ИНТЕРВЈУ со Наумоски: Најголемиот предизвик за време на пандемијата беше зголемената потреба на пазарот и задоволување барањата

од Vladimir Zorba
995 прегледи

Домашните препознатливи брендови Стоби флипс,Атлантис и Цевитана во изминатите години станаа подеднакво вкусни и на купувачите во триесетина земји во светот. Во острата конкуренција на кондиторскиот пазар Витаминка успеа да стане една од нашите најголеми извозни компании. Исцртувајќи пресек на оваа автентична приказна, генералниот извршен директор на Витаминка АД Прилеп, Сашо Наумоски за „Локално“ го посочува континуираниот процес на создавање квалитет, но и проблемите на тој пат.

Квалитетен и смислено пласиран производ си го отвора својот пат до пазарните полици, но тоа е само половина од она што е потребно. Навистина, конкуренцијата во кондиторската индустрија е голема, згусната и голем дел нелојална и овој дел од пазарот е потребно да се регулира’’, вели Наумоски.

Изразува задоволство од начинот на кој компанијата успеала да се прилагоди на новите услови за време на пандемијата, но не и од помошта на државата.

„За жал ние како голема компанија не добивме помош. Неопходна беше интервенција од државните институции за сите компании, и тоа сè уште ќе трае. Некои индустрии се навистина блокирани и мора да бидат одржувани на некој начин’’, посочува Наумоски.

Како исклучително проблематичен го издвојува фактот дека со подеднаков напор и тешкотии се соочуваат на домашниот и на странскиот пазар.

Проблемот продолжува на странските пазари, каде ние никогаш не добиваме реципроцитетен однос, секогаш сме оставени самите да се избориме за продор на странските пазари, натпреварувајќи се со домашната многу фаворизирана и добро позиционирана понуда. Контрапродуктивно е за нас, како индустрија што во иста таква состојба сме, за жал и на домашниот пазар, додава Наумоски.

Витаминка е гигант во прехранбената индустрија и една од најпрепознатливите компании во државата. Колку е лесно/тешко да се изоди овој пат во општество во кое не секогаш важат само пазарни услови, а проблемите од неекономска природа се секојдневие?

-Кога создавате квалитет, кога производите ви се истакнуваат со автентичност, кога во нив се внесени вредности што потрошувачите ги бараат и препознаваат, тогаш и попатните потешкотии не изгледаат толку непремостливи. Скоро седум децении работиме на овој пазар, имаме искуство, знаење, сме поминале низ најтурбулентните периоди, а притоа сме успеале да растеме и да се развиваме, да создадеме огромна палета производи, се шириме, инвестираме во нови технологии, создаваме нови производи, тоа е нашето вредно наследство. Но сепак, потешкотии на овој пат имало, и сè уште има. Може да кажеме дека квалитетен и смислено пласиран производ си го отвора својот пат до пазарните полици, но тоа е само половина од она што е потребно.

Навистина, конкуренцијата во кондиторската индустрија е голема, згусната и голем дел нелојална и овој дел од пазарот е потребно да се регулира. Ние работиме комплетно производство, од развој на нов производ, набавка на суровини, поминување преку сите транспортни процедури, воспоставување производни линии, технолошки процес, развивање производ и бренд, пласман на домашен и странски пазар, дистрибуција… Тоа е цел еден процес исполнет со многу аспекти што не зависат само од менаџерската умешност, или од производните капацитети.

Многу почесто станува збор за проблеми од неекономска природа. Но и според овие услови и во вакво окружување, ние работиме и чекориме напред. Ако за време на пандемија се зборува за прилагодување на вонредните услови, ние можеме да кажеме дека цело време работиме со прилагодување на услови кои не зависат од нас, а сепак тоа не нè спречува да бидеме тоа што сме и таму кај што сме, присутни во секој дом и лидер на пазарот.

Дали пандемијата ве натера да го прилагодите производството на новите потреби на потрошувачите и што конкретно направивте?

