Кога дојде на чело на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска рече дека борбата со корупцијата е предизвик бидејќи смета дека таа ги нагризува демократските права на граѓаните, начелата на законитоста, еднаквоста, заштитата и одговорноста, транспарентноста но, прави и голема штета на држава.
„Сакам да живеам во општество во кое ќе се почитува системот на вредности, а квалитетот ќе дојде до израз наместо да ја напушта државата, говореше Ивановска на почетокот на својот мандат.
Во интервју за „Локално“ Ивановска зборува за тоа што сработиле, таа како шеф на Антикорупциската комсија и членовите, во изминатите две и пол години, откако седнаа во антикорупционерските столчиња. Но, и за корупцијата за време на избори, за ДУП -овите и ГУП -овите, анкетните листови на функцинонерите, проверката на имотната состојба на судиите и др.
Според Ивановска, најголем успех на Комисијата, е последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата, во која ДКСК е оценета како особено проактивна во превенцијата на корупцијата и отворањето на голем број предмети, вклучително и оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници низ политичкиот спектар.
Таа информира и дека до ДКСК веќе има доставено повеќе пријави од граѓани за изборни нерегуларности, по кои комисијата постапува. Бројни се и барањата за мислења од институции како да постапуваат во одредени ситуации во изборниот период, за кои ДКСК нема надлежност да дава мислење, а одлуките за постапувањето се одговорност на надлежните службени лица.
До официјалниот старт на кампањата за локалните избори останува уште малку време. Партиите се подготвуваат за меѓусебно соочување и ги објавуваат своите кандидати. Ја следите ли целата постапка околу локалните избори?
-ДКСК, согласно Законот има надлежност да ја следи законитоста на финансирањето на политичките партии, финансирањето на изборните кампањи, како и законитоста на користењето, односно располагањето со буџетските средства и тоа од денот на распишувањето до завршувањето на изборите. За таа цел ДКСК воспостави но и ги зајакна постојните контролни механизми. Имено, функционира веб апликација за пријавување изборни нерегуларности како и веб апликација – регистер на службени возила преку која граѓаните можат да проверат дали службените возила се користат за изборни цели. Покрај тоа, на дневна основа се следат трансакциските сметки на сите партии, со посебен осврт на донаторите. Поврзани сме и со базите на податоци од Министерството за труд и социјална политика како и Агенцијата за вработување со цел да го ставиме под контрола ризикот од лажни донации од лица кои се невработени или социјални случаи, за што бевме сведоци во изминатиот период.
И во овој изборен период ДКСК соработува со ДЗР, ДИК како и граѓанските здруженија кои се дел од платформата за борба против корупција.
Министерствата, општините, агенциите, јавните претпријатија и други инстиутции од денот на донесувањето на одлуката за распишување на локалните избори до денот на нивното завршување не смеат да почнуваат изградба на нови објекти, патишата, водоводи, далноводи, спортски игралишта со пари од буџетот и јавните фондови. Не смеат на граѓаните да им исплаќаат и пари доколку не станува збор за редовни месечни исплати. Дали сте евидентирале евентуални прекршоци на овие изборни правила?
-До сега до ДКСК има доставено повеќе пријави од граѓани за изборни нерегуларности, по кои комисијата постапува. Бројни се и барањата за мислења од институции како да постапуваат во одредени ситуации во изборниот период, за кои ДКСК нема надлежност да дава мислење, а одлуките за постапувањето се одговорност на надлежните службени лица.
Но, она што сакам да истакнам е дека евидентно е заобиколувањето на изборните правила, а јавноста сведочи на повеќе одлуки со финансиски импликации и темпирани инфраструктурни проекти токму за овој период со што се врши суптилно влијание врз гласачкото тело. Секако дека тоа не е во духот на доброто владеење и управување со државните ресурси и сериозно го нарушува интегритетот на изборниот процес. ДКСК нема ингеренции директно да дејствува, но постојано укажува на овие состојби со цел да ја подигне свеста во јавноста за несоодветното однесување.
Што презема ДКСК доколку сепак бидат прекршени овие правила?
-Доколку се констатираат законски прекршувања, ДКСК постапува согласно своите надлежности.
Кај паркингот спроти „Холидеј Ин“ треба да никне комплекс од згради. Истата судбина ќе ја доживее и просторот кај фабриката „Треска“ во центарот на Скопје. До каде е целата оваа постапка, односно со суспендирањето на ДУП-от од 2012 година. Има или, нема основ за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што требаше да се стопира изградбата на згради на овие две локации? На што се должат грешките во елаборатите?
