На Република Северна Македонија и претстои макотрпен, трансформативен процес на европеизација во кој ќе започнат преговорите и ќе се отвори Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права. Приоритетите на нашата држава се утврдени во Владината програма, а ова е нешто што треба да биде во фокусот на новата Влада и коалиционите партнери, вели новиот министер за правда Бојан Маричиќ во интервју за Локално.
Вели дека Министерството за правда важи за „најжешкото столче“ од сите ресори бидејќи граѓаните, очекуваат од правосудните органи поефикасна борба против организираниот криминал и справување со недопирливоста како феномен.
-Бидејќи правосудството не успева да одговори на ова барање на јавноста, граѓаните легитимно бараат реформи во правниот систем, смета министерот.
За можните блокади на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, смета дека врвен интерес на граѓаните на се евроинтеграциите, а ова е доволна причина пратениците да се обединат за стратешките прашања во Собранието и да соработуваат на овие теми.
-Потребно е да ги ставиме партиските интереси во заден план и да се даде приоритет на евроинтеграциите, a законодавниот дом е вистинското место за дијалог,изјави Маричиќ.
Во однос на најавуваната „жешка есен“ од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и протестите кои ги организира, тој смета дека станува збор за класична промена на тема: „Да не дискутираме за поразот на изборите и промена на лидерот, туку да протестираме“.
По изборот на новата Влада, јавноста коментира дека сте го добиле „најжешкото столче“ поради големите очекувања. Кои се вашите први приоритети на позицијата Министер за правда?
-Министерството за правда важи за најжешкото столче од сите ресори бидејќи граѓаните, очекуваат од правосудните органи поефикасна борба против организираниот криминал и справување со недопирливоста како феномен. Бидејќи правосудството не успева да одговори на ова барање на јавноста, граѓаните легитимно бараат реформи во правниот систем. Од тие причини, на врвот на приоритетите е ослободување на судството од тие поединци кои целосно го нарушиле угледот на правосудниот ситем. Моделот за прочистување на судството ќе биде изработен во соработка и учество на меѓународните партнери, стручната фела и граѓанскиот сектор и секако, Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, како и Државната комисија за спречување на корупција. Процесот мора да биде праведен, објективен и кредибилен, односно сите чинители да имаат доверба во него.
Коалицијата СДСМ-ДУИ повторно ќе ја предводи владата, иако договор падна по меѓусебни препукувања за време на изборниот период и упатување голем број „отровни стрели“. Од опозицијата веќе велат дека оваа „селотејп коалиција“ е со краток рок на траење. Мислите ли дека ќе се остварат најавите за нови парламентарни избори за максимум 2 години или оваа влада има капацитет да издржи цел 4-годишен мандат?
-На Република Северна Македонија и претстои макотрпен, трансформативен процес на европеизација во кој ќе започнат преговорите и ќе се отвори Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права. Приоритетите на нашата држава се утврдени во Владината програма, а ова е нешто што треба да биде во фокусот на новата Влада и коалиционите партнери. Впрочем, коалициониот договор и владината програма ја ставаат правдата во фокусот на владините приоритети, заедно со економијата и со европските интеграции. Веруваме во реформите и во тоа дека ќе ја спроведеме владината програма во наредните четири години.
Една од првите задачи кои старо-новиот премиер на земјава, Зоран Заев ги најави е воспоставување на принципот на владеење на правото, како и враќање на довербата на граѓаните во судството. Граѓаните пак со право коментираат дека тоа се две „невозможни мисии“. Што планирате да направите вие како министер во тој правец?
-Свесен за тежината и големината на овие реформи, сепак на патот кон Европа мораме да ги зацврстиме столбовите на демократијата, а тоа е систем на владеење на правото и гаранции за непристрасноста и независноста на судството. Првиот чекор кон враќање на довербата на јавноста е објективното прочистување на судството или ослободување на судството од политички или било какви други влијанија. Овој процес ќе биде спроведен во соработка со Европската Унија, стручната фела и граѓанското општество, а се разбира пред се од самата судска власт.
Најавивте ЕУ мониторинг на случаите од висока корупција, но очекувате ли тоа да ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите? Дали и воведувањето на нешто налик „АКМИС“ за обвинителите, односно распределбата на предметите во обвинителството по случаен избор, ќе доведе до поголема доверба во правосудството, иако инфорамциите велат дека нема расположение меѓу фелата за воведување на сличен систем?
-ЕУ не ја интересира единствено усогласеноста на законите, туку уште повеќе нивната примена во пракса. Почетокот на преговорите и отворањето на Поглавје 23 е процес во кој судската и обвинителската пракса ќе биде во фокусот. Значи, самата судска власт мора да го понесе товарот и одговорноста за сопствените чекори и одлуки, а ЕУ мониторингот на случаите од висока корупција е мошне значаен процес и претставува своевиден тест за функционирањето на правосудните органи.
