ИНТЕРВЈУ со Котлар: Непријател сум на коруптивниот менталитет и на партизацијата воопшто

од Берта Китинска
943 прегледи

Случај познат во јавноста како „Скопје 2014“ беше главен мобилизаторски наратив во претходната изборна кампања на Богдановиќ градоначалник. Но, решителна борба не видовме. Не успеа ни тој, а ни актуелниот скопски градоначалник да направат воопшто нешто во врска со овој случај. Дури беше формирана и стручна Комисијата при Министерството за култура за да подгови темелен извештај. Откако, Комисијата го подготви Извештајот, истиот беше доставен до Владата и толку, вели во интервјуто за „Локално“,проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, кандидат за градоначалник на општина Центар од партијата „Глас за Македонија“, поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со изградбата на високатниците кај „Холидеј ин“. таа смета дека локалната самоуправа покажала слабост пред вирусот од проблематични ГУП-ови, ДУП-ови и други урбанистички недоследности, кои успешно се (зло)употребувле како стекнато право и алиби за градење на споменатите урбани изрази.

-Впечаток е дека во практика, се прават намерни пропусти за да поминат веќе договорени (сомнителни) зделки . Лично сметам дека по неколкумесечна борба за спас на центарот од градот од бетонизација и изградба на нови висококатници – (не)намерните грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија, објаснува Котлар-Трајкова.

Таа вели дека сака да ја види општина Центар како културно средиште на градот и на државата во вистинска смисла на зборот.

Поднесовте кандидатура за градоначалник на Центар, веќе речиси деценија ВМРО-ДПМНЕ не „поминува“ кај „центарци“. Што ве натера на овој потег и како сега ќе ги натерате да се премислат?

-Јас сум кандидат за градоначалник на општина Центар на мојата партија „Глас за Македонија“, поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската определеност и идејност на двете партии е основата на соработката, односно, јас да бидам номинирана како коалициски кандидат за градоначалник на општина Центар.

Како ја оценувате работата на Богдановиќ во изминативе години?

-Накратко, мобилизирачки и ветувачки почеток, стихиен пристап во понатамошниот тек, нерешителен и недоследен однос – фарсичен кон актуелните проблеми кон крајот на мандатот.

Еден од „најжешките костени“ со кои се занимаваше локалната власт но и ја крена јавноста на нозе е изградбата на високатниците кај „Холидеј ин“. Додека поголемиот дел од јавноста со сите сили се бори против бетонизација на тој дел од градот, локалните жители бараат нормални животни услови и нормални домови. Каков е вашиот личен став по ова прашање?

-Во врска со овој случај, како што е познато градежната дозвола е веќе издадена и дел од комуналната сума е уплатена. Локалната самоуправа покажа слабост пред вирусот од проблематични ГУП-ови, ДУП-ови и други урбанистички недоследности, кои успешно се (зло)употребуваат како стекнато право и алиби за градење споменатите урбани изрази. Впечаток е дека во практика, се прават намерни пропусти за да поминат веќе договорени (сомнителни) зделки . Лично сметам дека по неколкумесечна борба за спас на центарот од градот од бетонизација и изградба на нови висококатници – (не)намерните грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија.

Оттука е и незадоволството и револтот кај граѓаните од веста дека нема основа за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што требаше да се стопира изградбата на споменатите згради кај паркингот спроти „Холидеј Ин“. Сметам дека доколку вистински се сака да се утврдат слабостите на спорниот план, треба да се пристапи кон точно и прецизно подготвување на елаборатите и суспендирање на ДУП-от. Споменатите градби ќе создадат доплнителна демографска инвазија (9 пати од дозволената бројка) која ќе генерира и комунални, сообраќајни, образовни, социјални, па дури и културолошки проблеми. Последиците од донесените одлуки ќе натежнат врз многу идни генерации. Што се однесува до локалните жители, сопственици на старите куќи, сметам дека треба да се размислува во насока, тие да бидат соодветно обештетени на начин да можат да си купат станови од непродадените (веќе изградени или др.), кои ги има многу, на број скоро 12.000.

Борбата со урбаната мафија беше и остана една од најголемите цели не само на Општина Центар, туку и во цела држава. Уставниот суд го укина мораториумот, на сила повторно се урбанистичките планови кои голем дел од јавноста ги смета за криминални. Досега мал дел од плановите се ревидирани од вкупно над 30 спорни ДУП-ови, па дали очекувате целосно нивно решавање за Мораториумот да даде резултат? Дали тоа ќе биде оставштина за идниот градоначалник?

-Терминот „урбана мафија“, јaс го разбирам во смисла на одредени групи на власт-моќ-интереси со коруптивен менталитет, поврзани заради реализирање на конкретни цели и намери. Што значи вистинската борба би значела справување со корупцијата и департизацијата во локалната самоуправа. „Мораториумот“ пак, го разбирам во неговото основно значење, како законски одредено одлагање на постапка или работа во вонредни услови. Оттука, истиот би значел неопходно обезбедување на време и на услови за проверка на тековната состојба на ДУП-ови и утврдување на проблемите, а не како целосно запирање на изградбата како процес. Ова секако ќе биде оставнина за идниот градоначалник.

