ИНТЕРВЈУ со Пановски: Начинот на спроведување на мораториумот и ревидирањето на урбанистичките планови направија непоправлива штета за општина Центар

од Берта Китинска

Поранешниот претседател на асоцијацијата на архитекти Мaртин Пaновски не штеди зборови на критика за досегашниот третман на општината Цeнтар.Кaко намерно одоговлекување ја оценува најавата на градоначалникот Богдановиќ дека за 10 дена ќе бидат суспендирани нелегалните урбанистички планови и вели:„Не ми е јасно зошто до сега општината не донесе одлука за суспензија, бидејќи како мерка ја имаа на располагање од февруари 2020 година. Зошто 10 дена? Треба во тие 10 дена некој да добие одобрение за градба?’’

Политичкиот прагматизам според него е причина и за неуспехот на мораториумот, иако како што тврди, на почетокот изгледал како одлична идеја. „Убавите ветувања се претворија во популистичка алатка за остварување на политички цели на поединци а не изнаоѓање на решение и промена на состојбата’’, коментира Пaновски во интервју за локално.мк.

Кaко непоправлива штета за државата го карактеризира начинот на кој мораториумот е спроведен и посочува дека сега на потег e Централната власт бидеќи се доведува во прашање економската издржливост.„ Не знам како со држење на градот во кома ќе добиеме поквалитетен живот. Најдете ми сиромашен град со квалитетен живот’“вели архитекот Пановски.

Што ќе значи последната одлука на Уставниот суд за граѓаните особено за жителите на општината, од аспект на квалитетен живот, безбеден сообраќај, паркинг простор… ?

Не знам за другите граѓани но јас како граѓанин кој е роден и живее во општина Центар надежта за квалитетен живот ја гледам во економскиот раст на државата па со тоа и на општината. Не знам како со држење на градот во кома ќе добиеме поквалитетен живот. Најдете ми сиромашен град со квалитетен живот. Не сакам град на доградби, надградби, кичот од 2014, бехатон на тротоар и кладилници.. За жал тоа е сликата на центарот на Скопје. Сакам да живеам во модерен динамичен и пред се организиран град. Плановите не се единствениот виновник за состојбата на градот. Урбанистите предвиделе лента за градски превоз на булевар. Во планот не пишува дека е дозволено да возите и да застанете на таа лента. Во урбанистичките планови не пишува дека треба да се греете на дрва, не пишува дека треба да правите доградби и надградби. Во нив не пишува дека треба да поседувате 3 автомобили..Плановите се само еден дел кој доведува до подобрувањето на животот во еден град. Градот е комлексна целина. Ние имаме поголем проблем со сите чекори кои доаѓаат по плановите.

Оправдани ли се реакциите во јавноста дека со ваквата одлука победи профитот и не се стави крај на корумпираните планови, на грешките од претходната власт?

Очекувани да, оправдани не. Претходната власт не правеше грешки. Таа правеше обмислени и добро испланирани потези за извртување на законите, меѓу кои и Генералниот план на град Скопје. Грешка по дефиниција е ненамерна. Она што претходната власт го правеше беше со намера. Дека ветувањата беа залудни се виде уште на почетокот на мораториумот. Кога сфатив дека ревидирањето на плановите го прават тројца луѓе, дека изработката на поправките оди по истата стандардна бавна процедура и дека на маса не се седнати инвеститорите на спорните локации, јасно беше дека мораториумот е популистичка алатка за остварување на политички цели на поединци а не изнаоѓање на решение и промена на состојбата. Кога на јавноста ќе и сервирате прашање дали сака парк или не, нормално е дека одговорот ќе биде дека сака парк. Но ако како власт го поставите тоа прашање имате сериозна одговорност тоа да може и да го направите. На сите им беше јасно од самиот почеток дека на тие локации е невозможно да има парк.Со ова создадоа гневни граѓани од една страна и гневни инвеститори од друга страна.Мораториумот на почетокот личеше како одлична идеја која за жал се претвори во популистичка мерка за собирање на поени кај гласачкото тело. Место во една година да се исправат „грешките” и да се развива градот, да се подобри јавниот простор во рамки на можното, три години се зборува за нереални зафати и затоа денес ги имаме на сила истите планови.

