Внимателен во изнесувањето на проекции за состојбите во автомобилската индустрија, претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, и директор на „Костал“, Виктор Мизо посочува дека вкупните бројки се се уште помали од оние пред пандемијата. Причините се познати- инфлација, раст на камати, намалена потрошувачка, економска несигурност и драстично зголемената крајна цена на возилата.
„Сметам дека во втората половина од годинава тој раст на продажбата ќе се намали во Европа, ќе биде побалансиран односно, поумерено ќе биде зголемувањето. И ние како компании веќе чувствуваме забавување, намалување и одложување на нарачките како за оваа така и за идната година“, вели Мизо во интервју за Локално.
Притисокот од кинеските производители на електрични возила кои се’ почесто може да ги видиме и во Европа, а се конкурентни и по цена, со соодветен модерен дизајн и квалитет, како и успехот на TESLA, дури и на германскиот пазар, ќе предизвика сериозна борба и преструктуирање во работата и влезот на нови идеа и технологии за задржуване на пазарниот удел и на конкуретноста на европските производители на автомобили, истакнува тој.
Подеднакво аналитичен пристап применува и во согледување на состојбите со странските инвестиции во земјава за кои вели дека не е искористен целиот потенцијал. Како формула за поголем успех ја посочува европската пракса каде привлекувањето на странските инвеститори е работа на професионална организација и институции со соодветен кадар и познавања.
„Задоволството или незадоволството од работењето на странските инвесттори во Македонија, може во голема мера да влијае врз одлуките на идните потенцијални инвеститори“, вели Мизо.
Македонија од нејзиното осамостојување, па до ден денес се обидува на секаков начин да привлече странски инвестиции, но сепак останува дилемата дали го постигнавме посакуваното ниво. На Вас како стопанственик голем дел од состојбите Ви беа познати и претходно, но каков е вашиот сегашен став, неколку месеци по именувањето за претедател на Советот на странски инвеститори при стопанската комора?
-Нашата цел како Совет на странски инвеститори и компании со странски капитал кои се присутни и работат тука, е да помагаме во подобрување на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Тоа значи подобрување на условите за работа со кои ние како компании се соочуваме, без разлика дали станува збор за домашни или за странски компании, за сите стопанственици кои работат и дејствуваат во државата. Советот не е активно вклучен во формалните сегменти на процесот на привлекување инвеститори, но компаниите по различни основи можат да ги споделат своите искуства и размислувања за нивната работа споредено со првичните очекувања, дали постои соодветна поддршка од институциите задолжени не само за привлекување, туку и за after care грижа; дали постои флексибилност кога е потребно подобрување на регулатива и сл.
Задоволството или незадоволството од нивното работење во Македонија може во голема мера да влијае врз одлуките на идните потенцијални инвеститори. За мене можеби е неблагодарно да коментирам бидејќи во еден дел од мојата кариера работев на привлекување на странски инвеститори и затоане можам во име на Советот директно да одговорам на ова прашање. Моја лична опсервација е дека нема доволен фокус во процесот на привлекување на странски инвестиции но и во процесот на длабинска секторска анализа на основните сегменти од индустриите кои сакаме да ги привлечеме и кон кои сме насочени; кој активно ја промовира државата како дестинација за инвестирање; кој чука на вратите на овие компании и ги презентира можностите во државата? Се согласувам дека имаме инвестиции врз основа на реинвестирање од страна на постоечки компании, но дали тоа е нешто кон кое единствено државата има влијание или тоа е едноставно резултат на експанзивните бизнис планови на постоечките компании? Јас би рекол дека и двете влијаат во некој сооднос, но сепак, потенцијалот за нови инвестиции не е целосно искористен и нема доволен фокус на нови компании кои би се лоцирале тука. Привлекувањето на странски инвеститори треба да биде работа на професионална организација и институција со соодветни познавања и кадар, како што е пракса насекаде во земјите од Европа и пошироко кои имаат успех во привлекување на инвестиции.
Како една од приоритетните активности на новото раководство беа споменати мерки за подобрување на инвестициската и деловната клима во земјата врз основа на континуирано следење на економските состојби. Во која насока би биле овие чекори и дали некои од нив во изминатиот период и беа предложени на Владата?
-На крајот од јуни, како Управен одбор на Советот на странски инвеститори имавме средба со Вицепремиерот Битиќи. Изложивме неколку наши идеи и забелешки, предложивме конкретни активности кои бараат дури и законски решенија, претпоставувајќи дека идната пролет ќе биде изборна. Сакавме да направиме приоритетен тајминг за да предложеното биде адресирано ефикасно до крајот на годината знаејќи дека во секоепредизборие можноста за законски измени и реформи е лимитирана па и невозможна.
