Интервју со Наумовски: Македонската економија мора да се подготви за новото глобално преструктурирање за периодот што доаѓа

од Vladimir Zorba
867 прегледи

Претседателот на Академијата за банкарство-АБИТ, проф. Синиша Наумовски  со сигурност тврди дека стапката на инфлација и растот на БДП ќе се стабилизираат во втората половина од 2023 г. а целосно здрав период според него ќе имаме во 2024 г. Во таа насока според него, нужно потребно е македонската економија да се подготви за новото глобално преструктурирање, за развој на земјоделството, трансформација на образованието, за привлекување повеќе странски капитал…

Структурните реформи во земјите може дополнително да ја поддржат борбата против инфлацијата вели Наумовски во интервју за Локално, потенцирајки дека државите како што е Македонија, кои имаат пониско домашно производство на храна и електрична енергија, секогаш потешко се справуваат со инфлаторната криза.

„Структурата на македонската економија е таква, што самата економија придонесува за поголеми негативни ефекти и покачување на стапките на инфлација. Само преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата може брзо да влијаеме кон подобра економија“, објаснува тој.

Клучно за постигнување на силен економски раст според Наумовски е домашниот естаблишмент да има способност да продуцира верба што според него ќе биде невозможно без мотивираност и поддршка од странските и домашни банки како и од пријатели од САД и ЕУ.

Народната Банка минатата недела ја зголеми каматата, поточно каматната стапка на благајничките записи. Дали комерцијалните банки ќе го следат овој потег и дали тоа ќе влијае на инфлацијата?  

-Да. Монетарните власти извршија дополнително зголемување на каматните стапки (за 0,75 п.п. до нивото од 4,25 отсто) и натамошно раздвојување на стапките на задолжителната резерва во полза на денарското штедење. Во таа насока, моите субјективни ставови како научно-истражувачки работник во областа на финансиите и банкарството, се дека овој потег е очекуван. Имено, некаде на средината на јули, Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека очекува драстичен пресврт во политиката на каматните стапки. Така и беше. За прв пат по 11 години каматните стапки пораснаа за 25 базични поени, а потоа во септември уште за 50 базични поени. Практично од ЕЦБ информираа дека каматата стапка на рефинансирање е зголемена на 1,25 отсто, каматата стапка на депозити на 0,75 отсто и маргиналната стапка на финансирање на 1,50 отсто. Но и покрај ваквите септемвриски одлуки за зголемување на каматните стапки од страна на ЕЦБ, реакцијата на инфлацијата беше во правец на натамошно зголемување. Во таа насока, јас сум на мислење дека покачувањата на стапките од страна на ЕЦБ беа задоцнети. Имено, тие требаше да бидат донесени уште на самиот почеток на летото, а можеби и порано.

Неодамна, на една јавна дебата во првата македонска банкарска академија – АБИТ, поранешниот гувернер на Народната банка, проф. д-р Трпески кажа, а јас сум на таа линија во размислувањата, дека монетарната политика кај нас, како мала земја, презема одредени мерки за смирување на инфлацијата, меѓутоа за разлика од земјите од еврозоната, кај нас нема таква меѓузависност помеѓу мерките што ги презема Централната банка и комерцијалните банки. Причината е тоа што нашите комерцијални банки пливаат во ликвидност и немаат толкава потреба од ликвидносни средства од централната банка, како што имаат во банките во земјите од еврозоната. Заради тоа, во земјите од еврозоната подигањето на референтните каматни стапки би имало поголемо и побрзо влијание, од колку што е тоа кај нас.

ЕЦБ предупреди на зголемени ризици за финансиската стабилност на сите, од банките до владите и домаќинствата,укажувајќи на потенцијални опасности за јавните финансии бидејќи владите се повеќе се задолжуваат за да го ублажат влијанието на енергетската кризата. Како ги коментирате ваквите предупредувања на глобално ниво?

-Како што кажав и погоре, ЕЦБ во насока на ублажување на високите стапки на инфлацијата реагираше со пресврт во креирањето на каматните стапки. Имено, таа за само три месеци ги зголеми стапките за сите 19 членки од еврозоната за цели два процентни поени, што во минатото, тоа траеше цели 18 месеци за време на ваков сличен потфат од 2005 до 2007 година, како и 17 месеци во периодот на 1999-2000 година. На тој начин ЕЦБ го направи највисокото зголемување на каматната стапка од воведувањето на европската заедничка валута во 1999 година.

