Интервју со Ивановска: Теренот во кампањата не е еднаков за сите, постојат многу предизвици но граѓаните знаат да препознаат

Ќе работиме да има отворена, зелена и праведна Општина, со вклученост на експертите и граѓаните, вели Ивановска за „Локално“

од Бисера Трајковска
103 прегледи Фото: Фејсбук на Билјана Ивановска

Ќе го поставиме работењето на Општината на нови вредности и принципи. Пред се, целиме да има отворена, зелена и праведна Општина. Ќе постигнеме ваков функционален триаголник со вклученост на граѓаните и експертите, при што ќе имаме некорумпирана власт. Експертите ќе работат по професионални стандарди, а не по нарачка на приватни инвеститори, вели во интервју за „Локално“, кандидатката на „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска.

Таа потенцира дека граѓаните најмногу се жалат на безбедноста во сообраќајот.

-Целосно е небезбедно да се движите, особено за децата кои одат во училиште. Центар мора да биде најдобар домаќин на сите, кои што секојдневно поминуваат тука. Истото важи и за ѓубрето. Срам ми е веќе да зборувам за ѓубрето. И бучавата им пречи на населението. Никој не забранува да постојат угостителски објекти, меѓутоа тие треба да бидат поставени на соодветно место, вели Ивановска.

Таа појаснува дека ќе обезбедат рамномерен развој, потенцирајќи дека треба да се гради, меѓутоа по стандарди, правила и прописи.

-На инвеститорите работа е да си направат профит, но мојата работа ќе биде да го заштитам просторот како необновлив ресурс и да ги заштитам граѓаните од последиците на ова што го прават инвеститорите. Инвеститорите во мене не може да најдат сојузник ако сакаат да ја продолжат старата пракса, особено нашите градилишта со растурени материјали по тротоари, без огради каде што нема дисциплина на градилиштата. Тоа веќе мора да стане минато, додава Ивановска.

Во нејзината програма, таа најавува и решавање на проблемот со паркирањето.

-Планираме што е можно повеќе паркинзи да одат под земја, возилата да бидат под земја, а велосипедите и пешаците да бидат на земја и да се активираат сите неискористени паркинзи. Ние мапиравме дека има голем број на неискористени паркинзи. Во Центар постојат капацитети, само тоа треба да се изработи, посочува Ивановска.

Излегувате против Герасимовски и Лабудовиќ во Центар. Какви се вашите очекувања за недела, дали имате шанса за втор круг?

Сметам дека имам шанса, бидејќи доволно беше што граѓаните на Центар го живееја владеењето на Герасимовски, и покрај тоа што рекламите и рекламните спотови се секогаш прекрасни.

Апсолутно сметам дека ќе влезам во вториот круг.

Со какви предизвици се соочивте во предизборната кампања, дали имаше опструкции од големите партии? Дали „теренот беше еднаков“ за независните во однос на „зависните“?

Знаете и сами дека не е еднаков теренот. Големите партии заедно ја направија опструкцијата со измените во Изборниот законик, и се што се случуваше понатаму е последица на тоа. Па, затоа јас сум број 149, а на списокот има само четири кандидати.

Да не зборуваме за различен третман во платеното политичко рекламирање. Постојат многу предизвици, меѓутоа сметам дека граѓаните знаат да препознаат.

Зеленилото ќе се зголемува, граѓаните ќе може да спортуваат во маалата, отпадот ќе се рециклира, културата ќе биде достапна, ќе нема смог, децата ќе се безбедни…се ветувањата во вашата програма. Граѓаните ги слушаат истите ветувања и од другите кандидати, што е поразлично во вашата понуда?

Ние ќе го поставиме работењето на Општината на нови вредности и на нови принципи. Значи, пред се целиме да има отворена, зелена и праведна Општина. Тоа многу кажува.

Фото: Фејсбук на Билјана Ивановска

Со вклученост на граѓаните и со вклученост на експертите, ќе го постигнеме тој функционален триаголник каде што ќе имаме некорумпирана власт. Вклучени граѓани и експерти ќе работат по професионални стандарди, а не по нарачка на приватни инвеститори. Тоа е многу различно од досегашното.

Кои се најголемите слабости кои вие ги детектиравте во Центар? На што најмногу се жалат граѓаните? 

Граѓаните најмногу се жалат на безбедноста во сообраќајот. Целосно е небезбедно да се движите, особено за децата кои одат во училиште. Овој хаос, ова застанување на пет минути наводно само на кратко, секој да застанува каде што сака, да пие кафе и да паркира на улица. Тоа се примитивни навики кои што навистина мора да ги смениме.

