Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е подготвен да потпише нов договор со клубот до летото 2028 година под подобрени финансиски услови, пишува италијанскиот весник Газета дело спорт.
Стручњакот и раководството на Интер веќе постигнаа договор за продолжување на неговиот договор, што ќе вклучи благо зголемување на платата, што ќе го зацврсти статусот на Инзаги како најплатен тренер во Серија А.
Актуелниот договор на 49-годишниот поранешен италијански репрезентативец е до летото 2026. Се очекува тој да заработува околу 7 милиони евра по сезона.
Симоне Инзаги е на кормилото на Интер од 2021 година, кога пристигна од Лацио. Оттогаш, тој освои една италијанска титула во 2024 година, два домашни купа, три последователни Суперкупа, а еднаш го водеше тимот од Милано до финалето на Лигата на шампионите – во 2023 година против Манчестер Сити.