Интервју со Ампева: Работниците од приватниот сектор се граѓани од втор ред за кои не важат закони

Работници секојдневно ми се јавуваат и ми раскажуваат исто: работев 10–12 часа, а ми платиле како за 8. Работев во сабота, а ми рекоа „тоа е нормално“. Платата доцнеше со месеци, а кога ќе прашав „како тоа?“, ни велеа „имаме проблеми со нарачките и исплатата“. Тоа не е проблем, тоа е злоупотреба, истакнува Ампева за „Локално“

од Кристијан Димков
34 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24

Работниците од приватниот сектор се граѓани од втор ред за кои не важат закони, постојано се изложени на притисоци додека државата и институциите не прават доволно да ги заштитат а работодавачите тоа го знаат и затоа работникот во приватниот сектор нема слобода да го крене гласот, вели претседателката на единствената синдикална организација во Македонија фокусирана на правата на работниците од приватниот сектор „Гласен Синдикат“, Кристина Ампева, во интервју за „Локално“.

Ампева вели дека во јавниот сектор постојат повеќе синдикални организации бидејќи таму постои „поголема сигурност во однос на неотпуштање од работа доколку се бараат со закон утврдените работнички права“.

-Работници секојдневно ми се јавуваат и ми раскажуваат исто: работев 10–12 часа, а ми платиле како за 8. Работев во сабота, а ми рекоа „тоа е нормално“. Платата доцнеше со месеци, а кога ќе прашав „како тоа?“, ни велеа „имаме проблеми со нарачките и исплатата“. Тоа не е проблем, тоа е злоупотреба, истакнува Ампева во интервјуто.

„Гласен Синдикат“ има за цел да ги заштити работниците и нивните права од целиот приватен сектор, па зошто според Вас има многу повеќе синдикални организации кои се активни во јавниот отколку во приватниот сектор?

-Во приватниот сектор работникот нема слобода да го крене гласот. Јас доаѓам од тој свет, и горда сум кога ќе кажам дека бев текстилна работничка, па од прва рака знам како тоа изгледа. Исто и тоа дека на мои 37 години имам 17 години стаж во приватниот сектор. Реалниот сектор. И дека работев во нехумани услови, прекувремени часови , недели и праазници кои ги немаше во мојата плата која во тој период беше под загарантираниот минималец, напротив плата од 6 до 9000 денари. И низ пракса и како работник, па активистка и сега синдикалка, морав да учам низ пракса и законите зошто работниците од приватниот сектор се граѓани од втор ред за кои не важат закони. Гледав и гледам како државата, законите и самите институции, но и синдикатите, не ги штитат работниците доволно, и газдите тоа го знаат. Тие велат: „Ако не ти одговара, има други“. Така луѓето молчат. Тоа се должи на договорите на определено, неимплементација на законите, сите прекршувања, мобинг, дискриминација, малку судски постапки, слабите институции, недовербата во синдикатите чии барања се насочени само кон јавниот сектор. Затоа беше потребен и Гласен Синдикат кој ќе говори за приватниот сектор.

Фото: Фејсбук/Кристина Ампева

Во јавниот сектор барем има поголема сигурност, потешко е да те избрка затоа што си барал права од законот што ти следуваат. Во јавниот сектор имате партиски синдикати кои автоматски собираат членство по налог на директор на институција или министер, и да тужите, јавниот буџет има пари, затоа и во една институција ќе видите дека има по три синдикати, некои искрени, некои направени по план и програма на политичка партија. Во реалниот сектор е сосем друго, има притисоци, а работниците гледајќи ја неактивноста на синдикатите изминатите 3 децении, немаат доверба, немаат храброст, немаат грб, задолжени се и на минимални плати. А затоа токму таму е најпотребен силен синдикат, кој не постоеше, се додека не се појавивме ние. Активистите и синдикалците од Штип. Сега треба да работиме на враќање на довербата во синдикалното организирање и дејствување. Како што било во минатото.

Кои се најчестите прекршоци на работничките права за кои добивате поплаки од страна на работниците во приватниот сектор и дали надлежните институции имаат слух и дали трудовите инспектори делуваат на терен да ги санкционираат несовесните работодавачи кои ги прекршиле правата на работниците?

