Интервју со Битиќи: Зимата ќе ја преживееме, заедно и солидарно, со голема одговорност за штедење и помош за најранливите

од Vladimir Zorba
977 прегледи

Како социјалдемократ секако дека го поддржувам т.н. праведно и правично оданочување, па оттука логично дека целосно го поддржувам моделот за повисоки стапки на даноци за оние кои заработуваат и имаат повеќе. Но тука на прво место, веднаш морам да го истакнам и принципот дека ние како социјалдемократска влада не смееме априори да ги земаме овие принципи и на крај да воведеме систем на прогресивни даноци, чии критичари пак од друга страна аргументираат дека станува збор за систем кој ги казнува (во одредени случаи и ги брка) оние најуспешните, кои се најпродуктивни и имаат највисоки приходи, вели во интервју за „Локално“ Фатмир Битиќи, Вицепремиер за економски прашања.

Владата, според него, има јасен план за тоа како да се справи со последиците од оваа енергетска криза, и секако презеде и се уште презема конкретни чекори за ублажување на негативните последици од кризата.

-.  Оваа зима секако дека ќе ја преживееме, заедно и солидарно, со голема одговорност за штедење и помош за најранливите. Во кризи како оваа, што е доволно?! Веројатно ништо и идејата не е да е доволно, туку да е праведно и правично, истакнува Вицепремиерот.

За произволното одредување на цените на производителите, Битиќи е дециден дека сите интервенции во слободниот пазар се спротивни на економските правила, но во оваа криза владата презела неколку такви мерки, како замрзнувањето на маржите, со цел стопирање на ценовните шокови.

-Оваа недела беше донесена одлука Владата да обезбеди фиксна цена на електричната енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи. Оваа цена ќе биде помала од 100 евра за мегават час, што е двојно пониска од цената на регулираниот пазар, додава тој во интервјуто.

Пред неколку недели беше презентиран извештајот на ЕК за С.Македонија, а најзагружувачки е, како што велат, нискиот број на инвестиции, но и големите празнини во транспортот на енергија и инфраструктурата, кои според ЕК, ја попречуваат Македонија од потенцијалот за раст. Како вие гледате на забелешките на ЕУ во однос на економијата?

-Справувањето со едно по друго, на две големи кризи ковид и тековната енергетска ни дадода многу детален и прецизен преглед каде имаме недостатоци што мораме да ги подобриме и верувам дека оваа влада веќе точно знае кој ќе бидат клучните чекори.  Секако транспортот и енергетиката се клучни за раст и развој на секој економија така и на нашата, имено приоритет мора да имаат автопатите и експресните патишта кои ќе ги комплетираат коридорите 10 и 8 заедно со нивните краци, па потоа да се концентрираме на споредните инфраструктурни зафати.

Секако тука спаѓаат и слабостите во електроенергетските поврзувања, кои сега во ек на енергетската криза излегоа на површина, и на кои ние како држава работиме со многу големо внимание во овој период.

Секојдневно слушаме црни сценарија за колапсот кој не очекува во следните месеци, за рапидното осиромашување на граѓаните, ставање клуч на многу фирми, за немање слух за мерките кои опозицијата ги нуди за спас на стопанството и за справување генерално со економската и енергетската криза. Мицкоски вели има концепт, кој, според него, „ќе значи закрепнување на економијата и помош на бизнисот“. Дали сте подготвени да седнете на иста маса и да ги надминете несогласувањата за доброто на граѓаните?

-Илустративно со само еден пример може да се демантираат „шпекулациите“ кои опозицијата ги пласира изминативе месеци, па би рекол и години, а тоа е дека константно, веќе неколку години наназад, вкупните депозити и кредити на приватниот сектор (граѓани и компании) бележат раст на годишно ниво кое се движи во интервалот од 7-12%. Ова е доказ дека ликвидноста како на домаќинствата така и на компаниите константно се зголемува, и нивната кредитна изложеност исто така бележи константен раст, што е дијаметрално спротивно на исказите на опозицијата кои се со црни сценарија и имаат за цел да креират страв, паника и недоверба.

Ќе ја „преживее“ ли Македонија оваа зима со владините мерки кои ги донесовте? Дел од експертската јавност велат дека тие не се доволни и не нудат решение на клучните проблеми…

-Оваа Влада има јасен план за тоа како да се справи со последиците од оваа енергетска криза, и секако презеде и се уште презема конкретни чекори за ублажување на негативните последици од кризата.  Оваа зима секако дека ќе ја преживееме, заедно и солидарно, со голема одговорност за штедење и помош за најранливите. Во кризи како оваа, што е доволно?! Веројатно ништо и идејата не е да е доволно, туку да е праведно и правично. А мерките кои ги носиме во последните 3 години, не само оваа, се токму такви.

