Карпош бил и ќе биде општина која ги носи победите на СДСМ не само во општината, туку и во град Скопје. Нашата кампања е фокусирана на проекти кои ќе го подобрат секојдневниот живот на нашите сограѓани и ќе биде спроведувана во фер, демократска и позитивна атмосфера, вели во интервју за „Локално“ Душко Весковски, актуелниот директор на ЈП Водовод и канализација и кандидат за иден Градоначалник на Општина Карпош .
Посочува дека неговиот фокус во следните четири години ќе биде насочен кон создавање на општина, во која секој жител ќе биде задоволен и горд.
– Трендот на хуманата урбанизација и ширењето на Карпош треба да продолжи кон периферијата. Нема да се дозволи градежна инвазија на Карпош и ќе се работи на дисперзирање и хумана урбанизација кон Злокуќани и Бардовци, истакнува Весковски.
Се согласува со констатацијата дека паркингот е еден од најгорливите проблеми на територијата на општина Карпош и деканеговото решавање е еден од неговите клучни приоритети, за што постојат неколку опции, како воспоставување на зонско паркирање во Карпош 1, кај Млечен и на сите делови каде ќе се појави реална потреба за истото.
-Лептокарија е исто така една критична точка кога зборуваме за проблеми со паркирањето. За решавање на овој проблем во овој дел од Карпош, имаме две предлог решенија: изградба на катна гаража зад Лептокарија и/или подземен паркинг пред Лептокарија, истакнува кандидатот за градоначалник на Карпош.
СДСМ и официјално ве предложи за кандидат за Градоначалник на Карпош. Што ве натера да се откажете од директорската позиција во ЈП Водовод и Канализација за да ја водите општината?
-Ми беше чест и задоволство што во изминатите 4 години раководев со ЈП Водовод и канализација – Скопје, место на кое сум се уште. Особено сум горд на резултатите и успесите кои се постигнаа во овој период, во насока на унапредување на работните процеси, подобрување на условите за работа, дигитализацијата и зголемувањето на достапноста на услугите до сите корисници, поставувањето на високи стандарди на оперативност што доведе до препознатливост на ЈП Водовод и канализација – Скопје, како сериозона институција во рамки на град Скопје, во државата и пошироко. Сега е време да се соочиме со нови предизвици.
Зошто би требало граѓаните да гласаат за вас?
-Нашиот програмски концепт се однесува на поставување високи стандарди во водењето на општината, реализација на реални проекти кои ќе придонесат за решавање на клучните проблеми со кои карпошани се соочуваат. Целта е Карпош да биде општина за пример како во Скопје, така и пошироко во државата, а карпошани да биде горди што ја имаат можноста и привилегијата да бидат дел од неа.
Карпош се смета за своевиден бастион на СДСМ во Скопје, но годинава ќе има и независна листа за Советот и кандидат на Левица, која е во подем, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште калкулира. Како ги оценувате противниците и вашите шанси?
-Карпош бил и ќе биде општина која ги носи победите на СДСМ не само во општината, туку и во град Скопје. Нашата кампања е фокусирана на проекти кои ќе го подобрат секојдневниот живот на нашите сограѓани и ќе биде спроведувана во фер, демократска и позитивна атмосфера. На сите останати учесници на овие избори им посакувам фер и демократска кампања, со цел граѓаните да ја имаат можноста за избор за најдоброто за нив и нивната општина.
Актуелниот градоначалник Богоев во неодамнешно интервју изјави дека „не и се погодил на урбаната мафија“ и дека е за „хумана урбанизација и ширење на Карпош кон периферијата“. Планирате ли да продолжите по тој пат?
-Мојот фокус во следните четири години ќе биде насочен кон создавање на општина, во која секој жител ќе биде задоволен и горд. Се согласувам трендот на хуманата урбанизација и ширењето на Карпош да продолжи кон периферијата. Нема да се дозволи градежна инвазија на Карпош и ќе се работи на дисперзирање и хумана урбанизација кон Злокуќани и Бардовци.
