Како да беше вчера, а изминаа две децении откако претставниците на тогашните најголеми политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ПДП, и специјални претставници на ЕУ и САД на 13 август 2001 седнаа и во Охрид го потпиша договорот, со кој се прекинаа воените дејства меѓу македонските вооружени сили и припадниците на ОНА.
Со Охридскиот рамковен договор се отфрли употребата на насилство за остварување политички цели и наместо тоа се предвидоа мирни политички решенија кои гарантираат стабилна и демократска иднина на Македонија. Договорот уште предвиде и целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот.
Оваа година Рамковниот договор, годишнината ја одбележа под мотото 20 години „По Охрид“. Беа организирани бројни настани, со кои се се потенцираше значењето на договорот. За меѓународните дипломати, кои тогаш беа преговарачи Питер Фејт, Хавиер Солана, Рамковниот е „мировен договор„ затоа што ги удрил темелите за траен мир во Македонија.
На тема Охридски рамковен договор и дали после 20 години ја исполни целта, „Локално“ разговараше со доцентот на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Тетово, Шерузе Османи-Балажи. Професорката по психологија долго време се занимава и со проучување на меѓуетничките односи и идентитетот во земјава.
Поминаа 20 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Колку договорот е функционален и колку тој се покажа успешен во обезбедувањето во различностите и во водење на дијалогот? Ја исполни ли својата мисија да обезбеди мултиетничко општество?
-Придонесот на Охридскиот договор е огромен во однос на развојот на општеството, бидејќи Македонија во однос на структурата е мултиетничка и мултикултурна држава. Меѓутоа Рамковниот договор придонесе тој аспект да се одрази и во јавниот живот. Тоа значи дека тој обезбеди државата да се трансформира во мултиетничка држава, односно во неа да заживее мултиетничкиот дух, а со тоа оваа мултиетничност да биде и поприсутна во јавниот живот на сите граѓани. Охридскиот договор многу придонесе и за односите меѓу заедниците во државта. Ако говориме за меѓуетничките односи и колку тие навистина се напреднати, може да се види само доколку се зборува за тоа какви биле тие пред Рамковниот договор, а какви се сега, после Рамковниот. Кога се прави таква споредба, ќе кажам дека, пред Рамковниот договор, односите меѓу заедниците, особено меѓу Македонците и Албанците биле доста фрагилни, најмногу затоа што колкетивните права на Албанците не биле задоволени, иако биле побарани по институционален пат.
Можете ли да ни ги објасните овие разлики, за кои зборувате, дека Охридскиот договор направил пресврт во правата на Албанците?
-Не зборувам произволно кога говорам дека има разлика во односите меѓу Македонците и Албанците, пред Рамковниот договор и по Рамковниот, туку секогаш кога зборувам на таа тема, се повикувам на документирани истражувања, и на повеќе анализи направени на оваа тема. Тие покажуваат дека пред Охридскиот договор, имало системска дискриминација не само кон Албанците, туку и кон другите етнички заедници. На пример, историчарот и експерт за Балканот Флоријан Бибер има документирано дека пред Охридскиот договор во јавната администрација, имало вработни Албанци, помалку од 5 проценти. Сакам да кажам дека не се само овие податоци, туку има уште многу такви кои ја покажуваат дискриминацијата на Албанците. По оваа основа Рамковниот договор овозможи, по некои сегменти, да се унапредуваат правата на Албанците но, ги унапреди правата и на другите етнички задници.
Со кои се предизвици се соочи Охридскиот договор во изминатите две децении?
-Имаше многу предизвица во изминатите 20 години, пред се во имплементацијата на Рамковниот договор. Ќе издвојам само еден сегмент. Според едно истражување што јас и моите колешки го направивме во 2017 година, дојдовме до резултати, дека во однос на имплементација на албанскиот јазик многу малку е направено. Според тие анализи Законот за употребата на албанскиот јазик докрај не се почитува, бидејќи имплементирањето на Законот за јазиците зависело од привиот човек на хиерархијата на институцијата и од неговите лични ставови. Тоа произлезе од нашите анализи што ги направивме во неколку јавни инстиуции. Потоа во 2018 г. имавме и нов Закон за употребата на албанскиот јазик, со кој се предвиде трансформација на некои од институциите, но и отворање на нови. Сето тоа се направи за да имаме и институционална уптореба на албанскиот јаизк. Тоа е само еден податок. Имаше и други предизвици во имплементацијата на Рамковниот договор.
Може да се каже дека по Охридскиот договор речиси сите прашања, па и меѓуетничките се решаваат во јавна дебата и со преговори. Но, и по 20 години Македонците и Албанците имаат различно гледање кон Охридскиот договор. Македонците сметаат дека Рамковниот донесе придобивки за сите други но, не и дека тој е добар за нив.
Како гледате на овие разлики, зошто тие и по 20 години, сепак постојат?
– Да, значајно е да се каже дека на сите овие присутни предизвици околу спроведувањето на Охридскиот договор во изминатите 20 години Македонците и Албанците различно гледаа, но ќе кажам дека и ден денес различно го перцепираат Рамковниот договор. Македонците на договорот гледаат како на закана по нивниот идентитет и по нивната економска сигурност. Додека пак, Албанците го перцепираат како алатка која со сигурност ги обезбедува нивните права. Тие права и онака им припаѓаат, туку со Охридскиот договор се ставија во функција и почнаа да се практикуваат. Кога зборуваме генерално, освен што различно го перцепираат овој договор, различен е и нивниот однос во поддржувањето и ставањето на Рамковниот договор во функција – тој да оживее. Различно гледаат и за неговото развивање и унапредување во оштеството, во однос на практикувањето на демократските прва на сите заедници да уживаат еднакви права во земјата. А самиот Рамковен договор нуди големи можности, пред се вистински да се унапредуваат меѓуетничките односи во Македонија.
Што би препорачале за да се надминат ваквите разлики?
-Пред се Рамковниот договор треба паметно да се искористи и вистински да се стави во функција со цел унапредување на меѓуетничките односи, а не да се злоупотребува за секојдневни партиски интереси и со него да се собирање политички поени. Сепак ќе кажам дека најбитно е што овој договор и помогна на Македонија да тргне напред на патот кон ЕУ. Тоа е нашата заедничката придобивка која треба секјдневно да ја практикуваме.
Б.Т.