Во таа насока, сакам да ги коментирам Германците, со кои соработувам преку Хајделберг Институтот. Во таа насока Гертруд Трауд, како главен економист во државната банка на Хесен и Тирингија, упатуваше честа критика на адреса на ЕЦБ за брзината на зголемувањето на каматните стапки. Тој како и многумина негови колеги, сметаа дека ЕЦБ задоцни со чекорите. Исто така, темпото и опсегот на монетарната политика се бавни, на крајот на јули рече претседателот на Бундесбанката, г-дин Нагле Јоаким. Знаете во стручната јавност кај земјите од еврозоната опстојува една поделба на економистите на т.н. „јастреби“ или аналитичари кои советуваат стегање на монетарната политика – цврсто, веднаш и сега; и „гулаби“ кои се поддржувачи на полабав пристап на монетарната политика, кои предупредуваат за ризиците од рецесија, особено поради војната во Украина. Да се потсетиме дека после две тешки години на пандемија, исполнети со копнеж за нормален живот, дојде и руско-украинската војна, како дополнителна мачнина на човештвото.На почетокот на оваа година со воведувањето на меѓусебни санкции (запад-исток), светот влезе во трета, но сега економска светска војна. Сега за светот враќање назад нема да има. Преостанува живот во поделен свет. Резултанта – сите ќе изгубиме по нешто.

По тој основ, во контекст на еврозоната, како наш главен трговски партнер, во вториот квартал на годината оствари економска активност со раст од 4,1 % (додека пак 5,4 % во првиот квартал). Според септемвриските проекции на ЕЦБ, растот на БДП во еврозоната е ревидиран нагоре и се очекува да изнесува 3,1 % во 2022 г. а во 2023 г. се очекува забавување на 0,9 % или да изнесува 2,2 % и раст од 1,9 % во 2024 г.

Согласно анализите на ММФ, во октомвриските проекции се предвидува дека глобалниот раст на економијата ќе забави од 6,0 % во 2021 г. на 3,2 % во 2022 г. како и уште поголемо забавување на растот се очекува во 2023 г. со стапка од 2,7 %. Имено, ова е најслабиот профил на раст на глобалната економија уште од 2001 г. ако се изземе глобалната финансика криза во 2008-та и екот на 2020-тата во акутната фаза на пандемијата со Ковид-19.

Рецесија, рекордна инфлација,недостиг од електрична енергија, задолжување, се само дел од поимите со кои секојдневно сме соочени откако почна КОВИД пандемијата. Какво е вашето согледување за состојбите во домашната економија за кои се уште се вели дека се резултат на надворешни, индиректни влијанија?

-Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дава предвидување за глобалната стапка на инфлација. Имено, според ММФ таа ќе се зголеми од 4,7 % во 2021 г. на 8,8 % во 2022 г. Од друга страна пак, ЕЦБ во анализата предвидува дека инфлацијата на крајот од 2022 г. за земјите од еврозоната ќе биде нешто под просекот на глобално ниво или 8,1 %. Моите очекувања за крајот на годината се дека ќе завршиме со инфлација, неколку процентни поени над овие стапки.

Понатаму, во 2023 г. прогнозите на ММФ говорат дека глобалната стапка на инфлација ќе се намали на 6,5 %, па на 4,1 % до 2024 г. На иста линија одат и проекциите на ЕЦБ за 2023 и 2024 г. Имено, европските централни банкари направија надолна ревизија на проекцијата на инфлацијата за еврозоната, која во 2023 г. ќе изнесува 5,5 % и 2,3 % во 2024 г. Оттука, ММФ ни дава една убава препорака. Имено монетарната политика, како што се вели во нивните официјални извештаи, треба да остане на курсот за да ја врати стабилноста на цените, а фискалната политика треба да има за цел да ги ублажи притисоците врз трошоците за живот, а истовремено да одржува доволно цврст став усогласен со монетарната политика. Од друга страна, структурните реформи во земјите, може дополнително да ја поддржат борбата против инфлацијата преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата, додека пак мултилатералната соработка е неопходна за брзо следење на транзицијата на зелената енергија и спречување на фрагментацијата. Да подвлечам – во продуктивноста на своите поединци се состои тајната на развиените земји. За таа цел, подолу наведувам еден пример за Германците.

