ИРИ: Во Северна Македонија има зголемување на странско влијание

од Берта Китинска
267 прегледи

Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија покажува дека 64 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси.

Шеесет проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година. Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85 проценти се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Македонија, а 76 отсто го делат истото мислење за САД.

– Додека Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
За среќа, додава, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и САД останува многу силна.

На прашањето за политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет. Понатаму, 48 проценти не биле запознаени со износот на државниот буџет кој што годишно се издвојува за финансирање на политичките партии.

– За една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба. Оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет, вели Мекарти.

Анкетата покажува и дека 75 отсто од возрасните ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан”, серија договори во кои се вклучени Албанија, Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.

Истражувањето е спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од Брима фирма за истражување на пазарот (дел од групацијата КАНТАР и македонски член на здружението Галуп Интернешнл Асоцијација). Податоците са собрани од 27 ноември до 23 декември 2021, со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетирани се 1,226 испитаници на возраст од 18 години и повеќе. Податоците се пондерирани според возраста, полот, регионот и етничката припадност. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 75 отсто, информираат од ИРИ.

Слични содржини