Интервју со Секулоска : Создадовме матрикс на превртени вредности – колективната дијагноза е застрашувачка!

Луѓето како да не можат веќе да издржат (не можат да собираат во себе) и или пукаат, или се повлекуваат во домот или во „свој свет”. Како последица на овој притисок се случуваат автоагресија (алкохолизам, наркоманија, коцкање, гејминг), насилство – вели во интервју за „Локално“ Розалија Секулоска, лиценциран психолог.

од Vladimir Zorba
37 прегледи Фото: 24hr

Импулсивноста, намалениот праг на толеранција на фрустрација која резултира со агресија е повеќе од очекувна појава. Наместо живот и развој, се случува „преживување”! Човекот има потреба од безбедност и сигурност. Луѓето како да не можат веќе да издржат (не можат да собираат во себе) и или пукаат, или се повлекуваат во домот или во „свој свет”. Како последица на овој притисок се случуваат автоагресија (алкохолизам, наркоманија, коцкање, гејминг), насилство – вели во интервју за „Локално“ Розалија Секулоска, лиценциран психолог.

Колективна трагедија. Загуба. Ризик од воен конфликт.  Блокади. Сиромаштија. Поскапување. Граѓаните секојдневно се изложени на канонада од вакви информации, кои за жал не се лажни. Ако Ве прашам како ќе го дефинирате колективното ментално здравје – каква ќе биде “дијагнозата“ ?

Од психолошки аспект, континуирано, одноно хронично изложување на негативни, опасни по живот информации,  како што се закани, кризи, епидемии, пандемии, потенцијална сиромаштија, води во колективна анксиозност, замор, исцрпеност и стрес. Тогаш чувството на базична безбедност а кое е неопходно за да се функционира со своите капацитети, е нарушено.

Од социолошки аспект, вака се создава култура на страв и недоверба! Наместо живот и развој, се случува “преживување”! Човекот има потреба од безбедност и сигурност. Како да ја создаде во свет (општество) кое е хаотично и постојано се тресе? За да го направи тоа, има неколку решенија. Едното е да се “отсече” на здрав начин (дисоцијација) и како “Гуру“ да живее. Втор начин, е да се “искине” (сплит), што носи во патологија. Како најздраво решение би било, некој да се сети да ја стимулира емпатијата, заедништвото, солидарноста и алтруизмот. Стручно речено, колективната дијагноза би била застрашувачка а тоа е, колективен стрес со епизоди на анксиозност, депресија, агресија, убиства и самоубиства.

Се чини дека чувствата на страв, хроничен грч поради неизвесност, незадоволство, револт не претвораат во фрустрирани а потоа и агресивни личности. Каков е трендот во земјава – дали овие форми на нарушување на менталното здравје се се почести, како се манифестираат ?

Доволно е да се завртите и да ги погледнете луѓето. После Ковидот, многу нешта се сменија и нема враќање назад. Фрустрирани, напатени, тажни и агресивни лица  се повеќе. Интересно е, што тоа тече “стихијно“, го прифаќаме и го рационализираме. Импулсивноста, намалениот праг на толеранција на фрустрација која резултира со агресија е повеќе од очекувна појава.

Зголемена е поларизацијата, нетрпеливоста, егоцентричноста, конфликтната комуникација. Луѓето како да не можат веќе да издржат (не можат да собираат во себе) и или пукаат, или се повлекуваат во домот или во “свој свет”. Како последица на овој притисоик се случуваат автоагресија (алкохолизам, наркоманија, коцкање, гејминг), насилство врз блиски и непозанти лица, пасивна агресија и цинизам, потреба за бегство во сублимација (творештво и создавање) кое е највисок одбранбен механизам на решавање на проблемите но, е енесвесен и не е автентично решение.

За жал и статистиките на здравствените власти се алармантни – антидепресивите се меѓу најкористените „лекови“ на ниво на државата 

-Антидепресивите, анксиолитиците и средствата за спиење, веќе одамна се доста конзумирани. Мене ми се отвара поголемо прашање- Што всушност лекуваме? Дали ги лекуваме (маскираме) симптомите, наместо да работиме на проблемот ?! Да не се разбереме погрешно. Медикаментозната терапија е потребна кога е ординирана од стручно лице и се третира под надзор. Но само медикаменти НЕ по секоја цена. Промена на контекстот во кој живееме, и паралелно работа на себе со психотерапевт.

Она што изминатиот долг период ескалираше е агресијата кај децата – сведочевме на бројни за жал, тешки инциденти на малолетничка деликвенција, меѓуврснички булинг, тепачки. Каква генерација на млади создаваме ?

Агресијата одсекогаш постоела и ако ја стимулираме, ќе постои. Со здрава агресија поставуваме граници на заштита на себе и својот идентитет а, од друга страна празниме се она што непотребно се собрало во нас. Се согласувам дека агресијата кај децата е нормализирана а, алтруизмот, хуманоста и солидарноста се маргинализрани како вредности на слабаци и наивни деца па и возрасни луѓе. Создадовме матрикс на превртени вредности! Ако секогаш преживува најсилниот, се плашам да помислам каква ќе биде иднината за неколку децении.

Кои се причините за растечката агресија и кај децата, кој е начинот, од каде да се почне со влијание за ублажување и спречување на ваквите појави?

Хроничен стрес, траума, нарушена безбедност, намалена когнитивна регулација, сиромаштија, медиумско насилство, слаб систем на поддршка, губење на вистинските морални вредности, го намалува прагот на толеранција и психолошката отпорност. Стануваме психолошки се помалку отпорни и на најмали промени.  Раната превенција е задоцнета. На ред се секундарната и терцијалната а, тоа се системски длабоки интервенции а, не само на индивидуално ниво. Долго, лонгитудинално работење од страна на стручни лица на глобално (макро), ниво. За тоа е потребно време но, време е да се почне додека не не згази.

Колку социјалните мрежи имаат удел во уривање на вистинските вредности? Не го потенцирам  позитивното значење на виртулениот свет, на пример за размена на информации,  туку негативното. Колку повеќе сме присутни на социјалните мрежи , се чини дека се подалеку сме од вистинскиот живот. На социјалните мрежи имаме и по илјадници пријатели, а во вистинскиот – како да ги губиме и они малку што сме ги имале…

Колебање на самодовербата, фрустрација, споредување, завист, погрешни информации, лажни профили, достапност на се и сешто, навистина не е здраво. Пријателствата се изменети од длабока врска во бескрајно допишување. Колку сме присутн со сите сетила во нашите животи, во животите на нашите деца, на работа? Парадокс, мрежи со толку многу пријатели а, на крај од денот чувство на осаменост и празнина?! Матрикс, нели.  Живот стана една голема социјална мрежа!

Има ли начин да се заштитиме, барем на момент, од изложеноста на стресното секојдневие… Како да си помогнам себеси за ги ублажам фрустрацијата и гневот кои ги чувствувам? Ако ве праша некој пациент… Што ќе го советувате ..

Да се ограничи изложеноста на негативни информации. Спортување, континуирано и подолго и тешесни вежби за регулирање на нервниот систем. Социјализација, дружење и ширење на мрежата на реални а, не на виртуелни пријатели. Користење на секој миг за престој во природа. Дигитална пауза- секојдневно исклучување на интернетот на неколку часа. Ако симптомите се силни и подолго време го нарушуваат секојдневното функционирање, потребна е работа со психолог/психотерапевт.

Д.А.