Интервју со Талески: Македонија е сиромашна со енергетски ресурси и не можеме да го елиминираме увозот, но можеме значително да го намалиме

од Vladimir Zorba
620 прегледи

Како фактор од суштинска важност за полесно надминување на студените зимски месеци, професорот Рубин Талески ја посочува потребата ТЕ-ТО АД Скопје да биде во погон.

Компанијата, според него ќе обезбедува топлинска енергија во Скопје, а исто како и досега, еден дел од капацитетот ќе може да го понуди на АД МЕПСО на пазарот на балансна енергија, со што ќе помогне во балансирањето.

„Напоменувам дека работата на ТЕ-ТО Скопје е од огромна важност, но производната цена на електричната енергија ќе биде висока, имајќи ги предвид очекуваните цени на природниот гас во текот на следната зима.“, вели Талески во интервју за „Локално“.

Од друга страна, можноста Македонија да остане без (руски) гас, за него е релативно голема, посочувајќи дека нема многу опции за негова замена.

„Нема многу опции за замена на рускиот гас. Веројатно определена количина може да се обезбеди преку Бугарија и Грција. Деновиве ќе биде пуштен во погон интерконективниот гасовод помеѓу Грција и Бугарија, но останува да се види дали ќе има капацитет за пренос преку тој гасовод и со какви трговски зделки (од кои извори) ќе се обезбеди гасот“, вели Талески.

Според него, замената на гасот со мазут е возможна, но само кај дел од потрошувачите и за тоа, тие ќе треба соодветно да се подготват. Оттука, како мерка за намалување на потрошувачката на енергенсите сугерира спроведување  интензивна кампања за штедење и рационално користење на енергијата: намалување/зголемување на температурата во просториите што се загреваат/ладат, воведување на мерки за енергетска ефикасност и сл.

АД МЕПСО апелира да се стават во функција сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, бидејки оваа есен/зима нема да може да влече од европската мрежа. Сериозно предупредување ако се знае дека лани недостигот од електрична енергија се покриваше од Европа за што МЕПСО плати многу пари. Како го коментирате овој апел?

-МЕПСО, како оператор на преносниот систем, не ги снабдува потрошувачите туку е задолжен за управувањето на системот што вклучува, меѓу другото, и балансирање. Недостигот на електрична енергија што во 2021 година се јави беше предизвикан од тоа што извесен број учесници на пазарот (снабдувачи/трговци и/или производители) не ги почитуваа правилата за балансирање и навремено не ги обезбедија (или произведоа) потребните количини.
Апелот на МЕПСО го разбирам во контекст на нивната улога, т.е. колку повеќе производни единици се во функција во нашиот ЕЕС толку ќе биде полесно МЕПСО да го управува системот. Тука треба да се напомене дека од огромна важност ќе биде ТЕ- ТО Скопје (во зимските месеци) да биде во погон затоа што ќе обезбедува топлинска енергија во Скопје, но е електрична енергија што и не мора да биде продадена во Македонија. Доволно ќе биде што капацитетот на ТЕТО ќе може да се искористи и за балансирање.

Колку се реални можностите АД ЕСМ да ги произведе ветените количини електрична енергија, ако се знае, состојбата со хидроакумулациите, неинвестирањето во енергетиката, сушата, континуираното намалување на производството? Како ќе го надоместиме недостигот од струја доколку се јави потреба за тоа ?

-ЕЛЕМ (ЕСМ) ги има потребните генераторски капацитети за да ги произведе количините електрична енергија за кои се обврзал, а тоа се околку 4800 GWh за 2022 година. Проблемот е во тоа што нема доволно домашен јаглен (или тој не е со задоволителен квалитет) па ЕСМ ќе мора да увезува јаглен за да го исполни планот. Покрај тоа, ЕСМ ќе треба да увезе и мазут за да го активира ТЕЦ Неготино што и е дадено на управување. Од друга страна, ако се појават непредвидени испади на производните капацитети ЕСМ ќе мора да набавува електрична енергија од увоз за да го покрие недостигот. Уште еднаш ќе напоменам дека работата на ТЕ-ТО Скопје е од огромна важност, но производната цена на електричната енергија ќе биде висока, имајќи ги предвид очекуваните цени на природниот гас во текот на следната зима.

Колку се реални проекциите на ЕСМ дека базната енергија во иднина наместо на јаглен ќе се потпира на гасни централи и на хидросистемот Чебрен?Дали е ова според Вас премногу долгорочен план?

