Интервју со Ѓорѓиевски: Очекувам победа уште во првиот круг за Град Скопје и не правам други сценарија

Апсолутно верувам во одлуката што ќе ја донесе Мицкоски за кандидатот за градоначалник на Скопје - ние сме тим кој игра за победа, вели градоначалникот на Кисела Вода во интервјуто

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Кога имаш реални дела зад себе, кога секојдневно се среќаваш со задоволни граѓани, кога со нив заеднички ги одредуваш приоритетите и буџетот го креираш по нивна мерка – тогаш знаеш дека ВМРО-ДПМНЕ нема конкуренција. А да бидам искрен, би сакал да има затоа што вистинската конкуренција значи натпревар во идеи, проекти, визии – а не во омаловажување и дезинформации. Но очигледно е веќе каков ќе биде стилот со кој дел од опозицијата ќе влезе во избори – со лаги и потценување на народот. Тоа не е визија, тоа е очај, вели во интервју за „Локално“, градоначалникот на Општина Кисела Вода и прв човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски запрашан за неговите проекти и дела по обвинувањата на дел од опозициските партии.

Градоначалникот најавува дека со координирана работа меѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода, ќе може да се довршат сите главни сообраќајници како што е булеварот „Борис Трајковски“, реконструкција на улиците кои се главни артерии на сообраќајот и чистење на контејнерите од страна на ЈП Комунална хигиена, кои се во нивна надлежност, како и да се овозможи чистење и одржување на парковите…

Запрашан за инспекциите во неговата општина на објектите од јавен карактер, Ѓорѓиевски посочува дека по настанот во „Пулс“, состојбата во Кисела Вода е стабилна. Таму каде што беа откриени одредени пропусти – веднаш се побарало реакција од директорите, во координација со општината, за нивно навремено отстранување. Во однос на вонредните контроли кои се прават во станбените згради, констатирани се пропусти во главно во старите градби, но, како што се вели работи на надминување и на тој проблем.

-На следната седница на Советот, ќе предложам преку ребаланс на буџетот да издвоиме средства за субвенционирање на поставување хидрантски мрежи во згради каде што ги нема. Сакаме да помогнеме во делот на инфраструктурата, но и да бидеме јасни – по завршување на овој процес, ќе следуваат строги санкции за оние кои нема да го испочитуваат законот и стандардите, истакнува првиот човек на Општина Кисела Вода.

Околу трката за градоначалник на Град Скопје на престојните локални избори, Ѓорѓиевски вели дека воопшто не гледа на случувањата во партијата како на судир, откако и неговиот сопартиец и актуелен министер Златко Перински цели кон функцијата „градски татко“ на Скопје.

-Што се однесува до изборот на кандидатот – јас апсолутно верувам во одлуката што ќе ја донесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој и досега покажа дека внимателно ги следи пораките што доаѓаат од народот, дека се води од јавното мислење, од истражувањата на јавното мислење и резултатите за тоа кој досега што постигнал. А ние сме тим кој игра за победа, дециден е Ѓорѓиевски.

На прашањето дали би одел со втор мандат за Кисела Вода доколку изгуби во внатрепартиската битка, актуелниот градоначалник порача: „Очекувам победа уште во првиот круг за Град Скопје и не правам други сценарија“.

Има ли ВМРО-ДПМНЕ конкуренција во Кисела Вода? Опозицијата, во лицето на Левица, вели дека не сте исполниле ни пола од ветувањата…

-ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија со докажан капацитет која што секогаш знаела да препознае и поддржи кадар кој има резултати зад себе. Како градоначалник на општина Кисела Вода, верувам дека нашата работа на терен најдобро зборува за нас. Кога ќе ги погледнете податоците, ќе видите дека за овие 3 и пол години, јас како градоначалник имам реализација од над 95 проценти од изборната програма. Но тоа не се само бројки, туку конкретни, видливи проекти – спортски комплекси, детски градинки, асфалтирани улици, иградени канализации и водоводни мрежи на кои се чекало повеќе од 30 години, изградба на нови училишта и градинки, силни социјални програми и урбанистички решенија кои го менуваат секојдневието на граѓаните.

