Интервју со Филип Темелковски, градоначалник на општина Кисела Вода

од Vladimir Zorba
378 прегледи

Во каква состојба ја затекнаве Општината во финансиски, кадровски и просторен аспект?

Буџетот за 2018  и завршната сметка се донесени. Исполнувањето за жал е многу мало негде над 50 проценти. Вкупниот буџет е околу 550 милиони денари. Со тоа се покажало дека 2017 била една од најтешките години за општината Кисела Вода, со многу малку инвестиции при што сепак треба да се земе предвид дека немаше ниту  влада до јуни месец и уште едни избори. Локалните избори беа во октомври со тоа што во општина Кисела Вода имавме и втор круг и јас, мојата позиција како градоначалник ја превземав на 5 ноември 2017 година.

За оваа година Буџетот е околу милијарда и 100 милиони денари. Работиме заеднички да го исполниме тој дел особено приходната страна за да можеме да ја исполниме и расходната страна на буџетот.

За тоа во каква состојба ја најдовме општината ќе почнам од финансискиот дел.

Општина Кисела Вода е меѓу средно задолжените. На 5 ноември долгот кон фирми изведувачи на територија на Кисела Вода изнесуваше 178 милиони денари. Дополнително има кредит што се враќа во Светската банка до 2022 година и позајмица од Владата на РМ. Доколку се земат предвид и долговите на училиштата задолжувањето е околу четири милиони и 200 илјади евра вкупно.

Обврските се одовлекувани и се трошеле многу повеќе отколку што се прибрани пари, тоа е целата работа. Многу повеќе се трошело. Особено сметам дека непрактично се трошеле парите, значи едни исти проблеми се одоговлекуваат со години и некако треба да се најде долготрајно решение. Најголеми долгови имаме кон фирми изведувачи за канализација, водовод и крпење ударните дупки.

Како Општината планира да се справи со долгот?

Тој дел го менаџираме со администрацијата и пред се со добавувачите. Сега за сега имаат разбирање по однос на долгот и моделот по кој ќе ги враќаме парите, така да сметаме дека со подомаќинско работење може да се врати тој долг во наредните две години поточно во текот на мандатот да се стабилизира долгот на некое нормално ниво, да остане само кредитот, кој е заемен за изградбата на градинката во Пинтија.

Филип Темелковски

Што е тоа што треба да се смени за состојбите во општината да бидат подобрени?

Најмногу работиме на фекалната канализација во Усје, Стаклара и секундарната мрежа во Градинар и меѓу поголемите се неколку улици целосно со проекти за изведба, затоа што не сакаме да одиме на варијанта само на пополнување на дупките, туку на целосна реконструкција на улиците. Тоа се две улици во Драчево, една во Пинтија и неколку улици во урбаниот дел на општината Кисела Вода.

Она што треба да работиме е да вложиме и во доедукација на кадарот во Оптшината која е превработена.  Има сектори кои се превработени и не се продуктивни, а имаме сектори каде ни недостасуваат вработени, како што е Секторот за инспекциски работи каде што имаме 12 вработени со комуналните редари. А ние како инспекциска служба ги покриваме и  Студеничани и Зелениково. Имаме само двајца градежни инспектори, еден за екологија и еден за домување.

Ќе ни биде потребна целосна реорганизација и нова систематизација на општината преку која ќе се види кои се непродуктивни места и да се укинат, а во одредени сектори да се прераспределат вработените.

Каква е соработката со бизнис секторот во општината?

Имавме две средби на Советот на стопанственици што функционирал до пред пет години. Сега сакаме да го возобновивме, со тоа што да биде двонасочен. Како општина да видиме кои од условите треба да ги подобриме и да го застапуваме бизнис секторот и пред централната власт доколку треба, а од бизнис секторот бараме поголема општествена одговорност и да и помогнат на општината за одредени работи. Заедно да работиме на проекти кои се од интерес на општината.

Филип Темелковски

Она што е приоритет за бизнис секторот е пред се гасификацијата.  Се бара што побрзо да се спроведе на територија на Кисела Вода, бидејќи ние сме една од општините што многу бргу и лесно може да го почне процесот на гасификација, бидејќи примарната мрежа завршува во  кај Охис. Така што многу брзо може барем бизнис секторот да го гасифицира или индустриските зони кои се на територија на Кисела Вода, а тие се околу фабриката Усје, и после Пинтија, помеѓу Пинтија и Драчево. Бараат побрза соработка со општината поточно побрзо вадење на документацијата, да се намалат административните пречки кои ги имаме ние како општина  за да може нормално да функционираат.

