Ирак формално поднесе тужба против САД за повеќекратна употреба на муниција со осиромашен ураниум во последните неколку децении, вклучително и активности против поранешните ирачки нуклеарни објекти, објави ирачката новинска агенција „Ал-Маломах“.
Посочено е дека тужбата на 26 декември е поднесена во судот во Стокхолм од страна на Хатиф ал Рикаби, советник на Комисијата за надворешни работи на ирачкиот парламент.
Тужбата, наводно, вклучува барање за компензација за бомбашките напади насочени кон поранешните нуклеарни објекти во земјата во 90-тите и раните 2000-ти, како и компензација за употреба на гранати, бомби и проектили што содржат осиромашен ураниум во кампањите на САД против Ирак во текот на неколку децении. Правниот тим бара резолуција на Обединетите нации со која САД се обврзуваат да плаќаат отштета.
Ал Рикаби рече дека тужбата е резултат на повеќекратни повици за акција на иселени ирачки академици од Франција, Канада, Данска и Белгија, кои изразија подготвеност да му помогнат на правниот тим, особено во врска со американското бомбардирање на ирачките нуклеарни објекти.