Интервју со Пенов: Најдобрите решенија доаѓаат како резултат на принуденост, ќе успеат градоначалниците кои што знаат да менаџираат во услови на криза

од Vladimir Zorba
421 прегледи

Сите важни нормативни, системски решенија, како што е и територијалната организација на локалната самоуправа треба да се резултат на широка дебата, консултации со сите засегнати страни и со точно поставена цел, да се знае зошто се прави тоа. Во моментов се прави оценка на спроведувањето на Законот за територијална организација на локалната самоуправа, вели во интервју за „Локално“ министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

Во однос на ниското ниво на фискална децентрализација, Пенов смета дека тука не може да стане збор за еднократна мерка, која што како со волшебно стапче ќе ги реши сите прашања, додавајќи дека општините треба да направат се во нивна моќ да ги намалат трошоците.

-Нема време за префрлање на одговорноста. Ќе успеат тие кои што знаат да менаџираат во услови на криза. А комуникацијата меѓу централната и локалната власт е нужност и на тоа јас инсистирам од првиот ден на мојот мандат, посочува министерот.

За енергетската криза, поранешниот градоначалник на Скопје вели дека таа ги погодила сите, откако секој се соочува со последиците, се разбира и општините.

-Кризата е сериозен ризик за испораката на услугите кон граѓаните, но и предизвик. Најдобрите решенија доаѓаат како резултат на принуденост, токму во кризни ситуации. Градоначалниците кои што се добри менаџери сега размислуваат што можат да направат за да ги зголемат заштедите, да ги искористат своите ресурси, да бидат посамостојни и да функционираат поекономично. Тоа го прави и секое домакинство, смета Пенов.

За комуникацијата со градоначалничката на Скопје вели дека е многу разбирлива, како и со секој друг градоначалник, а за можна суспензија на работите или надлежностите на Градот со цел да „тргнат“ одредени проекти, вели дека тука не е тоа случај.

-Јас се залагам за оддржливи решенија преку взаемна комуникација и соработка. Ако еден проблем може да се реши со заеднички напор на централната и на локалната власт, тогаш ајде да го решиме. Ако секој стои закопан во сопствениот ров и наместо решение нуди изговор или пак напад тогаш работите нема да се поместат, нема да има решение, а штетата ја трпат граѓаните секој ден, вели тој во интервјуто.

Македонија има пониска децентрализација во однос на другите европски земји. Кои се најголемите проблеми на сегашниот систем на децентрализација и дали воопшто општините имаат капацитет за спроведување на обврските?

-Нормативно сме високодецентрализирана држава со се уште недоволно финансиски ресурси за поголема самостојност на општините. Во однос на надлежностите што со Законот за локалната самоуправа и други четириесетина секторски закони им се пренесени на општините и на градот Скопје, Република Северна Македонија е високодецентрализирана држава. Општините спроведуваат надлежности во областите што им се најважни на граѓаните, од одржување на јавната хигиена и осветлување, па се до основно и средно образование, згрижување на децата во детски градинки. Општините имаат одговорност да се грижат за локалниот економски развој, за културата, за животната средина.

Но прашање е како тоа го прават и дали може сите општини да ги извршуваат сите надлежности со ист капацитет. Факт е дека општините имаат различни капацитети и ресурси. Дури и оние најкапацитетните имаат проблем со ресурсите, особено,  недоволно соодветни човечки ресурси. Пред се мислам на ресурси за подготовка и за спроведување на конкурентни проекти кои што можат да бидат финансирани од ЕУ или од други големи донатори.  Централниот буџет не е неограничен извор на средства. Треба да градиме капацитети за максимално користење на другите извори за финансирање од Европската Унија и од другите големи донатори.

Кога се зборува за низок степен на децентрализација обично се мисли на фискалната децентрализација, споредена со европскиот просек од 13% од бруто домашниот производ, средства што се реализираат на локално ниво.