Планираме заедно со ценатралната власт и со Градот Скопје, веќе во октомври барем делот на Стаклара и Усје да добијат кубици на гас, а инаку за целосна гасификација на општината минимум пет години ќе бидат потребни. И домаќинствата да се опфатат.

За тоа се тука вклучени Градот Скопје и централната власт каде што се прават тие физибилити студии и да се види каде е најисплатливо да се оди со БЕГ како енергенс, а каде со гасификацијата.

Првично околу 14 милиони евра ќе биде целосниот проект, само за Кисела Вода со вклучен приклучок за домаќинствата. Се прави стратегија доколку во еден град плаќа државата за приклучок секаде да плаќа, ако плаќаат граѓаните за приклучок секаде ќе плаќаат граѓаните. Се уште не е утврдено. Ние ќе почнеме веќе со ископи, ќе работиме многу повеќе на подигнување на свеста дека треба да се приклучат. Знаеме дека гасификацијата е нешто ново за нас, можеби има и одбивност од страна на граѓаните и тоа е дел од проблематиката. Така да и како општина и како централна власт многу повеќе ќе работиме на промоција на самиот проект за да се види кое е доброто кое го добиваат  граѓаните.

Филип Темелковски

Кои се приоритетите за општината?

Приоритети пред се, се проектната документација за да може да конкурираме и на централно ниво, во институциите и во меѓународните институции.

Проектите за Кисела Вода се многу скапи и затоа по еден до два ни одобруваат во годината. Моментално имаме три проекти што се одобрени, делот за рурален развој ни е одобрен, тоа е изведбата поточно правењето носењето на детален урбанистички план за село Усје, село Драчево и изградбата на Домот на културата во село Драчево. Тие трите се преку Агенцијата за рурален развој која што влече пари од ИПА фондовите.

Со Светската банка имаме потпишано и договор за соработка за целосна атмосферска канализација во Пржино, околу 5,5 километри со кој ќе бидат опфатени 27 улици.  Вредноста е два милиони евра. Чекаме некои технички работи да ги завршиме и процедурални да се пушти тендерот за најдобар понудувач и веќе да почнеме. Со тоа ќе се намали ризикот за поплавување и на Црниче и на Цветан Димов.

Второ приоритет ни е реорганизација на луѓето кои се грижат за јавната хигиена, бидејќи општина Кисела Вода е една од највалканите општини. Тука мора да поработиме заедно и со граѓаните и со Градот Скопје. Комунална хигиена е надлежна за делот проблематиката, за дел сме ние како општина и кај самите граѓани свеста да поработи. Премногу пари се трошат само на собирање на сметот по јавните површини.

Ние имаме 70 вработени кои се грижат за јавната хигиена, а знаеме дека нема ефект. Парите се одлеваат, ефектот не е доволен. Тоа што го најавивме многу повеќе ќе работиме преку месните заедници, тоа го правиме сега. Едно од првите задолженија ќе им биде да седнат да разговараат со тие вработени, ќе си добијат насоки како што планираме ние како општина за да се зголеми нивната продуктивност или нивниот ефект.

Важно ни е и загадувањето и чистотата во целиот процес. За оваа година тоа што планираме е да се земат два мобилни мерачи за квалитетот на возедухот и за бучавоста и со тоа да се лоцираат пред се на микро ниво загадувачите што се на територија на општина Кисела Вода. Влезени се во буџетската програма за 2018, се надевам дека во поскоро време ќе ги завршиме сите технички работи кои ни се потребни за да ги набавиме тие два апарата.

Филип Темелковски

На територија на Кисела Вода има повеќе индустриски капацитети што се посочуваат како загадувачи. Каква се вашите сознанија за работењето на Усје и што се случува со Охис?

За цементарната ме уверуваа дека е првата фабрика која што ги ставила филтрите со највисоки стандарди. Таму двапати е извршен надзор од  Министерство за животна средина, пред се во вечерните часови и досега не се утврдени неправилност. Во наш интерес е да видиме дали е точно или не. Нашиот инспектор редовно ја врши таа работа.

Во однос на Охис имав средба и со Министерството за животна средина и со Инспекторатот да видиме како да најдеме решение. Информациите се многу мали како општина. Тоа што ни го кажаа од Министерството е дека таму има две депонии мала и голема. За малата веќе се најдени пари и ќе се почне чистењето.