Затоа на обвинувањата на одредени политички субјекти, особено од Левица, одговарам со една препорака – да излезат од канцеларија и да прошетаат низ Кисела Вода. Ќе го видат целосно променетиот лик на општината, ќе ги сретнат граѓаните кои се сведоци и корисници на тие проекти. А ако сѐ уште не им е јасно – нека ги прашаат тие граѓани. Народот најдобро знае. Тој ги живее промените и токму тој е најголемиот арбитер. За жал, кога не постојат проекти и идеи, остануваат лаги. А кога тие лаги се евтини, прозирни и навредувачки за интелигенцијата на народот, тогаш народот има обичај да ги казнува на избори. Ние не смееме и нема да дозволиме некој да ја потценува свеста и трпението на граѓаните со флоскули и измислици, со ‘кованици’ што служат само за кликoви на Фејсбук од нивните сопартијци. Токму затоа, кога имаш реални дела зад себе, кога секојдневно се среќаваш со задоволни граѓани, кога со нив заеднички ги одредуваш приоритетите и буџетот го креираш по нивна мерка – тогаш знаеш дека ВМРО-ДПМНЕ нема конкуренција. А да бидам искрен, би сакал да има. Затоа што вистинската конкуренција значи натпревар во идеи, проекти, визии – а не во омаловажување и дезинформации. Но очигледно е веќе каков ќе биде стилот со кој дел од опозицијата ќе влезе во избори – со лаги и потценување на народот. Тоа не е визија, тоа е очај.

Кисела Вода е една од најголемите општини во Скопје, а тоа само по себе носи одредени последици како што е огромниот метеж, лошата патна инфраструктура, во самиот влез на општината се гледаат автомобили паркирани на тротоарите, многу неорганизирани едносмерни улици, дали нешто се презема во однос на овие проблеми?

-Кисела Вода навистина е една од најголемите и најстарите скопски општини, но најголемиот предизвик со кој се соочивме не е во површината или староста – туку во последиците од наследената негрижа. Децении наназад, оваа општина беше водена без визија, без стратегија, без елементарна грижа за основните потреби на граѓаните. Цели населби беа без асфалтирани улици, без водовод, без канализација… Тие проблеми не се решаваат со магично стапче, но со посветеност, храброст и упорна работа – можат. Кога ја презедов функцијата, наследивме општина со над 3 милиони евра долгови, улици кои не биле реконструирани со децении, листа на чекање од над 450 деца за запишување во градинка, план за ДУП за Расадник со предвидени 99 згради…

Денес, по само неколку години, сме на прагот целосно да ја елиминираме таа листа преку изградба на нови градинки и проширување на капацитетите. Изградивме над 1.500 нови паркинг-места, иако ветувањето во програмата беше 1.000 во текот на 4 години. Се спречи изградба на над 100 згради во Расадник, и за првпат после земјотресот од 1963 година, се организираше меѓународен конкурс за идејно архитектонско решение за тој простор. Сега веќе зборуваме за општина во која се гради ново училиште, а останатите се прошируваат, реновираат и на кои им се поставуваат фотоволтаици, општина во која изградивме паркови и зелени површини на површина од 80.000 m2, преку 20 спортски терени, реконструиравме училишни сали, израдивме нова во Пинтија, а наскоро ваква сала ќе градиме и во ООУ “Кузман Јосифовски Питу” и во ПОУ “Круме Кепески”, општина со два пазари, кино сала, библиотека, реновирани домови на културата, богата културна програма по која станавме препознатливи во градот. Тоа е вистинска грижа за јавниот интерес. Што се однесува до патната инфраструктура – речиси цела патна мрежа е реконструирана, а во делот на регулацијата на сообраќајот – интензивно се работи на нови решенија, но за жал, мора да укажам дека тие решенија се под директна надлежност на Град Скопје. И тука Скопје, за жал, немаше среќа да добие градоначалник кој има капацитет, знаење и волја да го решава сообраќајниот хаос. Верувам дека тоа ќе се смени по следните избори – кога граѓаните ќе одберат квалитетно и одговорно раководство и за градот и за општините. Јас силно верувам дека со координирана работа меѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода, ќе можеме да ги довршиме сите главни сообраќајници како што е булеварот „Борис Трајковски“, да ги реконструираме улиците кои се главни артерии на сообраќајот и да обезбедиме чистење на контејнерите од страна на ЈП Комунална хигиена, кои се во нивна надлежност, да овозможиме чистење и одржување на парковите… Услуги што се нормални и граѓаните и сега ги плаќаат, но за жал не ги добиваат. Секако дека проблеми има и ќе има – но разликата е во тоа дали некој ги решава. Уверени сум дека со оваа динамика на работа, со поддршка и визија, Кисела Вода ќе стане симбол на новото Скопје – град во кој се живее достоинствено, без метеж, со инфраструктура што го следи развојот, со култура, со паркови и со почит кон секој граѓанин.

