Иранците одбија да ја пеат химната на СП, Иран сега им се заканува на нивните семејства

од Stefanija Kuzmanovska
276 прегледи

Властите им се заканиле на семејствата на иранските фудбалери на Светското првенство со затвор и тортура доколку играчите не се „однесат правилно“ пред денешниот натпревар против САД, изјави за Си-Ен-Ен извор запознаен со ситуацијата.

Имено, Иранската револуционерна гарда (IRGC) ги повикала фудбалерите на разговор откако тие одбиле да ја пеат националната химна на првиот натпревар против Англија на 21 ноември. Изворот наведува дека на средбата им било кажано дека нивните семејства ќе бидат затворени и измачувани доколку не ја пеат националната химна или на кој било друг начин политички протестираат против режимот во Техеран.

„Безбедносните служби ги следат фудбалерите“

Фудбалерите ја пееја националната химна пред нивниот втор натпревар против Велс минатиот петок, кој Иран го доби со 2-0. Изворот, кој внимателно ги следи иранските безбедносни агенции кои се активни во Катар за време на Светското првенство, рече дека десетина агенти на IRGC ги набљудувале иранските фудбалери, на кои не им е дозволено да се дружат надвор од тимот или да се среќаваат со странски државјани.

„Во Катар има голем број ирански безбедносни службеници кои собираат информации и ги следат играчите“, рече изворот, додавајќи дека Карлос Кеирош, португалскиот селектор на репрезентацијата на Иран, се сретнал со офицерите на IRGC по нивните закани кон иранските играчи и нивните семејства.

Изворот не кажа каква била содржината на тој разговор. Имено, Кеирош изјави дека иранските играчи можат да протестираат на Светското првенство, но само во согласност со правилата на ФИФА. Пред натпреварот со Англија, вели изворот, на играчите им биле ветени скапи подароци и автомобили, но режимот преминал на закани откако одбиле да ја пеат националната химна.

„Во последниот натпревар против Велс, властите испратија стотици навивачи за да создадат лажно чувство на поддршка меѓу навивачите. За натпреварот против САД, режимот планира значително да го зголеми бројот на такви актери и да ги испрати во илјадници“, рече изворот.

Во клучниот натпревар од групата Б денеска играат Иран и САД.

Слични содржини