Специјалното јавно обвинителство се формираше, по низата скандали беше укинато, повеќето случаи останаа нерешени. Голем број на гласови добивте поради ветување дека правдата ќе има, но таа никако да дојде. Ќе видиме ли конечно разрешница на некој од високопрофилните случаи кои беа отворени од СЈО? Дали меѓународната заедница очекува сличен епилог за да покажеме дека сме мрднале од мртва точка и да напредуваме на нашиот евроинтегративен пат?
-Донесувањето на Законот за Јавното обвинителство овозможи продолжеток на постапките започнати од страна на СЈО. Постапките по предметите на СЈО беа преземени од другите јавни обвинителства и по нив се постапува. Секојдневно сме сведоци на одржување рочишта по овие предмети. Обвиненијата по овие предмети ги работат обвинителите кои постапувалле по овие предмети во рамките на СЈО. Дополнителни гаранции за успешното завршување на овие предмети се одредбите од новиот Закон за Јавно обвинителство каде што се дадени широки гаранции за автономија на Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Пред да стапите на новата функција, бевте национален координатор на Владата за интеграција во ЕУ, а преговорите со Унијата се очекува да бидат на врвот на агендата на владата. Заев пред изборите најави и отворање на 80 отсто од поглавјата до 2024-та. Реални ли се овие очекувања и дали ултиматумите кои Бугарија ги поставува за нашиот јазик, па и за Гоце Делчев, ќе бидат најголеми пречки?
-Поглавјата 23 е првото кое ќе биде отворено, но кое последно се затвора. Ние мораме да ги отвориме поглавјата и динамично да работиме на хармонизација со ЕУ, бидејќи иако можеби еден период во минатото сме биле предводници во регионот, сега мораме да го дадеме максимумот да го надокнадиме загубеното време и пропуштените можности. Агендата е амбициозна, но реформите кои треба да ги спроведеме не се прашање на избор – едноставно мораме енергично и посветено да се вложиме за брза евроинтеграција.
Очекувате ли можеби и дома опозицијата да го попречува реформскиот европски курс со најразлични блокади? Дали можеби е време да се воспостави меѓусебна соработка и доверба, со цел да се спроведат неопходните реформи и да се забрза развојот на земјата и нејзината европеизација?
-Опозицијата и во претходниот мандат, а и во овој ќе има подадена рака и отворени порти за соработка. Врвен интерес на граѓаните на Република Северна Македонија се евроинтеграциите, а ова е доволна причина пратениците да се обединат за стратешките прашања во Собранието и да соработуваат на овие теми. Потребно е да ги ставиме партиските интереси во заден план и да се даде приоритет на евроинтеграциите, a законодавниот дом е вистинското место за дијалог. Се надевам дека опозицијата ќе има политичка волја за овие прашања од јавен интерес.
Како ги коментирате изјавите на лидерот на опозицијата Мицкоски за „жешка есен“ и неговата најава за протести низ целата земја? Дали актуелното раководство е способно за слично нешто со оглед на случувањата внатре и поделбите во ВМРО-ДПМНЕ,како и барањата за вонреден конгрес за негова смена?
-Речиси во сите случаи е легитимно опозицијата да протестира и тоа е здраво во едно демократско општество, но во случај мислам дека е обид господинот Мицкоски да го задржи лидерското место во партијата. Најавените протести од страна на господинот Мицкоски се обид да се занемарат барањата за вонреден конгрес за негова смена како претседател на ВМРО ДПМНЕ, односно станува збор за класична промена на тема: „Да не дискутираме за поразот на изборите и промена на лидерот, туку да протестираме“. Сепак, не би ги коментирал повеќе внатрешните случувања во ВМРО – ДПМНЕ, на нив останува како ќе ги уредат внатрепартиските односи.
Едно од главните ваши ветувања е успешен почеток и спроведување на преговорите за членство со ЕУ во однос на поглавјето 23 – Судство и темелни права и во делот на поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност. Очекувате ли по завршувањето на вашиот мандат да бидеме поблиску до ЕУ, отколку што сме денеска?
-ЕУ има докажана трансформативна моќ и токму затоа баравме почеток на преговорите и отворање на поглавјата. Штом започнеме да чекориме по тој пат, ќе мора да бидат направени бројни смели реформи во сите области, не само во ресорот правда. Процесите во државата, особено во правосудството ќе бидат под лупата на ЕУ и ќе бидат предмет на постојан мониторинг преку кој ќе проверуваат дали ние ги исполнуваме европските стандарди и дали живееме според европските вредности. По тој пат минале неколку држави од регионот и разликите се евидентни. Дополнително, очекувањата на граѓаните претставуваат дополнителна мотивација и позитивен притисок за динамична работа на Владата. Овој процес е исто така многу значаен за подобрување на заштитата на човековите права, така што убеден сум дека ќе направиме значаен напредок.
В.З.