Како ја оценувате динамиката на работа со спортскиот комплекс Расадник, кој е симбол на Кисела Вода? Од СДСМ велат дека таа е разочарувачка а граѓани се жалат и на проблемите околу објектот, кои дополнително го нарушуваат секојдневието на граѓаните…

-Жално е кога ќе се види обид да се омаловажи ваков мега-проект, кој никој претходно не се осмели ниту да го започне. Станува збор за објект кој е симбол на Скопје, симбол на Кисела Вода, и кој денес е во напредна фаза на изградба. Секој што минува таму може да ја почувствува енергијата и промената — објект што со децении беше запуштен, конечно се гради и наскоро повторно ќе биде место на спортски настани, на нови спортски имиња и успеси, како што беше некогаш. Повторно ќе биде гордост на Скопје и на Македонија. Градежните активности се одвиваат со одлична динамика, и со гордост можам да кажам дека многу брзо „Вардарци“ ќе се вратат дома – таму каде што припаѓаат.

Јас сум сигурен дека граѓаните повеќе би ги ценеле и поранешните и сегашните политички актери, вклучително и СДСМ, ако барем еднаш пофалат нешто што е објективно добро. Наместо тоа, за жал, гледаме создавање непостоечки проблеми и ширење дезинформации. Очигледен е стравот од успехот кој го постигнуваме. Не сфаќаат дека функцијата градоначалник не е само власт, туку и одговорност, чест и можност да се создава, да се реализира дури и она што изгледа невозможно.

Во таа насока, сакам јавно да се заблагодарам на Министерството за спорт и на министерот Борко Ристовски за поддршката и обезбедените средства. Благодарение на таа заедничка посветеност, го враќаме спортот, го враќаме „Вардар“ и ја враќаме гордоста на Кисела Вода.

Поради случувањата во Пулс, се правеа вонредни инспекции на објектите од јавен карактер. Како стои Кисела Вода по ова прашање и што треба да се направи дополнително?

-Најважно во вакви ситуации е граѓаните да знаат дека нивната безбедност е гарантирана и дека институциите функционираат. Во Кисела Вода од самиот почеток на мојот мандат, постапуваме совесно и одговорно. Секоја година, без исклучок – дури и кога тоа не е законска обврска – вршиме инспекциски надзори во објектите од јавен карактер. Тоа значи дека училиштата, градинките и сите установи кои се во надлежност на општината редовно се проверуваат и поседуваат услови за безбедно функционирање. По настанот во „Пулс“, направени беа дополнителни вонредни проверки и состојбата во Кисела Вода е стабилна. Таму каде што беа откриени одредени пропусти – веднаш се побара реакција од директорите, во координација со општината, за нивно навремено отстранување. Во однос на вонредните контроли кои се прават во станбените згради, констатирани се пропусти во главно во старите градби, но работиме и надминување и на тој проблем.  На следната седница на Советот, ќе предложам преку ребаланс на Буџетот да издвоиме средства за субвенционирање на поставување хидрантски мрежи во згради каде што ги нема. Сакаме да помогнеме во делот на инфраструктурата, но и да бидеме јасни – по завршување на овој процес, ќе следуваат строги санкции за оние кои нема да го испочитуваат законот и стандардите.