Во Охис има уште многу хемикалии останати познати и непознати, треба да се исчистат. Јас имав средба со стечајниот управник каде што ми беше кажано дека во текот на годината треба да се исчисти за да се продаде.

Откако би се исчистила добра идеја е таму да се направи убав парк каде ако се оди по светските теркови да задржиме две хали од Охис, едната за музеј, другата за дискотеки. Треба да се пресмета што е подобра и за граѓаните и за самото место. Ќе видиме како ќе оди продажбата на Охис.

Работиме и на збратиумување со општини и веќе сме во процес на збратимување со градови од Бугарија и така да можеме заедно да аплицираме на дел од проектите каде што е потребно и некој од ЕУ да аплицира.

Аплициравме во Министерството за труд и социјална политика за кофинансирање за изградба на градинка. проектот е направен аплициравме во МТСП за кофинансирање на проектот и доколку не биде одобрен ние сами ќе го изведеме. Ќе почнеме 2018 да ја градиме градинката во Драчево. Ќе се прави проекти  за нова градинка за околу 200 деца во Расадник.

Ние имаме проблем со градинките бидејќи многу малку градинки се изградени. Само се адаптирани во Пржино и во Пинтија кои не го решаваат проблемот. Ние имаме голем број  деца кои чекаат да бидат запишани, преку 650 во моментов. Беа 800, сега е 650 што е огромна бројка или најголема во државата.

Од септември очекуваме да имаме проблем и со капацитетот и во некои училишта. Одредени училишта веќе имаат проблем со капацитетот и „Невена Георгиева Дуња“ е ново училиште но не е направено со поголем капацитет. Почната е изградба на спортска сала во ОУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево заедно со Кинеската амбасада, а ќе се реновира и училишната сала во „Н.Г.Дуња“ дел со средства од Општината, дел со грант и со помош на државата.

Во делот на основното образование одлучивме од септември општината да го покрива обезбедувањето во училиштата.

Организиравте и реализиравте средби во урбаните заедници. Што е она што го слушнавте од граѓаните, што се нивните потреби?

Во урбаниот дел најмногу се жалат пред се на паркирањето, хигиената.  Секаде има поплаки. Јавниот сообраќаен превоз, иако не е наша надлежност се истакнува дека му треба реорганизација по однос  каде и како се движат автобусите. Ние како К.Вода имаме малку конекции со градот. Имаме три автобуски линии, тоа се 41, 4, 24 и 16.

Филип Темелковски

Каква е состојбата во општината со градбите и деталните урбанистички планови?

Работиме на промена на еден урбанистички план бидејќи имаше поплаки од граѓани каде ќе ги намалиме дел од градбите и дел нема да постојат, а носиме и сосема нов детален урбанистички план за Расадник.

Проблемот со Општина Кисела Вода е многу малиот број детални урбанистички планови кои се во согласност со генералниот урбанистички план. Тоа значи сите новоградби се сконцентрирани во три детални урбанистички планови. Тоа е Ј-10, Ј-8 кој што го опфаќа делот од Шампионче до Подвожњакот и третиот е за Црниче. И сите градби се таму и затоа имаме проблем, пред се негодување од страна на населението, бидејќи капацитетот на водоснабдувањето, капацитетот на одводот таму веќе станува недоволна и се доведуваат во прашање основните услови за живот во урбаниот дел.

Нема ниту еден парк, нема ниту еден паркинг, паркинзите се дополнителни проблеми во урбаниот дел.

Најмногу ќе се гради во Расадник. Тоа што го затекнав беше огромни блокови кои се планираат што нема никаква хуманост во живеењето, многу малку простор е предвидено за општествени работи. Така што сметаме таму каде што е државно земјиште, освен таму каде што има потреба од образование би требало да има паркови, катни гаражи и се останато. Ќе ги смениме и тие блоковски системи на функционирање кои се катастрофални.

Работиме на промена на еден урбанистички план бидејќи имаше поплаки од граѓани каде ќе ги намалиме дел од градбите и дел нема да постојат, а носиме и сосема нов детален урбанистички план за Расадник.

Општината ја имаат уништено два популистички закона оној за денационализација и за легализација на дивоградбите. Со тие два закона е направен урбанистички хаос и тие два закона многу малку простор ни даваат и на моите претходници и на мене за креирање на било што би било убаво на општината.

Сузи Котева Стоименова

Извор: МИА