Центар мора да биде најдобар домаќин на сите, кои што секојдневно поминуваат тука.

Истото важи и за ѓубрето. Срам ми е веќе да зборувам за ѓубрето. Да го оставиме Центарот вака гнасен, без домашно воспитување е срамно. Ние сме во Општината, ги знаеме капацитетите и имаме план како ќе го надминеме тоа. 

Бучавата исто така им пречи на населението. Не може на едно место и едно и друго. Никој не забранува да постојат угостителски објекти, меѓутоа тие треба да бидат поставени на соодветно место.

Не може во станбена зграда или во кварт каде што живеат луѓето, да има бучна музика.

Тоа е безобразно и дрско.

Позната е желбата на големите бизниси (градежните компании) за пополнување на секоја можна слободна парцела во Центар. Подготвени ли сте да влезете во спрега со моќниците и да ставите крај на градежното лудило?

Апсолутно да. Центар е Општина, која што зафаќа површина од 7 квадратни километри. Јас планирам притисокот да го префрлам од Дебар маало и Унверзална, во другите квартови кои што не се изградени, како што е Маџир Маало, Трново. Не може за некого Општината да е мајка, а за некого маќеа.

Ќе обезбедиме рамномерен развој. На инвеститорите е работата да си направат профит, но мојата работа ќе биде да го заштитам просторот како необновлив ресурс и да ги заштитам граѓаните од последиците на ова што го прават инвеститорите 

Инвеститорите во мене не може да најдат сојузник ако сакаат да ја продолжат старата пракса, особено нашите градилишта со растурени материјали по тротоари, без огради каде што нема дисциплина на градилиштата. Тоа веќе мора да стане минато.

Јас сум за градење, меѓутоа градење по стандарди, правила и прописи.

Дали ја подржувате идејата да се затвори централното подрачје за возила поради сообраќајниот хаос во овој дел од градот? Зошто и недостаток на полиција токму во овие реони?

Ова прашање повеќе пати сме го дискутирале. Многу е сложено и бара соработка со градот Скопје. Меѓутоа, тенденцијата треба да оди во таа насока. 

Потребна е соработка, многу висока свест и треба да се движиме кон таа цел.

Како може Љубљана, така можеме и ние.

Што е со проблемот со паркирањето? Иако има десетици подземни катни и подземни гаражи, постојано гледаме како „инвентивните“ граѓани узурпираат простори и се паркираат кај ќе им текне?

Сега би го цитирала нашиот советник Јане Димески, носител на листата на советници за Општина Центар, кој што во една емисија рече „Ниту еден град во светот не ја добил битката со паркинзите“. Никогаш нема да бидат доволно паркинзи, но Центар е поинаков, бидејќи покрај жителите, мораме да обезбедиме и паркинзи за гостите.

Но, она што се случува на Боемска, пред кафана да се оставаат колите, е дрскост. Мора да се прави разлика од едното и другото. Ова мора да престане. Не е оправдување дека нема да одите, доколку не можете колата да си ја оставите пред кафана.

Да си граѓанин, значи да се однесуваш градски. Да се однесуваш со љубов кон градот.

Фото: Фејсбук на Билјана Ивановска

Јас планирам таа љубов кон Центар и кон Скопје да ја наметнам на сите кои што живеат и доаѓаат тука, затоа што заедничката почит мора да се негува.

Планираме што е можно повеќе паркинзи да одат под земја, возилата да бидат под земја, а велосипедите и пешаците да бидат на земја и да се активираат сите неискористени паркинзи. Ние мапиравме дека има голем број неискористени паркинзи.

Исто така, не може гаража да се издава за магацин или за подрум. Во Центар постојат капацитети, само тоа треба да се изработи.

Во изминатиов период слушнавме пофалби од актуелниот градоначалник како сам го чисти ѓубрето низ Центар. Сепак ова е за пред избори, па како вие би го решиле овој проблем, со кој се мачи цел град? Дали приватизација на Комунална хигиена е решение, нешто што „прострујува“ како решение од владините кулоари?

Сметам дека тоа се смешни предизборни активности, исто како што наводно дури сега ги забележија возилата на тротоар. Ние три години објавуваме слики со паркирани возила на тротоари со ѓубре. Се молеше да се разрешат тие ситуации, а сега се прават вакви срамни активности.

Значи, тоа е исто како кога ќе чистите дома за гости, а не чистите сами за себе.

Во однос на хигиената, тоа е системска работа на која што секојдневно треба да се работи, а не само пред избори.

Б.Т.

Слични содржини