Кај нас е од 5 до 5,5% што не е доволно, но со тенденција овој процент да расте. Во прилог на ова е зголемувањето на уделот од ДДВ за општините од 4,5 на 6% и од персоналниот данок од 3% на 6%. Се воспоставија и механизми за поддршка на помалите и послабите општини, фонд за воедначување и фонд за перформанси или за наградување на оние општини кои  што ќе покажат резултати пред се во наплатата на сопствените даноци.

Општините и градот Скопје се уште имаат потреба од голема поддршка од централната власт и таа релација е нераскинлива.

Суштинско е прашањето колку општините самостојно одлучуваат за сопствените приоритети и во кој процент самостојно можат да ги реализират. Има ситуации кога и можностите што им стојат на располагање не ги користат доволно, затоа што секој сака да остане запаметен по „добро” од своите граѓани. Затоа данокот на имот ниту еден градоначалник не го зголемил во дадената рамка, многумина не вложиле многу напор ниту за негова целосна наплата.

Проблемите се составен дел на работата и секогаш ќе ги има. Важно е дали се има капацитет и воља за нивно решавање. Централната и локалната власт се двете страни на една иста монета, за да функционира добро системот потребно е и локалните и централната власт да бидат во комуникација, да ги идентификуваат проблемите и заедно да наоѓаат начини за нивно ефикасно решавање, за што пред се е потребна политичка воља.

Намалување на бројот на општините и нов модел на територијална организација и на локалната самоуправа, како и намалување на бројот на  планските региони се најавени, а според информациите, реализацијата треба да заврши некаде во 2024 година. Веќе изјавивте дека се работи на реформа на Законот за територијална организација, но дека ќе се чекаат подобри времиња за отворање јавна дебата. Каде ги гледате најголемите недостатоци на сегашниот модел?

-Сите важни нормативни, системски решенија, како што е и територијалната организација на локалната самоуправа треба да се резултат на широка дебата, консултации со сите засегнати страни и со точно поставена цел, да се знае зошто се прави тоа. Во моментов се прави оценка на спроведувањето на Законот за територијална органоизација на локалната самоуправа. Ваква оценка е направена и на сите други закони од областа на локалната самоуправа. И на Законот за локалната самоуправа, на Законот за градот Скопје и на другите. Овој систем на локална самоуправа функционира од 2005 година, кога им се пренесоа надлежностите на општините и на градот Скопје и време е да се види дали има слаби точки, дали се резултат на несоодветни законски решенија или пак на несоодветна имплементација поради немање на ресурси или капацитети.

Оценката на спроведувањето на Законот за териториторијална организација, не значи и негово задолжително менување, да видиме прво со какви препораки ќе излезат експертите. Територијалната организација е чувствително политичко прашање  кое што решава територијални, но и прашања на коегзистирање на различните етнички заедници. Прашањето на субсидијарност е многу важно, одлуките да се донесуваат на ниво кое што е најблиску до граѓаните. Тоа значи повеќе општини, повеќе демократија, поголема директна вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките. Од друга страна треба да се води сметка и за социо-економските капацитети и ресурси на општините, можат ли ефикасно и економиочно да испорачуваат услуги.

Исто така треба да се има предвид дека Законот за територијална организација не може да биде идеален и да искреира идеални општини. Затоа постојат и други механизми како што е меѓуопштинската соработка за заедничка испорака на услуги, фондот за порамнување со кој се помагаат послабите општини, блок дотациите од централниот буџет за извршување на клучните надлежности, подршката од буџетската програма за рамномерен регионален развој и други буџетски програми со кои се финансираат проекти за развој на општините и на нивните функции.

Има ли можеби некој модел од западните земји по кој ќе работите и кој може да и одговара на земјава?

