Интервју со Рашковиќ: Независните кандидати имаат многу поголеми шанси отколку во минатото – граѓаните се разочарани од големите партии

Не сум првиот дизајнер кој решил да влезе во политика - Еди Рама е доказ дека креативноста и политиката можат да се спојат во корист на граѓаните, вели за Локално кандидатот за градоначалник на Скопје

од Nikola Popovski
288 прегледи Фото: Александар Рашковиќ

Градоначалникот не треба да биде партиски војник, туку аполитична, надпартиска личност која ќе им служи на сите граѓани. Јас верувам дека токму таа независност и отвореност дава најголема шанса за обединување на различностите, вели во интервју за „Локално“, независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Александар Рашковиќ запрашан зошто се одлучи на потег да се вклучи во изборната трка.

Професорот по дизајн на Европскиот универзитет, кој воедно доби поддршка од партијата ТМРО, вели дека најмногу му „боде очи“ тоа што недостига ред, хармонија и визија во Скопје.

-Мојата прва и најголема заложба ќе биде Скопје конечно да се исчисти. Темелно, ако треба и неколку месеци, градот ќе се чисти улица по улица, маало по маало – сè додека не засвети во полн сјај. Чистотата не е луксуз, туку основа за достоинствен живот, и токму затоа тоа ќе биде првиот сигнал дека градот почнува нова ера, посочува кандидатот за градоначалник.

Смета дека независните кандидати денес имаат многу поголеми шанси отколку во минатото. Причината е очигледна, како што вели, граѓаните се разочарани од големите партии, кои со години го доведоа Скопје во ова дереџе.

-Прво, ќе го решиме сообраќајниот хаос преку целосна трансформација на јавниот превоз. Ќе се отпочне со реализација на проектот сите постојни автобуси да се заменат со тролејбуси, за кои ќе се изгради соодветна електрична мрежа. Вториот дел ќе биде капитален проект – проектирање и изградба на трамвајски превоз на соодветни линии кои логично ќе ги поврзат најдалечните точки на градот. Дополнително, ќе воведеме жичара од Капиштец до Средно Водно, како туристичка и практична атракција за граѓаните, вели Рашковиќ, меѓу другото, за тоа како ќе пристапи по горливите проблеми во градот.

Независниот кандидат исто така информира дека неговата програма е „Редизајн на Скопје“, за градот конечно да стане вистински „град на граѓаните“.

Зошто професор по моден дизајн сака да биде нов „градски татко“? Како се роди идејата и што ве мотивираше на ваков потег?

-Јас цел живот сум во креативниот свет, како професор и дизајнер кој гради визии и решенија. Но во еден момент сфатив дека истата таа креативност, организација и енергија можат да бидат насочени и кон градот во кој живееме. Скопје заслужува ново лице – град кој ќе дише чист воздух, ќе има функционална инфраструктура и ќе биде инспирација за идните генерации.

Зошто градоначалник да не биде дизајнер или уметник? Напротив, токму креативните луѓе умеат да гледаат пошироко, да создаваат решенија и да ја водат заедницата со визија. Градоначалникот не треба да биде партиски војник, туку аполитична, надпартиска личност која ќе им служи на сите граѓани. Јас верувам дека токму таа независност и отвореност дава најголема шанса за обединување на различностите.

Не сум првиот дизајнер кој решил да влезе во политика. Еден од најпознатите примери е Еди Рама – уметник и дизајнер кој денес, како премиер на Албанија, ја води својата држава кон Европската Унија. Тој е доказ дека креативноста и политиката можат да се спојат во корист на граѓаните.

Мотивиран сум од желбата да создадам метропола која ќе ги задржи младите тука, која ќе им даде можности, но и град во кој постарите ќе се чувствуваат достоинствено и безбедно. Сакам да бидам градски татко кој ќе обединува, ќе создава и ќе води со пример – како што сум го правел тоа и во образованието и во модата.

Како денеска изгледа Скопје низ призмата на ваши очи? Што најмногу ви „боде очи“?

