ИНТЕРВЈУ со Пивоваров: Авганистанските бегалци нема да останат во нашата земја

од desk4
828 прегледи

Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров на јавноста и е познат како  човек кој  отсекогаш раководел  со институциите врзани за безбедноста и разузнувањето, но во последните четири години и како човек кој е одговорен за состојбата со мигрантите и бегалците. Се чини дека последниве десеттина дена авганистанските бегалци се топ тема во Македонија. Токму затоа „Локално“ разговараше со Пивоваров. Тој во интервјуто меѓу дгурото говори дека  досегашните практики покажале оти бегалците од Авганистан немаат за цел да останат во нашата земја. Посочува дека во државата скоро и да нема барања за азил.

Евидентно е дека  во секој разговор Пивоваров зборува со посебна  почит кон луѓето кои илјадници километри, не по своја вина, се далеку од своите домови. За „Локално“ открива дека неговиот дедо и прадедо како офицери во царската гарда на рускиот цар Николај пред еден век пристигнале во нашата држава.  Бегалскиот пат и тогаш бил истиот, Турција, Грција, Македонија.

Нашата држава ги прими првите 149 од најавените 780 бегалци од Авганистан. Тие привремено се сместија во еден од македонските хотели. Во јавноста почнаа да се шират вести, дека бегалците ќе ни останат дома. Како ги коментирате ваквите информации со оглед дека авганистанските бегалци се тука бидејќи животот им е во опасносат?

Мора да истакнеме дека пред се се работи за бегалци од Авганистан кои во изминатиов период соработуваа со безбедносните сили од НАТО коалицијата кои таму пред се беа во хумана мисија вклучително и нашите безбедносни сили, кои лица од страна на талибанците целиот тој период беа нивна мета за ликвидација и доколку истите во овој период останеа во својата земја сигурно ќе беа егзекутирани. Пред се ова е хуманитарна мисија за времено згрижување на истите, за одреден временски период пред нивно трансферирање во САД и останатите Западно Европски земји. Ова може да го заклучиме од изјавите на Претседателот на САД, г-дин Џо Бајден, а во повеќе наврати и нашиот Премиер, г-дин Зоран Заев, кој укажа дека наведените лица времено ќе бидат сместени на безбедни локации во нашата земја. Не е коректно од одредени политички структури кога нашата држава покажува голема хуманост ова да биде тема на политички препукувања со цел добивање на ситни политички поени, а со ниеден факт нивните тези не ги поткрепуваат. Ова се само некоректни шпекулации дека истите ќе останат во Република Северна Македонија и дека ќе претставуваат закана за нашата држава. Од друга страна ако се вратиме неколку децении наназад во историјата за која сите сме свесни дека по граѓанската војна во Грција, кон крајот на 40сетите и почеток на 50сетите години, стотици илјади наши македонци бегалци беа прифатени пред се од нашата земја и земјите од Југо Источна Европа.

Какви се шансите дел од авганистанските бегалци сепак да останат во нашата држава и да се интегрираат во системот?

Живееме во 21 век во кој реалноста ни укажува дека миграциите на населението во светски рамки е многу присутно и многу развиени земји од Западна Европа со раширени раци ја прифаќаат ваквата категорија на лица, што е во сооднос и со меѓународното право а и нашата земја е потписник на повеќе меѓународни договори кои не обврзуваат за постапување во вакви ситуации. Меѓутоа од досегашната практика евидентно е дека бегалците немаат за цел да останат во нашата земја, скоро и да немаме до сега барања за азил во нашата земја, а следејќи ги изјавите на евопските лидери како и изјавите на Претседателот на САД, кои укажуваат дека нивното сместување во нашата земја е времено.

Дали нашата дражава релно може да се справи со толку авганистански бегалци со оглед на тоа дека Македонија е мала, ем сиромашна земја?

Точно е дека нашата држава е мала земја со не така голем економски потенцијал како водечките земји од ЕУ, а она што мора да го признаеме е дека нашата земја и земјите во нашето опкружување покажаа голема хуманост за ваквите лица, со што треба да се гордееме а не да креираме ниско политички удари кои не им одат во прилог на нашата држава, а токму тие кои го поставуваат ова прашање исто така покажаа голема хуманост при косовската бегалска криза во 1999 год. за време на воените дејствија во Косово.

Македонските граѓани се збунети. Се прашуваат зошто земјите членки на ЕУ не примија толку голем број на бегалци, како што тоа го стори нашата земја. Како да ја расчистат ваквата дилема. Зошто Унијата овојпат се откажа од намерата на своја територија да вдоми авганистански бегалци?

Мислам дека македонските граѓани не се збунети со тоа што некои од земјите членки на ЕУ ќе прифатат помал број на вакви лица гледано од денешен аспект, затоа што Австрија веќе до сега има примено огромна бројка на лица бегалци од Авганистан, сепак тоа е нивна политика а се гордеам со тоа што нашата земја покажува голема човечност по ова прашање. Ова е само не реално видување од страна на одредени политички партии кои на овој начин се обидуваат да влеат неосновен страв кај македонските граѓани и затоа ценам дека ова е вистински момент вистински да ја покажеме нашата хуманост и пред се човечност. Инаку, за да ја расчистиме оваа дилема, земјите од ЕУ во досегашната мигрантска криза која почна во 2015 год. досега имаат примено преку 1,000,000 граѓани на Авганистан, така што не е точна тезата дека сите земји од ЕУ негативно гледаат на овој процес.

