ИСЧЕЗНА МЛАД ФУДБАЛЕР НА ЈУВЕНТУС! Го испратија на заем, тој тргна по друг пат – никој не знае каде е!

од Nikola Popovski

Претходните години блескаше во дресот на ПСВ Ајндховен, Јувентус го купи летото 2021 година и го позајми во Сампдорија, а сега не се знае каде е еден од најголемите таленти на холандскиот фудбал. Младиот Мохамед Ихатарен (19) исчезна и не се јавува во италијанскиот клуб во кој моментално настапува.

Загрижени се во Сампдорија, а овој инцидент доаѓа во незгоден момент за младиот фудбалер, токму кога почна да ја добива наклоноста на стручниот штаб на тимот од Џенова.

Момчето, кое досега не ни дебитираше за Сампдорија, реши да не се враќа во тој тим, па во моментов никој не знае каде се наоѓа. Најверојатно е во Холандија од која нема намера да се врати во Џенова, но има уште неколку опции.

„Не знаеме каде е сега. Го напушти клубот кога конечно ги загуби петте килограми вишок со кои пристигна на позајмица. Дефинитивно би играл против Каљари и Специја“, изјави Роберто Д’Аверса, тренерот на Сампдорија.

Ихатарен заминал во Холандија пред точно една недела од приватни причини. Меѓутоа, како што пренесува Газета дело Спорт, младиот фудбалер не бил забележан во Утрехт каде живее неговото семејство претходните денови, па започнаа шпекулациите за локацијата каде се наоѓа.

Познато е дека Мохамед Ихатарен е клиент на контроверзниот Мино Рајола, еден од највлијателните менаџери во светот на фудбалот, а неговите играчи често знаат да бидат непослушни кон клубот. Пол Погба и Џиџи Донарума имаа некакви испади, па можеби по истиот пат тргна и поранешниот млад репрезентативец на Холандија, по потекло од Мароко.

Слични содржини