Како прва тема на која разговаравме, беше да добиеме информација за иницијативата за ОЕЦД за глобален минимален корпоративен данок од 15%, како и кога тоа ќе се воведе во Македонија? Некои земји во ЕУ веќе размислуваат тоа да почне во Јануари, 2024 и затоа ние сакавме навремено да сме информирани за тоа кои компании и на кој начин ќе бидат опфатени, бидејки сега данокот е 10%.
Второ, баравме да се направи унификација на документите врзани со оправдани инвестициски трошоци меѓу давателите на државна помош заедно со усогласување и воведување на најнови сметководствени (IFRS) стандарди, по кои ние како компании треба да работиме меѓународно. Овие стандарди во Македонија сеуште не се воведени во пракса, така што за потребите на домашното законодавство работиме по стандарди од 2009 година.
Трето, усогласување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во делот нависината на помошта за креирање на работни места преку индексирањесо растот на минималната плата како и минималниот праг за вредност на инвестиции.
Четврто, дополнително хармонизирање на домашните царински тарифници со оние во ЕУ. Пред минатата година имавме усогласување на 258 стапки, но има и компании со поширока палета, па зголемените стапки за нив значат проширена конкурентност. Ова не се однесува само за домашните или само за странските компании, туку буквално за сите производители кои настојуваат да држат чекор со исклучително високата конкурентност на глобалниот пазар, и ова усогласување на царинските стапки ќе помогне во тоа.
Петто, бараме Советот на странски инвеститори да биде активно вклучен во консултациите за промена на законската регулатива,особено онаа која е директно поврзана со економски активности. Не да се чека текстот да помине на Влада, па на ЕНЕР да се коментира, туку и ние активно да се вклучиме со наши забелешки и предлози во почетната фаза од процесот. Бидејќи мултинациналните компании имаат свои испостави и работат во различни јурисдикции низ светот, зошто да не предложиме законско решение кое како компании сме го сретнале некаде кое не е спротивно на правилата и прописите на ЕУ за да може да се имплементира? Зошто да не се искористат тоа знаење и искуство?
Шесто, структурни реформи во формалното образование, не само во средно стручно туку и на техничките факултети каде квалитетот и квантитетот на идните кадри би се креирал според потребите на прогресивниот бизнис сектор. Затоа, предлагаме наместо индивидуален пристап од компаниите за обезбедување стручен кадар, да се најде модус и да се направи заеднички план на ниво на држава како да се подигнат стандардите на образовниот систем за формирање едуциран кадар според потребите на бизнисот.
Овие шест теми ги предочивме и веќе имаме договорен состанок во Септември.Во меѓувреме очекуваме дека веќе се работи на некои од овие решенија, и се надеваме дека поголем дел од предлозите ќе може да се заврши во текот на оваа календарска година.
Колку се оправдани тврдењата дека сите власти досега ја промовираа земјата кај инвеститорите нудејќи евтина работна сила. Од друга страна сега се соочуваме со недостиг и обид да најдеме работници од странство. Може ли овој нов момент да влијае негативно врз привлекувањето странски инвестиции?
-Евтина работна сила во споредба со кого? Слушаме дека порано земјата привлекувала инвеститори само со адут за евтина работна сила, но за кратко време сме станале локација за високо технолошко напредни компании со квалификувана работна сила. Како дошло до ваква револуција и трансформација останува енигма. Се отворија ли во Македонија факултети од рангот на Stanford или MIT, па одеднаш порасна квалитетот и квантитетот на техничкиот кадар? Што се случи во меѓувреме? Станавме ли Ирска со БДП по глава на жител повисок од Германија за да инсистираме исклучиво на најсофистицирани инвестиции?
Компаниите како Johnson Matthey, Aptiv, Kostal, Marquardt, Kemet кои одлучија да инвестираат во периодот кога земјата се претставуваше, меѓу другото, како локација со конкурентна цена на работна сила, денес имаат технолошко најнапредно производство во нивните индустрии, вработуваат многу граѓани со високи плати. Во меѓувреме многу работи не се сменија , освен апсолутната вредност на платите која е зголемена заради општиот недостиг на работна сила , но релативно гледано, се уште сме помеѓу најконкурентните дестинации од гледна точка на трошоци на работна сила. Се споредуваме со Етиопија и Лаос или се споредуваме со Западен Балкан и Централна Европа и Турција? Словенија и Хрватска не ни се конкуренти во процесот на привлекување на инвестиции, така да релативноста на платите не е променета. Реално гледано, процесот на привлекување инвестиции, посебно од производствените дејности, се врши во тој регион. Во целиот регион има засилен процес за привлекување на инвестиции. Сега сме поскапи од претходно затоа што се’ поскапе.