Дали времената мерка ќе го зголеми бројот на барања за градба, и дали од порано донесените планови за градба, сега се повторно на сила?

Да. Во моментот кога е поништена мерката „Мораториум” старите планови се на сила. Очекувам Општината во скоро време да биде блокирана со барања за градба и да крахира. Во јавноста се зборува за неколку локации но мора да ви е јасно дека станува збор за многу проекти кои не се спорни во ниедна точка а чекаат три години да се одблокира општината. Напливот на предмети во општината ќе биде голем и не би сакал да сум на местото на колегите во општината.

По одлуката на Уставен, Градоначалникот на Центар, најави дека за 10 дена ќе почне постапка за суспендирање на дел од нелегалните урбанистички планови. Дали ова може да се смета за решение или е уште еден популистички чекор и купување време?

Прво не ми е јасно зошто до сега општината не донесе одлука за суспензија, бидејќи како мерка ја имаа на располагање од февруари 2020 година. Зошто 10 дена? Треба во тие 10 дена некој да добие одобрение за градба? Не гледам во суспензијата решение туку одолговлекување. Нема логична или законска основа зошто не се суспендираа плановите до сега.

Имате ли податок колку корист имаа граѓаните од мораториумот а колку штета тоа им нанесе на градежните фирми, ако воопшто може мораториумот да се сведе на корист и штета?

Мораториумот во Центар предизвика една општа слика-кампања дека градењето е криминал. па имаме мораториум и во Карпош, во другите општини планирањето е застанато или бавно.Ова е непоправливата штета за државата која мораториумот спроведен на ваков начин ја направи. Сега на потег е Централната власт да се справи со оваа тешка задача и да ја смени таа слика, бидејќи се надевам им е јасно дека не може економски да опстанеме со ваква политика.

Ако се обидеме да ги ставиме во еднакви рамки аргументите на двете страни, дека градежништвото е гранка од економијата во која работат илјадници луѓе, но и дека Центар е пренаселен, загаден, со нерешен паркинг итн. Дали и како може да се постигне едно решение добро за двете страни?

Не е точно. По пописот од 2002 год. Центар е три пати поненаселен од Чаир. Три пати е поненаселен од центарот на Белград, а два пати поненаселен од центарот на Софија. Споредувајќи со што е небезбеден? Со станбена приградска населба? Нормално. Центар на главен град е нормално да биде економски и политички центар на една држава и да биде понаселен од приградска населба, најверојатно затоа и се вика Центар. Да повторам. Во урбанистичките планови е предвиден пешачки сообраќај. Урбанизмот не се занимава со тоа дали се спроведува ред во сообраќајот. Тоа е работа на полицијата. Мора да ни стане јасно дека центар на град има свои квалитети на живот и свои маани. Градот и не треба насекаде да има ист карактер, бидејќи и ние како луѓе немаме. Ако ви смета градската гужва има други мирни делови од градот каде може да живеете.

Ако сакаме да постигнеме добро решение општините и инвеститорите треба со взаемна комуникација да почнат да работат на подобрување на квалитетот на градот. Претходно комуникацијата беше под маса, сега комуникацијата ја нема. Време е и инвеститорите, локалната и централната власт со помош на нас архитектите да почнат да разговараат, не да преговараат, туку да разговараат како градовите ќе ни станат подобро место за живеење. Градот ќе добие квалитет кога инвеститорите кои прават голем профит ќе сфатат дека дел од профитот треба да го реинвестираат во општетвото (подобра архитектура, јавни простори и сл), а оние другите ќе научат да кажат фала. Менаџирањето на оваа спрега е всушност главната работа на една локална власт.

К.В.С

Слични содржини