Луѓето кои ме познаваат, но и поголемиот дел од јавноста знаат дека сум истраен, посветен и едноставно незапирлив човек за предизвици, кога се работи за доброто на пациентите. Овај пат решив мојата енергија да ја посветам за доброто на граѓаните, вели во интервју за „Локално“ доктор Маја Мојсова-Мијовска, која е кандидатка на СДСМ за нов градоначалник на општина Карпош, запрашана за нејзината одлука да влезе во трката за локалните избори.
-Како лекар најпрво ќе го посочам и посветено и најсериозно ќе работам на квалиететот на воздуот и на хигиената. Максимален напор ќе дадам во делот на зачувувањето на зеленилото и екологијата, вели Мојсова Мијовска за најголемите недостатоци во општината и што е тоа за што ќе се бори наесен.
Уверува дека ќе бидат разгледани сите пријави за дивоградби.
-Мора да почнеме еднаш засекогаш да работиме согласно законите но исто така нема да дозволам да граѓаните останат без дом. Со тие ќе најдеме заеднички решенија согласно законите. Македонија има закони за се, но проблемот е во имплементирањето и непочитување на истите. Ајде да не бидам многу строга и да кажам тонеме кон безаконие. Тоа сите го знаеме, истакнува кандидатката за градоначалничка.
Вели дека општината ја гледа како модерна општина, па и во однос на наводнувањето на зелените површини.
-Постојат повеќе решенија како изградба на мали бунари, бушотини кои ќе овозможат вода надвор од мрежниот систем. Правење на мрежа на прскалки кои ќе имаат тајмер и ќе прскаат со одредени динамика во одредени делови од денот и ноќта, а вработени само во делот на надгледување на овие современи решенија. Со тоа се остава простор, не дополнително да се вработува, туку и вработените од овие позиции освен надзорот да се посветат во другите сегменти од зачувување на здравата животна средина, наведува Мојсова Мијовска во интервјуто околу тоа кои се дел од нејзините планови доколку стане предводничка на скопската општина.
Како дојде одлуката да се кандидирате за градоначалник на Карпош и зошто влегувате во оваа трка?
-Одлуката да се кандидирам за градоначалник беше изненадување за многумина. Во тоа сум сигурна. Но одлуката воопшто не е изненадување за мене. Луѓето кои ме познаваат, но и поголемиот дел од јавноста знаат дека сум истраен, посветен и едноставно незапирлив човек за предизвици, кога се работи за доброто на пациентите. Овој пат решив мојата енергија да ја посветам за доброто на граѓаните. Карпош е мојата населба и мојот дом. Карпош е и една од поубавите урбани општини во сплет на старото и новото време. Карпош заслужува градоначалник кој конечно и вистински ќе работи за доброто на сите.
Кои се најголемите недостатоци на Карпош како општина? Каде ќе успеете таму каде што вашиот претходник затаи?
-Една од причините зошто влегов во трка за градоначалник се токму тие недостатоци и проблеми со кои се соочува општината. За бројот и опсегот на затекнатите проблеми би можеле да зборуваме до утре. Но јас сум човек кој повеќе е насочен кон решенијата. Но еве ќе одговорам накратко. Како лекар најпрво ќе го посочам и посветено и најсериозно ќе работам на квалиететот на воздуот и на хигиената, Максимален напор ќе дадам во делот на зачувувањето на зеленилото и екологијата. Од петни жили ќе се борам за зачувување и оддржување на секоја педа зелена површина. Зошто здравјето на секој еден од нас почнува токму од тука. Од почист воздух и поздрава средина. И да, што помалку згради, толку повеќе воздух за Карпош.
Лично, а верувам и повеќето карпошани со години сме згрозени од нехигиената и запуштеноста на јавните простори. Динамиката на справување со отпадот и изнаоѓањете на одржливи и современи решенија ми е еден од главните предизвици.
Главен проблем во општината е просторот за паркирање. Толку сме затрупани со градбите и зградите, без при тоа никој да не ги следи урбанистичките планови и останатите потреби околу живеалиштата. Јас ќе пробам пред се да ги изнајдам најсоодветните решенија за овие горливи проблеми што го отежнуваат секојдневието на карпошани.
Во периодот од 2019 до 2023 година, на територијата на скопскиот регион биле пријавени вкупно 740 бесправно изградени објекти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, од нив, Карпош е меѓу лидерите со 98 пријавени случаи. Како планирате да се справите со овие случаи?
