Интервју со Ременски: Последната црна листа на САД го нотира ризикот од испреплетени политички влијанија на бизнис и политики кои дестабилизираат преку тешка националистичка реторика

од Nikola Popovski
2,7K прегледи

Тешко дека можеме мирно да спиеме кога нашите стратешки партнери ни ги посочуваат актерите кои ги подриваат долгорочните темели за стабилен и извесен државно-политички и економски развој преку интеграцијата во ЕУ. Ги ставаат на црна листа актерите и правните субјекти на кои им одговара состојба на стагнација, голем криминал скриен зад реторика на национализам/патриотизам и контролирана партиска сцена со играчи кои играат фудбал на терен без голови со многу навивачи од трибини на кои судијата е виновен за грешките на играчите, вели во интервју за „Локално“ универзитетската професорка Фросина Т. Ременски за безбедносната состојба во земјава, со оглед на неколкуте конфликтни жаришта во светот.

„Кога Русија доаѓа во некоја земја, таа не носи само руска корупција, туку таа носи и руски организиран криминал, руски агенти и руска субверзивна разузнавачка активност (директни-индиректни) од нејзини безбедносни служби“, потсетува Ременски на еден краток сублимиран став за влијанието на Русија врз современите општествено политички, економски и безбедносни текови од стратешко значење за нас.

Истакнува дека директната дестабилизација на ЕУ како нескриена цел на Русија највидливо се случува во земјите чии што стратешки интерес е членството во ЕУ.

-Во Извештајот на ЕК за РСМ, ЕК го потенцираше делот дека стекнувањето на македонско државјанство врз основа на инвестиции е сериозен безбедносен ризик за перење пари, корупција и контрола на политички процеси, ни рече професорката во интервјуто.

Посочува дека последната црна листа на САД го нотира токму тој ризик од испреплетени политички влијанија на бизнис и политики кои дестабилизираат преку тешка националистичка реторика што може да стагнира и попречи процеси на напредок и интеграција како што го гледаме тоа преку актуелните билатерални спорови и попречувања на Балканот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска не уверува да бидеме мирни, дека безбедноста на Македонија не е загрозена, но денеска на отворањето на 20-тиот Министерски состанок на САД – Јадранската повелба вели „Геополитичкиот пејсаж се менува брзо, а заканите со кои се соочуваме се динамични и брзи“. Како, според вас, „стои“ Македонија во сегашниот геополитички контекст, можеме ли да „спиеме мирно“?

-Неспорен е фактот дека нашата стратешка соработка со САД на повеќе клучни нивоа е безбедноснa гаранциja. Споделувањето на проценките и информаците од значење за нашата нациоонална безбедноост со САД и земјите од ЕУ се важни за планирања, интервенции и превенции во доменот на нашите безбедносни политики, надворешно-политичките и економските односи и соработки. Позицијата на земјите од Западен Балкан во географски, политички, безбедносен, економски и културен контекст навистина се менува со динамика која бара делување врз донесување разумни одлуки од клучно значење за исполнување на долгорочните интереси на нашата земја. Тешко е да се каже дека ќе можеме мирно да спиеме во ова време кога е потребна будност и движење по патот кој значи нагување на трајните и витални интереси за државата и за граѓаните од една страна, и соочување со променетите интереси на сите останати актери кои на нетрадиционален безбедноосен начин продираат во сфери кои до пред некоја година не беа идентификувани како безбедносни ризици. Геостратешката позиција е силна онолку колку што државата има стратешки ресурси (енергија, храна), развиена економија и силна правна држава, добри соседски односи и силни сојузи со западните демократии. Недостатокот на овие компоненти ги изложува на ризик развојните тенденции на државата во сферата на безбеднооста, стабилноста и ги прави порозни на влијанија од дестабилизирачки фактори кои имаат продор во многу сфери преку корупција, политичко и финансиско влијание со цел подривање и субверзија на трајните и витални вредности за државата. Затоа, денес кога зборуваме за хибридни закани, не мислиме исклучиво на воено-безбедносните компоненти и индикатоори за мерење и проценка на (не)безбедноста, туку многу повеќе мислиме на индикаторите кои на доолг рок ги забавуваат процесите кон остравување на стратешките интереси и партнерства, а тоа се финансите, економската и енергетската безбедност на државата, владеењето на правото и рушење на „железната врата на олигархијата“ која има за цел создавање и одржување на услови за остварување на лични-бизнис интереси и креирање на темна зона во која цвета нефункционален правен систем, неказнивост и привилегии за сметка на демократските и прогресивните вредности за државата и граѓаните. Тешко дека можеме мирно да спиеме кога нашите стратешки партнери ни ги посочуваат актерите кои ги подриваат долгорочните темели за стабилен и извесен државно-политички и економски развој преку интеграцијата во ЕУ. Ги ставаат на црна листа актерите и правните субјекти на кои им одговара состојба на стагнација, голем криминал скриен зад реторика на национализам/патриотизам и контролирана партиска сцена со играчи кои играат фудбал на терен без голови со многу навивачи од трибини на кои судијата е виновен за грешките на играчите.

