Интервју со Кабранова, психолог: Пријавете насилство! Булингот остава и физички и емоционални лузни!

Детето донесува заклучоци, врз база на она што му се случува, од типот „Не вредам“, „Не се снаоѓам добро“, „Другите не ме сакаат“ итн. Доколку не добие помош во правилно процесирање на емоциите предизвикани од булингот и помош при правилно резонирање тогаш ваквите негативни уверувања ќе влијаат на понатамошниот живот

од Vladimir Zorba
133 прегледи

Меѓуврсничкото насилство, или булингот, е сериозен и комплексен проблем кој сè почесто станува тема на разговор во училиштата, како резултат на сè позачестените инциденти на вербално, физичко или социјално насилство меѓу учениците.

Тоа претставува повторувано агресивно однесување што ја нарушува психолошката стабилност на жртвите и остава трајни последици врз нивната емоционална состојба. Оваа појава, за жал, има влијание не само врз жртвите, туку и врз насилниците, училиштето како целина, и поширокото општество.

Последните препораки во училиштата, како што се забраната за користење мобилни телефони за време на наставата и зголемената контрола во училишните дворови, како и најавите за понеделнички разговори за врсничко насилство на првите часови, покажуваат дека почнуваат да се преземаат чекори за справување со проблемот. Сето ова е важен потег за подигнување на свеста и превенција. Но, овие мерки мора да бидат надополнети со психолошка поддршка и соработка меѓу наставниците, родителите и учениците.

Во интервју со психологот  и психотерапевт под супервизија, Елена Кабранова, настојуваме да отвориме поширока дискусија за булингот (или силеџиството) и неговите последици, но и да ги поттикнеме учениците, наставниците и родителите да преземат активна улога во создавањето на безбедна и поддржувачка училишна средина.

Кабранова нуди конкретни совети за справување со овој проблем и објаснува како раното препознавање и реагирање можат да го спречат развојот на сериозни емоционални и психолошки проблеми кај младите.

Булингот е честа појава во многу училишта, но како можат учениците да препознаат кога некој е жртва на булинг? Кои се најочигледните знаци што треба да ги забележат наставниците, родителите и самите ученици?

-Она што прво се забележува кај жртвите на булинг се физичките знаци како модринки, лузни, изгореници, исекотини, искината облека итн. На психолошки план ученикот може да се повлече, да стане раздразлив, да развие невобичаени стравови, да стане безволен, незаинтересиран, да има страшни соништа. Во училиштето забележуваме пад на успехот, често отсуство од настава, неносење домашна работа, избегнување на одговорност и учество во разни активности. Знаци за препознавање има многу, и во главно тоа е се’ она што отскокнува од вообичаеното однесување на ученикот. Според Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување донесено од Министерството за образование и наука, (МОН), секој е должен да пријави насилство било да се случува во училиштето, училишниот двор или на патот кон и од училиштето.

Какви последици може да има булингот врз учениците, не само во моментот кога се случува, туку и на подолг рок? Како влијае на самопочитта и емоционалната благосостојба на жртвата?

-Последиците од булингот може да бидат моментални додека се случува или пак долготрајни, ако се работи за некоја физичка повреда  која оставила трајни последици по жртвата, како на пример, лузни по телото. Лузните може да бидат  и емоционални и да влијаат на тоа како личноста се доживува себе си и во возрасниот период, како комуницира со другите, колку ќе има доверба во другите итн. Булингот е навистина штетна појава посебно за психолошката благосостојба на ученикот затоа што тој е исплашен, осамен и немоќен да се справи со сторителите кои вообичаено се повеќе и се поголеми и помоќни. Се плаши да сподели заради закани дека ќе го снајде полошо, па така многу е важно другите околу него да препознаат дека нешто се случува. Жртвата може да се обвинува себе си за она што и се случува. Може да мисли дека нешто не е во ред со неа и затоа ова и се случува. Намаленото чувство на вредност и вината може да ја носи и понатаму во животот. Детето донесува  заклучоци, врз база на она што му се случува, од типот „Не вредам“, „Не се снаоѓам добро“, „Другите не ме сакаат“ итн. Доколку не добие помош во правилно процесирање на емоциите предизвикани од булингот и помош при правилно резонирање тогаш ваквите негативни уверувања ќе влијаат на понатамошниот живот.

Кога ученик е жртва на булинг, какви конкретни чекори треба да преземе? Каде и на кого треба да се обрати за помош, и како можат наставниците и другите ученици да помогнат во заштита?

-Постапката за пријавување насилство е многу добро објаснета во погоре споменатото Упатство. Упатството е достапно на страната на Министерството за образование и наука како и на веб страниците на училиштата. Секој треба да биде информиран за ова Упатство за да ги знае своите обврски и одговорности. Секое училиште треба да определи лице – контакт за пријавување насилство. Пријавувањето може да биде анонимно во кутија за пријавување која треба да ја има секое училиште или пак да биде лично. Најпрво булингот се прекинува и тоа е обврска на секој вработен во училиштето кој има информација дека се случува или е  директен сведок. Се смирува ситуацијата и потоа се истражуваат околностите под кои се случува булингот. Се преземаат мерки за заштита на жртвата и сторителот согласно проценката на нивните потреби. Доколку инцидентите се од поголем размер и има физички последици тогаш можат да вклучат и други институции како полиција, здравствена установа, центар за социјални работи итн. Се разговара со сите инволвирани вклучително сведоци за да се добие целосна слика за настаните и да се преземат соодветни мерки. Секако, вклучени се и родителите на децата и оваа соработка е многу важна  за надминување на последиците и запирање на булингот.

Како можат училиштата да создадат средина во која булингот нема да биде прифатен? Какви активности и стратегии може да се применат за да се поттикне почитување, соработка и инклузивност меѓу учениците?

-Креирањето на мирољубива средина во која владее меѓусебна почит, соработка и инклузивност е комплексен процес и влијание имаат голем број на фактори во и надвор од училиштето. Начинот на воспитување во домот е најважен. Вредностите по кои живеат семејствата треба да бидат ненасилност, разбирање, почит, толеранција, прифаќање. Децата би ги прифатиле овие вредности како свои доколку родителите ги моделираат преку своето однесување. Ова важи и за наставниците. Возрасните треба да бидат позитивен модел од кој децата ќе учат како да се однесуваат. Што се однесува до училиштата, потребни се јасни правила на она што е прифатливо и постојана примена на правилата. Потребни се програми за социо–емоционален развој, добросостојба и ненасилно однесување во чие реализирање треба да бидат вклучени што поголем број на учесници. Воннаставните како и наставните активности треба да бидат спроведувани на начин кој промовира соработка, љубезност, толеранција, вклучување. Потребна е соработка и разбирање помеѓу родителите и училиштата и споделување на заедничка грижа за добросостојбата на учениците.
Добро е да знаеме што е булинг, насилно однесување, видови на насилство, причини, последици итн. но треба да зборуваме и за емпатичност, љубезност, добрина, хуманост. Кога би ги развивале позитивните вредности кај учениците и кај себе си – тогаш ќе се намали непосакуваното однесувањe.

Р. А.

Слични содржини