-Системот на локалната самоуправа е воспоставен врз принципите  на Европската повелба за локална самоуправа и добрите пракси на земји членки на Унијата. Во основа системот е модерен и европски и досега немало сериозни забелешки од Советот на Европа. Во извештаите на Европската комисија акцентот е ставен на фискалната децентрализација, на транспарентноста и отчетноста, како и на доволност на средства за рамномерен регионален развој. Значи не станува збор за дефекти во системот туку за градење на капацитети и ресурси за негова доследна имплементација, без импровизации. Тоа е клучниот предизвик и за во иднина. Секогаш може да се подобруваат работите, да се креираат нови мерки и инструменти врз основа на искуствата на земјите кои веќе се членки на Европската Унија, кои што го поминале нашиот пат на интегрирање и кои што најдобро знаат како треба да се организираме за да можеме да ги направиме подостапни за општините средствата од фондовите на Европската Унија. Тоа значи наше прилагодување на европскиот административен простор, градење на капацитети, градење на вредности и на крај она што ни е  најважно, решавање на прашања кои што им се приоритетни на граѓаните. На крајот, граѓаните се тие кои што ја даваат оценката, а системот на локалната самоуправа треба да биде во нивна функција, да им го олесни животот и во континуитет да ги подобрува услугите и условите за живеење.

Многу општини се жалат за нивото на фискална децентрализација, односно дека немаат средства за најосновни потреби, камоли за развојни проекти. Како да се реши овој проблем?

– Овде не може да стане збор за еднократна мерка, која што како со волшебно стапче ќе ги реши сите прашања. Здравствената и енергетската криза сите не погоди-и државата и општините и индивидуално секој од нас. Прво треба да се почне од себе. Така и општините, да направат се што е во нивна моќ за да ги намалат трошоците за електрична енергија, но и за непродуктивни трошоци. Да ги максимизираат напорите за наплата на сопствените даноци и такси. Да ја мобилизираат администрацијата за подготовка на проекти и да не ја пропуштаат можноста да аплицираат, само затоа што немаат техничка документација или пак недоволно ресурси за да се подготви добра проектна апликација. Нема време за префрлање на одговорноста. Ќе успеат тие кои што знаат да менаџираат во услови на криза. А комуникацијата меѓу централната и локалната власт е нужност и на тоа јас инсистирам од првиот ден на мојот мандат. Секој ден сум во комуникација со градоначалниците, ме информираат за проблемите, а до решенијата треба да дојдеме заедно, секој да си го одработи својот дел од задачите и сите во интерес на граѓанинот, без калкулации.

 

Енергетската криза најмногу ги погоди општините, откако се пожалија дека биле оставени сами на себе да се справуваат, па дури и се закануваа дека ќе сопрат со пружање услуги на граѓаните. Од ЗЕЛС велат дека тие се доведени до работ на егзистенција, па очекувате ли зголемување на проблемите на ова поле? Дали можеби примерот на Општина Центар со отворање на ЈП преку кое сами ќе инсталираат фотоволтаици на институции и училишта е можно решение, барем за во иднина?

-Енергетската криза ги погоди сите, секој се соочува со последиците, се разбира и општините. Кризата е сериозен ризик за испораката на услугите кон граѓаните, но и предизвик. Најдобрите решенија доаѓаат како резултат на принуденост, токму во кризни ситуации. Градоначалниците кои што се добри менаџери сега размислуваат што можат да направат за да ги зголемат заштедите, да ги искористат своите ресурси, да бидат посамостојни и да функционираат поекономично. Тоа го прави и секое домакинство. Имаме одличен пример на проект кој што го финансира министерството заедно со швајцарската Влада во општините Радовиш, Конче и Василево за сопствено снабдување со електрична енергија на сите јавни објекти со поставување на фотоволтаици, сличен е проектот за кој што зборува и градоначалникот на општина Центар. Се очекува иницијативност. Се очекуваат предлози за реални и оддржливи решенија. Има начин како централната власт да ги поддржи финансиски и го правиме тоа. Проблемите се решаваат со нудење на решенија, а секое добро решение ќе си го најде патот до реализација.

Проблемите во град Скопје ескалираа изминатиов период, најмногу меѓу Арсовска и мнозинството на Советници од ВМРО-ДПМНЕ. Причините секој различно ги толкува, но граѓаните ги интересираат веќе започнатите проекти кои стојат во место. Вие неколку пати се сретнавте со Градоначалничката, најавивте и одземање на ингеренциите за неколку важни проекти, меѓу кои и Универзална, па дали во претстојната година можеме повторно да очекуваме суспензија на работата на локалната самоуправа?

