три држави членки овозможија слободна размена на стоки и услуги, односно она што нам како држава ни е потребно да можеме слободно да го земеме од Србија и Албанија и обратно она што ним им е потребно, а го имаме ние како држава да го насочиме кон Србија и Албанија. Нова петтогодишна Програмска рамка потишавме со ФАО за соработка со која потигнуваме две стратешки цели, а тоа се одржлив и инклузивен економски и социјален развој со фокус на малите земјоделски стопанства и управување со климатските активности.
Колкава е важноста на семејните фирми за македонското земјоделство, и дали има зголемување на нивниот број во последно време?
-За нас од посебна важност е развивањето на семејните земјоделски стопанства и токму во таа насока со новиот предлог модел за субвенцнионирање предвидуваме нови програми за поддршка на малите семејни земјоделски стопанства. Веќе бележиме успех со поддршката која ја даваме за малите семејни винарии, па така денес имаме околу 100 регистрирани мали семејни винарии, со капацитет до 50.000 литри. За нив оваа година обезбедивме гранд до 10.000 евра со кој можеа да набават опрема за производство и пакување на вино, кој наиде на голем интерес и даде одлични резултати, па во таа насока веќе од 2023 година имаме посебна програма за поддршка на малите семејни винарии, продолжувајќи ја поддршката со грантот од 10.000 евра. Како нова програма исто ја креираме и програмата за финасисрање на малите производители на храна, обезбедувајќи грант од 10.000 евра, преку кој очекуваме да потикнеме нови 2000 мали производители на храна својата дејност да ја регистрираат во АХВ и да развијат нови брендови на традиционални производи.
Поддршка од 40.000 денари без никави дополнителни услови, исто така предвидуваме и за земјоделците од мал обем. Тука исто би ги споменал и мерките за поддршка на млад земјоделец, како и мерката за поддршка на рурална жена, каде преку овие две мерки исто даваме грант поддршка за млад или женски член во земјоделското семејство или стопанство и можност преку овие грантови да го развијат и модернизираат своето земјоделско производство, или да започнат производство на финален производ. Насочени сме кон целта да успешно го развиеме моделот за продажба од праг или од фарма на земјоделски производи, подготвени од малите земјоделски стопанства.
Македонија е лидер во регионот во однос на консолидацијата на земјоделско земјиште.Во пракса поголемиот дел од земјоделските стопанства се сеуште расцепкани, па оттука и прашањето дали очекувате радикално подобрување со новиот проект за консолидација тежок 1,2 милиони евра?
-Нашето партнерство и финансиската поддршката од Европската Унија и Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) резултираа со успешно реализирање на проектот “Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиштето МАИНЛАНД’’, што ја позиционира Република Северна Македонија како земја лидер во регионот во спроведувањето на вакви сложени структурни земјишни реформи. Самиот процес на консолидација или окпрупнување на земјишните парцели започна уште во 2017 година, период во кој беа реализирани сите зацртани цели. Повеќето земјоделски стопанства во Северна Македонија се помали од два хектари, наспроти 16,6 хектари просечна големина на земјоделските стопанства во ЕУ. Дополнително, малите земјоделски стопанства во државата се расцепкани на пет или повеќе ситни парцели, со неправилна форма, оддалечени една од друга, што ја намалува продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на фармите и оневозможува инвестиции во модернизација.
Како министерство и Влада ја препознавме потребата од воведување на консолидација на земјиштето, за да се реши прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства, како главен структурен проблем за напредокот на македонското земјоделство. Токму затоа, Министерството со финансиска поддршка на ЕУ и ФАО, со вкупна вредност од 2,8 милиони евра во рамки на проектот МАИНЛАНД, им помогна на земјоделците од 9 консолидациони подрачја да се справат со расцепканоста на земјиштето преку окрупнување. Планирањето на распределбата на земјиштето беше спроведено преку транспарентен и партиципативен процес, во постојана консултација и преговори со сите сопственици на земјоделско земјиште. Придобивките од консолидацијата на земјиштето се многубројни. Добрата структура на земјиштето и пристапот до потребната инфраструктура, овозможуваат поголема ефикасност и профитабилност на производството, како и можност за земјоделците да инвестираат во модернизација и зголемување на обемот на производството. Тоа влијае и на подобрување на животниот стандард и можностите за развој на руралните средини. Денес зборуваме за подготвени планови за консолидација на земјоделско земјиште во 9 подрачја: Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево. При тоа, во Егри е целосно изградена и земјоделска инфраструктура, а тој процес ќе продолжи и во останатите подрачја. Во рамките на проектот МАИНЛАНД опфатени се 4.700 хектари земјоделско земјиште при што директни корисници се околу 6.267 сопственици на земјиште, нивните семејства и заедници. Од моите теренски посети, со сигурност знам дека земјоделците се задоволни од сработеното. Тие со голема доверба го поздравуваат процесот на консолидација, целосно разбирајќи дека крајниот бенефит од ваквата сложена земјишна реформа е пред се во нивни интерес.
