Интервју со Марковски: Центарот на Скопје е своевиден урбано-архитектонски Чернобил, ќе мора да се најде начин како тоа да се поправи

Доколку добро ја разбирам алузијата дека Скопје може да функционира единствено ако дојде до партиско совпаѓање, односно преклопување помеѓу локалната и централната власт, тогаш чуму ни се локални избори, прашува кандидатот за градоначалник на Скопје

од Nikola Popovski
91 прегледи Фото: Принтскрин

Едноставно кажано се наоѓам во фаза кога чувствувам потреба да го споделам сето свое знаење, стручно и животно искуство за доброто на мојот роден град, за неговите жители, моите сограѓани. Да презентирам еден нов концепт за водење на градот во кој стручноста и одговорноста ќе бидат главните вредности на сите раководни лица, вели во интервју за „Локално“ деканот на Градежен факултет и кандидат за градоначалник на Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно“, Горан Марковски за потегот да се вклучи во трката за градоначалничката функција.

Смета дека Скопје е град со хронични слабости, односно „Монти Пајтон“ метропола. Поради тоа оценува дека скопјани веќе немаат време за губење и чекање и не смеат да ја прокоцкаат понудената независност.

-Од оваа, како што ја нарекувате, битка само Скопје може да излезе како вистински губитник. И вистински и најголем. Особено ако упорно продолжи да ги игнорира емпириски (емпирија = наука заснована на искуство) извлечените заклучоци од претходните изборни циклуси. А тие водат кон две непобитни вистини. Првата е дека во последните 30 години Скопје никогаш не било водено од вистински независен градоначалник. И втората е денешната катастрофална состојба во која градот живурка. Генералниот заклучок сам се наметнува. За него нема потреба да се консултира вештачката интелигенција. Сосема доволна е и онаа другата, истакнува Марковски.

Деканот наведува дека градењето во главниот град треба да се регулира, не да се сопре. Според него, мораториумот е популистичка мерка која кога-тогаш пропаѓа.

– И да не биде дека само критикувам, сега само ќе споменам дека во програмата која ќе следи ќе бидат наведени неколку мерки со кои многу брзо ќе се воведе ред во оваа моментално де-регулирана дејност, вели тој во интервјуто.

Марковски меѓу другото најавува „поправки“ и за самиот центар на Скопје.

-Центарот на градот е проблем за во учебник. Скопје остана без центар. Таму има сѐ само она што треба да го има го нема. Плоштадот, околните улици, Камениот мост и да не набројувам повеќе, наликуваат на запуштени простори кои сакате што побргу да ги напуштите. Своевиден урбано-архитектонски Чернобил. Токму затоа е потребна стручност и мултидисциплинарен приод кога се носат одлуки за покренување сериозни инвестиции, посочува кандидатот за градоначалник.

Од Декан на Градежен факултет до кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Независните. Како дојде до соработката и зошто се решивте на ваков потег?

-Првиот и единствен мандат како Декан на Градежниот факултет ми завршува на 30-ти септември. Правото да се кандидирам за втор не го искористив, единствено од принципиелни причини. Сметам дека еден мандат е сосема доволен човек да покаже колку знае и умее. Да ја презентира својата визија за иднината на институцијата, да ги постави и надогради темелите на нејзиниот развој, да го насочи кормилото кон зацртаната цел, да создаде критична маса за реализација на  програмските определби. Секако, доколку тие биле реални, добро осмислени и одмерени и чесно предложени.

За да не ми биде животот здодевен после завршувањето на деканскиот мандат, кој патем речено беше исполнет со бројни, би рекол револуционерни активности и проекти од секаков вид, се погрижија активистите од НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО кои дојдоа со понуда која во дадениов момент едноставно не можеше да се одбие. Не дека таа нуди некакви бенефиции. Напротив. Тоа беше предлог кој пред сѐ изискува излегување од академската комфорна зона, своевидно  себе-жртвување за добробит на заедницата. Но секако и голем личен предизвик.

Едноставно кажано се наоѓам во фаза кога чувствувам потреба да го споделам сето свое знаење, стручно и животно искуство за доброто на мојот роден град, за неговите жители, моите сограѓани. Да презентирам еден нов концепт за водење на градот во кој стручноста и одговорноста ќе бидат главните вредности на сите раководни лица. Да покажам дека може и поинаку.