Комуникацијата со градоначалничката на Скопје е многу разбирлива, како и со секој друг градоначалник. Се обидувам да остварам средби со сите градоначалници. Скопје по својата природа има поголема тежина, станува збор за главен град во кој што е концентрирана една третина од населението во државата. Секој проблем во Скопје тежи повеќе зашто многу голем број на  граѓани кои живеат, работат или студираат во Скопје.   Дополнително, градоначалничката на Скопје е и претседателка на ЗЕЛС која што има мандат да ги пренесе ставовите на сите градоначалници изградени во рамките на ЗЕЛС.

Во конкретниот случај не станува збор за суспензирање на работите или надлежностите. Јас се залагам за оддржливи решенија преку взаемна комуникација и соработка. Ако еден проблем може да се реши со заеднички напор на централната и на локалната власт, тогаш ајде да го решиме. Ако секој стои закопан во сопствениот ров и наместо решение нуди изговор или пак напад тогаш работите нема да се поместат, нема да има решение, а штетата ја трпат граѓаните секој ден. Ние сме избрани на функциите да им служиме на граѓаните и да решаваме проблеми. На крајот, тие одлучуваат, но што од тоа ако  штетата веќе е направена. И Скопје 2014 на крајот ја доби казната од граѓаните, но што ако централниот јавен простор е трајно узурпиран, а парите потрошени.

Ако спорот продолжи, очекувате ли предвремени избори за Советници во главниот град, по тетовскиот пример?

-Предвремените избори се прашање кое е уредено со закон. Во Тетово имаше предвремени избори затоа што Советот на општината не ја имаше донесено годишната сметка во законскиот рок. Доколку во градот Скопје се случи ваква ситуација, да не биде донесен буџетот или годишната сметка на општината до 31 март или советот не се состане повеќе од шест месеци, или поради друг услов предвиден во Законот, сигурно дека би постапиле на истиот начин.  Во тој случај Министерството ја известува Владата за настанатата ситуација, а Владата ја донесува одлуката и го известува претседателот на Собраннието. Но, засега тоа е само прејудицирање на работите. Да се надеваме дека и градот Скопје и другите општини ќе најдат начин, таму каде што е потребно и преку кохабитација меѓу советот и градоначалникот, да си ги извршуваат своите надлежности одговорно, зашто тоа значи обезбедување на услуги за кои што граѓаните плаќаат и го очекуваат најдобриот квалитет за своите пари. Се друго е неодговорно трошење на парите на граѓаните.

Бевте „татко на Градот“ во два последователни мандати, ги знаете проблемите на Скопје со јавниот транспорт, а во изминатиов период приватните превозници го блокираа цел град поради неисплатени долгови. Веќе кажавте дека тој проблем лесно се решава, но прашањето е колку сопрениот од Арсовска проект за Бас Рапид Транзит, по ваше мислење, може да го олесни и подобри градскиот јавен превоз? Од властите велат, не може да биде полош од користењето на дотраени автобуси стари 30 години. 

-Секое стоење во место е лошо решение, а секое нерешавање на проблемот значи уште поголем проблем. Скопје сеуште нема соодветно и долгорочно одржливо решение со јавниот превоз. Тоа значи секој ден нервоза за граѓаните, зголемени трошоци, нерационално потрошено време, загадување на животната средина, сообраќаен хаос, паѓање на квалитетот на живеење во главниот град. Последиците се огромни. Од друга страна прашањето на мобилноста е прашање од највисок приоритет во урбаните центри во Европа, токму поради заштитата на животната средина и овозможувањето на брз транспорт за граѓаните. Во овој случај две клучни работи се доведени во прашање-здравјето на граѓаните и времето, да стигнат брзо и безбедно до своето работно место, до својот дом, да бидат мобилни. Повеќе од задоцнето организирањето на градскиот превоз во Скопје на ниво на метропола, каде што јавниот превоз ќе биде примарниот начин за превоз, а сите други средства само алтернатива. Затоа и ги чувствуваме толку силно последиците од загадувањето. Но, тоа не треба да биде причина под итно да се активира најдоброто решение за градот, нема време за премислување.

В.З.

 

Слични содржини