-Пандемијата нè натера на многу работи, пред сè ни наметна поинаку да размислуваме и поинаку да гледаме на работите. А индустријата и производните процеси беа ставени пред еден голем предизвик. Прилагодувањето на новите услови беше клучно и приоритетно. Витаминка многу лесно и брзо се адаптира. Од самиот почеток направивме една голема реорганизација со воведување на сите заштитни и безбедносни мерки. Беа воспоставени нови процедури, пред сè безбедносни, за вработените и за производниот процес. Сето тоа ни ја смени дневната рутина, но не предизвика други отстапки во однос на работата и континуираното производство.

Најголемиот предизвик, на којшто инстантно одговоривме беше зголемената потреба на пазарот и задоволување на барањата. Тоа што имаме голем број производи што се дел од секојдневна потрошувачка, овој предизвик го направи уште поголем. Одговорот на зголемената потреба на пазарот бараше зголемување на производните капацитети, што ние го исполнивме. Континуирано, редовно и без и најмал застој го снабдуваме пазарот цело ова време. Сите производи на програмата на Витаминка се достапни на пазарот и во секој дел од државата, без исклучок. Целиот синџир на Витаминка, од набавка на суровини, преку производството па се до дистрибуција, функционира беспрекорно.

Повеќе од една година живот и работа во услови на КОВИД натера огромен број од компаниите во земјава да бараат државна помош за да можат да продолжат со работа а добар дел од нив и да преживеат. Дали Витаминка имаше потреба од државна помош и во кој дел?

-Во овој предизвикувачки период, помошта беше клучна и тоа за сите. За жал ние како голема компанија не добивме помош. Неопходна беше интервенција од државните институции за сите компании, и тоа сè уште ќе трае. Некои индустрии се навистина блокирани и мора да бидат одржувани на некој начин. Приоритет е здравјето и безбедноста на секој еден граѓанин на оваа држава, но исто така, треба да разбереме дека функционираме во еден поврзан систем што го одржува секојдневниот животен тек, ја одржува индустријата и снабденоста со добра.

Мерките од владата се потребни, исто како и помошта, некому помалку, а некому повеќе. Државата го помага стопанството, а ние пак како стопански дејности помагаме со поддршка на секторите што беа засегнати, преку донации во здравството, во образованието, за граѓаните во социјален ризик.

Нас помош ни беше потребна и во почетокот, кога се затворија сите граници, за воспоставување нормален проток на стоките и производите, во двете насоки, на што добивме брза и ефективна помош.

Но најважно од сè е дека треба да дејствуваме комплементарно, односно треба взаемно да се помагаме и да си дадеме поддршка. Во вакви услови, само со заедничко делување, на државните апарати и стопанството, ќе постигнеме резултат, а тоа е да помогнеме граѓаните колку што е можно помалку да го почувствуваат и другиот удар од пандемичната состојба, оној економскиот.

Дали и колку е изедначен односот на државата кон Вас како домашна компанија со оној кон странските фирми?

-Тоа што Витаминка е присутна со голем број различни производи и што сме присутни освен на домашниот и на триесетина странски пазари, а пред се околните, ни дава детален увид во работите. И не станува збор само за изедначениот однос на државата кон домашните и странските производители, туку и за третманот и нереципроцитетниот однос што го добиваме ние на истите тие пазари чии производи се тука во многу фаворизиран однос. Сето ова има огромно влијание врз целото стопанство и економијата. Домашен производител се развива, создава работни места, набавува суровини од други домашни производители, и сето тоа се рефлектира врз економските показатели на земјата. Така се создава одржливиот круг во стопанството.

А на крај има и најголемо влијание и врз цената на производите, врз вредноста на македонските производи на странските пазари, врз стандардот на граѓаните. Проблемот продолжува на странските пазари, каде ние никогаш не добиваме реципроцитетен однос, секогаш сме оставени самите да се избориме за продор на странските пазари, натпреварувајќи се со домашната многу фаворизирана и добро позиционирана понуда. Контрапродуктивно е за нас, како индустрија што во иста таква состојба сме, за жал и на домашниот пазар.