Ова не е политичко прашање – ова е прашање на човечки животи. И секоја општина, секој градоначалник има обврска да постапи одговорно.

Дали трагедијата во Кочани ќе ги покаже првите негативни последици врз рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ генерално и тоа да се ефектуира на локалните избори?

-Во контекст на ова прашање, јас сум длабоко загрижен за нешто многу поважно – за тоа дали конечно ќе извлечеме вистински поуки од оваа трагедија и дали ќе почнеме да градиме систем што вистински ќе го штити секој човечки живот. Ова не смее да биде тема околу која ќе се собираат политички поени. Тоа би било недолично и навредливо за сите што во оваа трагедија ги изгубија најмилите.

Нашата вистинска грижа мора да биде насочена кон создавање безбедна средина за сите. Да се надоврзам на претходното – евидентирани се сериозни слабости во системот, и тие не се од вчера. Овој систем е девастиран со децении и потребен е целосен рестарт. Конечно мора да се воспостави одговорност и ред. Јас јавно предложив да се воведе одговорност за секого што става потпис на било каков документ што излегува од институција – од инспектор, службеник, управител на зграда, градоначалник, па сè до министер. Никој не смее да биде изоставен. Секој мора да ги преземе обврските што му се доверени. И граѓаните имаат дел од одговорноста, особено кога станува збор за колективно домување и избор на управители на зградите, кои често не ја вршат совесно својата работа.

Оваа власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека знае да реагира одговорно. Во сите општини се преземаат конкретни чекори – се прават ревизии, се зајакнува безбедносниот систем, се воведуваат нови процедури. Ништо веќе не е „како досега“ и граѓаните го чувствуваат тоа.

Посебно сакам да го истакнам одговорното дејствување на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Да ја поздравам нивната професионална и одговорна реакција и нивниот сериозен и неселективен пристап, со кои ја демонстрираат заложбата за безбедноста и доброто на граѓаните.

Истрагата ќе покаже кој конкретно е одговорен и кој ќе одговара, но суштинското прашање е да изградиме систем што нема да дозволи вакво нешто повторно да се случи.

Граѓаните, кога ќе дојде време за избори, точно ќе знаат кому да му ја дадат довербата – на оние што делуваат одговорно и знаат што значи јавен интерес, а не на оние што трагедиите ги гледаат како можност за собирање политички поени. Ова не е политика. Ова се човечки животи. И тоа е границата што сите заедно мораме да ја чуваме.

Се повеќе се шпекулира за вашиот „судир“ со министерот и ваш сопартиец, Златко Перински во однос на тоа кој треба да биде кандидат за следен градоначалник на Скопје. Постои ли нешто слично и дали ќе го поддржите својот против-кандидат доколку партијата реши вие да не „трчате“ за „татко на главниот град“?

-Воопшто не гледам на случувањата во партијата како на судир. Напротив, јас тоа го гледам како доказ дека функционираме во здрава демократска средина во која има место за конкуренција на идеи, визии и проекти. И тоа е добро. Не само за мене, не за некој поединец, туку за граѓаните. Затоа што тие на крај добиваат најдобра понуда, најсилна програма и најодговорна личност која ќе ги води. Што се однесува до изборот на кандидатот – јас апсолутно верувам во одлуката што ќе ја донесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој и досега покажа дека внимателно ги следи пораките што доаѓаат од народот, дека се води од јавното мислење, од истражувањата на јавното мислење и резултатите за тоа кој досега што постигнал. А ние сме тим кој игра за победа.

