ИНТЕРВЈУ со продуцентот на серијата „Зоки Поки“: Позитивните реакции доаѓаат не само од децата туку и од нивните родители

од Stefanija Kuzmanovska
1,2K прегледи

Во разговор со режисерот Александар Поповски се роди идејата за екранизација на најпознатото дело на Оливера Николова. Причината е недостатокот на квалитетна детска ТВ серија, изјави во интервју за „Локално“ Роберт Насков, продуцент на серијата „Зоки Поки“.

„Сметавме дека е вистинско време да ги оживееме авантурите на Зоки Поки и да им ги пренесеме на децата на модерен начин кој тие ќе можат да го прифатат и на тој начин да ги забавуваме и едуцираме. Се покажа дека сме биле во право“, истакна тој.

Насков наведе дека аплицирале за втора сезона на серијата во Македонската телевизија пред една година и сè уште не добиле никаков одговор.

„Навистина не можам да разберам како е можно покрај големиот интернационален успех на серијата и огромниот интерес кај домашната публика да не постои слух за продолжување на серијата. Кога им кажувам на дистрибутерите дека нема да има втора сезона не можат да поверуваат и да се изначудат“, додава продуцентот.

Потсети дека сите сме на некој начин емотивно поврзани со книгата Зоки Поки, бидејќи позитивните реакции доаѓаат не само од децата туку и од нивните родители.

„Голема заслуга за успехот на серијата имаат токму актерите кои ги играат Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки“, вели Насков.

Од каде идејата за екранизација на популарната детска книга „Зоки Поки“ на Оливера Николова?

-Во разговор со режисерот Александар Поповски се роди идејата за екранизација на најпознатото дело на Оливера Николова. Причината е недостатокот на квалитетна детска ТВ серија. Сметавме дека е вистинско време да ги оживееме авантурите на Зоки Поки и да им ги пренесеме на децата на модерен начин кој тие ќе можат да го прифатат и на тој начин да ги забавуваме и едуцираме. Се покажа дека сме биле во право. Серијата беше на вистински начин прифатена од публиката и стана хит кај децата и возрасните.

Поради кои причини нема да се снима втора сезона на серијата?

-Поради немање слух на институциите кои се должни да поддржуваат детска образовна програма. Аплициравме за втора сезона во Македонската телевизија пред една година и сè уште немаме никаков одговор. Навистина не можам да разберам како е можно покрај големиот интернационален успех на серијата и огромниот интерес кај домашната публика да не постои слух за продолжување на серијата. Кога им кажувам на дистрибутерите дека нема да има втора сезона не можат да поверуваат и да се изначудат. За жал, уште еднаш се потврдува нашиот однос кон вредностите кои ги имаме.

Скоро аплициравме и во Агенцијата за филм кои беа главни финансиери на првата сезона и очекувам дека повторно ќе ја добиеме нивната поддршка. Многу е важно да се одржи континуитетот на снимањето поради возраста на децата и актуелноста на серијата.

Како беше прифатена серијата од македонската публика?

-„Зоки Поки“ беше исклучително позитивно прифатена од македонската публика. Позитивните реакции доаѓаат не само од децата туку и од нивните родители. Сите сме на некој начин емотивно поврзани со книгата Зоки Поки. На социјалните мрежи и во секојдневниот живот добивме безброј убави коментари. Пресреќен сум што преку серијата успеавме да ги забавуваме децата, а истовремено да ги едуцираме и да ги поттикнеме да развијат позитивни вредности. Темите кои ги обработивме во серијата допреа до децата и за мене и екипата нема поголема среќа кога ќе видиме како ликовите од серијата станале нивни херои со кои тие се поистоветуваат. Создадовме бренд Зоки Поки кој треба да го негуваме и развиваме.

Како дојде до тоа серијата „Зоки Поки“ да се емитува во Шведска и Норвешка, со оглед на тоа дека досега немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори која се емитувала во двете земји во Скандинавија?

-Серијата ќе се емитува во сите скандинавски земји што е неверојатен успех за Кино око и за македонската телевизиска продукција. Навистина е голема работа што оваа серија ќе се прикажува во земјите со највисок продукциски стандард. Во Скандинавија детските серии се дел од образовниот систем, кој знаеме дека е најдобриот во светот. Заслуга за прикажувањето на „Зоки Поки“ на оваа територија има дистрибутерот Videoplugger Ltd. од Лондон. Со сопственикот на оваа дистрибутерска куќа се сретнав на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 година каде му ја презентирав серијата. Тој веднаш беше уверен во интернационалниот успех на „Зоки Поки“.

Покрај добропознатите актери од македонската сцена, во серијата има и нови млади актерски имиња кои ги толкуваат улогите на Зоки Поки (Матеј Настевски), Лидија (Анастасија Аневска), Боки (Матео Матоски) и Гоки (Матеј Зимбаков). Како ги откривте овие млади таленти?

-Долго траеше процесот на избор на главниот лик и неговата дружина. На кастингот се пријавија голем број талентирани деца и беше навистина многу тешко да се изберат главните ликови. Режисерите Марија Апчевска и Александар Поповски и кастинг директорот Киријана Николоска завршија одлична работа со изборот на децата кои ќе ги играат главните ликови. Голема заслуга за успехот на серијата имаат токму актерите кои ги играат Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки.

Што, според вас, треба да се направи и промени за да имаме добра едукативна ТВ програма?

-Пред сè е важно да има континуитет во она што е досега квалитетно направено. Државата треба да има стратегија за едукација на најмладите преку драмски серии кои треба да се дел од образовниот систем. Во денешно време децата во голем дел се едуцираат преку ваков вид на програми. Ние мораме да бидеме во чекор со нивните желби и да ги задоволиме нивните интереси. Се покажа дека тие имаат потреба од домашни јунаци и од серии на македонски јазик. Доколку не им го овозможиме тоа, децата ќе ги задоволат нивните потреби со консумирање на програма на други јазици.

Дали можеме да очекуваме слични детски ТВ проекти во блиска иднина?

-Се надевам. Но, тоа не зависи од филмаџиите. Ние докажавме дека имаме квалитетен креативен потенцијал и дека можеме да ги задоволиме највисоките продукциски стандарди. Потребно е да се изнајде модел на континуирано финансирање на ТВ проекти од различни содржини и жанрови. Живееме во време во кое секојдневно се продуцираат телевизиски серии. За жал, Македонија не го фати чекорот со светските трендови на ТВ продукција.

С.К.

Слични содржини