Колку покачувањето на цените на производите е поради производителите, а колку, според вас, трговците прават манипулации? Има ли начин да се стави крај на, малтене, произволното одредување на цените или сето тоа ќе се задскрие позади „слободниот пазар“?

Нашата отворена економија која е дел од сите регионални и континентални иницијативи за слободна трговија, природно под влијанието на движењето на цените во цела Европа која се соочува со најголемата инфлација, која е без преседан, секако дека се прелева и чувствува и во нашата економија.

Од друга страна, сите интервенции во слободниот пазар се спротивни на економските правила, но во оваа криза владата презеде неколку такви мерки, како замрзнувањето на маржите, со цел стопирање на ценовните шокови.

Оваа недела беше донесена одлука Владата да обезбеди фиксна цена на електричната енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи. Оваа цена ќе биде помала од 100 евра за мегават час, што е двојно пониска од цената на регулираниот пазар.

Oвие мерки се со цел компаниите, пред се производителите на основни прехранбени производи да имаат предвидливост и на таков начин да можеме да влијаеме и врз цените на финалните производи кои се произведуват и се продават од овие компании.

Треба ли и во земјава да се оданочуваат високите приходи и супердобивките на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација и да се избегне зголемување на јавниот долг, нешто што веќе почнаа да го прават во западно-европските земји?

-Даночните практики од развиените земји, посебно оние кои се дел од Европската унија, ние во голема мера ги имаме транспортирано во нашето законодавство, најмногу преку процесот на претпристапните преговори, и усогласувањето на голем дел од нашите закони со оние кои се имплементираат во земјите на ЕУ.

Како социјалдемократ секако дека го поддржувам т.н. праведно и правично оданочување, па оттука логично дека целосно го поддржувам моделот за повисоки стапки на даноци за оние кои заработуваат и имаат повеќе. Но тука на прво место, веднаш морам да го истакнам и принципот дека ние како социјалдемократска влада не смееме априори да ги земаме овие принципи и на крај да воведеме систем на прогресивни даноци, чии критичари пак од друга страна аргументираат дека станува збор за систем кој ги казнува (во одредени случаи и ги брка) оние најуспешните, кои се најпродуктивни и имаат највисоки приходи.

Оттука повторно се навраќаме на основите на фискалната политика, која пред се претставува механизам за редистрибуција на јавните пари онаму каде што ќе може максимално да бидат користени. Нашиот даночен систем се уште е во една фаза на транзиција од промовирање на систем на рамни даноци, кон сложен фискален систем во кој како основа за даночење нема да биде само износот на средствата кои се заработуваат, туку ќе се земаат предвид и други економско-социолошки аспекти како: семејни приходи, имот со кој располага цело семејство, стекнат имот, наследен имот итн.

Секако никогаш не смееме да ја изземеме крајната цел, а тоа е конвергирање на јавните приходи, кои изминативе неколку години се собираат во сооднос од околу 40% директни даноци и околу 60% индиректни даноци, кон сооднос од 60% директни даноци и околу 40% индиректни даноци, што е стандард и пракса во високоразвиените земји.

Поради енергетската криза која почнавме да ја чуствуваме се посилно по почнувањето на војната помеѓу Украина и Русија, се почесто се зборува за енергетска независност на земјава. Владата во изминатиот период отвори неколку соларни електрани, кои сепак можат да опслужат многу малку граѓани. Кои се стратешките енергетски проекти кои ќе треба да обезбедат енергетска независност и транзиција на државата кон зелена енергија?

-Државата има преземено неколку конкретни чекори во насока на зголемување на домашните производствени капацитети и намалување на ранливоста на земјава во оваа област. Веќе сме дел од проектите за гасната централа и гасниот терминал Александопули во Грција, каде државата ќе има одреден процент сопственост, како и загарантиран закуп на произведена струја и капацитет за складирање гас, кои ќе бидат од круцијално значење за нашата енергетска независност. Друг голем проект е тридецениската сага за изградба на браната Чебрен на Црна Река, која полека но сигурно оваа Влада ја приведува кон крај, и истата очекувам да започне да се гради во текот на 2023 година, со што нашиот електроенергетски систем ќе добие еден одличен балансер на целокупниот енергетски систем.