Недостигот на работна рака е сосема друга тема. Земји од соседството и претходно имаа странски работници (пример Чешка, Бугарија, Словачка, Србија). Прашањето е дали и за колку такви работници ние сме интересна дестинација и за што точно ни се потребни – дали за градежништво, за текстилна дејност, за угостителство или во технолошко напредна автомобилска индустрија? Ги поседуваат ли потребните квалификации и знаења кои креираат додадена вредност и зголемена продуктивност генерално? За различни дејности се потребни разни квалификации за што треба време за обука. Треба да се направи дистинкција за кој сектор станува збор. За трудоинтензивните компаниине сме интересни како локација бидејќи подолг период немаме доволно кадар. Нема таква компанија која денес лесно би вработила од 2000 до 3000 работници на едно место. Но, за градежништвото или угостителство не се потребни 2000 работници на едно место.Ова е комплексно прашање кое треба да се анализира од културолошки но и од социолошки аспект.
Во моментов, Србија стои најдобро од земјите од Западен Балкан во однос на број на странски инвестиции. Какви чекори треба да превземеме за да ја престигнеме?
-Факт е дека бевме конкурентни со Србија до пред неколку години но прашање е зошто опаднаа фокусот и ентузијазмот за инвестиции. Низ годините разликата во нето прилив на странски инвестиции во двете земји се зголемуваше и покрај тоа што кај нас расте грант – компонентата од државната помош за инвестициите. Во Србија лани имаше над 4.6 милијарди евра инвестиции и разликата со резултатите на Македонија се зголемува бидејќи ние лани имавме 700 милиони евра. Ќе рече некој, биле повеќе од претходната година но, се е во релативната вредност и аголот од кој се прави обсервацијата. Колку од овие инвстиции се во обновливи извори на енергија, големопродажба, во градежништво а колку во реално производство?
Структура на инвестициите во Србија и во другите земји варира, иако и таму се засметуваат приливите од инвестиции во енергетика, инфраструктура, преработка на храна. Сепак, бројот на нови проекти во напредни производствени технологии е поголем и од причина што имаат сериозни и конкурентни образовно-технолошки центри во Нови Сад, Белград и Ниш. Тоа секако придонесе за прилив на инвестиции од повисок степен на комплексност како што бешесо отварањетопроизводни капацитети, но и центри за истражување и развој на Continental, ZF, Rivian иNidec. Впечатокот меѓу компаниите е дека таму се многу попосветени и попрофесионални од нас во процесот на привлекување на странски инвеститори,но и во обезбедувањето на институционална грижа за нив.
Каква е состојбата со автомобилската индустрија во земјава која според последните податоци генерира 60 отсто од македонскиот извоз? До каде е најавата дека сите идни системи за енергетска електроника за плаг-ин хибридните возила на Volkswagen групацијата од 2024 ќе се произведуваат во „Костал“?
-Точна е најавата дека сите идни системи за енергетска електроника за „плаг-ин“ хибридните возила на Volkswagen ќе се произведуваат во „Костал“ во Охрид. И да, речиси 60% од вкупниот извоз од земјата е од странските компании, од кои најголем дел се од автомобилската индустрија.Точно е дека од година во година се зголемува вредноста на извозот, но посебно за изминатите две години, дали секогаш е тоа во вредност или обем? Со зголемување на цените на материјалите и вредноста на увозoт и извозот значително растат. Во Европа во првите шест месеци оваа година се продадоа 18% повеќе возила од лани, но се уште е тоа над 20 % помалку од 2019 – годината пред пандемијата. За голем број од продадените возила нарачки беа направени ланизаради нарушените синџири на снабдување и пролонгираните рокови на испорака. Сега гледаме дека економските параметри за Европа креираат дополнителни трошоци (инфлација и каматни стапки) и несигурност кај населението за купување на нови возила. Сметам дека во втората половина од годинава тој раст на продажбата ќе се намали во Европа, ќе биде побалансиран односно,поумерено ќе биде зголемувањето. И ние како компании веќе чувствуваме забавување, намалување и одложување на нарачките како за оваа така и за идната година.
Во сегашната економска состојба сме соочени со инфлација (која е се уште висока), раст на каматите, и економската несигурност од една страна, а драстично зголемена крајна цена на возилата, од друга страна. Сите размислуваат во насока на тоа дали да почекаме една година за да купиме ново возило, што во суштина ќе доведе до помало зголемување на продажбата. И дел од европските производители на возила најавуваат намалување на трошоците, штедење и стегање на ременот.
Не сум скептик но сум умерен во тоа што ќе се случува до крај на оваа година. Цената на енергенсите е се уште висока заради војната во Украина.Веќе и во Германија има компании кои сакаат да инвестираат и да го префрлат производството на други локации. Притисокот од кинеските производители на електрични возила кои се’ почесто може да ги видиме и во Европа, а се конкурентни и по цена, со соодветен модерен дизајн и квалитет, како и успехот на TESLA, дури и на германскиот пазар, ќе предизвика сериозна борба и преструктуирање во работата и влезот на нови идеи и технологии за задржување на пазарниот удел и на конкуретноста на европските производители на автомобили.
К.В.С.