Најчестите карактеристики кои ги красат Германците се: дисциплина, работа и демократија. Важат за народ кој е работлив и кој знае што сака. Народ кој е работлив и дисциплиниран, не може да има неуспех. Ние ако се споредиме во контекст на продуктивноста на трудот, може да се види дека разликата е огромна. Но она што е парадокс во ваквите состојби на паралела е податокот кој вели дека многу Македонци и Албанци, а наши жители од тука, се многу попродуктивни таму, кога се на работа во Германија, одколку истите тие кога се тука, дома во македонската економија. Зачудува овој феномен, но тајната е во висината на платата и чувството да се биде дел од голема фирма,држава или воопшто да се биде дел од убав систем. Таа е состојката за мотивацијата на сите нас – дома. Во контекст на продуктивноста ако направам една паралела со нашите компании, би рекол дека за нив е потребно да најдат луѓе кои ќе поседуваат големо количество на страст при извршување на работите, а не мора да се професионалци. Такви нема или се прескапи. Но, како да ги најдат таквите луѓе, а уште повеќе, како да ги задржат?

Тука имам само еден одговор, а тоа е: компаниите самите да ги креираат таквите профили на луѓе и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна психолошка трансформација уште од најрана возраст (читај: после завршување на матура). Ова во Германија се вика дуално високо образование, а сега достапно и кај нас. Да заклучам, само преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата може да влијаеме брзо кон подобра економија

Македонија се најде на врвот во регионот по стапка на инфлација и покрај тоа што на сила се експанзивната фискална политика. Има ли простор за дополнително делување и во која насока треба да биде?

-Денес мора да сме објективни и да признаеме дека со кризата, која е  последователна, и тоа веќе трета година, на површина излегоа сите проблеми кои сме ги прикривале изминативе 30-тина години, како што се: недоволното производство на електрична енергија, недоволното производство на храна и на одредени други производ, како и негативен биланс во увозот и извозот.

Оттука може да се каже дека структурата на македонската економија е таква, што самата економија придонесува за поголеми негативни ефекти и покачување на стапките на инфлација. Еве на пример, сите земји не реагираат исто кога се спроведува генерализирана монетарна и фискална политика (читај: ЕЦБ и земјите члени на ЕУ). Земјите како што е македонската држава, кои имаат пониско домашно производство на храна и електрична енергија, секогаш потешко се справуваат со инфлаторната криза. Но ако ги анализираме земјите членки на ЕУ, ќе констатираме дека тие имаат иста монетарна политика, но различно реагираат на инфлацијата и затоа имаат и различни стапки, иако се дел на една иста европска монетарна унија. За жал, тоа покажува дека секоја земја има своја и различна структура на економијата. Оттука легитимно е да се постави прашањето – Што е потребно сега? Знаете ние контролерите по професија, велиме – За да постигнеме големи нешта, не треба само да дејствуваме, туку и да сонуваме. Не треба само да планираме, туку и да веруваме.

Имено, за да постигнеме силен раст во македонската економија на домашниот управувачки естаблишмент ќе му треба навистина голема способност, особено сега, да продуцира верба за раст на економскиот систем. Или ако милувате со други зборови, во периодот што следи, без разлика кој ќе учествува во управувачките елити, тие едноставно мора да умеат да „продадат“ НАДЕЖ во граѓанството. Секако, тоа ќе биде речиси невозможно доколку тие се немотивирани, или пак истите немаат поддршка од странските и домашни банки, како и пријатели од САД и ЕУ. Во таа насока, да не ми замерат активните политичари, во тој занает наречен политика, во иднина треба, а многу здраво е ѝ за општеството, да влегуваат повеќе банкари и успешни претприемачи со најмалку двоцифрен број на години на стаж, отколку лица без искуство и обични идеолози. Практично македонското општество има потреба од лица на раководни позиции – напред, кои имаат карактерни особени на работохоличен „workaholic“ и ќе бидат спремни да работат без работно време. Исто така, иако „на младите е светот“, но тоа не значи дека првата работна позиција треба да биде висока и извршна.

Во контекст на ова, повторно мисла на Колин Пауел: “Сонот не станува реалност преку магија; потребно е пот, решителност и напорна работа“. Оттука, ако јас се прашувам за тоа дали имам надеж за македонската економија во стратешки рамки, на среден рок во пост-ковид периодот, ќе речам ДА, имам. За таа цел, подолу, како одговор на вашето последно прашање, давам краток осврт во неколку точки.

Како ќе се движи инфлацијата и економскиот раст во првата половина од 2023 г и на што го крепите ваквото очекување?

-Треба да сме согласни дека стопанството ќе почне да заздравува во втората половина на 2023 г., за понатаму, истото да почне нормално да функционира со позначаен раст во 2024 г. Попрецизно кажано, во второто полугодие од 2023 г. македонската економија ќе почувствува состојби на стабилност и реален раст на БДП, и тоа на исто ниво на раст од пред кризата но само доколку на крајот на вториот квартал од 2023 г.преовладуваат повеќе позитивни ризици во економијата. Но, останува да видиме во пракса.

