Интервју со Копач: Македонија доцни со процесот на оданочување на емисиите со јаглерод диоксид

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

Поранешниот директор на Секретаријатот на Енергетската заедница, др.Јанез Копач е сигурен дека оваа зима нема да се повтори енергетската криза во димензии од минатата година.

Во интервју за „Локално“,  ваквото тврдење го поткрепува со фактот дека не само што европските магацини  сега се полни со гас ,туку и значително е намалена неговата потрошувачка.

Во однос на Македонија, како позитивно го посочува зголеменото учество на обновливите извори во производството на електричната енергија но упатува забелешки во однос на сеуште неотпочнатиот процес на оданочување на емисиите со јаглерод  диоксид.

„За Европската унија тоа беше камен темелникот за транзиција. Овој дел не само што сеуште го нема во Македонија, туку на организациско ниво државата не е ни подготвена за воведување на оваа политички непопуларна мерка’’, вели Копач. Објаснува дека поради оданочувањето на емисиите на јаглерод диоксид,  цената на енергија ќе биде поголема за сите, што значи и за граѓаните.Тоа е  фер“, вели, но не е пријатно за политичарите.

Оттука, од голема важност е со тие нови средства во буџетот да се кофинансираат трошоците за превземање мерки за енергетска ефикасност во зградите на граѓаните, да  се финансираат последиците кај сиромашните и да се финансира  преструктуирањето на битолскиот регион каде што сега сеуште работи РЕК Битола.

Енергетската транзициција е долгогодишна тема  во однос на која се напишани голем број партиски и изборни програми. Каде ја гледате Македонија на патот на оваа неопходна транзиција и кои се предизвиците кои го спречуваат побрзото напредување на овој процес? 

-Енергетската транзиција има многу димензии.Една од нив го претставува зголеменото учество на обновливи извори во производството на електричната енергија и тука Македонија значајно напредуваше во последните две години. Втората димензија е оданочувањето на емисиите со јаглерод диоксид. За Европската унија тоа беше камен темелникот за транзиција. Овој дел не само што сеуште го нема во Македонија, туку на организациско ниво, државата не е ни подготвена за воведување на оваа политички непопуларна мерка. Оваа мерка мора да обезбеди и нови буџетски средства за финансирање на битолскиот регион како резултат на запирање на рударството. Тие средства сеуште ги нема. Значаен аспект на транзицијата е многу поголема енергетска ефикасност на постоечките згради, и уште поголема за оние кои се во тек на градба или допрва ќе се градат . Сметам дека и тука би можело да се направи многу повеќе.

Неизвесноста околу можноста да се повтори енергетската криза е основна причина за стравувањата поврзани со почетокот на грејната сезона. Дали владите во регионот ги научија досегашните лекции и дали е доволно досегашното вложување на Македонија во овој сектор? 

-Не ја знам ситуацијата во Македонија и не можам да ја коментирам. Секако дека нема да се повтори енергетската криза во димензии од минатата година. Европските магацини со гас сега се полни и во  Европската унија значително е намалена потрошувачката.

Како може тој процес на транзиција да биде праведен и фер за сите, а особено за граѓаните? 

-Процесот на транзиција секогаш има победници и оние кои губат. Меѓу вторите  е на пример рударството. Поради оданочувањето на емисиите на јаглерод диоксид  цената на енергија ќе биде поголема за сите, што значи и за граѓаните.Тоа е  фер, но не е пријатно за политичарите. Важно е со тие нови средства во буџетот да се суфинансираат трошоците за превземање мерки за енергетска ефикасност во зградите на граѓаните , да  се финансираат последиците кај сиромашните и да се финансира  преструктуирањето на битолскиот регион.

Трендот на раст на барањата за инсталирање на обновливи извори на енергија  (ОУЕ) не е спорен, но во случајот со Македонија тешко и споро оди откажувањето од јагленот и од затворањето на централата ТЕК Битола.. Во која мерка интересот за инсталирање на ОИЕ ќе ја измени енергетската слика на Македонија? 

-Секако дека ќе ја измени значајно. За десетина година во енергетскиот микс на Македонија ќе го нема јагленот од Битола.

Во насока на одговорноста која секоја држава ја има кога се во прашање климатските промени, актуелна тема секаде во Европа се надокнадите за декарбонизација. Кога Македонија ќе стане дел од тој процес и колку ќе чини ослободувањето од зависноста од фосилни горива? 

-Како членка на Енергетската заедница, Македонија би морала  најдоцна до 2030 година да има шема на тргување со емисии на јаглерод  диоксид споредливи со ЕУ.Во својот национален енергетско- климатски план Македонија тоа го нема предвидено. Плаќањето на цената на емисиите на јаглерод  диоксид ќе има големо влијание на РЕК Битола и на другата индустрија , затоа што ќе се зголеми цената на електричната енергија. Не можам во бројки да кажам колку тоа ќе чини.  За такво нешто е потребна студија. Јас изработив една  за Босна и за Херцеговина, но не и за Македонија .

К.В.С.

Слични содржини