Иако можеби дојде од неочекувана адреса, опозициската СДСМ „препознава“ политички и бизнис влијанија врз независните кандидати. Дали ова е само обид да се сопре одливот на гласачи од нивното тело, според вас?

-Искрено, не ми се јасни ваквите „препознавања”. Можеби има нешто што јас не знам, односно нешто што не можам да препознаам, но навистина не верувам дека една така голема и сериозна партија би трошела енергија на нас независните.

Што се однесува до мене лично, можам само уште еднаш да напоменам, колку и тоа некому да изгледа нестварно во ова наше секојдневие, дека во овој процес влегувам со една единствена, од гревови прочистена цел – да му помогнам на Скопје. На мојот роден град. Град кој е донесен до бунило. Град кој се гуши, тоне во смет, се суши. Град кој моли, чезнее за шанса.

Скопје е „метропола“ која пропаѓа, тоа најмногу го чувствуваат скопјани кои виделе многу подобри времиња за овој град. Кое најитното прашање со кое ќе се зафатите доколку ја добиете поддршката од граѓаните?

-Скопје е град со хронични слабости. Главен град на држава во XXI век со проблеми од XIX век. Со недостиг на вода за пиење, расфрлано ѓубре, дивоградби, прашина на сите страни, диви и запалени депонии, непрочистени отпадни води, макадам улици, без јавен превоз, со кучиња скитници, непрегледани мостови и како врв на сѐ – со истепана градоначалничка. Монти Пајтон метропола.  Европска престолнина на трагикомедијата.

Ваквата состојба создава безнадежност и конфузија. Би рекол и благ паничен напад кај оние со чувство на одговорност. Логиката (ако во градов воопшто остана место за некаква логика)  налага да се започне со давање прва помош, односно со вештачко дишење. Да му се внесе на Скопје малку кислород за да може да добие шанса за живот. Тоа значи веднаш да се пристапи кон решавање на проблемот поврзан со загадувањето. Но не само декларативно, паушално и популистички. Туку инженерски, со стручно знаење и конкретни мерки кои ќе даваат резултат. Кои егзактно, со постојан мониторинг ќе бидат контролирани и верификувани. Тука, се разбира, влегува и проблемот со сообраќајот кој секако е една од причините за целосно запушените градски алвеоли.  Скопјани веќе немаат време за губење и чекање. Скопјани не смеат да ја прокоцкаат понудената независност. Новодобиена шанса. Зошто во Скопје и воздухот убива, зарем не!

Фото: Фејсбук

Блокадата на Советот е проблем со кој се соочуваме четири години, секако најмногу тоа го почуствуваа граѓаните на свој грб. Очекувате ли сличен епилог и во следните 4 години, доколку не се оствари сценариото на партијата на Власт?

-Доколку добро ја разбирам алузијата дека Скопје може да функционира единствено ако дојде до партиско совпаѓање, односно преклопување помеѓу локалната и централната власт, тогаш чуму ни се локални избори. Само непотребно трошење пари на граѓаните за глумење демократија. Глума за „Златна малина“.

Умешноста на градоначалникот е врз основа на својот личен авторитет и интегритет, стручноста, чесноста, искреноста и отвореноста за соработка со сите оние кои му мислат добро на градот, да не дозволи блокада на неговото функционирање. Потполно сум свесен за општествено политичкото опкружување во кое живееме, но истовремено и за своите лични когнитивни и бихеворијални способности. Белким моето четири децениско работно искуство оставило некакви траги, нешто врз основа на што можам да тврдам дека блокада на Советот нема да има. Прво затоа што ќе има максимална отвореност и видливост на мојата, но и на работата на Советот, но и затоа што сум подготвен во таков случај да побарам распишување на вонредни избори или едноставно, за доброто на градот да си поднесам оставка и со мирна совест да се повлечам. Мојата животна и професионална реализираност, а и совеста нема да ми дозволат да бидам дел од такво злосторничко здружување. Верувам дека во една позитивна и колегијална атмосфера нема да има ни советници кои партиските или лични интереси ќе ги стават пред интересите на градот и своите поколенија.

Јавноста беше сведок на огромната поддршка која Арсовска ја доби од владејачката партија, а потоа и може да се рече, „јавниот линч“ кога договорот пропадна. Прашањето е дали е ова однапред изгубена битка за вас, со оглед дека граѓаните гласаат за партија, а не за човек? 