Прв човек сте и на ЗЕЛС, имате и недоразбирања со дел од градоначалниците во однос на различни прашања, дури и влеговте во „помирувачка мисија“ со двајца од нив. Дали може да се зборува за некакво зголемување на ингеренциите на оваа организација и што би предложиле вие за нејзино подобро функционирање?

-Во ЗЕЛС нема простор за лични конфликти – има простор за ставови. И тоа е сосема природно кога се собираат градоначалници од различни општини, со различни приоритети, но со една заедничка цел – подобар живот за граѓаните. Тоа што понекогаш имаме различни мислења не значи дека има проблем, туку дека функционираме во вистински демократски амбиент.

Тоа е основата на секоја сериозна организација. Како претседател, можам со сигурност да кажам дека секогаш успеваме да најдеме заеднички јазик кога станува збор за интересите на граѓаните – и тоа е нашата примарна цел. ЗЕЛС треба да биде мост меѓу локалната и централната власт, но и простор каде што разликите меѓу градоначалниците се надминуваат преку решенија, а не конфликти. Јас лично се залагам за поголема децентрализација – тоа значи повеќе одлучување и повеќе финансии директно во рацете на општините.

Со новото раководство на Владата и премиерот Христијан Мицкоски, конечно гледаме конкретни чекори – потпишан е меморандум за соработка на кој се чекаше повеќе од две децении, а после успешниот прв, веќе е активен вториот повик за финансиска поддршка на општините за капитални проекти. Ги повикувам сите мои колеги да аплицираат и активно да се вклучат. Добро управување со општината почнува со добро подготвени проекти. А ЗЕЛС е токму тој простор каде градоначалниците разменуваат искуства, добиваат идеи и заеднички наоѓаат решенија. Затоа, верувам дека треба уште поголема улога да има оваа асоцијација – и формално и суштински.

Би оделе ли со втор мандат за Кисела Вода доколку изгубите во внатрепартиската битка? Дали се подготвувате со такво сценарио? Или можеби имате поголеми амбиции во самата партија? Познато е дека „израснавте“ во ВМРО-ДПМНЕ… 

-Очекувам победа уште во првиот круг за Град Скопје и не правам други сценарија. Силно сум посветен на креирањето на програмата и на проектите кои ќе им го подобрат животот на сите скопјани. Целата моја енергија е насочена кон тоа, а сè друго е споредно.

Ако можете да истакнете еден реализиран проект од изминатиот мандадат во Кисела Вода како најдраг, кој би бил тоа?

-Ако треба да издвојам еден проект што ми е најдраг, тоа без двоумење би била реконструкцијата на спортската сала “Расадник”. Тоа не е само зграда, тоа е симбол. За Скопје, за Кисела Вода, и за мене лично – како човек кој пораснал со спомените за она што претставувала таа сала, и како градоначалник кој имаше можност и чест токму во својот мандат да го врати тој симбол во живот.

Тоа е место каде што раснеа шампиони, каде што се калеше „Вардар“ каде што децата од Кисела Вода, од Скопје и од цела Македонија ги правеа првите чекори во спортот. Место со душа, со историја, со сеќавања. Салата беше заборавена со години, обрасната во негрижа. Но јас верував дека вреди да се бори човек за неа – и не се откажав. Со сите административни, правни и финансиски предизвици, ја истуркавме реконструкцијата. Денес сме на чекор до модерен, функционален спортски храм кој повторно ќе биде место што ќе растат што ќе се создаваат шампиони, каде што ќе „живее“ „Вардар”, место кое ќе биде новото собиралиште на спортската мапа на Скопје…

Однапред се радувам на моментот кој засекогаш ќе го носам во срцето — кога ќе влезам во новообновената сала „Расадник“ и ќе знам дека оставивме вистинска вредност за иднината. Сметам дека ако еден мандат може да биде обележан со едно дело што носи нов живот, нова енергија и нови соништа за младите, тогаш тоа е токму „Расадник“ и се за кое што сум работел, има смисла.

В.З.

Слични содржини