Импресивни резултати од фабриките во технолошко индустриските развојни зони и тоа во период кога речиси и да нема бизнис кој едвај преживува на пазарот.Правејќи пресек на досегашните проекти и нивните вкупни ефекти, директорот на ТИРЗ , Јован Деспотовски во интервју за „Локално“, ја обелоденува последната анализа за месец август .
„Растот на извозот продолжува и е на највисоко ниво во последниве 4 години со над 2.3 милијарди евра за првите осум месеци од годината. Се зголемува и бројот на вработени,односно само од јануари до денес креирани се над 1.300 нови работни места“, посочува Деспотовски. За успехот се заслужни многу фактори, но најмногу – новиот концепт со кој ТИРЗ „се отворил“ кон сите дејности фокусирајќи се на напредни технологии.
„Повеќе немаме приоритетен сектор туку имаме приоритетен профил на инвеститор – се фокусираме само на квалитетни инвестиции со кои ќе обезбедиме повеќе пари во буџетот и поголеми плати за нашите сограѓани, особено за младите“, вели Деспотовски.
Ефектот според него е веќе видлив и се валоризира преку две досега најголеми поединечни инвестиции од над 100 милиони евра. Во таа насока ги споменува германската фармацевтска компанија Гересхајмер и компанијата Е.ГО која ќе инвестира во фабрика во Тетово од каде треба да излезе првиот електро автомобил од македонско производство.
Во постојано исчекување на информации поврзани со снабдувањето со природен гас, компаниите најмногу стравуваат од неговото потполно сопирање. Веќе изјавивте дека фабриките во технолошко инустриските развојни зони кои немаат друга алтернатива освен гас имаат разработено резервни планови. Што опфаќаат ваквите планови? Колку се остварливи со оглед на релативно кусиот период во кој тие треба да се прилагодат ?
Немаме проблем, барем засега, во делот на снабдување со гас и можни последици за работата на компаниите. Секако не седиме со скрстени раце. Во овие единаесет месеци откако сме соочени со енергетската криза и компаниите и ние имаме „план Б“. Наша цел е да обезбедиме што поголеми количини гас. Дел се по доста поповолна цена, а дел се по реалните пазарни цени. Со оглед на тоа дека пристап до гас има само во скопските зони, не сите компании се засегнати од овој аспект, но расте и бројот на нови компании поради што расте и побарувачката за гас.
Дополнително работиме на обезбедување нови извори на снабдување со енергија на корисниците. Во преден план се обновливите извори, а веќе изготвивме Студија за јавно приватно партнерство, што е доставена во владина процедура на одобрување. Студијата предвидува нови 40 – 45 MW капацитет за производство, како и можности за целосно искористување на кровните површини на индустриските објекти. Во меѓувреме, овозможивме компаниите, оние кои сакаат, да инсталираат соларни централи за сопствени потреби. Вложуваме во решенија што треба, на среден и долг рок, да донесат целосна стабилност во пристапот до енергија за инвеститорите.
Дали и колку во технолошко индустриските зони се чувствуваат последици од војната во Украина? Имате ли проблем со транспортот и набавката на одредени компонентни, извозот…?
-Секако дека никој не е имун на воениот конфликт кој разбирливо предизвикува и страв и остава економски последици. Енергетската криза е секако последица и на војната во Украина. Но, многу е важно во вакви времиња да не стоите само настрана, туку да делувате проактивно и да преземете соодветни механизми со кои на инвеститорите ќе им понудите гаранции за сигурна деловна клима. Сигурност влева и членството во НАТО, со што Северна Македонија добива на привлечност како дестинација за инвестирање. Во изминативе безмалку две години донеовме и нови, но ги поттикнавме и постојните инвеститори да се прошируваат.
Нашите редовни анализи покажуваат дека компаниите во ТИРЗ релативно добро се справуваат со енергетската криза и предизвиците на пазарот. Еве и последната месечна анализа за август покажува дека растот на извозот продолжува и е на највисоко ниво во последниве 4 години со над 2.3 милијарди евра за првите осум месеци од годината. Се зголемува и бројот на вработени и само од јануари до денес креирани се над 1.300 нови работни места.
Искажавте задоволство од досегашните резултати кои укажуваат дека фирмите релативно добро се справуваат со притисоците на пазарот. Кои се дејностите кои донесоа најголем обем на инвестиции и нови работни места?
-Со новиот концепт на ТИРЗ „се отворивме“ кон сите дејности и се фокусираме на напредни технологии на иднината со конкретна додадена вредност и за државата и за граѓаните. Повеќе немаме приоритетен сектор туку имаме приоритетен профил на инвеститор – се фокусираме само на квалитетни инвестиции со кои ќе обезбедиме повеќе пари во буџетот и поголеми плати за нашите сограѓани, особено за младите. Со овој паметен пристап ја веќе донесовме две досега најголеми поединечни инвестиции од над 100 милиони евра. Германската фармацевтска компанија Гересхајмер вложува над 126 милиони евра за изградба на фабрика за производство на шприцеви и медицинска опрема, и ќе исплаќа просечна плата двојно над националниот просек. Германската компанија Е.ГО исто така вложува над 130 милиони евра во фабрика во Тетово од каде треба да излезе првиот електро автомобил од македонско производство, а компанијата се обврза на просечна бруто плата од над 1340 евра.
Во тек се преговори и со американско-тајванска компанија за инвестиција од над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а нашата земја во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија. Со ова дефинитивно ја ставаме С.Македонија на мапата земји кои имаат капацитет и услови за висококвалитетни инвестиции, но и обезбедуваме инвеститори кои ќе донесат не само нови, туку и високо платени работни места. Инаку само договорите кои ги склучивме во последнава година и пол треба да донесат над 3000 нови работни места во следниве години.
