ИНТЕРВЈУ со Ацевски: Во изборниот цирукс има место за секого, но само најкреативните ќе останат на сцената

од desk4
548 прегледи

Пораките, партиските слогани, паролите на билбордите, засега се безидејни и неубедливи, смета универзитетскиот професор, социологот Илија Ацевски. Тој во интервјуто за „Локално“ вели дека македонските граѓани во моментов се „отепани“ од информации бидејќи преку националните телевизии и преку големиот број на социјални мрежи, Фејсук, Твитер итн, слушаат се и сешто но, не и нешто што ќе привлече внимание во насока на поддршка на некој кандидат.

Ацевски од досега приложеното,  ниту на овие локални избори не очекува инвентивни партиски слогани. Тој смета дека слоганите имаат ефект само доколку се наметнат и станат препознатливи кај граѓаните. Порачува дека доколку партиските и независните кандидати имаат амбиции да победат на избори треба да се убедливи во своите пораки за да ја погодат целта.

Партиите се уште не ги откриваат своите партиски слогани чија цел е да „допрат“ до гласачот на начин за тој да отиде на избирачкото место и да го заокриужи токму неговото име. На секои избори гледаме и слушаме слогани кои пред се содржат локално – патриотски кич. Дали овојпат партиите ќе им понудат нешто ново на гласачите?

– Во Македонија досега не сум видел револуционерни слогани, ниту сум слушнал за некој изборен слоган што би ги покренал граѓаните за масовно да го променат својот став.  Од искуство знам дека луѓето, во принцип многу малку го менуваат својот став бидејќи она што е карактеристично  за Македонија, кога станува збор за избори, без разлика дали се локални или парламентарни, тие се длабоко партиски поделени. Во секое време имаме четири препознатливи опции, по две во македонскиот блок и по две во албанскиот блок.  Ќе зборувам за македонскиот политички кампус и ќе речам дека станува збор за моќни машинерии, односно механизми бидејќи кога ќе кажете само СДСМ или  пак, ВМРО-ДПМНЕ, тоа самото по себе многу говори.

Најголемиот дел од македонската популација се препознава по таа двополна партиска припадност, „или, сте за ВМРО-ДПМНЕ и сте против СДСМ“, и обратно. Но, она што во последно време е карактеристично и што може да се насети е, граѓаните како да се изморија од овие две блока. Најмногу од нивното постојано препукување, на упатување не само на меѓусебна критика, туку и на тешки навреди. Тој аресенал на зборови е на многу ниско ниво.

Официјално изборната кампања за локалните избори треба да почне на 27 септември, но партиите и независните кандидати веќе на големо се на терен во „лов“ на гласови. Дали кандидатите се свесни дека на граѓаните им нудат неинвентивни кампањи, со безидејни партиски пораки и слогани. Како го оценувате досегашното нивно однесување? Гледаме дека само на неколку дена пред стартот на изборната кампања во јавноста се објавија едвај два-три слогани. Зошто партиите ги кријат?

– Ги кријат,  наводно за другиот да не упадне на изборната сцена со ист таков слоган. Во таа смисла не ги „издаваат“. Претпоставувам дека кога станува збор за Скопје, нивните слоганите и пораките ќе се вртат околу загадувањето, сообраќајот, градежниот хаос. Ќе зборуваат на овие теми дури и кога кандидатите немаат поим од урбанизам. Сега се јавува една група, не знам точно колкав е тој процент, но можам да претпоставам дека е некаде од 20 % до 25%, кај Македонците, која почнува да не се препознава кај овие два блока ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тие бараат некое трето решение. Тука мислам дека  слоганот можеби ќе може да го добие вистинското значење. Затоа што таа група истражува и се прашува за кого да гласа. Ако не гласа за ВМРО-ДПМНЕ или, пак, за СДСМ – тогаш за кого? На овие локални избори, имате неколку опции, меѓу нив слушам за Зелено Скопје, за Левица итн. Овие опции можеби и ќе земат некој глас, претпоставувам дека тие тоа го знаат и затоа ќе сакаат во најголема мерка изборниот слоган да го приближат до гласачот.

Во изборниот циркус повторно ќе се соочат и стари но и нови кандидати за градоначалници и советници. Сметате ли дека кандидатите можат да им понудат нешто ново на гласачите или, пак,  ќе си тераат по старо сметајќи дека граѓаните се со „кратко паметење“?

-Во моментов ние сме „отепани“ од информации. Имаме десеттина национални телевизии и голем број на социјални мрежи, Фејсук, Твитер итн. Мислам дека слоганот, не зборувам за неговиот квалитет, можеби ќе одигра одредена улога но, само доколку се наметне и стане препознатлив кај оние граѓани за кои претпоставувам дека се една третина од македонските гласачи. Тие се оние гласачи кои раскрителе и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ. Од социјалните мрежи и од телевизиите, гледам дека овие две големи политички опции нешто значат, односно по нешто се препознатливи во јавноста.

Наспроти нив, еве ќе прашам, на пример, по што е препознатлива во јавноста Ана Петровска освен дека добила отказ, или пак, на пример Данела Арсовска, доколку ја нема партиската вмровска поддршка – по што јавноста ја знае. Добро, Данела ќе речете е претседател на Сојузот на стопански комораи, но луѓето ја доживуваат како да не живее во Скопје. Ана Петровска дури во таа смисла може нешто и да понуди. Зад неа застанаа 20 невладини здруженија, но тие ја немаат силата и моќта да направат нешто повеќе, особено не, ако зад кандидатката на „зелениот фронт“ не застане некој медиум кој ќе работи за нејзино поголемо препознавање во јавноста. На само еден месец до изборите поголемиот дел од граѓаните на Скопје Петровска не ја познаваат.

