Официјален Техеран денес објави дека се спротивставува на создавањето коридор низ Ерменија, поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, кој би го поврзал Азербејџан со Нахчиван, главниот град на Автономната Република Нахчиван, која е дел од Азербејџан.
Советникот на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, Али Акбар Велајати изјави дека Иран се спротивставува на отворањето на Коридорот Зангезур, за кој се залага Трамп како дел од мировна декларација потпишана вчера меѓу Ерменија и Азербејџан.
-Односите во овој регион не се ограничени само на две земји – Азербејџан и Ерменија. Геополитичките промени во Јужен Кавказ ги поместуваат и границите на Иран, па затоа имаме право да ги браниме нашите интереси на најрешителен начин. Спроведувањето на овој заговор ја загрозува безбедноста на Јужен Кавказ. Ние ќе ја заштитиме безбедноста на Јужен Кавказ, со или без Русија, но веруваме дека и Русија е против овој коридор, изјавил Велајати за иранската новинска агенција Тасним.
Тој додал дека Зангезурскиот коридор не е само „земја“ што лесно може да се изнајми, туку е дел од државната територија.
Велајати предупредил дека проширувањето на американското влијание во овој регион може да резултира и со проширување на влијанието на НАТО во областа на Јужен Кавказ и рече дека официјален Техеран нема да го дозволи тоа.
Лидерите на САД, Ерменија и Азербејџан, Доналд Трамп, Никол Пашинјан и Илхам Алиев, во петокот потпишаа заедничка декларација за мирно решавање на конфликтот меѓу Ереван и Баку.