Интервју со проф. Јовевски: Предлог Законот за плати е одраз на финансиската неодржливост на јавниот сектор

од Vladimir Zorba
1,4K прегледи

Долга е листата на забелешки која професорот  Лазар Јовевски ја упатува во насока  на предлог Законот за систем на плати во јавниот сектор.

Оценувајќи го како целосно неприфатливо ваквите предлози да се носат вон рамките на социјалниот дијалог, Јовевски како парадокс го посочува фактот дека од една страна се фалиме дека сме на европски пат, а од друга-  ги намалуваме правата на работниците под европскиот минимум.

„Целиот концепт на утврдување на плати на овој начин е изместен од трудово-правниот систем на Македонија. Овие и некои други предходни решенија повеќе наликуваат на законската рамка од 1957 и системот на „двоен колосек“ каде јавната администрација всушност беше третирана како државен апарат од „сталинистички тип, отколку модерен трудово-правен систем согласно принципите на социјалната демократија“, вели Јовевски за „Локално“.

Во оваа насока наведува дека досега во европската пракса не постои случај Собранието (Парламентот) да го утврдува коефициентот за плати како што се предлага во Законот.

Како дилема го посочува и прашањето како ќе се постигне еднаквост на платите и што значи тоа, односно  дали ќе се зголемуваат платите до линија на еднаквост за исти работни места, или ќе се намалуваат според најниската плата за исто работно место во јавниот сектор.

Оттука, за него е неприфатливо тоа што во последно време законите и законските измени во некои од  областите како што се  трудово и социјално право, се прават „колку да помине редот“.

„Предлог закон за плати во јавниот сектор „лежи во фиока“ во МТСП уште од првата декада на 2000-те. Но сега одеднаш се вади Закон кој очигледно е одраз на финасиската неодржливост на јавниот сектoр, односнo недостатокот на пари во Буџетот“, заклучува Јовевски.

Предлог Законот за систем на плати предизвика бурни реакции во јавноста, особено од страна на Синдикатот, и тоа речиси идентични како оние пред два месеца кога беше обелоденет предлог планот за фискална одржливост. Дали станува збор за случајност ако се има предвид исклучително кусиот период во кој ССМ упати низа забелешки на сметка на Владата дека се обидува да ги намали работничките права?

-Факт е дека Владата веќе ги намалува работничките права директно или индиректно. Не е само тој случај. Во ноември имавме преседан од светски размери- беше укинат колективниот договор за вработените во Министерството за земјоделие, што е апсолутно ограничување на работничките права и сериозен удар врз социјалниот дијалог и спротивно на сите европски и меѓународни стандарди. Забелешките на синдикатите и на стручната и академската јавност треба да се земаат предвид и сериозно да се проучат за да се инкорпорираат во законските решенија со цел да се унапредат правата на работниците, без оглед во кој сектор работат.

На мене лично особено ми пречи тоа што во последно време законите и законските измени, барем во областите во кои јас работам како професор по трудово и социјално право, се прават народски кажано, колку да помине редот. Кога се донесува нов Закон, здравата логика вели дека треба да е подобар од претходниот, а онаму каде немало закон, а е потребен за да се регулираат проблематични прашања, се разбира дека треба да е колку е можно посèопфатен и поповолен за работниците. Предлог закон за плати во јавниот сектор „лежи во фиока“ во МТСП уште од првата декада на 2000-те. Но сега одеднаш се вади Закон кој очигледно е одраз на финасиската неодржливост на јавниот сектор, односно недостатокот на пари во Буџетот.

Денес, светските трендови во областа на трудот одат вертикално кон зајакнување, унапредување и заштитување на работичките права и хоризонтално, опфаќајќи колку е можно повеќе аспекти како недискриминација, заштита од вознемирување, заштита од бучава, хемикалии и сл., сето тоа во насока на подобрување на целокупната благосостојба на работникот.

ССМ и  Владата соочија дијаметрално спротиставени  ставови во однос на Предлог законот за системот на плати. За синдикатот тој претставува упад во работничките права и меѓународните конвенции и обврски, а за Владата – драфт- верзија чија основна цел е да го обезбеди начелото на еднаквост во примањата на административците. Колкави се шансите да се утврди каде е средината?

