Интервју со Синадиновска: Нашите евроинтеграции се загрозени и за жал најмалку преку (не)донесувањето на уставните измени

Фактот што денес Груевски е актуелен во политичка смисла е дебакл за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, вели Синадиновска

од Nikola Popovski
1,9K прегледи

Од формирањето на Солуција до денеска, илјадници граѓани нѐ исконтактираа. Тие бараат да бидат вклучени на различен начин во нашите активности – некои пишуваат за нас, некои даваат идеи и совети, некои сакаат директен граѓански ангажман, а некои сакаат само да бидат сослушани, да си ја кажат маката што ја имаат со системот, вели во интервју за „Локално“ еден од коосновачите на балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, Катарина Синадиновска.

За ставот на невладината за уставните измени, Синадиновска истакнува дека како организација не градат заеднички став за вакви прашања, но нејзин личен став е дека целиот процес е претворен во чиста партиска математика и дека веќе одамна нема врска со самите измени, ризиците и продобивките од нив.

Нашите евроинтеграции се загрозени во суштина и за жал најмалку преку (не)донесувањето на уставните измени. „Балканскиот начин“ за градење на политички консензус е константа овде и нема никој да биде изненаден ако има обиди да се користи пак, но во политиката, како и во животот – тајмингот е сѐ, а ова одамна веќе не е 2018, ни рече Синадиновска за дали постои опасност по загрозувањето на евроинтеграциите.

Околу измените на Кривичниот законик, соговорничката е децидна дека се закопува правната држава во еден срамен чин на газење на нејзините остатоци и дека закопана е идејата дека оваа владеачка гарнитура воопшто имала намера да донесе правда.

Иако „Солуција“ предизвика интерес на политичката сцена, Синадиновска порачува дека немаат намера да учествуваат на избори.

Даваме и ќе дадеме поддршка на сите процеси и чекори, иницијативи и идеи кои се на линија на нашата мисија, без разлика од кого доаѓаат. Така и критикуваме, преку нашите медиумски платформи, без никакви политички калкулации, туку исклучиво со јавниот интерес како императив, потенцира коосновачот на невладината организација.

Коосновач сте на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, кој, меѓу другото, е посветен на справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството. Каков е досегашниот фидбек од граѓаните за вашата работа?

– Презадоволни сме од тоа како граѓаните за толку кратко време ја препознаа и нашата организација и нашата мисија. “Солуција” беше промовирана пред само неколку месеци, а веќе е јасно позиционирана како релевантна и кредибилна граѓанска платформа и од самите луѓе и од домашните и меѓународни пријатели и партнери. Како што знаете, “Солуција” е дел од заеднички иницијативи, проекти и процеси со веќе постоечки граѓански организации, дома и надвор, давајќи и добивајќи поддршка за сите активности кои се на линија со она што и самиот го споменавте – битката за меритократија, но и за оплеменување на целокупниот јавен наратив, во општество на силна поларизација, кое е отруено од меѓупартиска омраза. Мораме да научиме повторно да разговараме меѓу себе, како општествени чинители и како поединци, со почит и достоинство, и тогаш кога не се согласуваме, како што доликува на една демократија. Од формирањето до денеска, илјадници граѓани нѐ исконтактираа. Тие бараат да бидат вклучени на различен начин во нашите активности – некои пишуваат за нас, некои даваат идеи и совети, некои сакаат директен граѓански ангажман, а некои сакаат само да бидат сослушани, да си ја кажат маката што ја имаат со системот. Ние помагаме и допрва ќе помагаме преку различни начини – од бесплатна правна помош, преку давање на гласност на проблемите па сѐ до конкретни иницијативи за системски промени, кои наскоро ќе следуваат.

Коментирате на различни теми, па како ја оценувате последната „сапуница“ на политичката сцена, во која се препукуваат поранешниот премиер Груевски со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ? Што, според вас тои зад оваа „драма“ и кој најмногу профитира од неа?