-Работници секојдневно ми се јавуваат и ми раскажуваат исто: работев 10–12 часа, а ми платиле како за 8. Работев во сабота, а ми рекоа „тоа е нормално“. Платата доцнеше со месеци, а кога ќе прашав „како тоа?“, ни велеа „имаме проблеми со нарачките и исплатата“. Тоа не е проблем, тоа е злоупотреба.

Исто, жени што ми рекле дека им прават  притисок да потпишат отказ. Тоа е чиста неправда. Има случаи каде придонесите не се уплатени. Газдата затворил. Институциите не постапуваат, а оние кои ќе постапат, можат да им напишат казна од 50 до 100 евра. Бремени жени на кои не им е продолжен договорот за вработување поради тоа што ете, бремени се. Ќе донесат дете на свет, а тоа мора да се казни,  од страна на одредени робовладетели.  Казните за работодавачите се симболични – тие и понатаму заработуваат повеќе отколку да ги почитуваат законите. A знаеме дека многу пати институциите реагираат само формално, без вистинска заштита за работникот. Тоа значи дека правата што ги имаме само на хартија, не се применуваат на терен.

Изминатата година и оваа имаме особен проблем со затварања на фирми пред се, управувани од странци. Имале изнајмено простор и машини под кирија, искористиле неколку години евтина работна сила, па на првата криза , каснеа со месеци плата и придонеси и си заминаа без најава. И сега замислете ние сме единствените кои бараат правда и одговорност и одат со пријави по институциите и бараат правда и да ги вклучат сите механизми за кои се платени за да рааботниците бидат обештетени. Знаете тоа годишно колку зема време, енергија, докажување пред Трудов инспекторат (кои реално се најреспонзивни), Управата за јавни приходи, Управата за финансова полиција или секторот за економски криминал при МВР? И на крај да нема резултат од нив? И постојано велам, на секој состанок, еве не берете гајле за работниците и нивните плати. Вие постоите и ве плаќаме, треба да го заштитите државниот буџет преку неплатените социјални придонеси кои се влеваат во ФЗО и ПИОМ, даноци кои се неплатени. Имате механизми, користете ги.

Еве ова се моите разочарувања. Кога на работниците ќе им кажам, направив се, не можам, искористив се што можам, нема да ги добиете вашите изработени плати. Извинете…

Сите политички партии во државава начелно се залагаат и за покачување на минималната плата, којашто е актуелна тема периодов, и за санкционирање на сите прекршувања на работнички права како и за унапредување на правата на работниците, дали во било која од нив гледате искрен сојузник за подобрување на работничкиот стандард, конкретно во приватниот сектор?

-Сите политички партии ќе ви кажат дека се „за работниците“. Ама пред избори и кога се во опозиција. Народот веќе слушнал премногу празни ветувања во овие децении. Минималната плата што ја имаме денес не е доволна за човек да живее. Со 400 евра или околу 24.000 денари, човек не може да ги исплати само долговите кон банките и режиските трошоци. Веќе не живееш од „први до први“. Туку од први до 10ти.

Јас јасно кажав дека наместо само да зборуваме за минимална плата, треба да зборуваме за плата за живот, толку висока што покрива реални трошоци: сметки, храна, кирија, здравство, одмор, превоз, заштеда. Тоа не е екстремно барање, тоа е човечко барање. И тие што го говорат тоа не треба да се плашат да го поддржат јавно. Јас и моите колеги сме дебатирале на телевизија за тоа, за жал немаме многу медиумски простор, но зборуваме јавно, со аргументи и податоци, дека потребната сума е многу повисока од сегашната минимална плата. И секако повисока од синдикалната кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија.

Партиите мора да разберат дека работникот не е статистика. Работникот е човек што има сметки, деца, семејство. Ако политичарите навистина сакаат да останее овде народ, мора да сторат конкретни чекори, не само убави зборови, ветувања, напади меѓу себе. Не е веќе во мода како порано. Прочитани се. Доста ни е од нивниот национализам, поделби, препукување, бизниси , тендери, кражби, опустошување. И се чудам како не се појави еден што си ја сака државата и сопствениот народ. Толку потенцијал има ова мало парче земја, ама не се најде еден кој ја сака Македонија и народот повеќе од сопствениот интерес.

Во однос на последните работнички протести за зголемувањето на минималната а и сите останати плати изјавивте дека од ССМ не стапиле во контакт со вашиот синдикален сојуз, 5та СИЛА, дали комуникацијата и координацијата е подобрена во насока на следните чекори што планирате да ги преземете во однос на борбата за зголемување на минималната плата?

