Интервју со Димитриев: Резултатот во Аеродром не е познат однапред – тоа што вели владејачката партија е нивна стара тактика за да го обесхрабрат народот да излезе и да гласа за промени

„Луѓето од Аеродром гледаат што значи „успешно владеење“ на ВМРО-ДПМНЕ – наместени тендери, раскопани улици, урбан хаос, загаден воздух и нечистотија во која се давиме“, вели во интервју за „Локално“, кандидатот на Левица за градоначалник на Аеродром, Марјан Димитриев

од Nikola Popovski
112 прегледи Фото: Левица - Аеродром

Резултатот не е познат однапред. Тоа што вели владејачката партија е нивна стара тактика – да создадат впечаток на сигурна победа за да го обесхрабрат народот да излезе и да гласа за промени, вели во интервју за „Локално“, кандидатот на Левица за градоначалник на Општина Аеродром, Марјан Димитриев за битката во оваа скопска општина.

Димитриев истакнува дека е отворен за соработка со сите што искрено сакаат промени, без калкулации и без партиски интереси.

-Реалноста е многу поинаква односно над 90% од ветената програма не е реализирана и гледаме како истите проекти ги ветуваат и во „новата“ програма. Реалноста е дека Аеродром никогаш не бил понечист, позапуштен и урбанистички уништен, посочува Димитриев за програмата на неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески.

Кандидатот на Левица посочува како луѓето се уморни од партиска уцена за работни места и најавува дека доколку стане градоначалник ќе отвори систем за јавни конкурси со транспарентни критериуми и дигитален регистар за секое вработување.

Ако ја добие поддршката од граѓаните, Димитриев објаснува дека во првите 100 дена ќе воведе ред, контрола и отчетност во секој сегмент на општината. Најавува ревизија на сите постојни договори и тендери, со цел да се спречи понатамошно испумпување на јавни пари и да се покаже вистината каде завршува народниот буџет.

Влегувате во битка за градоначалник на Аеродром, една од општините во која актуелната владејачка партија вели ќе победи уште во првиот круг. Каква е вашата реакција на овие изјави, се знае ли однапред резултатот во Аеродром?

-Не, резултатот не е познат однапред. Тоа што вели владејачката партија е нивна стара тактика – да создадат впечаток на сигурна победа за да го обесхрабрат народот да излезе и да гласа за промени. Но граѓаните во Аеродром одамна им го прочитаа сценариото. Луѓето гледаат што значи нивното „успешно владеење“ – наместени тендери, раскопани улици, урбан хаос, загаден воздух и нечистотија во која се „давиме“. Овој пат народот ќе одлучи, не партиските штабови.

Очекувате ли поддршка од другите опозициски партии доколку успеете да ја „преживеете“ првата фаза од изборите?

-Ајде прво да го поминеме првиот круг, па после ќе збориме за тоа. Не брзам со комбинации и договори, прво треба народот да си го каже своето. Но да, отворен сум за соработка со сите што искрено сакаат промени, без калкулации и без партиски интереси. Секој што мисли дека Аеродром заслужува повеќе е добредојден.

Марјан Димитриев/Фото: Фејсбук

Вашиот противник вели дека во актуелниот мандат покажал како успешно се води општина и како се реализираат ветените проекти. Вели и дека Аеродром да биде општина за живеење, а не за бизнис и таа да продолжи да биде зелена и мирна општина. Како би одговориле на овие тврдења?

-Реалноста е многу поинаква односно над 90% од ветената програма не е реализирана и гледаме како истите проекти ги ветуваат и во „новата“ програма. Реалноста е дека Аеродром никогаш не бил понечист, позапуштен и урбанистички уништен.

Кога самиот градоначалник ќе каже дека „Аеродром е спална соба на Скопје“, а нема ниту план ниту визија да го промени тоа, тоа зборува сè — за нивната неспособност и нестручност.