Со цел понатамошно унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, ЕУ одобри нов проект од ИПА програмата за поддршка, насловен „Унапредување на консолидација на земјиште во Северна Македонија“, кој е ко-финансиран од ФАО. Новиот проект е со вкупен буџет од 1,2 милиони евра и има за цел да ја продолжи успешната приказна на МАИНЛАНД со фокус на подобрување на националната политика, институционалната и регулаторната рамка за консолидација на земјиштето. Исто така, проектот ќе развие и нова Национална стратегија за консолидација на земјиштето за периодот 2022-2030 година со Акционен план и целосно спроведување на проекти за консолидација на земјиштето во две консолидациони подрачја Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево), комбинирани со изградба на земјоделска инфраструктура. Како министерство процесот на консолидација ќе го продолжиме и понатаму.Преку ваквите проекти го јакнеме македонското земјоделство и им помагаме на малите фармери да станат силни и конкурентни со што обезбедуваме национална сигурност за доволно храна.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ ве обвини дека во изминатиот период сте давале градежно земјиште како земјоделско. Тврдат дека постојат неколку вакви спорни договори. За што всушност станува збор?
-Претставниците од таа партија не ме обвинија, туку со лажни и фалсификувани договори, се обидуваат да ја манипулираат македонската јавност и да креираат нова лага, бидејќи очигледно само тоа и знаат. За што всушност станува збор еве уште еднаш да појаснам. Се работи за Договори за закуп на земјоделско земјиште во кои е доделено земјиште по јавен повик 01/21, кој што јавен повик со решение донесено од страна на министерот е поништен. Договорите пак до кои е дојдено, не се изготвени од страна на надлежниот сектор во министерството, не се ниту согласно пропишаните критериуми за подготовка на договори за закуп на земјоделско земјиште и иститите се со фиктивни архивски броеви кои не постојат во архивата на министерството, а исто така кај тие договори евидентно е дека тие не се потпишани лично од страна на министерот. Тој договор конкретно со кој они мафтаа не постои во архивите на министерството, дури и општина Бутел е исто така известена со допис број 39-7227/2 од 04.08.2022, па така овој договор со кој тие мафтаат треба да биде предмет на постапките што се водат пред надлежните истражни органи.
Да напоменам и дека уште на 27 октомври 2021 година, тогашниот министер, по добиено сознание, поднел кривична пријава до ОЈО Скопје против непознат сторител и одговорни лица во МЗШВ за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување – фалсификување на службена исправа. Потоа во текот на 2022 година, по добиени нови сознанија за постоење на други сомнителни договори каде очигледна беше злоупотребата на моето лично име во својство на министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во месец април 2022 година, беше поднесена Кривична пријава до Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР – Скопје и дополнување на кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, вториот пријавување пак се случи на ден 01.11.2022 година исто така до СВР Скопје. Службите на министерството будно ги следат сите вакви сомнителни случаји и појавување на лажни договори за закуп, за што навремено ги известуваме надлежните органи, за понатамошно истражување и поведување на соодветни постапки. Земјоделците ги повикувам да бидат сигурни во институциите и да бидат внимателни и да не подлегнуваат на понуди од лица кои нудат земјоделско земјиште во државна сопственост, на брз начин и без спроведување на постапки пропишани со закон за земјоделско земјиште.
За сите информации да се обратат и информираат од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и доколу наидат на вакви лажни случаји и обиди за нивна злоупотреба, истите да ги пријавуваат до надлежните институции за истражување на овие кривични дејствија. Додека пак на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ би им порачал пред да се залетаат да објават било која информација најпрво детално да го проверат изворот и валидноста на истите. Јас уште дента реагирав и им порачав, но еве повторно ќе кажам дека сеуште очекувам јавно извинување до мене за овие изнесени лаги, во спротивно ќе следи соодветна правна постапка каде пред суд ќе треба да се докаже вистинитоста на тоа што они го тврдат, но и да видиме од каде тој договор кој треба да е предмет на истрага, се најде баш во нивните раце и дали некој свесно сака да ја саботира истрагата.
К.В.С.