-Јас сум секогаш јасна, ако сакаме вистински резултат, нема место за суети и затворени клубови. Работниците не ги интересираат наши внатрешни кавги. Нив ги интересира дали платата ќе им се зголеми, дали нивните права ќе бидат почитувани, дали ги чекаат подобри денови или да си бараат чаре надвор од државата.

Жал ми е што нивната “работа” во минатото, доведе до тоа да работникот нема доверба, биде со децении на минималец кој не се покачуваше се до 2017, кога се појави Гласен Текстилец. Што ги немаше на терен ниту ја заслужуваа членарината која ја добиваа по автоматизам во одредени фабрики. Тоа сум го осетила и јас во тој период, затоа и започнав со активизам, затоа станав активистката Ампева од Штип. Гласот на текстилците. Не дека сакав, ами морав, бидејќи немаше кој да ме заштити и да каже што се случува во погоните. Минатите години говорев јавно дека ССМ е гробар на работничките права. Уназадуваше права со секоја измена на закон или потпишан колективен договор. Виновници се за исплатата на К15 од 100 или 1000 денари. Виновници се за тоа што сега работниците немаат хранарина и превоз, бидејќи тие го одобрија концептот бруто плата.

Но денес се обидувам да соработувам и гаам надежи дека новото раководство на ССМ нема да ги продаде работниците во барањето за покачување на минималната плата за која говорам од март 2025 дека треба да биде 500 евра. Денес е премалку, затоа и сум на протестите во Скопје.

Фото: Фејсбук/Кристина Ампева

Не сакам да нападнам некого, но сакам да се потсетам поради што влегов во овој синдикален и активистички свет, бев приморана и не верувам лесно веќе. Но и дека мораме да се обединиме околу основните барања. Ако сме поделени, газдите и политичарите се посилни од нас. Ако сме заедно – притисокот што ќе го создадеме ќе биде вистински.

Работници не можат да чекаат додека синдикатите си ги решаваат разликите. Нивните сметки нема да чекаат.

Повеќепати сте излегле со критични изјави за делувањето на Конфедерацијата на Слободни Синдикати, како го коментирате тоа што претседателот на КСС, Благоја Ралповски е именуван во Управниот одбор на ПИОМ? Како ова именување го отсликува синдикалниот екосистем во Македонија?

-Во меѓувреме треба да се провери и дали други синдикати се дел од управни одбори. Јас бев една од тие кои веднаш сподели критика за него, но добив информации дека КСС и Ралповски не се единствените кои добиле ваква функција. И повикувам до вас како медиуми да проверите.

Исто….Ова не е прашање на лична критика, туку на принцип. Синдикатот треба да биде глас на работникот, независен, јасен, гласен кога има неправда. Кога лидер на синдикат прифаќа позиција во институција, луѓето почнуваат да се прашуваат дали ќе остане исто гласен кога ќе треба да критикува. Кога велите како синдикалец дека сте против зголемување на платата, а велите платата на функционерите треба да се покачи, тоа укажува дека сте продолжена рака на власт, никаков репрезент на работниците.

Ако работникот почне да мисли дека синдикалецот е поблиску до фотелја отколку до фабричка хала – тогаш синдикатот ја губи својата сила. Тоа ме натера да станам ова што сум.

Како го коментирате тоа што вие, како законски репрезентативен Сојуз на синдикати 5-та СИЛА немате добиено покана од Владата, за учество во работата на Економско-социјалниот совет, имајки во предвид тоа што оттаму инсистираат дебатата за покачување на минималната плата и сите останати теми поврзани со социјалниот дијалог да се дискутираат таму.

-Ако сакаме вистински социјален дијалог, тогаш таму мора да седат сите што легитимно ги претставуваат работниците. Да се одлучува за минималната плата без да бидат присутни сите гласови што претставуваат работници , тоа не е дијалог, тоа е филтрирање и селекција.

Ние не бараме привилегија. Бараме само фер третман. Ако сме национална  конфедерација според закон, тогаш тука мора да бидеме вклучени. Ако нè исклучите, вие ги замолчувате работниците што ни веруваат. И тоа не е демократија.

Социјалниот дијалог не значи да разговараат само оние што им е удобно на властите. Тој значи да се слушнат гласовите на сите работници, без оглед дали е тоа непријатно, тешко или различно.

К.Д.