-Скопје денеска е град со огромен потенцијал, но за жал, потенцијал кој е запоставен. Низ моите очи го гледам како град со прекрасна историја, култура и луѓе, но и како град кој е заробен во хаос – загаден воздух, нефункционален сообраќај, запуштени јавни простори и див урбанизам што ја гуши убавината.

Најмногу ми „боде очи“ тоа што недостига ред, хармонија и визија. Но она што навистина ме боли е фактот дека Скопје е премногу валкан и нечист град, преполн со ѓубре. Тоа не е само естетски проблем – тоа е културен и здравствен предизвик. Град кој е прљав не може да биде дом на горди граѓани.

Скопје треба да биде град кој инспирира, а не град кој ги тера младите да заминуваат. Секојдневно гледаме уништени паркови, запуштени фасади и небезбедни тротоари – работи што во една европска метропола се подразбираат. Тоа ме боли како човек, а особено како дизајнер – бидејќи знам колку е важно просторот околу нас да носи убавина, ред и чистота.

Кои се вашите заложби, со што прво би се зафатиле доколку ја добиете довербата на граѓаните?

-Мојата прва и најголема заложба ќе биде Скопје конечно да се исчисти. Темелно, ако треба и неколку месеци, градот ќе се чисти улица по улица, маало по маало – сè додека не засвети во полн сјај. Чистотата не е луксуз, туку основа за достоинствен живот, и токму затоа тоа ќе биде првиот сигнал дека градот почнува нова ера.

Паралелно со тоа, ќе воведеме редовен и ефикасен систем за собирање отпад, современи рециклажни центри и постојано одржување на јавните површини.

Вториот приоритет ќе биде сообраќајот – воспоставување на функционален јавен транспорт и план за 20 години напред, за Скопје конечно да излезе од хаосот.

А третиот е зеленилото – нови паркови, дрвореди и цветни плоштади, затоа што здрав град значи чист воздух и убава средина за сите генерации.

Со еден збор, ќе почнам од основното: ред, чистота и безбедност. Само така Скопје ќе може да заблеска како вистинска европска метропола.

Сметате ли дека независните кандидати на овие избори ќе имаат поголеми шанси… Зошто граѓаните не се решаваат за кандидати кои не се „извалкани“?

-Верувам дека независните кандидати денес имаат многу поголеми шанси отколку во минатото. Причината е очигледна – граѓаните се разочарани од големите партии, кои со години го доведоа Скопје во ова дереџе. Со чест на исклучоци, гледаме како партиските интереси секогаш биле пред интересите на граѓаните. Луѓето тоа го чувствуваат и затоа бараат нова, чиста енергија.

Но, проблемот е што граѓаните често се плашат да им дадат доверба на независни личности, мислејќи дека без партиска машинерија е невозможно да се води градот. Тоа е заблуда. Напротив, токму независниот градоначалник е најслободен да работи за сите – затоа што нема зад себе партиски долгови или обврски.

Јас сметам дека дојде време граѓаните да се решат за личности кои не се ’извалкани‘ во политички игри. Само такви луѓе можат да го вратат достоинството и редот во Скопје. А мојата кандидатура е токму тоа – понуда за чесна, професионална и надпартиска алтернатива.

Дали кандидатите на големите партии ќе продолжат да го јадат ткивото на градот…?

-За жал, искуството покажува дека кандидатите на големите партии најчесто го гледаат Градот како поле за партиски битки, а не како заеднички дом на граѓаните. Во изминатиот мандат тоа најдобро се виде – Скопје беше буквално блокирано, не затоа што немаше идеи или проекти, туку затоа што партиските препукувања беа посилни од интересот на граѓаните.

Ако продолжиме по тој пат, ќе продолжи и јадењето на ткивото на Градот – уништување на довербата, стопирање на развојот и заглавување во статус кво. Затоа верувам дека на Скопје му треба независен градоначалник – човек кој нема партиска агенда, туку единствена цел да го стави градот и граѓаните на прво место. Само така ќе го одблокираме Скопје и ќе му дадеме нов живот.

Дополнително, ако Советот не работи во интерес на граѓаните, тие исти граѓани – како што ги изгласале – ќе најдат начин и да ги отповикаат од функцијата. За тоа имам подготвено и конкретно решение. Одговорноста мора да биде двонасочна: граѓаните избираат, но имаат и право да санкционираат ако нивната доверба е злоупотребена.

Загадувањето е тема… Како ќе пристапите на овој горлив проблем?

Загадувањето не е тема од вчера, тоа е рана која ја носиме со децении. Но проблемот е што досега се правеа половични мерки и декларативни ветувања, без вистинска акција. Јас ќе пристапам системски и темелно.

Прво, ќе го решиме сообраќајниот хаос преку целосна трансформација на јавниот превоз. Ќе се отпочне со реализација на проектот сите постојни автобуси да се заменат со тролејбуси, за кои ќе се изгради соодветна електрична мрежа. Вториот дел ќе биде капитален проект – проектирање и изградба на трамвајски превоз на соодветни линии кои логично ќе ги поврзат најдалечните точки на градот. Дополнително, ќе воведеме жичара од Капиштец до Средно Водно, како туристичка и практична атракција за граѓаните.

Второ, ќе воведеме строга контрола на дивите депонии и горењето на отпад, бидејќи токму тоа е еден од најголемите загадувачи во зимскиот период. Трето, ќе го зголемиме зеленилото во градот – дрвореди, паркови и зелени кровови, затоа што секое дрво е природен филтер на воздухот.

И една од најважните мерки: сите големи загадувачи ќе бидат дислоцирани надвор од градот. Тоа ќе го направиме со помош на граѓаните, преку јавен притисок и транспарентност, и со користење на сите законски можности што ги имаме на располагање. Нема компромис кога е во прашање здравјето на скопјани.

Најважно е да имаме целосна транспарентност – секој граѓанин ќе има увид во реалните мерења на загадувањето во реално време, без манипулации. Само со вистински податоци можеме да носиме вистински одлуки.

Скопје нема време за празни зборови – ако треба, ќе се чисти и по неколку месеци, ќе се воведат итни мерки и градот ќе мора да дише. Тоа е прашање на здравје, а здравјето е над сè.

Често бизнис интересите и големите компании диктираат… Дали сте подготвен да кажете „не“?

Да, подготвен сум. Ако градоначалникот нема храброст да каже ’не‘ кога некој бизнис интерес е на штета на граѓаните, тогаш тој не е градоначалник на народот, туку менаџер на туѓи профити. Јас немам такви обврски, немам партиски долгови и не сум ничиј проект – единствено сум проект на граѓаните.

Точно е, многумина пред мене не успеаја да се спротивстават, затоа што беа врзани со договори, финансирања и политички пазарења. Јас влегувам чист и надпартиски, и затоа имам целосна слобода да кажам ’не‘ кога тоа е нужно за доброто на граѓаните.

Мојата мисија е јасна – Скопје да стане град на луѓето, а не град на бизнис елитите и приватните интереси. Едно од моите мота е: ’Градот на граѓаните‘. Тоа значи дека секоја одлука ќе се носи со мисла за обичниот човек, а не за тесни групи и нивните профити. Верувам дека граѓаните ќе го препознаат тоа и ќе ми дадат сила заедно да го изградиме Скопје како вистински град на граѓаните.

Во неколку реченици, на кои проекти ќе се темели вашата програма?

Мојата програма ќе се темели на темелно чистење на градот – ако треба и неколку месеци, за Скопје да засвети во полн сјај; на трансформација на јавниот превоз со замена на автобусите со тролејбуси и изградба на трамвајски линии; на нови зелени паркови и дрвореди; на ревитализација на езерото Треска; на изградба на центри за детско творештво и специјализирани центри за пензионери; на поддршка и модернизација на Старата чаршија; на изградба на современ Саем ’Fair Skopje‘; и на развој на Китка како туристички центар од европски ранг.

Со еден збор – мојата програма е „Редизајн на Скопје“, за градот конечно да стане вистински „град на граѓаните“.

В.З.