Иран ослободи двајца фудбалери од притвор

од Vladimir Zorba
139 прегледи

Иранските власти објавија дека двајцата поранешни фудбалери уапсени овој месец во врска со протестите ширум земјата се ослободени со кауција.

Поранешниот голман Парвиз Бруманд беше уапсен пред речиси две недели под обвинение за учество во протестите во Техеран и беше обвинет за оштетување имот. Познатиот фудбалер Ворија Гафури минатата недела беше уапсен под обвинение за навреда и оцрнување на угледот на репрезентацијата и за пропаганда против државата.

Денеска судството најави нивно ослободување без дополнително објаснување.

Гафури по ослободувањето изрази благодарност до репрезентативците за кои рече дека се занимавале со неговиот случај.

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино изјави дека е воодушевен што Гафури е ослободен.

„При донесувањето на оваа одлука, ја ценам поддршката на иранските власти, особено на министерот за спорт и млади, Хамид Сајади, со кој се сретнав пред натпреварот меѓу Иран и Велс“, изјави Инфантино.

Гафури, кој настапува за иранскиот клуб Фулад, а не беше избран за селекцијата на Светското првенство, во текот на својата кариера беше остар критичар на иранските власти. Тој се спротивставува на забраната жените да присуствуваат на машки фудбалски натпревари, како и на надворешната политика на Иран.

Тој неодамна изрази поддршка за семејството на 22-годишната Махса Амини, која почина во затворската болница откако беше уапсена поради непочитување на строгиот кодекс на облекување на Иран за жените. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја.

Некои Иранци навиваат против својата репрезентација на Светското првенство, бидејќи ја поврзуваат со владата која ја сметаат за насилна и корумпирана. Други инсистираат на тоа дека репрезентацијата, за која играат некои фудбалери кои се солидаризираа со протестите на социјалните мрежи, го претставува народот на Иран.

Слични содржини