-Знам кој најмногу губи – а тоа се граѓаните. Особено оние граѓани, кои и онака беа згрозени од примитивниот и штетен начин на којшто партиите ја разбираат и практикуваат политиката кај нас, целосно лишен од каква било смисла за јавен интерес и општо добро. Фактот што во 2023, човекот – синоним за киднапираната држава и криминал од епски размери е актуелен во политичка смисла е дебакл за самата таа партија, што остана изгубена во псевдо-патриотизам, изгубена во простор и време, несвесна за актуелните текови и допрва фати да расчистува со него; и секако – целосна катастрофа за другата партија, која ај што не успеа да го смести таму каде што ветуваше, ај што му дозволи да “избега”, со што ја упропасти смислата на својата политичка егзистенција, туку и сега во него замислете гледа сојузник за реализација на своите партиски интереси со единствена цел – останување на власт. ДУИ е тука константа, ако сме чесни, тие се на истата линија како што и си беа – линијата на режимот, кој очигледно е сѐ уште жив, сега само се продава како “европски фронт” воден токму Ахмети. Каква бурлеска.

Дел од оние кои ги следат политичките случувања во земјава велат дека ова е начин да се префрли одговорноста на „бегалецот од Будимпешта“ за уставните измени, доколку тие успешно завршат?

-Не верувам во тоа. Нема опција во која ако поминат уставните измени Мицкоски ќе може да ја префрли вината на друг, имајќи ја предвид бескомпромисноста што тој ја демонстрира по ова прашање и што му е главен политички столб.

Кој е ставот на „Солуција“ – ѝ требаат ли на Македонија уставни измени со цел да не заглави во „балканската кал“, како што милуваат да плашат од власта?

-„Солуција“ е невладина организација и ние не градиме заеднички став за вакви прашања. Мој личен став е дека за жал процесот на уставни измени го претворија во чиста партиска математика, тој веќе одамна нема врска со самите измени, ризиците и продобивките од нив, туку е апсолутно само еден параван за изборна цел. Пострашно – самите европски интеграции се сведени на изборна кампања. Додека дома на сите можни полиња се влечат потези директно спротивни на сржта на европските вредности и доброто владеење, европската иднина постои само во изборната реторика, во немање на ништо друго конкретно да им се понуди на гладачите, што е навреда за граѓаните, навреда е за децениската определба на Македонија за полноправно членство, но навреда е и за самата ЕУ.

Загрозени ли се евроинтеграциите доколку сега не поминат во Собранието? Очекувате ли слични сцени како за промена на Уставот за Преспанскиот договор?

-Ако се надоврзам на одговорот од погоре, нашите евроинтеграции се загрозени во суштина и за жал најмалку преку (не)донесувањето на уставните измени. „Балканскиот начин“ за градење на политички консензус е константа овде и нема никој да биде изненаден ако има обиди да се користи пак, но во политиката, како и во животот – тајмингот е сѐ, а ова одамна веќе не е 2018. Ниту пак овој процес може да се спореди со Преспанскиот договор, за којшто, простете ама 600.000 граѓани дадоа јасна подддршка „за“, додека другите „правеа ајвар“. Овој процес е далеку од тоа.

Измените на Кривичниот законик се „жешка тема“ за која одржавте и панел-дискусија минатата недела. Се изначитавме анализи за тоа кој и како ќе се спаси од нив, додека владините апологети продолжуваат да пропагираат дека тоа е „важна промена“, иако САД и ЕУ „се оградија“. Се „закопува“ ли оваа Влада се подлабоко со своите одлуки и обидот да ги одбрани „расипаните јаболка“ во своите редови?

– Нема еден кредибилен познавач од областа кој не кажа дека овие измени директно ќе значат крај на сите надежи дека случаите од СЈО ќе дочекаат завршница. Да не зборувам за импактот што ќе го имаат врз сите следни случаи, како и за реакциите на амбасадорите и на самата Европска комисија околу дрската злоупотреба на европското знаменце, еднакво како што се злоупотребува европскиот наратив. Затоа не треба да ни е гајле дали Владата се закопува, овде закопана е правната држава во еден срамен чин на газење на нејзините остатоци и секако – закопана е идејата дека оваа гарнитура воопшто имала намера да донесе правда.

Албанофобија е новиот омилен збор кај владиниот партнер ДУИ, кои поради, наводната, широко распространета корупција во нивните редови, често го слушаме од нивни претставници. Ахмети дури обвини за нацистички методи во обидот да се срушат вечните интегративци и порача дека „тие се тука за да останат“. Дојдено ли е време за „пензија“ на ДУИ и дали, по ваше мислење, албанските опозициски партии имаат капацитет да ги преземат конците во свои раце? Стојат ли можеби измените на КЗ и позади оваа „игра“?

