Интервју со д-р Бошковски: Очекувам бројот на дарители на ковалесцентна плазма во наредниот период да расте

од Stefanija Kuzmanovska
260 прегледи

Хуманоста и чувството да се помогне некому и да се спаси човечки живот во прв план ме водеа во изборот на мојата професија, вели во интервју за „Локално“ доктор Мирослав Бошковски од Куманово, кој пред два дена донираше крвна плазма за да го спаси животот на четириесетгодишниот пациент од Ресен.

За дарување ковалесцентна плазма се пријавил уште пред десетина дена на сајтот на Институтот за трансфузиона медицина.

Бошковски додека бил заболен од коронавирус имал средно-тешка клиничка слика и бил хоспитализиран во кумановската болница повеќе од 2 недели.

Тој ги охрабрува сите кои се опоравиле од коронавирусот да се пријават за дарување на ковалесцентна плазма.

„Дел од пациентите не се доволно информирани за дарувањето, а друг дел не ги исполнуваат сите услови. Понекогаш можеби и да постои желба, но во прашање се многу други услови кои мора да бидат исполнети“, изјави доктор Бошковски.

Наведува дека доколку сакаме што побргу да го победиме вирусот, тоа ќе го направиме само со свест и одговорност.

Што беше пресудно за да одлучите да станете лекар?

-Еден дел од мене потајно посакуваше архитектура, но желбата за медицина беше многу поголема. И покрај двоумењето, желбата да го изучувам човечкото тело кое е најсовршениот природен биолошки систем беше доминантна.

Во прв план секако тука е хуманоста и чувството да се помогне на некого и да се спаси човечки живот. Тоа ме водеше во изборот на мојата професија, а подоцна во текот на студиите и специјализацијата.

Од денешна гледна точка, го направив вистинскиот избор.

Како се информиравте дека е потребна вашата крвна група за донација на крвна плазма за заболен од коронавирус?

-За дарување ковалесцентна плазма се пријавив уште пред десетина дена на сајтот на Институтот за трансфузиона медицина и бев подготвен да ме повикаат за потребните иследувања пред дарување. Во меѓувреме на социјалните мрежи прочитав дека е потребна плазма за пациент заболен од COVID-19 кој има иста крвна група како мене, а во исто време информацијата ми ја проследи и претседателката на Лекарската комора, професорката Старделова.

Исконтактирав со Институтот. За 24 часа ги направивме сите предвидени иследувања и дарував плазма.

Се надевам на позитивен исход.

Каде вие се заразивте со коронавирус? Дали имавте изразени симптоми или пак бевте асимптоматски случај?

-Не знам ни самиот точно како се заразив со вирусот. Веројатно токму затоа и популарно се нарекува „невидлив непријател“. Никој на работното место не беше позитивен на вирусот, иако имаше постојано пациенти. Цело време користев лична заштитна опрема и дезинфициенси. Надвор одев со маска. Но, ете некако дојдов во контакт со вирусот.

Имав средно-тешка клиничка слика. Бев хоспитализиран во кумановската болница повеќе од 2 недели, каде што целиот персонал посветено се грижеше за нас и за сите пациенти инфицирани со COVID-19.

Не е ни малку лесно на ова топло време да бидете облечени во неколкуслојна заштитна опрема.

Ги охрабрувате ли оние кои го прележале коронавирусот да донираат крвна плазма?

-Секако. Тоа што за некој е само една кеса со жолта течност, за друг човек кој е сериозно болен може да значи живот.

Оваа криза, меѓу другото, е и одлична можност да покажеме дека колку што е непријателот силен, ние треба да бидеме сполтени и хумани, и да им помогнеме на оние на кои тоа им е најпотребно.

Заедно сме посилни.

Многу мал број од граѓаните се одлучуваат да донираат крвна плазма. Зошто луѓето кај нас одбиваат да донираат крвна плазма?

-Ако се земат предвид сите инклузиони критериуми за да се дарува крвна плазма, тогаш бројот на дарители и не е така мал.

Дел од пациентите не се доволно информирани за дарувањето, а друг дел не ги исполнуваат сите услови. Понекогаш можеби и да постои желба, но во прашање се многу други услови кои мора да бидат исполнети.

Очекувам бројот на дарители во наредниот период да расте.

Бидејќи сте матичен лекар, дали е голем бројот на луѓе кои се јавуваат со цел да закажат тестирање на Ковид 19?

-Ако на почетокот имаше термин за тестирање уште истиот ден, во моментов се чека и по 2-3 дена за термин за тестирање. Тоа е сосема природно, и говори дека има сè повеќе пациенти кои се загрижени за себе и за своето здравје, особено сега со растот на бројот на новоинфицирани.

Сметате ли дека се почитуваат мерките за превенција на коронавирус во нашата држава?

-Верувам дека најголем дел од граѓаните ги почитуваат мерките за превенција и спречување на ширење на коронавирусот. Но, мора да се признае дека еден дел, не ги почитува.

Ако сакаме што побргу да го победиме вирусот, тоа ќе го направиме само со свест и одговорност. Тие се поважни од сите закони и уредби.

Освен тоа, мора секојдневно да се работи на едукацијата на граѓаните и постојано да се потсетува дека непријателот е сè уште меѓу нас и не смееме да го занемариме неговото присуство.

Вашето мислење за отворањето на границите од петок без ПЦР тест?

-Верувам во стручноста на моите колеги од Комисијата за заразни болести, кои аналитички и посветено ја следат состојбата и предлагаат мерки. Но, самите рекоа дека тие можат да препорачуваат, бидејќи тоа е нивната вокација, но не и да одлучуваат. Тоа е работа на Владата.

Сериозна држава треба да ги почитува сите нивни анализи и препораки, бидејќи се фундирани на долгогодишно искуство и знаење. Многу земји веќе неколку недели имаат полабави мерки за влез/излез, но се покажа дека во некои од нив повторно има тенденција на зголемување на бројот на заболени.

Треба да се биде многу внимателен.

Иако секојдневно се зголемува бројот на заразени и починати, се повеќе се опуштаат мерките. Кое е вашето мислење за тоа?

-Мерките не може да траат во недоглед. Заострувањето на мерките во оваа фаза може да биде дури и контрапродуктивно. Луѓето сами треба да бидат свесни за целата ситуација и да водат грижа првин за сопственото здравје, а потоа и за здравјето на своите најблиски и луѓето околу нив.

Што би им препорачале на граѓаните со цел да се спречи трендот на зголемување на бројот на новозразени?

-Само со лична свест и одговорност може да победиме во оваа непредвидлива биолошка војна.

 

Стефанија Кузмановска

Слични содржини