Како, според вас, може да се спречи непланското градење додека не се променат сите планови?

-Сметам дека треба да се започне од почитување на законските одредби и постапки, односно Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со придржување кон соодветните правилници – Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина, форма и начинот на обработка на урбанистичките планови. Како и со стручно подготвен и посветен урбанистичко-архитектонски кадар и оддел.

Борбата против „Скопје 2014“ го одбележа минатиот мандат на градоначалникот на Центар. Се менуваше планот за Мал Ринг, се најавуваше дислокација на дел од спомениците, рушење на Порта Македонија и споменикот Мајка Тереза, па дури се шпекулираше за негово легализирање. Богдановиќ тврди и дека поднел триесетина кривични до ОЈО за проектот, но колку успеа да се спротистави и да го „демонтира“ овој, како што го нарекува криминален проект?

-Овој случај познат во јавноста како „Скопје 2014“ беше главен мобилизаторски наратив во претходната изборна кампања на споменатиот градоначалник. Но, решителна борба не видовме. Не успеа ни тој, а ни актуелниот скопски градоначалник да направат воопшто нешто во врска со овој случај. Дури беше формирана и стручна Комисијата при Министерството за култура за да подгови темелен извештај. Откако, Комисијата го подготви Извештајот, истиот беше доставен до Владата и толку. Не беа превземени, никакви акциони постапки за реализирање на сугестиите и на забелешките на Комисијата во практика. Се чини дека овој предмет е затворен во фиока. И за ова нема оправдување.

Имајќи го токму ова на ум, направив алузија во споменатата моја изјава. Односно, индиректно сакав да укажав, дека ако за 8 години позициско владеење во локалната самоуправа и 5 години владеење во централната власт и да не направите каква било постапка во врска со овој случај е еднакво на одобрување, на прифаќање – исто како да сте го потврдиле како свој.

Лично сметам, дека просторот е пренатрупан и треба да се релаксира и да се дислоцираат некои споменични обележја, во некои други места или градови. Дури имам и естетски забелешки на дел од изработените споменици, во врска со веродостојниот приказ, како на пример споменикот на М.А.Ченто, П.Прличко, А.Шопов.

Ново „чудовиште“ е во најава на земјиштето кај фабриката „Треска“ каде се планираат висококатници. Професионалци од урбанистичко-архитектонската фела велат дека конкурс за оваа локација е можно и единствено исправно решение. Сметаат дека не треба по секоја цена да се форсира просторот за домување, кое се чини дека носи најголем, брз и лесен профит, туку напротив треба да се бараат други содржини и намени за профитирање. Може ли Општината да пресече во овој случај иако претежно се работи за приватно земјиште?

-Се согласувам, овој случај од страна на Центарци, дури и доби именување „напилитанки згради“ (заради големиот број на предвидени згради, преку 30). Пред јавноста се предочува, дека формално тоа што се прави, е во ред, но во суштина се остава простор за реализација на незаконски ДУП-ови и на практиката за откуп на државно земјиште.

Овде сè уште може да се спречат несаканите последици, од сомнителните игри на поединци (бизнисмени и политичари здружени во круптивен брак). Може и мора да се донесе усогласен ДУП согласно параметрите предвидени во ГУП-от како што налага Законот за урбанистичко планирање, со изработка на проект од професионални лица, а не од фирми чии сопственици се со сомнително „стекнато право“, кои условувајќи го урбанистичкото организирање на просторот не ја прифаќаат ни опцијата за организаирање на јавен конкусрс во врска со ова прашање. Сметам дека врз основа на јавна и транспарентна постапка, ценејќи ги сите мислења од јавното изјаснување за реалните потреби на граѓаните, така и да се уреди овој простор.

Што можете да донесете на Општината, доколку бидете избрана за следен градоначалник? Кои ќе бидат вашите приоритети? Како планирате да ја развивате Општината?

-Сакам да ја видам општина Центар како културно средиште на градот и на државата во вистинска смисла на зборот. За ова е потребна решителна определба за воведување на работата како основна вредност во делувањето. Спремна сум да работам со посветена и одговорна администрација, која ќе биде вистински сервис за потребите на Центарци, а не како досега мистична и недопирлива. Непријател сум на коруптивниот менталитет и на партизацијата воопшто.

Предизвиците нема да ги решавам сама, туку со тим на луѓе веќе докажани со своето знаење и способности во одделните дејности, особено без да водам грижа за нивната политичко-партиска и идеолошка определеност. Ова пак ми значи заради реализирање на конкретните задачи произлезени од интересите и потребите на граѓаните (жители или членови на одделни групи, организации) во доменот на урбанистичко-архитектонската сфера (комуналните услуги), за заштита на животната средина, чистотата и редот, организирање на сообраќајот и безбедноста на истиот, културата, образованието, заштитата на културното наследство и многу други. Мојата визија е за отворена и функционална општина, која после четири години ќе биде јадрото на градот како вистинска европска метропола.

Б.М.

Слични содржини