Интервју со Шилегов: Буџетот во овие 3 години не го правевме како список на желби, туку како реални можности

Буџетот во овие три години не сме го правеле како список на желби, туку како реални можности. Зошто би се зголемил, кога од старт знаеме дека приходната страна нема да ги следи желбите. Од тој аспект, секогаш се трудиме да правиме реални буџети, и со оглед на тоа дека имаме Ковид пандемија се намалува и самиот буџет, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во рамки на своето интервју за „Локално“.

Во однос на придобивките од „Смарт сити“, Шилегов вели дека генерално се создало погрешна перцепција, дека кога се зборува за проектот се работи само за осветлувањето, а тоа е далеку од вистинската поента.

–  За жал, градот е доста назад во дигитализацијата, и како ќе се имплементираат работите ќе бидат видливи и придобивките, смета Шилегов

На тврдењето на активисти за неправилности во работењето на ЈП Лајка како и злоупотреба на службената должност на в.д. директорката Петрушевска, градскиот татко посочи дека е извршена е вонредна контрола од страна на Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство и при тоа е констатирано дека работењето на ЈП Лајка во целост е во согласност со програмата за работа усвоена од Советот на Град Скопје, а одобрена од Агенцијата.

-Без разлика на ова, секогаш има простор доколку некој смета дека има аномалии да ни укаже. Токму заради тоа секогаш со внимание ги пратам сите укажувања на било која заинтересирана страна, тврди Градоначалникот.

На прашање за претстојните локални избори и конгресот на СДСМ, градоначалникот на Скопје ни откри дека ќе ја поднесе својата кандидатура до матичната партија, од каде верува дека ќе ја добие поддршката за влегувањето во трка по втор мандат на чело со градот Скопје, а што се однесува до Конгресот, градоначалникот ни укажа дека партијата веќе на големо го прави своето ажурирање, со цел секој член да го даде својот демократски глас.

Иако сме единствена држава која нема попис скоро две децении, опозицијата е истрајна во својот став дека тој треба да се одложи макар уште една година, откако ги наведуваат пандемијата и политичката страна на оваа „статистичка операција“ како причина за одложување. Што мислите, треба уште да го чекаме пописот и како резултатите влијаат во поглед на работата на локалната самоуправа?

– Пописот е работа која мора час поскоро да биде завршена, имајќи предвид дека повеќе од 19 години немаме попис на населението. Меѓутоа, тоа не е само попис на население, туку и на стопанските субјекти и на капацитети и тоа е работа што е неoпходна за да ги направите сите стратешки планови.  Треба да имаме предвид дека е потребно време, отприлика две до три години после пописот за да се обработат податоците и истите да се стават во институциите вклучувајќи ја и локалната самоуправа. Ние треба да знаеме дека во моментов не знаеме со колку станбени единици располагаме, а тоа ни е потребно за да планираме каде и како да се развиваат урбаните заедници и центри. Исто така, треба да се димензионира работата и на малите претпријатија, бидејќи треба да се има стратегија на планирање. Оттаму, не постои ниту една разумна причина за да имаме било какво одлагање на пописот дури ниту за еден месец.

Град Скопје потпиша договор со конзорциум на фирми предводени од „Македонски телеком“ вреден 6,5 милиони евра за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град или „Смарт сити“. Накратко, каква придобивка имаат од ова граѓаните на Скопје?

– Првичната придобивка треба да се види во летото кое ни претстои, а станува збор за лед осветлувањето. Меѓутоа, генерално се создаде погрешна перцепција, дека кога се зборува за „Смарт сити“ се работи само за осветлувањето, а тоа е далеку од вистинската поента. Оваа платформа која ја баравме ние, а треба да се имплементира е модуларна, со оглед на тоа што може да прими најразлични софтвери кои би биле предмет на обработка. Ќе биде брзо презентирана и апликацијата „Мое Скопје“, со цел да се овозможи и на граѓаните да бидат интерактивни, како и дигитализацијата која нема лимит. Ние влегуваме и со еден паркинг од Градски паркинг, каде може да се види дали има место на паркингот, кое место, во кој правец да се движите, да ви даде сугестија за поблиско паркирање. Исто така, ќе биде дигитализирана и целата комуникација со граѓаните, односно, ќе можат да поднесуваат документи и изготвување на решенија.  Ќе може да резервираат и билети за настани кои ќе ги организира градот. Целосно олеснување, кое ќе опфаќа и градски интернет. За жал, градот е доста назад во дигитализацијата, и како ќе се имплементираат работите ќе бидат видливи и придобивките. Ние предвидуваме цел систем на мерни станици за квалитет на воздух, исто така, во оваа насока.