Дел од експертите коменираат дека по сите кризи во последниве три години, новиот проблем со кој ќе се соочиме ќе биде ликвидноста на банките. Има ли простор за страв?

-Довербата на јавноста во банкарскиот сектор се покажа како клучна за малото влијание на падот на македонската економија врз банките. Знаете како, има една реченица проф. д-р Исак Адижес: „Најважната улога, не само на директорот, туку и на сите во секоја организација, е да создаваат доверба. Зошто, надвор можеби е грозно, но ние ќе опстанеме заедно.“

Имено, ако направиме една објективна анализа на македонскиот банкарски систем, може да се забележи состојба во која преовладува реален оптимизам (ова е мој личен став), истовремено со присуство на голема претпазливост од страна на регулаторот во монетарниот систем. Во анализата, не треба да си многу упатен, за да согледаш дека банките одлично си ја вршат работата иако е кризна година, и тоа трета по ред. Од квартал на квартал, негативните амплитуди во економијата сепак, не придонесоа за тоа банкарскиот систем да има карактеристики на нестабилност во 2022 г. Практично, ако се анализираат претходните квартали, а и овој актуелниот во годината, со право може да се констатира дека банките ја задржаа нивната стабилност и отпорност на економските шокови. За таа цел, самите тие како чинители на банкарскиот систем, беа креатори на доверба кон јавноста. Сето тоа го овозможија со континуирано и успешно работење, наназад една цела декада и пол. Затоа стручната јавност коментира дека таквата успешност од минатото, денес дојде до израз и се покажа како клучна за актуелните резултати во пост-ковид периодот и кризата со енергенсите. Поточно банките, со таквите континуирани акумулации на профитите, создадоа слика на стабилност во очите на клиентите, а со тоа и силна доверба кај домашната јавност, воопшто.

Според најавите од 01.01 се очекува значително поскапување на кредитите. Како тоа ќе се одрази на кредитобарателите , на штедењето.., a како на мотивот на граѓаните и инвеститорите да инвестираат? Оттука, што треба и може да се стори во насока на позитивно поместување на македонската економија?

-Македонската економија во стратешки рамки, на среден рок во пост-ковид периодот, кој економски ќе се стабилизира, во насока на стапките на инфлација и растот на БДП од втората половина на 2023 г., а целосно здрав период ќе имаме во 2024 г., треба да ги дефинира следниве правци, и тоа:

1.Македонската економија мора да се подготви за новото глобално преструктурирање за периодот кој доаѓа. Во таа насока, треба да се размислува за тоа, како да се привлече нов капитал од надвор во бизнис секторот. Сега е шансата за нови фабрики во ТИРЗ-овите па и надвор од нив. Тука е онаа „nearshoring (приближување) опција“ на ЕУ, каде најсилните европски економии сакаат да ги снабдуваат своите добавувачи и главни компании со клучни производи, но да бидат блиску до ЕУ. Тука е нашата голема можност и можноста за бизнис секторот

2.Развој на земјоделството – со засилување на земјоделските политики за субвенции, каде што тие ќе се исплатуваат по реално произведена количина на храна;

3.Засилено производството на електрична енергија преку политики за инвестиции во фотоволтаични централи;

4.Трансформација на образованието, особено поддршка на германските иницијативи за почеток со дуално високо образование, уште во 2023 г.

5.Развој на уметноста преку јавно-приватни партнерства, а во насока на изградба на големи музички студија, со намена – производство на големо количество музика за извоз;

6.Издавање на првите општински обврзници, каде што општините со пари од граѓаните ќе финансираат капитални проекти, а државата за неколку години ќе им ги врати парите оплодени со камата; и на крај една необична тема,

7.Со цел да има ефект на директно вбризгување на свежи пари (девизни средства) во економијата од надвор, за раст на БДП, се наметнува темата за легализацијата на парите кои се „под перница“ и сите оние средства изнесени надвор во другите економии, преку амнестија. Во анализите од 2013 г. ќе се сретнам со податокот дека повеќе од 1 милијарда евра, нашите граѓани чувале надвор од системот „под перница“. Денес, таквите бројки се двојно повеќе. Дополнително на тоа, иако немам официјален податок, ќе шпекулирам дека на ова може да се придодадат и парите изнесени надвор од македонскиот систем. Со тоа, се доаѓа до огромен потенцијал за раст на БДП. Толку голем, што може да личиме на БДП на Словенија или Хрватска. Во овој контекст, би дополнил – само претприемништвото е патриотизам и ништо повеќе.

К.В.С.

Слични содржини