– Основа за суспензија е неусогласеноста на деталните планови со генералниот план. Факт е дека поголем број ДУП ови од општина Центар не се усогласени со ГУП от. Од тие причини Советот на општина Центар уште во Декември 2017 донесе Одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Споменатите планови паркингот спроти „Холидеј Ин“ и просторот кај фабриката „Треска“ се дел токму од неусогласените ДУП ови со ГУП от, што е законски недозволено. Уште повеќе, станува збор за ДУП ови за кои се брзало да се донесат непосредно пред донесувањето на ГУП от во 2012 година. Начинот на донесувањето на ДУП от што го опфаќа и паркингот спроти „Холидеј Ин“ остава простор за сомнеж дека покрај тоа што се брзало со донесувањето на планот, документите укажуваат на координирано постапување со другите активности во општината. Имено, дел од документацијата доставена од планерот нема конкретни датуми туку само назнака дека се работи за документација која потекнува од Октомври 2012 година. На еден од службените документи и тоа Извештај за постапување по забелешките од стручното мислење од комисија во Општина Центар датумот бил внесен, но потоа избришан со коректор. Сето ова оди во прилог на сомневањата дека се усогласувале датуми и дека постапката не се одвивала по регуларен пат, што директно може да влијае на правната валидност на донесениот Детален урбанистички план.
Од извршениот увид во документацијата, ДКСК констатира дека во процесот на донесување на овој план сторени се повреди како од страна на планерите, кои како професионалци од областа, се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од страна на вработените во општинските власти, кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи. Одговорност имаат и градоначалниците кои иако биле должни да овозможат доследно спроведување на законите, сепак не презеле никакви дејствија и овозможиле овој незаконски ДУП да остане на сила, а со тоа и две правни лица да се стекнат со значителна имотна корист.
Поради постоење на основи на сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување ДКСК покрена иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службени лица кои со своето постапување односно непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со ГУП и да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцелата што го опфаќа паркингот наспроти Холидеј ин,.
Имајќи предвид кои се сопствениците на инволвираните парцели и каква е нивната поврзаност оваа иницијатива е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во моментов ДКСК работи на анализа на документацијата поврзана со градежната дозвола која инвеститорите ја добиле од општина Центар.
Во врска со процесот на донесување на ДУП кој го опфаќа просторот кај фабриката Треска, ДКСК побара од општина Центар да ја достави целокупната документација, која детално ќе се истражи на кој начин е донесен планот и каква е одговорноста на надлежните лица имајќи предвид дека и овој план не е во согласност со ГУП от како план од повисок ранг.
Државната комисија за спречување на корупција со иницијатива до Јавното обвинителство, неодамна побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од општината. До каде е целата оваа постапка? Добивте ли одговор од Јавното обвинителство?
-До сега немаме добиено никаков одговор од обвинителството. Немаме ниту информација до каде се со истрагата, но знам дека доставивме иницијатива со детални информации за обработените податоци. Имајќи предвид дека станува збор за предмет од висок јавен интерес чија разрешница може да ја промени состојбата, очекувам обвинителството побрзо да излезе со своите резултати, со што ќе го намали ризикот од влијание на заинтересираните страни.
Вие најавувате дека под лупа на ДКСК ќе се најдат и други планови кои на многу сличен начин биле донесени, односно без тие да бидат усогласени со Генералниот план од 2002 година и со тој од 2012 година. Ќе ни откриете ли за кои планови конкретно станува збор?
-За жал поради нецелосно почитување на законски пропишаните процедури за донесување на деталните урбанистички планови, голем број од нив не се усогласени со ГУП от на Град Скопје. Но кога ќе дојде време истите да се спроведат граѓаните се соочуваат со последиците од лошото планирање.
Во наредниот период ДКСК ќе изврши анализа на ДУП ови од повеќе општини: Ѓорче Петров, Кисела Вода, Аеродром и Чаир.
Извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во Македонија, на јавна сцена ја врати дебатата за битката со корупцијата. Таму пишува „водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е постојан проблем“. Прави ли нешто ДКСК, во насока на подобрување на борбата против корупцијата. Во истата таа насока, кој е вашиот најголем успех, со оглед дека овој состав на ДКСК постои околу три години?
-Најголем успех на Комисијата е што успеа со својот транспарентен професионален и неселективен пристап да биде препознаена од страна на ЕК и во последниот извештај за напредокот на земјата да биде оценета како особено проактивна во превенција на корупцијата и отворање на голем број предмети, вклучително и оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници низ политичкиот спектар. Ова е особено важно ако се земат предвид извештаите на ЕК во претходните години (2015 год, 2016 год), во кои беше истакнато дека во услови на функционална зависност постои селективна пасивност и недостасува волја кај членовите на Комисијата за борба против корупција на проактивен, независен и неселективен начин. Во извештајот од 2017 година изразено е мислење дека ДКСК не е во состојба да го исполни својот мандат.
Во текот на изминатите две и пол години, работејќи по предмети оформени по пријави од граѓани или по сопствена иницијатива, утврдивме повеќе системски слабости, и дадовме препораки за надминување на истите.
Во споменатиот период од две и пол години, Комисијата покрена и над 430 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено прими и разгледа и близу 2.070 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интерес и донесе повеќе од 1.400 одлуки.
Дополнително, извршена е и антикорупциска проверка на 20 закони, а благодарение на одличната соработка со државните институции и граѓанските организации, донесена е и новата петгодишна Стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со ревидиран план на активности до крајот на 2025 година.