Иако оваа констатација е повторена стотина пати, сепак аерозагадувањето уште ги мачи граѓаните на Скопје. Иако ова е проблем кој се одолговлекува со години и вие во неколку наврати рековте дека немате „магично стапче“, сепак, дали преземавте доволно чекори за негово, барем, делумно намалување? Се одвојуваат ли генерално доволно средства за борба со овој проблем?

– Трендот од 2018 година до сега покажува дека се намалува бројот на денови кога е застапен загадениот воздух. Тоа се должи на проектите како што се 100 километри велосипедски патеки, но и помошта за инвертер клими.

Светот се движи кон „зелено сценарио“ во однос на користење на енергија – ОИЕ, електрични автомобили, намалување на емисиите на јаглерод итн. Има ли некаков конкретен план или стратегија Градот во следните децении да фати „чекор“ со европските метрополи? Дали можеби воведување на данок за емисии на јаглерод диоксид на компаниите кои најмногу загадуваат?

– За жал, ние немаме влијание како град за носење одлуки за намалување на даночните стапки, но истите можеме да ги иницираме, и тоа е нешто што го барам постојано. Бидејќи еколошките автомобили стануваат се поголема потреба во Европа и светот, а кај нас, за жал, се се уште мал број. На пример, јас бев промотор на електричен тротинет, градот беше промотор со тоа што на одредени места ставивме полначи за е-автомобилите, но за тоа имаме цела програма и студија.

„Град Скопје е нем набљудувач кога се во прашање дивоградбите“, изјавивте неодамна и  побаравте законски промени со кои општините би продолжиле да даваат одобрение за градба, но инспекцијата на терен би ја презел Градот. Има ли „абер“ за вашето барање и дали тоа ќе биде доволно да се справите со дивоградбите, па и со урбаната мафија која го бетонизира Скопје? Што дополнително треба да се преземе?

– Не мислам дека е природно, градот во тој дел да нема ингеренции. Затоа што е логично барањето на граѓаните, градоначалникот да ги застапува интересите на граѓаните, особено кога е во прашање урбанизираниот и јавниот простор. Затоа и примерот со „Мавровка“ беше моја иницијатива,  градот да има во оваа насока ингеренции. Тоа не треба да значи градоначалникот на Скопје да се меша во сите одлуки на другите општини. Но, треба да има градот Скопје ингеренции во поглед на злоуопотреба, со цел да знаат и граѓаните дека тука има уште една институција која може да реагира, со цел да се променат одредени работи. И сакам да го изменам фактот дека градот може да биде нем набљудувач.

„ЈП Лајка“ на отворањето, кое доцнеше неколку месеци, го нарековте „сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни“ како и дека ги има убедливо најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област. Долгогoдишните активисти и неправилности во работењето како и злоупотреба на службената должност на в.д. директорката Петрушевска. Бараат и јавно да се објават сите документи поврзани со работата на ЈП „Лајка“. Ќе имате ли слух за нивните барања и како до сега ја оценувате работата на претпријатието?

– Со отворањето на новиот стационар „Лајка“, Град Скопје се стекна со капацитет опремен по најсовремени стандарди, каков што дефинитивно нема во регионот, а има многу малку во Европа. Оттука, сметам дека отворањето на овој нов капацитет е добро примено од страна на граѓаните и истовремено е добар основ за системско решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Јас сум убеден дека и Град Скопје, и „Лајка“, и здруженијата имаме иста цел, а тоа се подобрат условите за бездомните животни и што е можно побргу истите да ги вдомиме. Имајќи го во предвид ова секогаш со сериозност пристапуваме на сите укажувања за евентуални аномалии во работењето. По основ на ваквите претставки извршена е вонредна контрола од страна на Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство и при тоа е констатирано дека работењето на ЈП Лајка во целост е во согласност со програмата за работа усвоена од Советот на Град Скопје, а одобрена од Агенцијата. Без разлика на ова, секогаш има простор доколку некој смета дека има аномалии да ни укаже. Токму заради тоа секогаш со внимание ги пратам сите укажувања на било која заинтересирана стана.

Дали Лајка ќе понесе одговорност што секојдневно во билтернот на МВР се евидентираат лица каснати од кучиња, и дали како во развиените земји и вие размислувате градот да дава надомест на лицата кои ќе се одлучат да вдомат миленици?