-Меѓународните прописи се јасни, тука нема наоѓање средина туку оние кои сме ги ратификувале како држава имаме обврска да ги применуваме и тоа е тоа. Меѓународното и европското законодавство утврдува минимум стандарди, охрабрувајќи ги земјите членки во националните законодавства да применат уште поповолни одредби во прилог на работниците. Ние, фалејќи се дека сме на европски пат преку успешни преговори, ги намалуваме правата на работниците под европскиот минимум. Како да го кажам ова поинаку, оптимистички и охрабрувачки, кога реалната состојба во моментов бара подобрување. Инаку не е ново, невидено, ниту неочекувано синдикат и Влада да имаат дијаметрално спротивни ставови. Се случува и во многу поразвиени земји. Но е ново, дури и за наши околности, невидено и неочекувано да не се седне да се разговара  во рамки на социјален дијалог и да се оди кон наоѓање позитивни решенија. Социјалниот дијалог служи токму за вакви ситуации.

Следејќи ги дискусиите во јавноста во однос на новиот предлог- Закон, би сакал да појаснам една работа: овој Закон се однесува на регулирање на платите на административците, а не на тоа каква е администрацијата, дали е ефикасна, обемна, потребна и сл. Да се фокусираме сега на ова пршање и сите да дадеме придонес во овој контекст. Другите прашања се разбира треба да се дискутираат, но кога ќе бидат тие на „дневен ред“. Овој предлог Закон има сериозни недостатоци во однос на тоа кој се ќе биде опфатен со овој систем на плати (од аспект на вработените) бидејќи има членови кои се контрадикторни, целосно се суспендира социјалниот дијалог и сите колективни договори во јавниот сектор во делот за платите. Досега не постои во европската пракса, Собранието (парлментот) да го утврдува коефицинетото за плати како што се предлага во Законот. Исто така не е јасно како ќе се постигне еднаквоста на платите и што значи тоа. Дали ќе се зголемуваат платите до линија на еднаквост за исти работни места, или ќе се намалуваат според најниската плата за исто работно место во јавниот сектор. Има многу поддилеми и подпрашања, кои со секое ново читање на Законот испливуваат на површина.

За синдикатот е неприфатливо пресметката, односно коефициентите да ги утврдува самостојно Владата по сугестија на Министерството за финансии. Колку се аргументирани нивните забелешки дека на овој начин не само што се поништуваат колективните договори, туку и  државата става рака врз делот на работничките права?

-Сосем се аргументирани. Колективните договори се применуваат насекаде во светот, во најразвиените земји. Тие се инструмент со кој синдикатите можат да се борат за унапредување на работничките права. Колективен договор не смее да се поништи, не смее да им се ускрати правото на рабтниците, не смее да биде во рацете на државата ако не сакаме да се вратиме децении назад. Но колку што забележувам, најголемите несогласувања се што системот на плати и нивното утврдување целосно ќе ги маргинализира синдикатите во јавниот сектор. Ова не е пракса во ЕУ, ниту некогаш била, а повеќе е систем кој не враќа во времето по втората Светска Војна во Источна Европа.

Дали и предлогот кој предвидува  намалување на платите доколку работникот користи годишен одмор е нешто ново во европски рамки?

-Такво нешто јас не сретнав во предлог Законот, но ако мислите на исплата на основната плата за време на годишен одмор, тоа не е ново решение. Но, целиот концепт на утврдување на плати на овој начин е изместен од трудово-правниот систем на Македонија. Овие и некои други предходни решенија повеќе наликуваат на законската рамка од 1957 и системот на „двоен колосек“ каде јавната администрација всушност беше третирана како државен апарат од „сталинистички тип“, отколку модерен трудово-правен систем согласно принципите на социјалната демократија.

Новина е и алтернативната вредност на бодот во случај на вонредна, воена или кризна состојба во државата. Како ја толкувате?

-Па, токму тој став од предлог членот 20 е рефлексија на „идејата“ на целиот Закон, а тоа е дека државата во однос на утврдувањето на висината на платите се поставува целосно авторитарно и може да прави што сака и како сака. Ова не е можно ниту во приватниот сектор во Македонија.

К.В.С.

 

 

Слични содржини