Италијанскиот фудбалски шампион Интер во четвртокот го назначи Симоне Инзаги за нов тренер и потпиша двегодишен договор со него. Симоне Инзаги успешно го водеше Лацио во изминатите пет години, каде што го помина и поголемиот дел од својата играчка кариера.
На тренерската клупа на Интер, тој го наследи Антонио Конте, кој ги предводеше Нероаѕурите до титулата во Италија, каква што чекаа 11 години. Но, кога Конте слушна дека сопствениците на Интер наместо засилувања, имаат намера да продадат некои играчи и да ги намалат платите за најмалку 15 проценти, тој си даде оставка.