За актуелниот градоначалник, Петре Шилегов партиската машинерија од конкурентскиот табор, веќе направи да биде „препознатлив“ по тоа дека нелегално ја доградил куќата. Ќе речам дека во изборниот цирукс има место за секого но, само најкративните ќе останат на сцената.

Но, очигледно е дека нема позиции за сите кандидати. Како тогаш до победа?

-Веќе реков секој може да победи доколку зад себе има добар дел од медиумите, бидејќи постојано ќе го „врти“ кандидатот и ќе ги повторува неговите пораки и слоганот. Јавноста ќе го слуша стотици пати на ден. Но, она што мене најмногу ме загрижува е големиот број на граѓани кои викаат дека нема да излезат на избори и дека ќе апстинираат од гласање. Врз нив нема да може да влијае никаква порака ниту пак, изборен слоган.

Ако имаме добар дел од граѓаните кои се определиле да не гласаат, тогаш се прашувам, како кандидатите, еве да речеме, оние што значат нешто, односно се убедени дека ќе направат нешто, ќе можат да успеат без поддршка од медиумите и без поддршка од овие гласачи. Се прашувам како успешно да се борат против двете големи политички опции? Не можат. Во таков случај сакале или нејќеле останатите граѓани ќе  си гласаат за една од двете политички опции за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ за кои порано си определиле.

Но, на  овие локални избори имаме и „нови луѓе“. Како ја оценувате одлуката на дел од партиските коалиции да застанат зад „независен“ кандидат. Каква порака му испраќаат партиите на обичниот гласач, кога со понуденото, како да сакаат да речат дека изборното шоу мора да продолжи, бидејќи победата треба да се освои по секоја цена. Што мислите дали граѓаните ги насетуваат ваквите партиски финти?

-На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ ми се чини прави еден мудар изборен потег – „немаме кандидат, но ја поддржуваме Данела Арсовска“. Со други зборови, тоа значи „еве ние партиски нема толку да се експонираме, но сметаме дека Арсовска е тој квалитетен кадар кој треба да победи на изборите“. Тие на овој начин сакаат да придобијат дел од  неопределените гласачи кои не се ниту за ВМРО-ДПМНЕ ниту за СДСМ. Сметаат на опцијата дека граѓаните ќе помислат дека гласале за кандидат кој навидум е независен и кој само „малку“ е поддржан од големата опозициска парија. Ми се чини дека нејзините шанси се големи, особено што партијата која стои зад неа, во исто време води црна кампања против актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ Петре Шилегов. Во таква кампања најмногу се слуша што говори конкуренцијата, а не што направил тој до сега.

Да, ДУИ  прва го објави слоганот, „Избери живот, гласај зелено“, но како што веќе реков, слоганот во одредени случаи не значи ништо, особено не доколку тој предизвика контра ефект и граѓаните почнуваат да се подбиваат со него.

Дали и колку партиите и кандидатите се искрени во тоа што го говорат пред гласачите?

Сега за сега имаме какофонија од говорна омраза па се до клевети. Во таков амбиент тешко се препознава нешто што е искрено и длабоко.  Се пријавија околу 300 кандидати за градоначалници. Тие во моментов се како  раштиман оркестар – свири, а вие треба да забележите дали некој од музичарите мавта со рака, ја криви главата, дали некој се насмевнува. Не можете, затоа што во исто време тоа го прават сите.  Тоа е исто и со кандидатите кои учествуваат во локалните избори. Замислете си само, кога ќе почнат да „свиркаат“ и тоа  сите – нешто свое. Што слушаме тогаш?  Ништо препознатливо.  Ако вие како гласач не препознаете „нешто“ добро кај кандидатот тогаш нема да можете да го фиксирате и нема да излезете и да гласате.  Во случајов, како ќе ги препознаете мелодиите на Ана, Бени, Петар, Александар…

Од друга старна во секое време ги имате двете опции бидејќи тие постојано се тука. Тие не „паѓаат“ ниту на локални ниту на парламентарни избори. Тие се форматираат во секое време, а ние како граѓани уште ја немаме таа доблест овие две опции да ги симнеме односно да ги смениме.

Еве ќе говорам за Левица. Лидерот на оваа партија остави некаков впечаток со неговите крајно радикални чекори. Но, човек се прашува дали треба да му верува. Ова го зборувам бидејќи  ги следам реакциите  што ги гледам и слуѓам кај граѓаните. Се прашуваат дали тоа што го зборува е „мајтап или вистина“.  Дали неговата партија има моќ нешто да направи останува да видиме, нели?

На овие локални избори имаме и актери и пејачи. Како ги коментирате ваквите кандидатури за градоначалници?

-Јасно е како бел ден дека ваквите кандидатури одат во прилог на главните односно големите партии. Замислете партија која се бави со екологија подржува уметник како свој кандидат. Навистина сметам дека таквиот избор оди во прилог на двете опции, бидејќи во таков случај гласачите најверојатно си помислуваат „подобро да гласам за големите, бидејќи овие другите не се многу сериозни“.

Б.Т.

Слични содржини