– Неодамна напишав колумна која силно одекна и за која добив многу голема поддршка, особено од моите сограѓани Албанци. Колумната се викаше “Албанофобија? Не господа – скелерофобија”. Скелерофобија е збор што доаѓа од латинските – скелеро и фобија и значи страв од криминалци, лоши луѓе и измамници. Поентата е јасна – нема овој народ страв од Албанци, како што нема ниту од Бугари, Грци, Срби, Власи… има оправдан страв од крадци и криминалци. Да се обидувате да искреирате наводна етничка нетрпеливост во барањето на одговорност за секојдневните скандалозни злоупотреби на јавни пари и позиции, не е само врвен цинизам и потценување на сопствената етничка заедница и на сите граѓани, туку е и политикантство од најдолен вид. Не знаеме што сѐ стои зад измените на КЗ, како и зад овој еднакво штетен Закон за амнестија што се зготви, не знаеме кои и чии сѐ криминалци најмногу ќе ќарат, но нема дилема дека сето ова е страшен удар врз секој граѓанин кој тука чесно живее и чесно заработува.

Корупцијата продолжува да го јаде општеството, а за тоа веќе повеќе од 3 децении добиваме прекори и од западните партнери. Од опозицијата велат дека штом дојдат на власт „веднаш ќе го решат проблемот“ иако над десетина години токму тие беа нејзин поттикнувач. Како до искоренување на „болеста“, кога самите протагонисти се вплеткани во големи коруптивни шеми? Гледате ли можеби некој обид на оваа „проевропска“ влада да ја смени ситуацијата?

– Не мора да одиме подлабоко во секојдневните афери за скандалозни злоупотреби, доволно е да ја погледнете Националната стратегија за борба со корупција, од која спроведени се само 10 (со букви – десет!) проценти, да погледнете актуелни министри кои јавно ја напаѓаат ДКСК, но и јавно прозиваат новинари и медиуми кои критички ја опсервираат работата на власта и ќе ви биде јасно какви се обидите. Што се однесува до опозицијата, не мислам дека низ годиниве успеаја да дојдат во ситуација тие да зборуваат за борба против корупција без тоа да има комична нота.

Балканот се чини и понатаму ќе го носи епитетот „Буре барут“ по неодамнешните случувања во Бањска и овој конфликт помеѓу Белград и Приштина може да ја детерминира иднината на земјите на Западен Балкан. Загрозена ли е безбедноста на земјава и како до решение на долгогодишниот спор? ЕУ и САД засега се немоќни.

-Тоа што се случува на Косово е ужасно. Се разбира дека импликациите се врз целиот регион и дека заеднички интерес е тензијата да спласне. Тезата дека ЕУ и САД се немоќни не ми е многу блиска, пред сѐ поради мојот став дека Балканот мора да излезе од нездравата идеја дека некој друг е одговорен за решавање на проблемите и гарантирање на стабилноста. Балканските држави мора да пораснат и да почнат да се однесуваат како суверени земји, кои умеат да влечат потези што водат кон напредок и развој,со помош на сојузниците, не со менторство. Нешто што секако би помогнало за надминување на спорот е една реална европска перспектива за целиот регион, во рамките на која просторот за вакви конфликти ќе биде драстично смален.

Размислувате ли можеби за настап на идните парламентарни избори, со оглед на минатото и искуството на претседателот „Солуција“, Никола Димитров?

-Се разбира дека не. “Солуција” е и ќе биде невладина организација и нема да учествува на никакви избори. Даваме и ќе дадеме поддршка на сите процеси и чекори, иницијативи и идеи кои се на линија на нашата мисија, без разлика од кого доаѓаат. Така и критикуваме, преку нашите медиумски платформи, без никакви политички калкулации, туку исклучиво со јавниот интерес како императив. Искуството на Никола е само предност за секоја невладина, да не заборавиме – тој и во политиката влезе како претставник на граѓанскиот сектор, а претходно како еден од најдобрите македонски дипломати, секогаш во служба на државата, не на партиите. “Работев со сите, со сите во даден момент и се разидов, кога ќе се јавеа разлики за кои нема компромис“ вели честопати тој и таа идеја дека доследноста кон принципите на човекот или организацијата, мора да биде секогаш посилна од слепото следење на лидерите или буквите, е суштината и на самата мисија на “Солуција”. Ни требаат граѓани на кои не им е страв да кажат дека магарињата се и неспособни и недостојни за лет.

Н.П.

Слични содржини