Инцидент во Чикаго: Маж упаднал на тренинг на специјалци, го застрелале

од Stefanija Kuzmanovska

Маж се искачил по пожарникарски скали на петтиот кат од полициски објект во Чикаго и упаднал во просторија за обука на специјалните сили (SWAT), при што бил застрелан од полицијата.

„Откако влегол низ отворената врата, мажот од масата грабнал најмалку два пиштола и ги вперил кон полицајците. Осомничениот бил застрелан од полицијата и бил хоспитализиран со повреди кои не се опасни по живот“, изјави началникот на полицијата во Чикаго, Дејвид Браун на прес-конференција.

Мажот најпрво се приближил до зградата и го прашал обезбедувањето каде може да го однесе неговиот личен имот. Наместо да се упати кон јавниот влез, тој ја обиколил зградата и стигнал до надворешните противпожарни скали и се искачил на петтиот кат, пишува Си-Ен-Ен.

„Тренингот на SWAT се одвива на петтиот кат, а надворешната врата од просторијата за обука ја оставаме отворена бидејќи на тој кат нема прозорци, ниту вентилација“, објасни Браун.

Полицајците во просторијата за обука ги известиле вооружените полицајци во зградата за инцидентот, кои веднаш реагирале и пукале кон осомничениот, рече Браун.

Канцеларијата за полициска одговорност (COPA) спроведува истрага за пукањето.

Слични содржини