Покрај ова ние како држава влеговме и во јавно приватно партнерство со две фирми кои веќе се во фаза на изведба на две фотоволтаични централи на просторот на ТЕЦ Осломеј, двете имаат инсталирана моќност од по 50 MW, и секако покрај тоа што ќе бидат дополнителен ресурс за домашниот пазар на електрична енергија, исто така ќе бидат значаен полнач на буџетот, затоа што имаа обврска да плаќаат по 18% од вкупните приходи од произведената електрична енергија во централниот буџет на државата.

Од друга страна, само по законот за стратешки инвестиции, кои се приватни инвестиции, до сега имаме одобрено стратешки енергетски проекти во вкупен износ од околу 1,5 милијарди евра, и вкупна инсталирана моќност од близу 2 GW, што е капацитет кој е поголем од вкупната моќност на сите електро енергетски капацитети во државава кои се изградени изминативе 75 години.

Во блиска иднина веќе гледаме и во засилување и на енергетскиот грид за да може да ја постигнеме потребната стабилност и моќност.

Државата повторно се задолжи со кредит од Меѓународниот монетарен фонд од 530 милиони евра, кои ќе бидат наменети за справување со енергетската криза во земјава. Колку енергетската криза ќе придонесе за преминување во финансиска криза?

-Кредитот од ММФ преку линијата за претпазливост и одржување на ликвидност (Pre-cautionary Liquidity Line) ќе биде генерално искористен за поддршка на ликвидноста на нашиот буџет.

Како што беше наведено и во соопштението на ММФ од пред неколку недели, кредитната линија во вкупен износ од 530 милиони евра ќе се користи првенствено за помош на нашата држава со која ние ќе можеме полесно да се соочиме со екстерните економски шокови кои се предизвикани од кризата со пандемијата од Ковид-19 и од агресијата на Русија врз Украина.

На нашата држава од страна на ММФ ќе и бидат одобрени 530 милиони евра, од кои уште оваа 2022 година ќе можеме да повлечеме сума од 110 милиони евра која ќе се користи генерално за буџетска поддршка и подобрување на ликвидносната позиција на нашиот буџет. Со вака поставените фискални фундаменти ние обезбедуваме максимално осигурување дека сите потреби на државата за надминување на оваа криза навремено ќе може да бидат сервисирани.

Исто така оваа сума ќе се користи за подобрување на макроекономските бафери, за што и ние како Влада веќе презедовме неколку конкретни чекори со кои се прават максимални заштеди на т.н. непродуктивни трошоци и се реорганизира работата во органите на државна управа каде што преку кратење на прекувремени ангажмани, воведување на работа од дома, рационализација на сите работни ресурси и сл. Очекуваме дека овие мерки надополнети со макроекономската политика која НБРМ ја води со затегање на каматните стапки, на среден рок ќе го дадат очекуваниот резултат, а тоа е зауздување на инфлацијата и пребродување на оваа енергетска криза до идната пролет со колку може помали последици за оние најранливите кои секако се најпогодени во последниот период.

Со овој ПЛЛ аранжман со ММФ, ние како држава исто така се обврзавме дека нашата фискална политика и понатаму ќе биде креирана во насока на заштита на животниот стандард на најранливите, со постепено намалување на буџетскиот дефицит кој во оваа 2022 очекуваме да биде 5,3% од БДП како што беше предвидено во ребалансот од јули, како и дека наредната 2023 година би ја завршиле со буџетски дефицит од 4,6% од БДП. Исто така користејќи ги средствата од ПЛЛ аранжманот со ММФ си зададовме и една среднорочна цел за консолидација од фискален аспект со цел избегнување на идни потреби за создавање на фискални бафери, и во исто време максимално да се заложиме за зголемување на вложувањата од страна на државата во капитални инвестиции, кои најчесто повлекуваат определени фискални ризици.

Секако кон ова се очекува да има голем допринос и носењето на долгоочекуваниот Закон за органски буџет (Organic Budget Law) кој ќе ни донесе подобра контрола, ефикасност и предвидливост како на расходите така и на приходите во државната каса, а со тоа секако Владата како носител на политики ќе може да направи еден силен исчекор кон креирање на подобри услови за живеење на целокупното општество во целина.

Во план е, барем според српскиот претседател Вучиќ, изградба на нафтовод кој ќе оди од Србија кон С.Македонија и Албанија. Што ќе значи овој проект за земјава, односно тоа што ќе станеме транзитна земја низ која ќе поминуваат значајни европски енергетски коородори?

-Секое регионално поврзување, кое води кон диверзификација на извори и стабилност во снабдувањето е од интерес за нашата држава. Во иднината мораме да гледаме а во неа треба да работиме да стануваме се помалку зависни а се повеќе меѓузависни.

В.З.

Слични содржини