– Да се разбереме, „Лајка“ е стационар, не е резерват. Работата на „Лајка“ е да го залови кучето што е на улица, да го истретира соодветно, да направи одредени испитувања, со оглед на тоа што има болести кои годишно ги објавува Агенцијата за храна и ветеринарство. Откако ќе го истретираме кучето, по 30 дена го враќаме на местото од каде што е земено, бидејќи е територијално и не значи дека ако ние еднаш сме го заловиле, дека тоа ќе исчезне од таа микросредина. Отвораме процеси за вдомувања на кучиња, и тоа засега добро ни оди. Отприлика преку 50 кучиња кои досега сме ги заловиле, успеале да најдат свој дом, меѓутоа, оние за коишто нема да ви успее тој процес ги враќате на местото од каде сте ги зеле и тие живеат повторно таму.

Градот Скопје го работеше тоа пред да се отвори „Лајка“, а во соработка со Факултетот за ветеринарство ги работевме податоците, со оглед дека ни требаат за понатаму и за оценка за успешноста на стационарот. Ние имаме околу 1730 кучиња на улица вкупно во Скопје.  Дел од овој број е намален, а ние ќе нарачаме ново броење за отприлика 6-8 месеци по отворањето на „Лајка“, за да видиме како функционира системот. Не сме доволно богат град за на граѓаните да им понудиме и финансиски бенефит и видете, тој што ќе го земе животното за да остварува финансиски бенефит, тој дефинитивно  не е љубител на тоа животно и може многу лесно повторно истото да се најде на улица. Не мислам дека тоа е правиот принцип, треба да знаеме што е одговорно сопствеништво на домашен миленик. Бидејќи обично кучињата на улица се од граѓани кои не си ги чувале доволно добро. Затоа, една од работите, пред да ја пуштиме „Лајка“ во оператива да функционира, е што направивме регистар на домашни миленици и тоа како датабаза за прв пат постои во нашиот град. Таму се впишани преку 30.000 животни чиишто газди ги имаат чипирано кучињата, и се работи за еден цел систем. Понатаму, комуналната полиција ќе може слободно да ги чита чиповите на кучињата и лесно да утврди дали е тоа куче на сопственикот или, во спротивно, тој ќе се носи со некаква казна. Мораме да ги прифатиме правилата на урбано живеење.

Иако се гледа „светло на крајот од тунелот“ со претстојната вакцинација, како корона-кризата влијаеше врз работењето на Градот? Колку проекти беа стопирани, дали ќе продолжат оваа година, или ќе се чекаат подобри времиња?

– Освен првиот шок што беше на планетарно ниво, мислам дека градот многу брзо се адаптираше на новиот начин на функционирање и во оние првични денови бевме многу добро организирана институција. Се сеќавате на првичните дезинфекции на јавните простории,  како и на начинот на функционирање на ЈСП. Како подоцна се утврдуваа протоколите, така и ние се адаптиравме. Дадовме сериозен придонес во поставувањето на Модуларната болница во Клинички центар, како и инфраструктурата таму. Исто така, минатата година во планот ни беше Забавниот парк, и оваа е исто така, и сметам декам многу брзо ќе влеземе во тендерска постапка, како и во негова импементација, односно, набавка на Забавен парк. Не губиме премногу, бидејќи таквите инсталации се секаде во светот забранети поради пандемијата. Генерално, сметам дека ние заедно со светот следната година би излегле од оваа пандемија.

Скоро еден век старото ветување кај нашиот северен сосед за изградба на метро во Белград веќе е пред реализација, откако тамошните власти најавија започнување на работите пред крајот на годината. Во Скопје тоа ветување не е толку старо, но можно ли е да видиме ваков систем на превоз во главниот град и дали според вас тоа е вистнски проект кој ќе го намали оптоварувањето на сообраќајот?

– Во изминативе 30 години се зборуваше за трамваи и други превозни средства, но речиси ништо не најдовме за да ни послужи, освен неколку документи коишто ги употребивме. Имајќи ја предвид економската моќ на градот и на државата, ние планираме „Бас рапид транзит“, што најблиску можете да го видите во Истанбул. Ние овој проект го доближивме до завршна фаза, го чекаме Собранието да го усвои, за да можеме да почнеме тендерска постапка. Имаме три тендерски договори, едниот е реализиран и тој не е врзан со одлука на Собранието. Втората постапка е набавка на возила, а третата е постапка е дизајнот. Овие две се врзани со Законот и повикувам час поскоро Собранието да ги усвои.  Ако ги усвоиме наскоро, ќе можеме да зборуваме за имплементација на првите две траси кон крајот на 2022 или почетокот на 2023 година и ова подразбира на секои три минути да имате превозно средство.