Ќе се префрлам на други бегалци, мигрантите од Сирија, Сомалија и други земји од Блискиот Исток кои бегаат поради економска или безбедносна криза. Ги гледаме постојано по автопатишата бидејќи Македонија е транзитната рута до богатата Европа. Се шпекулра со бројка од 400.000 бегалци? Имате ли информации колку  бегалци останале во нашата земја?

Точно е дека денеска бегалската криза која имаше силен бран во нејзиниот почеток во 2015 год. низ рутата која минуваше меѓу другите земји и низ нашата земја, беше масовна, а нашата земја како што напоменав во неколку пати беше само транзитна бидејќи целта им беше да одат во земјите членки на ЕУ. Во периодот јануари – јули во нашиот прифатен центар се сместени 136 лица од кои 4 лица се од Авганистан.

Нашата држава веќе има искуство со бегалска криза – Косовската криза кога во 1999 година повеќе од 360.000 бегалци од Косово пристигнаа во Македонија. Се шпекулира дека  600 лица од нив не се вратиле, односно останале во нашата држава и го добиле стаусот на „признаен бегалец“. Тие официјално се  регистрирани во процесот на локалната интеграција.

Како што и самите наведувате бегалската Косовска криза беше масовна, а ние како хуман народ и хумана држава ја менаџиравме истата при што минимален дел од истите по различни законски основи останаа во нашата држава, а основи за нивно останување беа брак, природување и други основи кои ги дозволуваше законот, така што не е добро да се шпекулира со бројки затоа што во реалноста гледаме дека со таквите лица денеска немаме никаков проблем.

Што претставува интеграција на бегалците?

Зборот интеграција го сретнуваме во многу сфери од општественото живеење. Интеграција на бегалци не само кај нас туку и секаде во светот е израз кој означува таквите лица кои ќе бидат прифетени од земјата домаќин пред се да ги прифатат нормите и однесувањето на истата земја. Меѓународното право за ваквите лица предвидува земјата домаќин да не ги сместува во близина на границата од земјата од која доаѓаат и истите да не превземаат субверзивни дејности кон земјата од која тие доаѓаат. Ова пред се се однесува на бегалски кризи кога бегалецот доаѓа од соседна земја од земјата во која доаѓа. Сепак треба да сфатиме дека лицата со статус бегалци имаат своја професија која можеби е дефицитарна во земјата во која бараат азил. Во практика тоа го видовме во Западно Европските земји каде таквите лица беа интегрирани во нивните системи, остваруваат свој доход, така што не се на терет на земјата домаќин.

Ќе се гради нов прифатен центар за бегалци, но истовремено гледаме дека граѓаните се противат и  собираат потписи против негова реализација. Зошто е толкава паниката кај локалното население во Визбегово?

Согласно меѓународното право секоја држава потписник на сите меѓународни договори кои ја регулираат проблематиката со бегалци нормално е да имаат свои прифатни центри каде бегалците ќе бидат згружувани до регулирање на нивната правна процедура. Како земја членка на НАТО и кандидат за полноправно членство во ЕУ и нашата земја треба да има ваков прифатен центар кој исто така треба да исполнува одредени меѓународни стандарди. Она денес што се случува со граѓаните во Визбегово е чиста манипулација и шпекулација на одредени политички партии кои сакаат да креираат незадоволство кај граѓаните и на тој начин истите да бидат изманипулирани. Убеден сум дека доколку нашата земја немаше изградено ваков центар тогаш ќе имавме протести зошто немаме изградено ваков центар, затоа крајно време е да ги оставиме на страна ваквите политички игри и да се свртиме кон иднината и кон подобро утре.

Господине Пивоваров, зошто кога говорите за мигранитите и бегалците најчесто од вас слушаме изјави во кои провејува грижата и посебниот однос кон бегалската судбина. Вашите зборови се со смирувачки тонови наспроти, оние, „возненираувачки“ дека овие луѓе „не треба да се сакаат во своја близина“. На што се должи тоа ?

Како човек со голема тежина во душата ви го давам ова интервју. Мојот дедо и прадедо во 1919 год. како офицери во царската гарда на рускиот цар Николај се пристигнати во нашата земја каде веќе 1 век опстојуваат нивните поколенија. Како дете од нивните кажувања за она што го преживеале на тој бегалски пат преку Турција, Грција и нивното прифаќање од страна на нашите граѓани во целост ги сфаќам денешните бегалци. Затоа мојата куќа во Куманово со задоволство, а и во спомен на моите родители без никаков надомест им ја отстапувам на лицата бегалци од Авганистан и силно апелирам до сите граѓани на Република Северна Македонија да покажат голема хуманост со цел барем малку бегалците да ги направиме посреќни.

Б.Т.