-Во секој ЕЕС (електроенергетски систем) базната енергија не се обезбедува од хидроелектрични централи како што би била ХЕЦ Чебрен. Овие централи (особено ако се пумпно-акумулациони) произведуваат електрична енергија во часовите од денот кога побарувачката е голема и за потребите на балансирање на системот. Гасните електроцентрали, од друга страна, можат (во зависно од технологијата) да произведуваат базна енергија, т.е. да работат по 24 во текот на еден ден. Но прашање е како би се обезбедило гориво за нив и која би била цената.

Исто така, за во постојните ТЕЦ (Битола, Осломеј или Неготино) да се премине од јаглен (мазут) на природен гас се потребни значителни инвестиции, вклучувајќи ги и инвестициите за изградба на гасоводи до Битола и Осломеј. За сите овие активности ќе биде потребно време и не може да се очекува тоа да се случи многу брзо.
Конечно, треба да се потрудиме да ја искористиме секоја прилика за вложување во нови енергетски извори, особено во соларни електроцентрали затоа што нивната изградба е релативно брза иако тие не можат да ни го решат проблемот со базната енергија.

Русија одлучи да го блокира каспискиот нафтовод на 30 дена.Дали Македонија има (и каков треба да биде) план Б  доколку во следниот период остане без руски гас?

-Колку што мене ми е познато, каспискиот нафтовод е привремено блокиран (барем формално) заради проблеми поврзани човековата околина. Овој нафтовод нема директна врска со случувањата во секторот на природен гас, иако може да влијае врз цените на природниот гас. Можноста Македонија да остане без (руски) гас е релативно голема. Нема многу опции за замена на рускиот гас. Веројатно определена количина може да се обезбеди преку Бугарија и Грција. Деновиве ќе биде пуштен во погон интерконективниот гасовод помеѓу Грција и Бугарија, но останува да се види дали ќе има капацитет за пренос преку тој гасовод и со какви трговски зделки (од кои извори) ќе се обезбеди гасот.

Супституција на гасот со мазут е возможна, но само кај дел од потрошувачите (топлани и некои индустриски капацитети) и за тоа тие ќе треба соодветно да се подготват. Како основна мерка за намалување на потрошувачката на природен гас (и електрична енергија) е да се спроведе интензивна кампања за штедење и рационално користење на енергијата: намалување/зголемување на температурата во просториите што се загреваат/ладат, воведување на мерки за енергетска ефикасност и сл.

Воведувањето на блок-тарифите за пресметка на потрошената електрична енергија внесе многу дилеми кај потрошувачите но имаше и обвинувања дека поскапувањето требало да биде поголемо. Со оглед на трендот на влошување на состојбите, каков придонес можат да дадат граѓаните? Имате ли чувство дека блоковите сите ќе не натераат на поразумно искористување на електричната енергија?

-Блок-тарифите имаат за цел да се рационализира потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата и со тоа што би се заштитиле ранливите категории на потрошувачи кои би плаќале пониска цена ако трошат електрична енергија во првите два до три блока во високата тарифа.

Што се однесува до последното поскапување и јас го делам мислењето на многу други експерти дека тоа требаше да биде повисоко. Но, веројатно Владата (преку ниската цена што ЕСМ ја понуди на Универзалниот снабдувач) сака на тој начин да реши социјални проблеми. Има и други начини на решавање на социјалните проблеми,но Владата го одбра овој начин.

Инаку и француската влада планира финансиски да му помогне на ЕДФ (Електростопанство на Франција) со неколку милијарди евра затоа што ЕДФ ја продава електричната енергија на домаќинствата и мали потрошувачи по 46 EUR/MWh, цена што е дури и нешто пониска од цената по која ЕСМ ја продава електричната енергија на Универзалниот снабдувач.

Во обид да го заштити своето стопанство, Франција почнува со правење резерви на руски течен гас, Германија најави активирање на електраните на јаглен.Каква треба да биде нашата стратегија и имаме ли капацитет да ги придвижиме работите во позитивна насока, која за нас би значело помала зависност од увоз на струја?

-Мерките што Франција и Германија (но и другите држави од ЕУ) ги преземаат, за жал, ние немаме можност да ги спроведеме. Ние немаме можност да складираме природен гас (иако складирањето е само краткотрајна мерка) и за жал немаме домашен јаглен, т.е. Македонија е сиромашна со енергетски ресурси и ние не можеме да го елиминираме увозот но, се разбира, можеме значително да го намалиме со:

– рационално користење на електричната енергија за што е потребно цената на електричната енергија да биде доволно висока за инвестирањето во енергетска ефикасност да се исплати

– искористување до максимум на домашните ресурси (вода, сонце, јаглен и ветер) за производство на електрична енергија

– обезбедување на алтернативни извори на природен гас.

К.В.С.

Слични содржини