-Од оваа, како што ја нарекувате, битка само Скопје може да излезе како вистински губитник. И вистински и најголем. Особено ако упорно продолжи да ги игнорира емпириски (емпирија = наука заснована на искуство) извлечените заклучоци од претходните изборни циклуси. А тие водат кон две непобитни вистини. Првата е дека во последните 30 години Скопје никогаш не било водено од вистински независен градоначалник. И втората е денешната катастрофална состојба во која градот живурка. Генералниот заклучок сам се наметнува. За него нема потреба да се консултира вештачката интелигенција. Сосема доволна е и онаа другата.

Инаку јас лично веќе се чувствувам како победник. Затоа што, пред сѐ благодарение на активистите од НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО кои мошне умешно ја артикулираа мојата искрена желба за себе-вложување во подобро на заедницата, добив можност да претставам еден нов концепт пред граѓаните, за кој сум сигурен дека, со мене или без мене, е добитната комбинација за Скопје. Бинго!

Како експерт во полето, сметате ли дека треба да се сопре со градење во централното подрачје на Скопје? Дали градот треба да почне да се шири со градби, но во околината?

-Градењето треба да се регулира, не да се сопре. Мораториумот е популистичка мерка која кога-тогаш пропаѓа. На Скопје му недостасува регулираност, односно почитување на пропишаните стандарди на генерално ниво. Не само во областа на градежништвото. За дивоградбите не сакам ни да говорам. За нарачаниот урбанизам во друга прилика. Овде ќе наведам дека проблем е што во градот и градбите со одобрение се градат на див начин. Се загрозува околината на градилиштето со години. Без соодветно прописно оградување со заштитни огради (ни однадвор, ни внатре), со бучава над дозволената, со непочитување на пропишаното работно време, со ширење прашина, со загадување на околните сообраќајници со кал, песок и сл., со уништување на тротоари, улици, шахти, итн итн. Долготрајно силување на целото соседств кое станува групна жртва на интересот на поединци. И за жал беспомошноста и недовербата во институциите, во оние кои треба да не заштитат, доведе до целосна општествена пасивизација и прифаќање на сето ова како наше ново реално.

И да не биде дека само критикувам, сега само ќе споменам дека во програмата која ќе следи ќе бидат наведени неколку мерки со кои многу брзо ќе се воведе ред во оваа моментално де-регулирана дејност.

Постои идеја, која не е нова, за целосно (или барем делумно) сопирање на сообраќајот и правење на центарот на градот пешачка зона. Дали поддржувате сличен потфат, со оглед на хаосот кој го гледаме секојдневно? Колку тоа би било проблем за бизнисите?

-Ќе почнам со бизнисите. Да, секако дека мора да се води сметка за развој на економијата на секое ниво. Но не на штета на основните потреби и интереси на човекот. Не смееме секаде и секогаш оправдување да бараме во економската исплатливост и оправданост на нештата. Во крајна линија покрај материјалните постојат и духовни богатства кои дури можат и повеќе да влијаат на нашето чувство за среќа.

Она што можам во моментов да го ветам е тоа дека сите предлог решенија ќе произлегуваат како резултат на стручни анализи од разни аспекти. Дека ќе бидат отварани дебати за да не се пропушти нешто важно за граѓаните, за функционирањето на градот. Целосна видливост на процесите.

Центарот на градот е проблем за во учебник. Скопје остана без центар. Таму има сѐ само она што треба да го има го нема. Плоштадот, околните улици, Камениот мост и да не набројувам повеќе, наликуваат на запуштени простори кои сакате што побргу да ги напуштите. Своевиден урбано-архитектонски Чернобил. Токму затоа е потребна стручност и мултидисциплинарен приод кога се носат одлуки за покренување сериозни инвестиции. Видете каков феномен се случи со центарот на Скопје. Добивме нови згради, споменици, мостови и др., а ги изгубивме луѓето. Да не должам. Ќе мора да се најде начин како тоа да се поправи.

Кои се главните точки на кои ќе се темели вашата програма? Какво Скопје вие сакате да видите за 4 години?

-Стручност, одговорност, посветеност, чесност. Спас на Скопје преку негов развој. Да се надополни испуштеното. Да се врати надежта кај неговите жители. Да видат дека Скопје може и поинаку. Дека и ние знаеме и умееме. Дека за тоа ни требаат само вистински луѓе на вистинско место. Докажани. Потврдени. Да создадеме град на кој по четири години ќе му се радуваме и со ќе се гордееме. Скопје нема време за експерименти.