Потребни се повеќе можности за изложување, поголема финансиска помош и медиумска видливост. Исто така, потребно е да се создаде свест за вредноста на уметноста и културата како столбови на нашето општество. Моето место го гледам како мост – како некој што може да пренесе искуства од светот и да инспирира други да продолжат да создаваат и веруваат во својата визија, вели ликовниот уметник Кашавелски
По десетгодишно отсуство и работа во неколку држави, истакнатиот македонски академски сликар, Синиша Кашавелски, се врати во Македонија, претставувајќи ја својата најнова изложба „Интригантни впечатоци: Колекција Енигма“ во неговото родно Куманово. По успешниот старт, изложбата беше презентирана и во Кавадарци и Велес.
Оваа колекција содржи избор од десет дела, работени во масло на платно, претставувајќи мала ретроспектива на десет години творештво. Ова е негово прво претставување пред домашната публика по последната изложба во Македонија во 2014 година.
Со „Колекција Енигма,“ Кашавелски не само што нуди преглед на своето досегашно творештво, туку ја отвора вратата кон нова перспектива за уметноста, која ги комбинира локалното и глобалното, традицијата и современоста.
Централна фигура во изложбата е ликот на неговата ќерка, преку кој авторот го доловува нејзиниот раст и развој низ годините.
Неговите дела се карактеризираат со уникатен спој на симболизам, реализам, надреализам и македонска традиција – комбинација која ја одразува неговата длабока поврзаност со културното наследство на Македонија.
Со своето враќање, Кашавелски има за цел да ја доближи својата уметност до домашната публика и да продолжи да придонесува кон развојот на македонската ликовна сцена.
Триесет години активна работа, но, по десетгодишно активно присуство и изложби на светската сцена, повторно дома. Што ве мотивираше да се вратите и повторно да се претставите пред македонската публика? И, какви се вашите првични реакции? Се поклопуваат ли со очекувањата?
-Моето враќање дома беше природен чекор. И покрај тоа што имав можност да се докажам на меѓународната сцена, отсекогаш постоеше желба да ја споделам мојата работа со луѓето што ми се најблиски. Македонија е местото каде што мојата уметничка приказна започна, и сакав оваа изложба да биде моја благодарност за инспирацијата што ја добив од нашата култура и традиција. Реакциите се исклучително позитивни. Чувството на поврзаност со публиката е неописливо. Да се види како моите дела допираат до срцата на луѓето овде е награда сама по себе.
Вашата ќерка е често присутна на вашите дела, како модел кој го отсликува нејзиниот раст и развој. Што значи ова за вас како уметник и татко?
-Таа е мојата најголема инспирација и светлина во животот. Нејзиниот раст и развој се приказна што ја доживувам секојдневно, а уметноста ми овозможува да ја претворам таа приказна во визуелно сведоштво. Како татко, ова е начин да ги зачувам спомените и емоциите поврзани со нејзиното детство. Како уметник, ја користам нејзината фигура за да го истражам универзалното – не само односот родител-дете, туку и личниот и духовниот раст што го искусуваме низ животот.
Изложбата е комбинација на симболизам, реализам, надреализам и македонска традиција. Како ја балансирате оваа уникатна уметничка синтеза? Што ве инспирира да ги споите овие елементи?
-Овие елементи ги гледам како различни слоеви на едно длабоко човечко искуство. Реализмот е она што го гледаме – нашата површна вистина, визуелната и опипливата реалност. Надреализмот го претставува скриеното, потсвесното и бескрајното поле на соништата и симболиката. Симболизмот, пак, е мостот што ги поврзува двете – тој е јазикот на алегориите и метафорите што зборуваат за нешто поголемо од самата слика. Македонската традиција, како фундаментален дел од мојот идентитет, е темелот на кој се гради оваа сложена композиција.
Оваа синтеза ја балансирам преку постојано враќање кон суштинското прашање: што е вистината, а што е нејзиното значење? Уметноста, како и животот, постои во тензијата помеѓу овие елементи – помеѓу конкретното и трансцендентното. Инспирацијата ја наоѓам во личното и колективното искуство, во миговите на кршливост и сила, во историјата што нè обликува и визиите што нè водат напред.
Спојот на овие елементи е обид да се изрази човековата длабочина – да се создаде дело што не само што го регистрира светот, туку и го преобликува, нудејќи прозорец кон она што е скриено и вечноста што ја носиме во себе. Уметноста, во овој контекст, е дијалог помеѓу видливото и невидливото, сегашноста и традицијата, материјалното и духовното.
Кога и каде публиката во Скопје, а можеби и во други градови низ Македонија, ќе има можност да ја види изложбата „Воодушевувачки впечатоци: Колекција Енигма“?
-По успешните претставувања во Куманово, Кавадарци и Велес, планираме изложбата да се одржи и во Скопје во текот на наредната година. Сè уште ги договараме датумите, но целта е да ја претставиме не само во главниот град, туку и во други градови низ Македонија. Сакам делата да бидат достапни за што поголем број луѓе, бидејќи верувам дека уметноста треба да допре до сите.
Како би го оцениле статусот на македонскиот уметник денес, во однос на поддршката, можностите за изложување и признавањето на неговото дело, и како гледате на вашето место во тој контекст? Дали сметате дека уметниците добиваат доволна поддршка и признание за своето дело? Што треба да се менува?
-Македонскиот уметник денес се соочува со многу предизвици. Има многу талент, но недостасува систематска поддршка, било преку институции или приватен сектор. Потребни се повеќе можности за изложување, поголема финансиска помош и медиумска видливост. Исто така, потребно е да се создаде свест за вредноста на уметноста и културата како столбови на нашето општество. Моето место го гледам како мост – како некој што може да пренесе искуства од светот и да инспирира други да продолжат да создаваат и веруваат во својата визија.
***
Во текот на својата кариера, Синиша Кашавелски се етаблира како еден од водечките реалисти во светот, изложувајќи во престижни галерии во Франција, Германија, Шпанија, Италија, САД, Сингапур и Кина. Добитник е на бројни светски признанија, меѓу кои и специјалната награда „Artelibre“ на „ModPortrait Contest“, (награденото дело ќе биде изложено во Европскиот музеј за модерна уметност (MEAM) во Шпанија).
Кашавелски е роден во Куманово. По завршувањето на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што бил студент на генерацијата.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Франција и други здруженија.
Меѓу неговите бројни признанија се издвојуваат и наградите „Златен медал“ на Зимскиот салон на Француски уметници, „Гранд при“ Сардинија, Италија, „Гран при“ на Салонот на убави уметности во Париз, „Златен оредн за заслуги во уметноста” во Франција, и други.
Р. А.