Иранскиот верски лидер: Ветувања на САД за нас немаат кредибилитет

од Stefanija Kuzmanovska
307 прегледи

Иранскиот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, изјави денеска дека Иран не верува во американските ветувања за укинување на санкциите и дека Техеран ќе се врати на своите обврски согласно нуклеарниот договор од 2015 година, само откако Вашингтон целосно ќе ги укине санкциите, како што е предвидено со тој договор.

„Ние ѝ верувавме на Америка во времето на (поранешниот претседател на САД Барак) Обама и ги исполнивме нашите обврски. Но, тие не го сторија тоа“, рече Хамнеи во говорот емитуван на иранската државна телевизија, пренесе „Ројтерс“.

Тој потсети дека Соединетите држави „на хартија“ соопштиле дека санкциите ќе бидат укинати, но во пракса тие не биле укинати.

„Нивните ветувања за нас немаат кредибилитет“, истакна ајатолахот Хамнеи.

Според договорот меѓу Иран и шесте големи сили (САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија) од 2015 година, Техеран требаше да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Сепак, администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп еднострано се повлече од договорот и воведе нови санкции за Иран.

Слични содржини