Проектот за унапредување на велосипедскиот сообраќај треба да биде завршен заклучно со 2021 година. Дали сметате дека е постигната целта со унапредување на велосипедскиот сообраќај за 50% во однос на 2018 година, како што беше предвидено со планот?

– Тоа е веќе реализирано и е видливо на улиците во Скопје. Ние годинава достигнавме над 100 километри велосипедски патеки и сум горд и задоволен од тоа што на одредени места каде што беше незамисливо да се создаде велосипедска патека, ние тоа го сторивме. Тоа што го наследив како инфраструктура е 40% од она што го имаме сега.

Според Усвоениот Буџет предвиден за 2021. година, истиот е намален за 8,5% во однос на изминатата 2020. година. Со оглед на Ковид кризата, и застојот на многуте индустриски гранки, сметате ли дека можеби требаше Буџетот да има зголемување спротивно на вака предвидениот, и кои клучни проекти и финансирања ќе го одбележат овој буџет?

– Буџетот во овие три години не сме го правеле како список на желби, туку како реални можности. Зошто би се зголемил, кога од старт знаеме дека приходната страна нема да ги следи желбите. Од тој аспект, секогаш се трудиме да правиме реални буџети, и со оглед на тоа дека имаме Ковид пандемија се намалува и самиот буџет. За мене е многу важно што стратешки го развиваме градот и оставам граѓаните да го видат сето она што јас работам. Во моментов Скопје има 4 нови булевари, бул.  „АСНОМ“, бул. „Босна и Херцеговина“, бул.  „Христијан Тодоровски – Карпош“ и бул. „Никола Карев“. Сме во поодмината фаза на завршување на мостот кој ќе ги спојува Аеродром со Керамидница, и би требало во текот на летото да биде пуштен во употреба, а кон крајот на март месец треба да почне да се гради мостот кај Карпош 4. Создадовме правни услови за продолжување на бул. „Борис Трајковски“ кон Драчево. Тоа се сериозни проекти, со сериозни финансиски зафаќања во Буџетот на градот. Мојата работа е да го подобрам квалитетот на урбаното живеење на граѓаните на град Скопје.

Некаде на половина од вашиот мандат, споменавте дека од 2020 година, Центарот на Скопје ќе стане пешачка зона и дека ќе биде неподвижен за автомобилите, како и тоа дека ќе се уредува влезот кон плоштадот „Македонија“ кај триумфалната порта. Зошто досега овој проект не е реализиран, и дали до крајот на мандатот ќе има своја реализација?

– Тоа е врзано со имплементација на „Бас рапид транзитот“, бидејќи тој ја условува пешачката зона. Да не заборавиме дека 8-9 месеци имавме нефункционално Собрание, односно техничка Влада, и немавме орган кој би може да ја забрза реализацијата на овој проект.  Но, кај и да е ќе заврши собраниската процедура, па ќе можеме да отпочнеме со реализација за првата траса.

Локалните избори се ближат, се уште не објавивте дали ќе се кандидирате за уште еден мандат, но доколу тоа не е случај, има ли некој проект за кој жалите што не го реализиравте?

– Јас кажав дека сум дел од СДСМ и таму ќе ја поднесам својата кандидатура, и ако биде успешна, а верувам дека ќе биде успешна, се надевам дека ќе успеам да победам на изборите предвидени за октомври. И нема да има нереализирани работи, ќе останат покомплексни проекти за реализација како, на пример, тунелот под Кале.  Пак велам, не сум таков да сметам дека мора да се реализира се во мандатот. Имено, градот е материја која се менува и, оттаму, се менуваат приоритетите . Моја работа е секојдневно нешто да спроведувам.

Конгрес на СДСМ – можна ли е лидерска промена?

– СДСМ со последните измени на Статутот што го донесе стана најдемократска партија, односно, партија којашто го избира својот претседател од страна на членството. Кај нас е во тек ажурирање на членството, кое што ќе гласа, и не мислам дека ќе дојде до промена на лидерската позиција во партијата.

Ангела Веселиновска

Слични содржини