Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
![VODICI[3]](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2016/01/VODICI3.jpg)
Деновите од Божик до Водици, според народното верување, се нарекуваат Некрстени или Погани денови. Тие се сметале за најопасните денови во годината, кога луѓето се изложени на силно влијание на демони, па луѓето организирале разни ритуали под маски за да ги избркаат злите сили наречени караконџули, тарамбаби, ѓаволици, гревогазец…
Лентата на годинашниве Некрстени денови, свечено е пресечена. Почна бркањето на „караконџули“, чии зборови како зол дух се надвиснаа над вистината за мотивите на младите кои заминале и се уште незапирливо заминуваат од земјава. Се прашувам, како им е на илјадници родители кои вчерашниот Божик го поминаа на трпеза со многу празни столчиња. Познавам многу такви семејства и тие најдобро знаат зошто нивните деца заминале од Македонија. Тие знаат како е празнично да се крши лепче за децата и внуците кои се илјадници километри далеку од домот, да се ставаат парчињата на празна маса, а чиниите да се полнат со солзи кои не може да ги запре ни контакт преку скајп, ни телефон, ни писмо… И какво значење има кому му паднала паричката, кога и на нивните, и на многу други деца досега не им падна паричката да живеат во земја која ќе обезбеди услови човечкиот капитал да остане во земјата!?
Затоа, јас не би се фокусирала на лошиот дух кој им предизвика длабока болка на овие семејства, токму во предвечерјето на големиот христијански празник, бидејќи проблемот не извира од него. Тој е само најмен гласник кој го соопштува она што власта го мисли. Власта е таа, која на своите неуспешни политики за задржување на човечкиот капитал во земјата, сака да им припише други причини за да ја избрише сопствената одговорност. Ако не бил овој гласник, ќе бил некој друг. Секогаш ќе се најде некој што ќе заврши таа работа, бидејќи за маскирање на лошите политики никогаш не недостигале доволно добри полтрони.
Луѓето се фрапираат од фактот што гласникот може да биде и професор. Зошто? Факултетската диплома и други образовни титули (м-р, д-р…) не се гаранција или сертификат и за висок личен морал. Напротив. Многу луѓе со високи титули досега успешно ја покажаа својата морална нискост. Со цел кариерно да се остварат, извршија морален суицид. По него страда и професионалниот. Тоа е спирала која не може да запре. Практиката досега покажа многу примери кои сведочат дека воопшто не е случајно што на многу значајни позиции стигнуваа морални џуџиња. Тој „профил“ се смета како најсоодветен за секоја власт што нема ни волја ни амбиции од земјата да направи држава по сите прописи, што не сака силна држава, џин, туку сака силна власт во слаба, џуџе-држава, според профилот на полтроните кои го одржуваат лажно-сериозниот привид за неа. Тие се дериват на еден континуирано граден поданички менталитет, со кој го метастазираа системот. Без такви полтрони не би дошле до израз ни моќниците. Едните се база за постоењето на другите. Полтроните никогаш нема да признаат дека се полтрони, а најопасни се кога ќе се довлечкаат до одредена позиција. Тогаш бараат да имаат уште поголеми полтрони околу себе, многу поголеми отколку што тие самите им биле на своите шефови.
Затоа, не го убивајте гласникот. Не го дарувајте со таква голема среќа да глуми жртва, оној што сам си ја приредил најголемата несреќа – да биде полтрон. Убивајте ја политиката што ги произведува и полтроните и лошите стратегии. Овде барем работите се јасни и добро поделени. Додека едни на власт се одржуваат со полтрони и демагогии, други треба да ги живеат последиците од нив.
Целата колумна прочитајте ја на Призма на следниот линк.