Се почесто слушаме изјави, често од Зеленски, но сега и Нетанјаху, дека доколку тие земји „паднат“ (Украина и Израел), дека Европа е следна. Поддршката за Киев веќе полека се намалува, за што потврди и самиот украински претседател, се почесто се слушаат и гласови дека Молдавија е следна на „листата на Путин“, па колку Западен Балкан, и самата Македонија, е подготвена да остане „цврсто на нозе“ пред заканите кои доаѓаат?

-За да го сфатиме подобро ова што го збоорува Зеленски ќе потсетам на еден краток сублимиран став за влијанието на Русија врз современите општествено-политички, економски и безбедносни текови од стратешко значење за нас, за западните демократии и интереси, а тоа е фактот дека: „Кога Русија доаѓа во некоја земја, таа не носи само руска корупција, туку таа носи и руски организиран криминал, руски агенти и руска субверзивна разузнавачка активност (директни-индиректни) од нејзини безбедносни служби“. Во овој став е кажано многу. Не се од ова е видливо со голо око, но факт е дека како земја доцниме во раното детектирање и сузбивање на актерите и сите овие влијанија. Сето тоа ни се одразува на моменталната стагнација и смели рефоормски процеси особено во безбедносно-разузнавачката заедница преку кои беше нужно потребно да се искорени олигархиското влијание и клиентелизмот како алатка за контрола на процеси и дејствувања во насока на дефокус, насочување и донесување одлуки во интерес на група луѓе и нивни соработници кои ги гледаме на црните листи. Да не одиме многу далеку …, во моментот Кипар како земја-членка на ЕУ е исправена пред најголемиот безбедносен предизвик под притисок на ЕУ и САД во која треба да се соочи со истраги дека, преку „златни државјанства/пасоши“ зад превез на инвестиции од времето на руската окупација на Крим (2014) до денес дала засолниште на 104 руски милијардери под санкции. Тие вршиле финансиски трансакции и вмрежувања на капитал во повеќе слоеви на кипарскиот економски систем со цел да се избегнат санкциите и да се прошири руското влијание и продор во европската стабилност генерално. Сметам дека, Зеленски мисли токму на овие „меки“ влијанија кои финансиски влегуваат преку спорт, култура, инвестиции на Русија кои подоцна придобиваат сериозни политички и безбедносни компонента. Овој ЕУ-мониторинг над финансиските трансакции во комбинација со санкциите и црната листа на САД е јасен патоказ за сите земји и системи, вклучително и за нашиот како, во кој сфери и на каков начин да пооречат и деинсталираат овие скриени надворешни влијанија на штета на интересите на граѓаните, државата и иднината. Директната дестабилизација на ЕУ како нескриена цел на Русија највидливо се случува во земјите чии што стратешки интерес е членството во ЕУ. Во Извештајот на ЕК за РСМ, ЕК го потенцираше делот дека стекнувањето на македонско државјанство врз основа на инвестиции е сериозен безбедносен ризик за перење пари, корупција и контрола на политички процеси.

Кризата во Косово не е завршена, се повеќе личи на „замрзнат конфликт“, а договор меѓу земјите нема на повидок. Македонија има добри односи и со Србија и со Косово, но дали е можно прелевање на кризата во Македонија? Дали НАТО може да влијае за да не избувне нов конфликт?

-Како држава само на север не граничиме со земја членка на НАТО. Членството во НАТО за нас значи многу придобивки, но и споделување на сите заеднички ризици и предизвици соо Алијансата. Србија има декларирана заложба за членство во ЕУ, но не и во НАТО. Тоа е секако право на секоја држава, но факт е дека геостратешката позиција на Србија во контекст на НАТО и на Унгарија, па и Бугарија во контекст на ЕУ претставуваат сериозен простор на можности за пробив на мека моќ и влијание на Русија врз земјите аспиранти во сите сфери оод нивното функционирање. Добрите односи не треба да не направат безусловни поддржувачи на политички дејствувања и реторики кои ја подриваат безбеднста, политичката и територијалната независност на државите од Западен Балкан. Последната црна листа на САД го нотира токму тој ризик од испреплетени политички влијанија на бизнис и политики кои дестабилизираат преку тешка националистичка реторика што може да стагнира и попречи процеси на напредок и интеграција како што го гледаме тоа преку актуелните билатерални спорови и попречувања на Балканот. Националните држави долги години назад не успејаа да создадат апсолутна лојалност и чуство за припадноост кај муслиманите кон државата. Наспроти тоа, современите безбедносни предизвици и случувања на Блискиот Исток (особено израелско-палестинскиот конфликт) ја засилува и ја зајакнува идејата за ummeta како универзална зедница на сите муслимани во светот. Развојот на тоа чувство на солидарност ќе детерминира многу процеси во Европа и на Балканот, вклучително и по прашањето на миграциите кон Запад и создавањето на миграциски колонии.

Нови дронови, хеликоптери, американски возила…Македонија се вооружува со современа опрема, но дали е тоа доволно за да војува и да се одбрани од надворешни закани?

-Модернизацијата и техничко-технолошкото осовременување на нашата армија е дел од нашиот консензуално усвооен стратешки план за инвестиции во одбраната и партнерството со САД, што прооизлезе од нашето членство воо НАТО во делот на компатибилноста и интероперабилноста. Инвестициите не значат по правило подготовка за војување, туку зајакнување на ресурсите за подобро справување со можните ризици и закани, помош на Алијансата и осамостојување во дел на специјалните потреби. Тоа значи подобри услови и можности за обука на нашите војници и работа во современи услови кои излегуваат од рамките на конвенционалното поимање на поимот вооружување.

Сајбер заканите на одбранбената критична инфраструктура се сфаќаат многу сериозно во целиот свет и тоа е еден, иако не толку нов, современ вид војување. Дали националните капацитети за сајбер одбрана се на ниво?

Сајбер просторот е место каде што се водат современи, би рекла невидливи војни – војни за инфоормации и војни со информации. Затоа сајбер нападите на бази на податоци со кои располага државата се најчести, или упад во информациско-комуникациска мрежа соо цел онеспособување на системите или крадење/дознавање на стратешки информации. За заштита на критичната инфраструктура од сајбер напади потребна е огромна инвестиција во знаење и човечки ресурси, користење на позитивната страна на вештачката интелигенција и меѓународно-правно регулирање на оваа сфера кој не е регулирана. Во овој дел морам да го истакнам значењето на контролата и надзорот над субјектите кои прооизведуваат, извезуваат и увезуваат малициозни, шпионски софтвери кои станаа најсофистицирана алатка за таен пробив воо приватноста со цел употреба, злоупоотреба и контрола врз луѓе, дејствувања и процеси. И тука САД ни помогна многу, во дел од фактот што на црна листа оваа година ја стави компанијата Сајтрокс на Иво Малинковски кој развивал и продавал шпионски софтвер „Предатор“ злоупотребен од држави, агенции и недржавни актери за шионажа. За жал, кај нас скоро да немаше медиум, а најмалку институција која продлабочено известуваше за овој скандал во кој името на државата се спомнува во секој извештај на Европскиот Парламент кој зборуваше за оваа „иновација“. Да не говорам дека кога ги обелоденував финансиските извештаи и затајувањата на даноци на милиоонските добивки од нелегална продажба на шпионскиот софтвер скоро и да немаше медиум и институција кои ги проверија тие достапни информации кои кажуваат многу – како не функционира системот на контрола врз бизниси кои имаат недржавни и нестратешки интерес за прогрес на државата.

Н.П.

Слични содржини