Еден од најгорливите проблеми на Карпош, кој не се реши во изминативе години, е тој со паркирањето. Состојбата е страшна, Богоев најавуваше анкети до Карпошани дали да се воведе зонско, но така и не успеа да стави крај на самоволието. Ќе се зафатите ли со овој проблем?
-Секако да. Еден од погорливите проблеми е паркирањето, особено во пофрекфентните делови на општината: Карпош 1, Лептокарија, Карпош 3 и 4 околу Сити Мол, Порта Влае. Решавањето на овој проблем е еден од нашите клучни приоритети, за што постојат неколку опции, како воспоставување на зонско паркирање во Карпош 1, кај Млечен и на сите делови каде ќе се појави реална потреба за истото. Лептокарија е исто така една критична точка кога зборуваме за проблеми со паркирањето. За решавање на овој проблем во овој дел од Карпош, имаме две предлог решенија: изградба на катна гаража зад Лептокарија и/или подземен паркинг пред Лептокарија.
Загадувањето и зеленилото во Карпош се доста важни теми кои, исто така, ги загрижуваат граѓаните. Мерките очигледно не носат резултати, Карпош и понатаму е една од најзагадените општини, вашите противници обвинуваат и дека се бетонизира и узурпира секое парче зеленило, па какви конкретни мерки и активности ќе преземете да се смени ситуацијата?
-Се сложувам дека е така и дека загадувањето и зеленилото се важни за Карпош, како и за секој дел од градот Скопје. Врз основа на достапни податоци во изминатите години се забележува намалено загадување, расчистени диви депонии. Поголем дел од нашите проекти и планирани инвестиции се токму во насока на заштита на животната средина, зголемување на зелените површини – како на пример Големиот парк спроти Карпош 4, а наш клучен приоритет е Карпош да стане „Зелена општина“.
Депонии на периферијата на Општината се присутни, несовесните граѓани продолжуваат да фрлаат отпад и да загадуваат. Актуелниот градоначалник вели „сто пати чистевме, но пак се прават депонии“. Очигледно дека ниту инспекторите, ниту Општината, може да излезе на крај со граѓаните. Ќе можете ли вие и како ќе го направите тоа? Дали можеби треба да се зголемат казните за да се подобри ситуацијата?
-Во насока на ова прашање, Ве уверувам дека хигиента во општината е нашиот врвен приоритет и покрај зголемувањето на комуналните редари кои ќе издаваат мандатни казни, ќе се зголеми и контролата на критичните места каде се создаваат депонии. Ќе се работи и на едукација на населението за штетите кои се предизвикуваат од тие депонии и несоодветниот третман на отпадот, но ќе се работи и на зголемување на информираноста во однос на можностите за правилно одложување на отпадот кој завршува токму на тие места.
Има ли, според вас, итни приоритети за решавање во Општината? Каде веднаш треба да се фатите за работа?
-Секако дека има. Водејќи се од искрениот пристап во формирање на нашата програма во која нема празни ветувања, туку реално остварливи проекти, на самиот почетокот ќе започнеме со зголемување на нивото на хигиената, решавање на проблемите со уличното осветлување, состојбите со урбаната опрема, а паралелно со тоа ќе работиме и на реализација на поголемите проекти и капитални инвестиции.
Кои се вашите проекти, со кои планирате да оставите печат во вашиот мандат, доколку секако ја добиете довербата на карпошани?
-Фокусот во нашата програма е ставен на реално остварливи проекти со кои ќе се реши пролемот со паркирањето во критичните делови на општината, ќе се работи на зголемување на зелените површини, ќе се дисперзираат градби и ќе се спроведе планска хумана уранизација кон Злокуќани и Бардовци, ќе се спроведат проекти за достигнување на врвот на културниот и спортскиот развој на општината, инклузивни проекти за лица со попреченост или накусо проекти со кои Карпош ќе стане општина во која секој жител ќе биде горд што живее токму тука – во Карпош.
Како го гледате Карпош за 5 години?
-Нема да бидам скромен и ќе кажам дека Карпош за 5 години го гледам како место, општина која ќе биде позитивен пример во секој сегмент од општественото живеење, не само во Скопје и државата, туку и пошироко.
В.З.