Инспектори заедно со полиција утрово интервенирале на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, за да ја стопираат градбата на објектот.
Присутен бил и сопственикот Борис Стоjменов, поранешен министер за финансии, кој се карал со полицијата и инспекторите. Тој нема дозвола за градба од Општина Центар, бидејќи на сила е мораториумот.
Преку Фејсбук се огласи и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој соопштил дека
инвеститорот не поседува одобрение за градење на градбата.
„Во определените три дена инвеститорот не ја остранил градбата и затоа, на 28.04.2020 година овластениот градежен инспектор носи заклучок со кое решението е извршно. Инвеститорот со заклучокот требал сам да ја отстрани градбата во спротивно, тоа ќе се стори по административен пат на сметка на инвеститорот.
На 08.05.2020 година со записник од извршен инспекциски надзор, градежна инспекција на Општина Центар го затвора градилиштето кое е оградено, поставена е лента за спречување на натамошна изградба и на јавно место е истакнато дека е затворено од градежна инспекција, а инвеститорот има рок од 30 дена да ја усогласи натамошната изградба или да ја отстрани градбата. Овој заклучок е поради фактот дека инвеститорот и покрај претходно донесените заклучок и решенија продолжил со градба на објектот. И покрај се инвеститорот, самоволно, ја отстранил лентата за заградување на објектот и служебниот знак со кој е затворено градилиштето и продолжил со градба. Инвеститорот и покрај тоа што е донесено решение и заклучок за уривање, и затворање на градилиштето по член 136 од Законот за градење, на насилен начин го отстранил знакот за затворање на градилиштето. Поради тоа во присуство на полиција денеска од градилиштето се отстранети затекнатите работници и согласно Закон, против инвеститорот ќе се поведе постапка пред надлежните органи“, наведе Богдановиќ.