Во план е, како што рековте и инвестиција од страна на американско- тајванска компанија. Треба да им се наметнеме како могу подобра опција од Србија и Хрватска, па оттука и прашањето колку успеваме во нашите обиди да бидеме атрактивни со условите коишто ги нудиме на странските компании?
-Настапуваме со отворени карти и јасни и фер правила на игра кои се исти за сите. Државната помош согласно регулативите на ЕУ не може да надмине одреден % од вкупната инвестиција, но она што не прави различни е што престанавме да бидеме предвидливи и настојување да ги разбереме потребите на инвеститорот. Вратите за сите инвеститори се отворени, но дали и каква помош ќе добијат зависи прво од анализата на нивните десетгодишни планови и профилот на компанијата.
Ги слушаме нивните барања но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив.
Огромен чекор напред е и членството во НАТО, и тоа ни е клучниот адут, особено во контекст на случувањата во Украина. Инвеститорите бараат и стабилност и предвидлива околина. Фактот што само за година и пол донесовме над 500 милиони евра инвестиции, што е речиси половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години покажува дека сме успеале со паметен пристап да се наметнеме на мапата сериозни земји за странски инвестиции.
Очекувате отворање на 3000 нови работни места со достоинствени плати кои во одредени случаи се и два пати поголеми од просечната. Дали ова значи дека конечно ставивме крај на синтагмата според која сме најмногу препознатливи поради евтината работна сила?
-Нашата порака е јасна – Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила како што порано се промовираше. Напротив. Секој наш сограѓанин заслужува плата која ќе му донесе достоен живот. И ова не е само моја желба или туку така дадена изјава. За мене беше поразителен фактот дека во технолошки напредни компании имавме плати под националниот просек. Но развивме механизми врз база на бројки и анализи и заедно со компаниите успеавме да наметнеме раст на платите во Зоните со што просечната плата во Зоните во 2021 за првпат го надмина националниот просек. И ова не мерка против инвеститорите. Отворено им кажавме дека платите за нашите сограѓани ни се важни и тие го препознаа тоа. Така во инвестициските планови кај новите, но и кај постојните инвеститори кои сакаат да вложат во нови проекти имаме веќе плати за 20% до 30% поголеми. Еве само последните две компании, Гересхајмер и Е.Го со кои постигнавме договор за инвестиции ќе исплаќаат просечни плати двојно над просекот. Значи може, но мора јасно да ставите до знаење што ви е важно. Дали сакате да се сликате и да сечете ленти или да постигнете нешто конкретно за државата и граѓаните.
Колку ќе биде од помош принципот на мобилност кој е еден од основните постулати на проектот Отворен Балкан? Кои се основните придобивки што од него ги очекувате?
-Кога ќе настапите како регион со 12 милиони луѓе станувате далеку поатрактивни за инвеститорите отколку ако настапите како помала земја. Затоа Отворен Балкан има голем потенцијал и можности кои треба да се искористат особено во делот на привлекување на инвестиции. Во рамки на овој процес веќе работиме на регионална иницијатива за соработка преку формирање на платформа која ќе ги обедини дирекциите како нашата и институциите од останатите земји кои се задолжени за поттикнување на инвестиции. Можноста за мобилност на работници во рамки на процесот исто така ќе придонесе кон раздвижување на пазарот на труд, а со тоа и кон повисоки плати. Во ова гледам и шанса за младите на кои вака ќе им понудиме можност овде да го капитализираат интелектуалниот потенцијал наместо да се селат. Ова не значи дека ни се затвора патот кон ЕУ, напротив ваквата соработка и отворени граници се само добра подготовка за она што не очекува со членството во Унијата која функционира на истиот принцип.
Македонија е релативно блиску до почеток на пристапните преговори со ЕУ. Колку овој факт ќе влијае врз зголемувањето на бројот на странски компании во ТИРЗ? Говорејќи за предностите од отворањето на преговорите, српскиот претседател Вучиќ посочи дека тие кај нашиот северен сосед значително го потмогнале растот на инвестициите.
-Членството во НАТО како гарант за стабилноста веќе покажа дека е клучен фактор кај инвеститорите при носењето одлуки особено во контекст на кризата во Украина. Ова, заедно со очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ и нашиот нов пристап во поттикнување и реализација на инвестициите и те како придонесуваат за натаму да растеме во очите на странските инвеститори. Впрочем тоа што само за неколку месеци имаме постигнато два посебни договори за инвестиции од над 100 милиони евра и сме во преговори за потенцијална инвестиција од 250 милиони евра е доволен доказ да се биде дел од вакви сојузи веќе влијае позитивно во однос на привлекување на странски инвестиции во земјава.
Колкаво е влијанието на политичките случувања во земјата врз одлуките на странските инвеститори?
-Инвеститорите бараат и стабилност и предвидлива околина. Пораката и една од клучните позиции на земјава во однос на останатите држави во регионот е тоа што имаме гарантирана безбедност и стабилност како членка на НАТО и навистина не сакам тој адут и аргумент да го изгубиме заради тоа што во земјава имаме неодговорни политички партии кои постојано тежнеат кон некаква дестабилизација а сето тоа за ситен, сопствен ќар. Искрено се надевам дека ќе сфатат оти ова се што го правиме сега е за доброто на сите. И дека инвестициите кои ги носиме не се за мене или за било кој друг политичар, туку се за сите нас. Дека со ваков пристап ќе обезбедиме нашите деца да земаат три пати поголеми плати и да живеат во напредно општество наместо да бележиме рекорди на сиромаштија и иселување.
К.В.С.