ИНТЕРВЈУ со Јаневска: Сѐ поевидентно е дека вирусов му послужи на светот да се „ослободи“ од сиромашните

од Берта Китинска
956 прегледи

Во оваа психолошка војна со Ковид 19 повеќе ме плаши помислата дека немаат сите луѓе еднаков третман при лекувањето. Како никогаш до сега, се појави огромен јаз помеѓу богатите и сиромашните и излегува дека ќе преживеат само тие кои имаат пари. Не само кај нас, за жал во цел свет е така, вели во разговор за „Локално“ нашата позната пејачка, виолинистка и доцент на Факултетот за музичка уметност Андријана Јаневска.

Во врска со забраната на настапите на естрадните уметници, првата виолина на МОБ вели дека не смее да страда мнозинството заради неколкумина кои не ги почитувале мерките.

 – Прво, не смеат да страдаат сите локали и сите музичари заради неколку газди кои не ги почитувале мерките. Второ, нема никаква логика настапите на музичарите да бидат забранети, а во истовреме да биде дозволено да се седи во кафичи без маска, да се редуцира возниот ред на ЈСП, да има невидени гужви пред банките, да се отворат границите… Трето, според сегашните протоколи, изводливо е да се организираат настапи на нашите музичари низ Македонија во домовите на култура со почитување на мерките, објаснува Јаневска.

Смета дека како што поминува времето, сѐ поевидентно станува дека вирусот му послужил на светот да се „ослободи“ од сиромашните и старите кои, според неа, „како да станале вишок и непотребни“.

За карантинот смета дека ќе го намали ширењето на заразата, но таа мерка силно би се одразило на нашата и онака кревка економија

Пејач, виолинистка и доцент на Факултетот за музичка уметност, мајка на две деца…Колку е тешко во денешно време да се биде жена со многу обврски?Дали имате помош?Има ли денови кога си велете „не можам повеќе“? Kој е мотивот кој ве води напред? 

– Не ми е тешко затоа што обврските не ми се монотони и го сакам она што го работам. Искрено, потешко ми е периодов кога заради короната не можам слободно да работам. Ми недостасуваат претставите во МОБ, смеењето и дружењето со колегите после претстава, ми недостасува физичката настава на ФМУ, едноставно, ми недостасува слободата која вирусот ни ја одзеде последниве 8 месеци. Има периоди кога се чувствувам исцрпено, но мислам дека тоа е нормално за сите мајки, особено на оние со мали дечиња.

Колку ве плаши коронавирусот? 

– Во оваа психолошка војна повеќе ме плаши помислата дека немаат сите луѓе еднаков третман при лекувањето. Како никогаш до сега, се појави огромен јаз помеѓу богатите и сиромашните и излегува дека ќе преживеат само тие кои имаат пари. Не само кај нас, за жал во цел свет е така. Гледам секој ден да прошетам со децата во природа, барем додека времето е убаво. Минатата година трипати неделно пливав и ниту еднаш не се разболев. Дефинитивно спортот треба да е број еден како начин на превенција, како и конзумирањето природни витамини преку овошјето и зеленчукот и престојување во природа на сонце и чист воздух.

Се носат мерки за да се заштитиме од Ковид 19.Но, свесни сме дека и покрај апелите не се почитуваат.Дали вие лично се придржувате до нив? Дали сметате дека карантинот, ќе го намали бројот на заболени и ширење на заразата? 

– Секоја индивидуа која живее во организирано општество со други луѓе околу себе, треба да ги почитува законите и мерките. Секој еден од нас мора да води сметка за себе, но и за луѓето околу себе и да се однесува одговорно. НО! Овде има едно големо но. Како што поминува времето, сѐ поевидентно станува дека вирусов му послужи на светот да се „ослободи“ од сиромашните и старите кои како да станаа вишок и станаа непотребни. Карантинот со сигурност ќе го намали ширењето на заразата, но тоа силно би се одразило на нашата и онака кревка економија.

Како изгледаше вашето секојдневие во изминативе месеци, откако музичката индустрија застана со своите настапи и снимање албуми? 

