ИНТЕРВЈУ со Имери: Во пијаното си го пронајдов „домот“, тоа за мене беше најприродниот избор

од Stefanija Kuzmanovska

Пијаното ми беше главна играчка кога бев дете. На почетокот музиката и пијаното за мене претставуваа еден волшебен неоткриен свет, а истата фасцинација продолжи до денешен ден, вели во интервју за „Локално“ македонскиот пијанист, доц. м-р на Факултетот за Музичка Уметност – Скопје, Дино Имери.

„Еден од моите најдраги настапи е мојата прва соработка со мојата сегашна сопруга, а тогаш колешка студентка Дијана Имери Илкоска која со тој концерт ја бранеше својата дипломска работа. Атмосферата беше навистина посебна и неповторлива“, се присети Имери.

Откри дека во нивниот дом се слуша секаква музика и смета дека клучот не е во избегнување на некоја музика, туку во проширување на познавањата за подоцна да се изгради музички вкус кој ќе ви каже самиот што е квалитетно, а што не.

Како се роди љубовта да свирите пијано? Дали некогаш можеби сте имале желба да научите да свирите друг инструмент?

-Пијаното ми беше главна играчка кога бев дете. На почетокот музиката и пијаното за мене претставуваа еден волшебен неоткриен свет, а истата фасцинација продолжи до денешен ден. Не размислував за друг инструмент бидејќи тука си го пронајдов „домот“, пијаното беше за мене најприродниот избор.

Кој е вашиот омилен изведувач/композитор?

-Како поминува време, а се гради искуството сè помалку имам еден или неколку омилени автори и изведувачи, а сè повеќе пронаоѓам различни вредности во сите автори и изведувачи. Се работи за постојано проучување, надградба, растеж. Оној што го гледа светот исто сега како пред дваесет години, всушност само изгубил дваесет години.

Со кого од светски познатите ѕвезди би сакале да ја делите сцената на заеднички настап?

-Повеќе преферирам да ја делам сцената и музиката со уметници кои се на иста/слична вибрација со мојата. Во овој момент воопшто не ми е важно дали станува збор за некој познат или не.

Кој ваш настап ви е посебно драг и зошто?

-Еден од моите најдраги настапи е мојата прва соработка со мојата сегашна сопруга, а тогаш колешка студентка Дијана Имери Илкоска која со тој концерт ја бранеше својата дипломска работа. Атмосферата беше навистина посебна и неповторлива. Таа успеа да собере цел камерен оркестар без никакво спонзорство или поддршка, само со огромната заедничка љубов кон музиката и едни кон други. Дојдоа многу наши колеги музичари од неколку балкански земји и заедно го изведовме прекрасниот четврти концерт за пијано и оркестар на Л. ван Бетовен. За мене останува незаборавен момент во мојата професионална дејност.

Вашата сопруга Дијана Имери Илкоска е диригентката, а брат ви Ади Имери е гитарист. Дали меѓусебно се инспирирате и поддржувате? Кој од нив е „построг“ критичар на вашата работа?

-Мислам дека секој од нас сам за себе е најстрог критичар. Нашата меѓусебна поддршка се заснова на љубов, разбирање и искреност. Често пати мора да се потсетуваме едни со други дека сме премногу строги со себе!

Каква музика најчесто слушате дома?

-Во нашиот дом се слуша секаква музика. Мислам дека клучот не е во избегнување на некоја музика, туку во проширување на познавањата за подоцна да се изгради музички вкус кој ќе ви каже самиот што е квалитетно, а што не. Мислам дека тоа е добра насока за идните генерации. Треба да им се понуди широка палета на музика за потоа самите да увидат што е она што за нив претставува вредност.

Кои се вашите идни планови и цели?

-Ме чекаат меѓународните гостувања во Словенија, Хрватска, Германија и Полска, а продолжува во полн ек мојата работа со мојата класа на Факултетот за Музичка Уметност при УКИМ. Во меѓувреме работам на неколку научни текстови кои ги чека публикување во меѓународни научни списанија.

С.К.

Слични содржини