Кои ваши производи се најпродавани, за кои производи е најголем интересот кај домашните купувачи?

-Работиме да создаваме квалитетни производи и брендови што живеат, што станува дел од секојдневните потреби. На секој наш производ, од создавањето до развојот вложуваме многу, и успеваме во краток период да стане дел од животот на граѓаните и нивните потреби. Но тука е Стоби флипс, што веќе четири и пол децении обединува барем три генерации и тоа нè прави навистина горди. Стоби флипс е приказна која живее и се надградува со секоја нова генерација. Тука се, исто така и чоколадните школки Атлантис, Дафинка, Цевитаната, сите наши производи се поврзани со животната динамика на граѓаните, и тоа ги прави да бидат барани. Но освен тоа, граѓаните го препознале квалитетот на нашите производи, а квалитетот привлекува повеќе од што било друго.

Колку е тешко да се обезбедат суровините особено во вака долга здравствена криза?

-Витаминка е тоа што е како резултат на постојаното надградување, иновациите во нови производи, следење на светските трендови и потребите и барањата на локалниот потрошувач. Редовното присуство на саемските манифестации и случувања има повеќе предности а една од нив е токму запознавање со глобалните текови во исхраната и каде се движи. Нашиот сектор за развој на нови производи паралелно работи на создавање нови производи и нивно вклопување во потрошувачките навики на домашниот пазар. А кога станува збор за набавка на суровини, тоа е еден сосема друг дел. Тешко е да најдеш квалитет, затоа што од квалитетот на суровините зависи и крајниот производ. Тешко е да се најде кредибилен добавувач, што ги следи истите стандарди како и вие. Потоа, следи точност, доследност и исполнителност.

Во годините наназад воспоставивме мрежа од добавувачи од различни земји, од каде континуирано се снабдуваме со потребните суровини. Имаме воспоставено партнерски однос и добра соработка, што ни ги гарантира критериумите од кои не отстапуваме. Изминатава година сето тоа беше ставено на тест, пред сè од објективни причини. Но, токму стратегијата што ја имаме во набавката на суровини, предвремено, големи количини и од различни добавувачи, ни ја обезбеди суровинската база за непрекинато производство и тоа без и најмала интервенција на цената, а на овие пазари зголемувањето на цените започна уште со почеток на пандемијата. Затоа се вели дека пандемијата во голема мера се одрази врз синџирот со снабдување. Исто така, ние имаме квалитетен кадар, доктори на науки, фармацевти, технолози во кои континуирано инвестираме, кои ја знаат науката многу добро, потребите на потрошувачите и нашите можности.

Каде извезувате и за кои производи се странците најзаинтересирани?

-Витаминка има континуиран извоз во повеќе од 30 земји низ целиот свет, а земјите од Југоисточна Европа се нашиот најголем пазар. Земјите од регионот, соседните пазари Косово, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија се одлично покриени. Исто така, многу добар и квалитетен настап имаме и во земјите од средна Европа (Унгарија, Словачка и Чешка) каде што имаме и потенцијал за раст. Стабилен извоз имаме во речиси сите земји на ЕУ и САД, а нови можности ни се отвораат на Блискиот Исток, Турција и Русија.

Со оглед на фактот дека извезуваме во многу земји, со различни култури, религии и прехранбени навики и различна структура на малопродажната индустрија, секаде настапуваме врз основа на пазарни истражувања и автентични карактеристики на пазарот. Така и присуството на нашите производи варира од пазар до пазар и соодветствува на демографските карактеристики, присутната понуда и недостатокот на одреден пазар но, генерално нашите топ извозни брендови се Стоби флипс, Чоко стоби, Атлантис, Цевитана, Фрути.

К.В.С.

Слични содржини