– Кај мене немаше некоја драстична разлика затоа што јас сум вработена како прва виолина во МОБ. Настапивме на Охридско Лето, одржавме неколку концерти пред платото на МОБ, а веќе следната недела на репертоарот е Травијата. Но, на колегите музичари кои не се редовно вработени и чии единствени приходи им се од настапите, периодов им беше екстремно тежок. Замислете, тоа е како некој да ви забрани да работите, а во исто време не ви дава никаква друга опција. Затоа, ја имаат мојата целосна поддршка. Инаку, со оглед на тоа што со сопругот имаме свое музичко студио, периодов компониравме, аранжиравме и снимавме за продуценти од цел свет. Пред неколку седмици ја снимив и песната One Human со која ќе ја претставувам Македонија во светски проект за Гинис. Поради пандемијата, секаде имаше криза изминатиов период, но некако сите земји полека почнаа да се враќаат во нормала и тоа ми дава надеж дека конечно бројките и кај нас ќе почнат да се намалуваат.

Имате ли некоја идеја или предлог како да се организираат настапите и како да се крене свеста на луѓето кои доаѓаа да ги почитуваат мерките? 

– Прво, не смеат да страдаат сите локали и сите музичари заради неколку газди кои не ги почитувале мерките. Второ, нема никаква логика настапите на музичарите да бидат забранети, а во истовреме да биде дозволено да се седи во кафичи без маска, да се редуцира возниот ред на ЈСП, да има невидени гужви пред банките, да се отворат границите… Трето, според сегашните протоколи, изводливо е да се организираат настапи на нашите музичари низ Македонија во домовите на култура со почитување на мерките. Тука би требало да се заангажира и националниот сервис МТВ со снимање и емитување на концерти на македонски музичари, а и министерството за култура да ги поддржи проектите кои се од национален интерес.

За време на карантинот се правеа лајв концерти, како поминаа тие, имаше ли одзив од публиката, кои песни најчесто ги нарачуваа? 

– Јас немав лајв концерти, единствено еднаш или двапати ставив видео со една песна, додека траеше карантинот. Едноставно, не е исто како концерт во живо на кој луѓето ти ја гледаат секоја гримаса додека пееш, дишат со тебе, пеат со тебе, се соживуваат со тебе.

Дали искористивте некоја од економските мерките кои ги донесе Владата и важеа за помош на естрадни уметници?Колку сте задоволни?И дали оваа помош треба да продолжи во наредните месеци? 

– Не сум искористила никаква помош од владата, а доколку добијам, ќе ја донирам на оние кои немаа никакви приходи изминативе месеци.

Имате ли одреден настап или концерт кој што ви има посебно значење? 

– Еден од позначајните мои концерти е концертот во МОБ под наслов „Заборавени песни“ во јануари 2017 година. Тој концерт ми е еден од омилените затоа што стануваше збор за македонски традиционални песни кои ми се посебна слабост, а ги изведов во придружба на мојот матичен оркестар при Македонската Опера и Балет. Но, најмногу при срце ми е концертот со Битолскиот Камерен Оркестар во октомври 2018 година, бидејќи тој беше последниот концерт на кој присуствуваше мојата покојна мајка.

Каква е македонската публика? 

– Македонската публика е најмузикалната публика на светов.

За која песна би кажале дека ви е лична карта?И зошто? 

– Мислам дека тоа се подразбира, песната која ја одбележа мојата кариера: Твоето писмо моја Библија. Таа песна остана мој заштитен знак, иако ја испеав пред точно 20 години.

Што недостасува на македонската музичка сцена? 

– Недостасуваат музички емисии на кои би се промовирале нови песни, македонски топ листи, музички уредници во телевизиите кои ќе селектираат квалитетна музика и изведувачи, како што тоа било порано. Недостасува македонска музичка продукција, како што имаат нашите соседи. Имаме македонски пејачи и музичари со светски квалитети.

Идни планови? 

– Во моментов го завршувам докторатот на Институтот за фолклор, каде ги истражувам македонските народни песни на територијата на денешна Албанија. Во студиото работам на многу проекти со странски продуценти, свирам виолина, пеам, аранжирам. Држам онлајн часови на студентите на ФМУ, а редовна настава имам во моето приватно музичко училиште каде учат многу талентирани дечиња. Сепак, најмногу време им посветувам на моите два сина со кои сме по цели денови заедно, бидејќи Димитар учи онлајн, а Кристијан не оди во градинка.

Б.М.

Слични содржини