Во изминатиот период проследивме два изборни процеси претседателски и локални избори во 2019 и парламентарни избори во 2020, а оваа година ги следиме и локалните избори. За споменатите изборни процеси од претходните години до Собранието на РСМ доставивме Посебен извештај за утврдени состојби во финансирањето на изборната кампања во кој се нотирани сите активности кои ги презеде ДКСК во изборниот период но и мерките на Владата преземени во изборниот период кои не беа спротивни на изборниот законик но не беа ни во духот на добро владеење за што ДКСК даде и соодветни препораки.
Особено внимание посветивме на бројни предмети поврзани со непотизам односно со вработувања на блиски лица на поранешни и сегашни функционери и во најголем број случаи утврдивме дека се злоупотребува дискреционото овластување, без притоа да се земат предвид сите околности, квалитети и компетенции на кандидатите. Со изборот преку влијание и злоупотреба на дискреционите овластувања се руши и системот на вредности при вработувањата, се поткопува желбата и мотивацијата кај стручните и квалитетните лица за поголеми достигнувања, но и вербата на јавноста за постоење фер и праведен институционален систем заснован на вредности, достапен за сите граѓани подеднакво.
ДКСК ги објави резултатите од предметите поврзани со непотизам и побара од надлежните УО и НО да ја преиспитаат одговорноста на раководните органи но за жал тие не постапија по нашите барања.
Со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија и Транспаренси Интернејшенал се подготви Анализа за ранливоста од корупцијата – Проценка на политиките и процедурите за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам. Со анализата се нотираа и истакнаа проблемите или „точките на ранливост“ во постапките за вработување на административните службеници, јавните службеници, како и за постапките за избор и именување директори, претседатели и членови на комисии. Извршена е анализа на вкупно 19 закони, два подзаконски акти и анализа на Годишниот извештај од Регистарот за вработените во јавниот сектор. Наодите и препораките кои произлегоа од Извештајот од оваа анализа се добра основа за постапување на Владата и надлежните институции од кои се очекува да направат измени во законската регулатива.
Утврдивме дека функцијата ВД директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори. Така, во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, но и до преселување на квалитетен кадар во чие образование се вложувало во оваа држава.
Подготвивме и Анализа за непродуктивните буџетски трошоци со која ги опфативме трошоците за сместување и патните трошоци, трошоците за апанажа на избрани и именувани лица, трошоците за користење службени возила, трошоците за репрезентација како и трошоците за користење платежни картички во странство. Анализата укажува на потребата од допрецизирање на законската и под законската регулатива и намалување на овие трошоци.
Во овој период издадовме повеќе мислења, јавни опомени и укажувања за постоење судир на интереси во извршната и локалната власт.
ДКСК делува превентивно и претставува само една алка на системот. За успешно функционирање на целиот систем и зголемување на крајниот ефект, како што укажа и Европската Комисија во Извештајот за напредокот на земјата, потребно е почитување и прифаќање на препораките и иницијативите за покренување одговорност упатени од страна на ДКСК до повеќе институции, како и заложба на сите чинители за спротивставување на незаконските дејствија на поединци и институции но и на оние законски решенија кои предизвикуваат разорувачки ефекти за општеството.
Анкетените листови на функцоинерите секогаш предизвикуваат големо внимание во јавноста. Дали сите функционери веќе ги доставија пополнети со информации за целкокупната своја имотна состојба. И што ДКСК презема доколку види големи отстапки во наведеното на почетокот на стапувањето на функцинерската функција и кога си заминуваат од истата?
– ДКСК постојано следи дали избраните и именуваните лица ги доставуваат изјавите за имотна состојба во предвидениот законски рок. За оние кои не ги доставиле навреме или воопшто не доставиле изјава за имотната состојба, се поведува прекршочна постапка.
Државната комисија врши проверка на вистинитоста на податоците внесени во изјавата за имотната состојба и интересите во случај кога постапува по конкретен предмет или врз основа на годишниот план. Проверката се врши со собирање, споредување и анализа на податоци добиени од правни и физички лица кои располагаат со потребните податоци.
Доколку при проверката на изјавата за имотната состојба се утврди дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања или примањата на членовите на неговото семејство, се поведува постапка за испитување на имотната состојба.
–Постапка за ветинг во РС Македонија не се спроведува.
Согласно годишните планови за проверка на имотната состојба за 2020 и 2021 година ДКСК изврши проверка на имотната состојба на претседатели на судови, а во тек е проверката на имотната состојба на судии за кои има поднесено пријави до ДКСК од граѓани кои се незадоволни од судските одлуки. До сега во два случаи е откриено несразмерно зголемување на имотот, за што е поведена постапка за испитување на имотната состојба.
Почнавме со избори и ќе завршиме со избори. Во ДКСК, пред една недела заврши повикот за пријавување на набљудувачи на учесниците во изборната кампања на локалните избори. Повикот за 50 набљудувачи траеше до 31 август. Дали се пријавија доволен број?
-Не се пријавија онолку колку што планиравме, но во секој случај имаме доволен број за да ја следиме изборната кампања.
Б.Т.