Најодговорно тврдам дека ќе бидат разгледани сите пријави за дивоградби. Мора да почнеме еднаш засекогаш да работиме согласно законите но исто така нема да дозволам да граѓаните останат без дом. Со тие ќе најдеме заеднички решенија согласно законите. Македонија има закони за се,но проблемот е во имплементирањето и непочитување на истите. Ајде да не бидам многу строга и да кажам тонеме кон безаконие. Тоа сите го знаеме. Зошто токму непочитувањето на законите не доведе до ова беззредие. Ред и поредок, најпрво. Тоа ви го кажувам и како совесен граѓанин и како иден градоначалник на Карпош. Ве уверувам нови дивоградби нема да има. Видете, не е важно дали се тоа навидум мали или големи нешта. Дали станува збор за непочитување на прописите за заштита од бучавата, бесправно градење, узурпација на јавни површини, вандализам на јавни добра, како уништување на игралишта, клупи и други јавни површини, фрлање на ѓубре било каде и сл. Се се тоа големи нешта кои го отежнуваат животот.
Правење компромиси и прогледување низ прсти не доведе до урбанистичко силување на Карпош и на цело Скопје. Ќе речете „ама сите ова го ветуваат пред да дојдат на позиција, а потоа забораваат“. Но мојот предизвик зошто се кандидрав е токму овој. Да докажам и покажам дека може и подруго. Ќе се борам и да се изборам против оваа потчинетост и сервилност кон оние кои во трката за профит газат преку законите и преку квалитетот на живеењето на луѓето.
Спорната зграда кај Воена болница е еден од случаите кои ги вознемири граѓаните. Општина Карпош не ја поништи градежната дозвола иако парцелата е во заштитено подрачје на зградата-споменик, Воената болница. Како го коментирате овој случај, иако таму веќе има кренато веќе над десет ката?
-Ги следев будно сите реакции и бранувања околу оваа градба. По превземањето на функцијата градоначалник ќе ја разгледам посветено целата документација заедно со службите со општината и врз основа на истата ќе ви дадам прецизен и јасен став по ова прашање.
Има голем проблем со бучавата во цела Општина, правилата за музика не се почитуваат од локалните кафулиња, како жителка сте сигурно запознаени. Зошто буквално се малтретираат граѓаните, а никој не го решава овој проблем со години? Дали угостителите се посилни од општинските власти?
-Да, точно е дека во одредени населби има проблеми со бучавата но тоа е решливо. И не, не мислам дека угостителите се посилни од општинските власти. Повторно се враќаме на преходното. Не може никој да е посилен од законите и првилата. Решението го гледам во многу почестиот надзор инспекциските тимови. Значи повеќе инспектори на терен, многу помалку бучува.
Дали, по ваше мислење, проблемот со отпадот може да се реши ако се префрли на приватни компании?
-Соработката со комуналните претрпијатија е исклучително важна. Заеднички решенија и тоа итни решенија мора да се превземат. И да им се понудат овие решенија на граѓаните. Граѓаните да одлучат дали во овој дел да се вклучат и приватни компании или не. Но на мислење сум дека првично треба да се зајакне одговорноста и посветеноста кон надлежностите на постоечките претпријатија.
Познато е и дека општината мака мачи со вработени, односно со луѓе кои ќе ги одржуваат тревните површини, па често Карпош изгледа како да е „Сахара“. Колку се проблем ниските плати, а колку немањето стратегија за овој проблем?
-Јас општина Карпош ја гледам како модерна општина па и во однос на наводнувањето на зелените површини. Постојат повеќе решенија како изградба на мали бунари, бушотини кои ќе овозможат вода надвор од мрежниот систем. Правење на мрежа на прскалки кои ќе имаат тајмер и ќе прскаат со одредени динамика во одредени делови од денот и ноќта, а вработени само во делот на надгледување на овие современи решенија. Со тоа се остава простор, не дополнително да се вработува, туку и вработените од овие позиции освен надзорот да се посветат во другите сегменти од зачувување на здравата животна средина
Би сакала да користиме позитивни пракси од регионот – Словенија како репер и да ги прилагодиме и имплементираме конечно тука.
Што се однесува до месечните надоместоци на вработените, ако направиме европска општина, вработените заслужуваат и европски плати. Ние имаме стратегија. Сериозна.
За крај, како ги гледате своите шанси, може ли д-р Мојсова да стане нов градоначалник на Карпош?
-Апсолутно да . Граѓаните го заслужуваат тоа. Ајде да го реанимираме Карпош заедно.
Н.П.