Ирена Јовева: Се надевам дека на следниот Мешовит комитет, Северна Македонија ќе ги има почнато преговорите

од Aleksandar Petrovski
333 прегледи

Претставниците на двете делегации – учесници на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, се задоволни од сработеното и од донесените препораки што ќе бидат испратени до надлежните институции во земјата и ЕУ, јавува дописникот на МИА.

Пратеничката Соња Мираковска, која е копретседател на Мешовитиот парламентарен комитет, е задоволна од дебатата и верува дека препораките ќе бидат брзо спроведени.

–  Имавме навистина еден конструктивен дијалог врз основа на кој ги донесовме препораките кои се одлични за нас. Се чувствуваше пријателството на колегите од ЕП и нивната желба колку што е можно поскоро да ги почнеме преговорите и тоа е одразено во препораките. Веруваме дека овие препораки упатени до институциите на ЕУ и до Република Северна Македонија ќе бидат брзо спроведени, изјави Мираковска.

Словенечката европратеничка Ирена Јовева, која е заменик претседател на Делегацијата на ЕП за односи со Република Северна Македонија и која има македонско потекло, ги поздрави членовите на собраниската делегација на македонски јазик, кој беше и еден од официјалните јазици на Мешовитиот комитет со посебна кабина на толкувачи, заедно со останатите официјални јазици на земјите членки на ЕУ.

– Се надевам дека ќе продолжиме следниотпат во Скопје. На почетокот кажав дека се надевам оти кога ќе се одржува идниот Мешовит комитет ЕУ-Република Северна Македонија, Северна Македонија ќе биде веќе земја која ги има започнато со преговорите за членство во ЕУ, изјави Јовева.

Идниот Мешовит комитет треба да се одржи во Северна Македонија. 

Слични содржини