Ние имаме визија и конкретен план како да ги промениме работите и да ја развиме локалната економија во Аердром. Пред се мислам на неколку капитални проекти кои ќе ја променат сликата на „спална соба на Скопје“ а тоа е изградба на Аеродромска Чаршија, изградба на Технолошки Парк како и конечно изградба на Дом на Културата за конечно аеродромци да гледаат театар, изложби, мали концерти и итн.

Граѓаните како повеќе да се заинтересирани за дали ќе се вработат во некоја институција, отколку за решавање на реалните проблеми, па гласовите одат каде што ги носи „полниот џеб“. Како во таква ситуација можеме да очекуваме било какви промени во општината?

-Со чесност и личен пример. Луѓето се уморни од партиска уцена за работни места. Ќе отворам систем за јавни конкурси со транспарентни критериуми и дигитален регистар за секое вработување. Промената не почнува со парола, туку со фер шанса за секого. А кога ќе ја видат првата неправда исправена, тогаш народот сам ќе стане најсилниот сојузник.

Гледате ли заситеност кај граѓаните во Аеродром од владеењето на двете најголеми партии со општината? Може ли поинаку да се развива општината од досега виденото? Како да се истрае во спрегата со големите бизниси?

-Да, заситеност има – тоа го слушам на терен на средби со граѓаните.  Гледам дека луѓето се разочарани што секогаш истите лица, истите ветувања и истите оправдувања. Две децении двете политички партии ја користат општината како приватна фирма.

Аеродром може поинаку – со план, контрола и јавен интерес во прв план. Наместо непрегледен бетон, ќе вложуваме во јавни простори и зелени зони. Наместо договори под маса – јавни конкурси и транспарентност. Со тоа се руши спрегата со бизнис-елитите, чекор по чекор.

Фото: Левица – Аеродром

Како партија тврдите дека се подготвува терен за приватизација на комуналните претпријатија, пред се Комунална хигиена, поради големиот проблем со отпадот. Можно ли е решавање на ситуацијата само со целосна реорганизација и зголемување на механизацијата за претпријатието, што е со кадарот и платите на вработените?

-Може и мора. Приватизацијата ќе значи само повисоки сметки и помалку контрола. Решението е реорганизација а не распродажба на се што е државно.

Впрочем, во изминатиот четири годишен период истрошени се над 3 милиони евра на приватни фирми за чистење на Општината а резултатот од ова е Аеродром никогаш не била по нечиста и позапуштена општина. Затоа реорганизација на Јавното комунални претпријатие во рамки на општината и конечно да ставиме крај на ова нечистотија.

Работникот мора да биде мотивиран, а системот ефикасен. Чист Аеродром не се прави со кампањи, туку со луѓе и опрема што работат секој ден. Планираме зголемување на бројот на вработени во ЈП како и зголемување на финансискиот дел кој што го добиваат.

Што би можеле да промените во Аеродром во првите 100 дена од вашето владеење, доколку граѓаните ви ја дадат довербата?

-Во првите 100 дена ќе воведеме ред, контрола и отчетност во секој сегмент на општината. Ќе извршиме ревизија на сите постојни договори и тендери, со цел да се спречи понатамошно испумпување на јавни пари и да се покаже вистината каде завршува народниот буџет.

Ќе го реорганизираме јавнито претпријатие, за конечно Аеродром да биде чист, а не запуштена општина без ред.

Првите 100 дена ќе бидат симбол на промена — крај на неказнивоста и почеток на ново, чесно управување со Аеродром.

Левица полека, но сигурно се претвора во втора политичка сила во земјава. Какви се вашите амбиции за понатаму, дали останувате дел од партијата и ќе продолжите да учествувате во нејзиниот подем?

-Јас сум дел од Левица и ќе останам. Левица е гласот на луѓето што не ги слуша никој – работници, млади, чесни граѓани кои не припаѓаат на партиски табори.

Нашата цел е да изградиме систем каде што јавниот интерес ќе биде над приватниот профит. И да покажеме дека може и чесно, и успешно – ако има волја, знаење и одговорност.