Иранските власти го отфрлија предлогот на САД за постепено укинување на санкциите на земјата воведени од администрацијата на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.
„Крајната политика на Исламската Република Иран е да ги укине сите санкции на САД, или оние кои Трамп ги воведе повторно по повлекувањето од нуклеарниот договор во 2015 година или оние што тој лично ги наметна, како и санкциите воведени под какви било други изговори“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран – Саед Хатибзаде.
„Прес ТВ“ известува дека Хатибзаде, исто така, рекол дека според американскиот предлог, Техеран за возврат мора да ја покаже својата посветеност на нуклеарниот договор.
САД и Иран се во спор околу тоа кој прв да се врати на почитување на нуклеарниот договор, а администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден постојано тврди дека ќе ги исполни своите обврски дури откако тоа ќе го стори официјален Техеран.
Ваквото сценарио не е прифатливо за иранските власти, кои тврдат дека САД треба први да се вратат на почитување на договорот и да ги укинат санкциите воведени од Трамп по напуштањето на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма.